Вера Чејковска

/Вера Чејковска
Вера Чејковска 2018-08-21T17:17:47+00:00

Project Description

македонски поет, физичар, есеист и преведувач. Родена во 1954 г. во Скопје, Република Македонија. Дипломирала физика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, завршила постдипломски студии по физика на внатрешноста на Земјата на Универзитетот во Загреб, се стекнала со титулата доктор на физички науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, почнувајќи од 1980 г. Член на Македонскиот П.Е.Н. центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото на физичарите на Македонија и на Здружението на инженерите по физика на Македонија. Поранешен секретар на Македонскиот П.Е.Н. центар (2006 – 2008 г.). Поранешен член на редакцијата на Ревијата на Македонскиот П.Е.Н. центар (1996 2000 г.) и нејзин главен уредник (2006 – 2009 г.). Поранешен член на редакцијата на списанието Стожер на Друштвото на писателите на Македонија (1998 2000 г., 2002 2004 г.). Еден од редакторите на две монографски изданија за Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Изворно, на македонски јазик, ги објавила поетските книги: Човек и врата (Скопје, едиција Алфа, 1975 – награда „Млада Струга“–1976); Множење на словото (Скопје, Наша книга, 1986); Опит (Скопје, Македонска книга, 1992 – награда „Кочо Рацин“); Отсуството на Благиот (Скопје, Македонска книга, 1993; избор); Рабови (Скопје, Матица македонска, 2007 – награда „Ацо Шопов“), Отсуството на Благиот II (Битола, Микена, 2008; избор; 78-ми том од 130 тома Македонска книжевност). Избор од нејзината поезија објавен е засебно, во превод на албански јазик: Leximi i dritës (Читање на светлината; Скопје, Бата прес, 2000). Нејзините песни се преведувани и на петнаесетина други јазици и застапувани во антологии и избори на македонската поезија, печатени во Република Македонија и странство. Досега за нејзината поезија се напишани триесетина засебни текстови од дваесетина познати македонски критичари, во коишто истата, од самите почетоци, е оценета како „радикално антитрадиционална во однос на целокупната македонска поезија“ и означувана како „квантна поезија“, „ноезис-и-поиезис“, „поезија на холограми“, „поезија на гатанката“ (Георги Старделов), „нов сензибилитет“ (Милан Ѓурчинов, Матеја Матевски), „поетика на преустројства“ (Ката Ќулавкова) … Нејзините научни трудови (на македонски или англиски) вклучуваат монографии, статии и енциклопедиски одредници од сеизмологијата. Во домашни списанија, антологии и други изданија објавени се нејзини книжевни есеи и есеи на врската наука–уметност, како и книжевни или научни преводи од англиски, руски, српски или бугарски.

Контакт, e-mail: v.cejka@gmail.com

Related Articles