Лидија Димковска

/Лидија Димковска
Лидија Димковска 2018-08-21T17:17:45+00:00

Project Description

Лидија Димковска е родена на 11 август 1971 година во Скопје. Таа е поет, романописец, есеист и преведувач. Завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија како слободен писател и преведувач на романска и словенечка литература на македонски јазик. Повремено предава Светска книжевност на Факултетот по хуманистика на Универзитетот во Нова Горица.
Ги објавила следниве поетски книги: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски), 1992, награда „Студентски збор“; „Огнот на буквите“, 1994; „Изгризани нокти“, 1998; „Нобел против Нобел“ (2001, достапна и на Интернет; во 2004 „Нобел против Нобел“ беше објавена на словенечки јазик), „Мета-бесење на мета-липа“, избор, препев на романски јазик, 2001, Букурешт, Романија (награда „Поесис“ за најдобра поетска книга на меѓународниот поетски фестивал „Поесис“ во Сату Маре, Романија), „Не будете ги со чекани“ (поетски избор на англиски јазик, Агли Даклин Прес, Њујорк, САД, 2006), „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“, 2008, „pH неутрална за животот и смртта“ (2009, објавена на словенечки јазик при Цанкарјева, Љубљана во 2012 год.), „Чесна девојка“ (избрана поезија на германски јазик, Кореспонденцен, Виена, 2010, номинирана за германската книжевна награда Берлински мост во 2012 год.) и „рН неутрална историја“ (избрана поезија на англиски јазик, Копер Кенјон Прес, САД, 2012).
Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, 2000.
Го објавила романот „Скриена камера“ (2004) за кој ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување на Друштвото на писателите на Македонија. Романот „Скриена камера“ излезе во превод на словенечки (Цанкарјева, Љубљана, 2006), словачки (Калиграм, Братислава, 2007), полски (ПИВ, Варшава, 2010) и бугарски јазик (Балкани, Софија, 2010). Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања. Престојувала на книжевни резиденции во Ајова, Берлин, Грац, Кремс, Виена, Салцбург и Лондон. Во 2009 год. ја доби европската награда за поезија „Хуберт Бурда“, а во 2012 год. меѓународната книжевна награда „Тудор Аргези“ во Романија. Наскоро издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје ќе го објави нејзиниот втор роман „Резервен живот“.

е-пошта:
lidija.dimkovska@siol.net

Related Articles