Годишни времиња

Годишни времиња

Годишни времиња (извадок)

Црвено јајце. Првото црвено јајце бојосано за Велигден и ливче од цвеќето Здравец, за здравје, ми беа придружници на моето прво самостојно капење. Мама ми рече: „Со јајцето прво ќе ги погалиш образите за да си убава, здрава и румена, за да се мажиш, па потоа по телото, за да не те боли ништо. Потоа, истото повтори го со цветчето. Остави ја вратата отклучена, да не ти се случи нешто.“ Не послушав. Вратата ја заклучив и дури и ставив крпа на кваката за никој да не ѕирка. Се капев сама. Лежев во кадата. Ја поднаполнив со вода, но не доволно, за да ме покрие целата. Се плашев од водата. И денес се плашам. Не ја разбирам и не ѝ верувам. На училиште ми рекоа дека е најмоќна. Дека карпи рони, дека менува релјефи, дека ние сме создадени од вода. Беше тоа премногу за мене. Со таква сила не умеев да се справам. Доволно тешка ми беше водата во мене. Дознав, години подоцна, дека зависно од опкружувањето и гласовите околу неа, водата ја менувала својата молекуларна структура. Тоа многу објасни. Зошто останав малечка, зошто ретко пијам вода и зошто моите бубрези беа болни. Но најмногу од сè, зошто носев таков хаос во себе. Мојата вода не слушаше класична музика, не слушаше пријатни и топли мајчински гласови наутро, не слушаше доволно татковски совети навечер, но слушаше Rage against the machine со брат ми:
Fuck you I won’t do what you tell me
Fuck you I won’t do what you tell me
Mother fuckeeerrr!!!

Ви велам, не беше тоа добро за мојата вода, но некако тогаш пријатно брануваше.

Најчесто беше смрзната, во таква лошо спакувана несиметрична молекуларна состојба. Се топеше на руски бајки и филмови со принцеви и принцези. Еднаш, во едно далечно кралство си живееше една девојка, сиромашна или не, сепак, длабоко несреќна сè додека не се појави принцот или ќелешот, но секако, моќен шармер, интелектуалец и циник во дозволена мера и ќе ја извлечеше младата од нејзината мизерија. И потоа „ди енд“. Е не може баш така. А потоа? Што потоа? Како ѝ било на младата со принцот? Дали била среќна со него? И дали биле, еве да речеме, сексуално компатибилни со принцот? Читав некаде: машките и женските полови органи имаат различни димензии. Абе, шрафче и мутерче, просто како грав. Е, што ако шрафот на принцот не одговара со принцезиното мутерче? Никој за тоа не се грижеше, а сите зборуваа дека сексот пред брак е недозволен смртен грев! Анализиравме потоа, јас и моите другарки.
ОК, значи, што точно е разликата помеѓу секс и водење љубов? И вистина ли е дека со француско бакнување можеш да забремениш?

Видете, мудро одговарав. Водењето љубов е како да имаш симпатија. Тоа значи дека ти го сакаш момчето, но тоа не знае. Значи, водењето љубов е сè само не секс. Односно сè, освен секс. Некоја таму, втора, трета база?! Не им ги сфатив никако базите на Американците во филмовите. А, секс, тогаш што е секс, ме прашуваа. Па, секс е кога се прават бебиња, само што не правиш бебиња, зашто прво треба да вежбаш, како и за сè друго, за потоа бебето да биде здраво и убаво. Ахааа… Велеа тие и ми веруваа. Јас имав постар брат и покрај него научив многу работи. Затоа ме слушаа. На пример, ако некогаш се преправаш дека спиеш, треба да дишеш мнооогу бавно, за да не те откријат.

Јас многу мислев на сексот. Ѕиркав кога ми ги затвораа очите додека на ТВ имаше филмови со љубовни сцени. Па си мислев, вистина ли е тоа дека кога ќе ја изгубиш невиноста иако е тоа многу скришно место на твоето тело, ти се познава на лицето? Се плашев да не дознае мајка ми. Таа ми рече: Aко не се мажиш невина, тогаш семејството на момчето ќе те качи на грдо магаре, ќе те седнат наопаку и ќе ти го стават опашот на магарето в уста. Во рацете ќе ти стават еден искорнат праз и со врева, а не со музика ќе те шетаат низ село, за сите да видат дека си била лоша девојка. За да го видат тоа другите млади девојки и да се чуваат за првата брачна ноќ. А свекрва ти мене ќе ми испрати грда погача од црно брашно, замесена без квасец и со дупка одоздола, на средината!
Си мислев, мора да се тоа ужасно глупави луѓе или пак, многу социјално освестени, штом поуката за другите ја ставаат пред угледот на своето семејство.
А, ако е девица?

Е тогаш, невестата ја седнуваат на најубавиот коњ. Коњот е накитен со цвеќе. Невестата ја шетаат со песни и музика, а на мајката и праќаат блага погача, украсена со шарени бонбони, шеќерчиња, мед и, секако, без дупки.

Не послушав. Првиот месечен циклус по моето губење на невиноста доцнеше цели десет дена. Мајка ми се загрижи. Јас бев вон себе. Како ли се правеа деца? И што точно беше секс, а што водење љубов? И знаевме ли ние прво да вежбаме или бевме предодредени од прва да направиме бебе? Претурав во главата по моите виртуелни белешки.
Татко ми се чинеше малечок како никогаш порано. Седеше свиткано во чекалната држејќи си ја главата со обете раце и длабоко воздивнуваше. Имав Па што, си мислев, Ромео и Јулија имале 15, односно 16 години. Па не чув никој да зборува лошо за нив и да смета дека биле премлади за љубов. Гинекологот нè повика во својата ординација. Прегледајте ја убаво, вели мајка ми. Прв пат доаѓа на гинеколог.
Во ред
, вели докторката, ништо страшно. Само опушти се. Ми мачка студен гел по стомакот. Спушти ги гаќичките. Ги спуштив два милиметри. Малку повеќе, вели. Е добро де, ајде! Велам јас и сфаќам каде всушност ми е матката.
Мајка ми: Ама докторке, убаво да ја прегледате, ѝ доцни.
Докторката сфаќа.
– Да не си спиела со момче? – ме прашува.
Јас погледнувам во мајка ми, таа вџашена со поглед ми кажува дека нема простор за лажење.
– Па… велам јас, будна бев!
Сестрата прснува во смеа, а докторката за малку ќе го испуштеше уредот за ехо преглед од раце.
– Бременост нема, вели таа.
Мајка ми: Нема?!
– Нема.
Јас: Нема? Штета!

Татко ми ја крена главата за првпат дента и прашално погледна кон мајка ми. Таа среќно нишна со главата. Тој ѝ возврати еден прекорен поглед, во кој се читаше: Ова е твоја вина. Требаше ти да се грижиш за ќерка ти. Сега е предоцна, како ќе ја мажиме?
Мајка ми од тој ден почна да ми зборува колку е битно да не го налутам моето момче, да не го навредам никогаш во животот и да бидам секогаш послушна и понизна пред него. И ако еден ден тој се врати дома пијан од работа и се сети дека не сум била девица дента кога ме зел за жена, да го потсетам дека тој бил оној што ми ја одзел невиноста, но и да се извинам што тогаш сум допуштила таква грешка.
– Грешка? Ја гледам и ги кревам веѓите.
– Грешка и тоа голема! Да ми се извиниш овде и сега. Кажи ми – извини мамо, згрешив!
– Молам?!
– Извини ми се!
– Тебе?
– Па ти си моја ќерка, јас те родив. Моја крв и месо си!
– Епа мамо, тоа е твоја грешка.
– Извини се!
– Не!
– Извини се, кога ти велам!
– Мое тело, моја работа. Не се извинувам!
– Извини се!

Си молчам и си мислам: да, грешка, што не го направив тоа порано. Сега ќе има многу за надоместување додека ме стаса менопауза!

Секс. Многу, многу секс и по некој испит. Малку трева, сосем малку вино, но многу, многу секс и по некој испит. Во природа, на кино, во соба полна цимери што се надеваме спијат. Во парк. На кеј. Во автобус. На концерти, на скали, во соба. На под, на кревет, на прозорец, на маса, на столица, на ѕид. Наутро, претпладне, на пладне, попладне, приквечер, ноќе, во мугри… И по некој филм, книга, театар. Оргазми? Секакви! Научниците доцнат со испитувањата, си мислам. Стигнале само до пет вида оргазми и се прашуваат дали Г точката е мит. Јас само се прашувам дали е Г или некоја друга буква. Или некоја цела азбука.

АвторЈулијана Величковска
2018-08-21T17:20:37+00:00 август 19th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 108-109|