Телото во кое треба да се живее

/, Литература, Блесок бр. 107/Телото во кое треба да се живее

Телото во кое треба да се живее

Телото во кое треба да се живее


(извадок)

По лицето ѝ се слеваат капки пот. Големи, тркалезни, во форма на зрнца грашок ѝ капат врз очите. Погледот ѝ е заматен. Чекорот ѝ е тежок. На грбот чувствува ужасен товар како да има претешка вреќа. Едвај дише. На улицата нема никој. Па и кого би имало на толку жешко време. Целото тело ѝ се лепи. Никогаш не ѝ било толку многу жешко. Воздухот е редок и влажен, на моменти добива напади на задушување. Во еден миг облеката ѝ станува неподнослива и ѝ доаѓа да се расоблече и да влезе во некоја вода. Трафиките се затворени, не може дури ниту да купи вода за пиење. Не може да се сети кој ден е, зошто луѓето ги нема никаде? Наеднаш влегува во зоолошката градина, но таму ѝ станува уште понеподносливо. Уште поголем бран топлина ја заплиснува од толпата што се движи накај неа. Во еден миг сфаќа дека сите одат накај излезот – единствено таа се движи кон внатрешноста. Мирис на застоена вода почнува да ѝ ги чешка ноздрите. Спарнината најверојатно доаѓа од таму. Милион мушички ѝ се лепат на испотеното лице. Со раката се обидува да ги растера, но и на рацете почнуваат да ѝ се лепат. Од некаде се слушаат патки кои крекаат. Најверојатно се во барата. Мајки со деца се туркаат во неа. Сè повеќе станува неподносливо. Додека се обидува да се пробие низ толпата, здогледува една руинирана зграда на која стои натпис: „Забранет влез. Објектот се реновира.“ Зградата ѝ се чини како единствен спас. Влегува внатре. Ладно е. Освен мирисот на свеж малтер, воздухот е чист. Ладен бран ѝ поминува по телото и се стресува од студ. Тивко е. Нема никој, дури ниту мајсторите кои според мирисот на свежиот малтер тука биле до пред малку. Во еден агол на објектот здогледува кафез во кој лежи тигар. Кога ја виде, тигарот почна да рика гласно. Од кафезот се шири мирис на свежо месо. На крв. Чувството на неугодност повторно ѝ се враќа. Премногу е студено, мирисот на крв станува сè поостар и поостар. Тигарот непрекинато рика, во секој миг може да го сруши привремениот кафез и да излезе да ја растргне. Почнува да трча низ еден долг ходник. Како што трча, така врз главата ѝ паѓаат цели делови малтер. На крајот од ходникот налетува на уште еден кафез во кој лежи лав. Кога ќе ја здогледа, и тој почнува да рика, а веднаш по него повторно се јавува и тигарот кој беше замолчал кога се тргна од негова близина. Ходникот не води никаде, тој наместо со ѕид завршува со стакло од коешто се гледа кафез со грабливки. Бригита се враќа назад и откако ќе го помине тигарот се упатува во еден друг ходник што се наоѓа од другата страна на зградата. Додека се движи, низ ходникот забележува нов кафез. Без да погледна внатре продолжува до крајот на ходникот кој исто така завршува со стакло кое гледа накај кафезот со грабливки. Зградата е вистински лавиринт, помислува. Се враќа назад накај излезот и пред да излезе се загледува во кафезот што го помина пред малку. Во кафезот е темно. Првин и се чини дека е празен, но потоа забележува дека во аголот лежи нешто стуткано. Како се доближува до кафезот тоа нешто почнува да ѝ изгледа сè поголемо и поголемо. Се доближува толку блиску до шипките што морници ѝ поминуваат по телото од помислата што може да ѝ се случи. Тоа нешто се поткрева и таа го препознава. Телото ѝ се згрчува од страв. Почнува да ја фаќа паника што ја парализира целосно. Тоа е тој. Тој пред кого очите се отвараат со ужаснатост и страв. Тој од кого телото ти го фаќаат такви грчеви што помислуваш дека никогаш повеќе нема да се ослободиш. Таа не е во зоолошка, таа е во затвор. Тој лежи во својата ќелија. Таа се доближува уште поблиску иако срцето си го чувствува како и чука во петици. Тој ја погледнува право во очи. Првпат нивните погледи се сретнаа. Првпат телата им биле толку блиску едно до друго. Само металните шипки ги делат. Тој ја гледа крволочно. Мирисот на крвта што до пред малку го чувствуваше, повторно почна да го чувствува, но овојпат тоа не е крв на некое животно туку нејзина крв. Таа го знае тој мирис. Само и тој да не почне да рика, си помислува. Не, тој не рика, но во секој миг може да ја растргне. Тој има поглед на рането животно што во секој миг може да нападне за да се одбрани. Се стресува од тој поглед. До појасот е гол. На десната рака има тетоважа. Неговото мускулесто тело во еден миг ѝ наликува на телото на свети Себастијан прободено со стрели, извиткано во грч од болка, но од телото зрачи достоинственост, тоа е единственото машко тело пред кое на Бригита ѝ се одзема здивот. Не, тој не е свети Себастијан. Таа се обидува оваа помисла да ја оттргне од главата. Додека се бори со себеси да ги оттргне тие мисли, тој се затрчува и удира во кафезот. Шипките се затресуваат. Тој се враќа назад и го повторува истото. Ниту овојпат не се отвора кафезот. Тој останува внатре затворен. Откако таа се увери дека тој не може да излезе, се доближува до кафезот. Ослободена од помислата дека не може да ѝ направи ништо, таа се потпира уморно врз шипките. Додека се обидува да добие малку на време за да може да размисли што да направи, тој ја фаќа за вратот и почнува да ја дави. Додека ја дави, лицето го згрчува и Бригита забележува дека над десното око има лузна. Со секое ново стискање на вратот лицето сè повеќе и повеќе го згрчува. Вените на рацето почнуваат јасно да му се познаваат, лузната на згрченото лице почнува да добива изглед на медуза. Додека ја дави, долната усна сè повеќе ја притиска од горната, очите му се полузатворени, изгледаат како да дава напор да види нешто во далечина, лузната сè повеќе добива изглед на медуза. Бригита почнува да снемува воздух. Се обидува да ги оттргне неговите раце од нејзиниот врат, но не може. Таа не е толку силна. По неколку неуспешни обиди телото почнува да ѝ се предава. Сега таа му е целосно предадена. Сè што успева да види низ насолзените очи е медузата која од секунда во секунда сè повеќе се зголемува. Медузата заканувачки ѝ се доближува до лицето, секој миг може да ја проголта. Медузата повеќе не е медуза. Таа сега е една голема уста во која таа пропаѓа. Бригита сè повеќе снемува воздух. Таман кога почна да ѝ се предава на смртта, кога воздухот повеќе не го чувствуваше, тој прстите на нејзиниот врат ги подослободува колку да земе воздух, а потоа ја спушта и неговиот пенис ѝ го бутка во устата. Воздухот повторно ѝ станува реткост. Таа нема дури ниту сила да го гризне. Овојпат навистина е готова. Во грлото чувствува триење. Устата ѝ е сува. Се обидува да ја подрашири устата за да земе малку воздух, но и тоа не може да го направи. Тој сè повеќе е во неа. Пред себе единствено што успева да види е црн облак. Тоа мора да е смртта, помислува и му се предава целосно на мракот. Тој и понатаму е во неа.

Бригита ги отвора очите и со ширум отворена уста почнува да вдишува воздух. Сè уште е темно, смртта сè уште виси над неа. Таа почнува да вдишува повторно со ширум отворена уста. Воздухот и ги реже градите. Чувствува како телото ѝ се полни со воздух, малку застоен, но сепак воздух. Црниот облак што ја беше обвил полека почна да се расчистува и Бригита почна да ги распознава предметите околу себе. Брачниот кревет на кој спиеше, синиот јорган што заедно со Томас го купи во „Икеа“, ноќната маса над којашто стоеше ламбата што ја доби како подарок за роденден од колешка… Таа е во својата соба. Во својот стан. Тоа е само сон. Со рака почнува да ги допира креветот, перницата, јорганот за да се увери дека тоа е само сон. Потоа почна да си го допира телото за да се увери дека целото ѝ е тука, дека не ѝ недостига ниту еден дел од неа. Првин почна од вратот на кој се задржа најмногу. Галејќи го се уверуваше во сопственото присуство. Потоа рацете почна да ги спушта накај градите кои одделено висеа на две различни страни, па накај папокот, плашејќи се да ја спушти дланката подолу, таму накај празнината од којашто чувствуваше страв уште од детството, за најпосле да собере храброст и да почне да си ја допира вагината. Допирајќи се почувствува дека гаќичките и се влажни. Прстите ги протри и почувствува лепливост каква што немаше почувствувано долго. Телото ѝ се стресе од оваа сознание. Таа чувствуваше наслада од сонот.

АвторПетар Андоновски
2018-12-17T12:49:08+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 107|