Што е поезија? -извадок

/, Литература, Блесок бр. 105/Што е поезија? -извадок

Што е поезија? -извадок

Што е поезија? (извадок)


Честопати се поставува прашањето: Што е поезија? Одговорите на него се многубројни и разновидни. Највулгарниот од сите – одговор од кој човек што ги поседува сетилата на кои се обраќа поезијата никогаш не би бил задоволен – е оној што ја ограничува поезијата на метричката структура; а сепак, многумина се вратиле на оваа бедотија од дефиниција поради неможноста да најдат некоја друга што ќе го разликува она што тие се навикнале да го нарекуваат поезија од голем дел од она што го знаат под други имиња.

Тоа што, меѓутоа, зборот „поезија“ внесува нешто сосем чудно во својата природа; нешто што може да постои и во прозни и во стихувани дела; нешто за кое дури и не се потребни зборови, туку може да се искаже и преку други звучни симболи што се нарекуваат музички тонови, па дури и преку визуелните, како јазикот на скулптурата, сликарството и архитектурата – сето ова, веруваме, го чувствуваат и мора да го чувствуваат, иако можеби не толку препознатливо, сите врз кои поезијата во кој било нејзин облик оставила некаков впечаток подлабок од онаа основна дразба на ушното тапанче. Разликата меѓу поезијата и она што не е поезија, без оглед дали ќе се објасни или не, се смета за основна; и, онаму каде што секој чувствува разлика, таму мора да има разлика. Сè друго што ни изгледа некакво може да е погрешен впечаток; но ако ни изгледа дека има разлика, тогаш навистина ја има. Изгледот, како и другите работи, мора да се должи на некоја причина; а она што може да предизвика нешто, дури и илузија, мора да биде реалност. Оттаму, додека полу-филозофијата ги презира класификациите и дистинкциите што се направени во популарниот јазик, високопоставената филозофија оформува нови, но ретко ги напушта старите, задоволна со тоа да ги поправи и регулира. Копа нови канали за мислите, но не ги затрупува оние на кои веќе наишла: напротив, ги следи, подлабоко, пошироко и појасно, оние во кои спонтано протекла мислата.

Следствено, да се обидеме, со помош на скромно истражување, да не ја присилиме и ограничиме Природата во границите на произволна дефиниција, туку да ги најдеме границите што самата таа ги поставила и околу нив да изградиме ограда; да не ги повикуваме луѓето да се оправдуваат за тоа што погрешно го примениле зборот „поезија“, туку да се обидеме да го појасниме концептот што тие веќе го врзуваат со неа, како и да го истакнеме како јасен принцип тоа што, како неодредено чувство, ги водело во нивната примена на терминот.
Целта на поезијата, се вели, е да влијае врз емоциите; со самото тоа поезијата доволно се разликува од она што Вордсворт тврди дека е нејзина логична спротивност – имено, не прозата, туку фактите или науката. Едната се обраќа на верувањето; другата, на чувствата. Едната дејствува така што убедува; другата, така што придвижува. Едната дејствува така што претставува некоја пропозиција што треба да се разбере; другата, така што им нуди интересни предмети за размислување на чувствата.

Но ова нè носи далеку од дефиниција за поезијата. Ова ја одвојува од едно нешто; но треба да ја одвоиме од секое друго. Да се донесат мисли или слики пред умот, со цел да се дејствува врз емоциите, е нешто што не е карактеристично само за поезијата. Тоа е карактеристично (на пример) и за романсиерот: а сепак, вешината на поетот и вештината на романсиерот се исто толку различни колку и кои било други две вештини; како што се различни вештините на романсиерот и ораторот, или на поетот и метафизичарот. Двата карактера можат да се обединат, како што можат да се обединат најразлични карактери; но тие не се природно поврзани.

Многу од најголемите песни се во форма на наративни поеми; а во речиси сите добри и сериозни романи, има вистинска поезија. Но постои радикална разлика меѓу интересот што се чувствува во приказната како таква и интересот што го предизвикува поезијата; зашто едниот произлегува од настан, а другиот од претставување на чувство. Во едниот, изворот на емоцијата што се предизвикува е претставувањето на состојба или состојби на човечка чувствителност; во другиот, на серија состојби на чисто надворешни околности. Врз сите умови може да се влијае повеќе или помалку со претставувања од вториот вид, а врз сите или речиси сите со претставувања од првиот; сепак, двата извора на интерес одговараат на два различни и (што се однесува до нивниот најголем развој) меѓусебно исклучувачки видови ум.

На која возраст, страста за приказна, за речиси секаков вид приказна, едноставно како приказна, е најсилна? Во детството. Но тоа е исто така и периодот кога најмалку се разбира и најмалку се ужива во поезијата, дури и во онаа составена од наједноставен опис; бидејќи чувствата со кои таа е најповрзана сè уште не се развиени и, со оглед на тоа дека не биле ни најмалку искусени, не може да се сочувствува со нив. И, повторно, во која фаза од напредокот на општеството, најмногу се вреднува раскажувањето, а раскажувачот се бара и се цени? Во примитивната состојба кај речиси сите народи во нивните најрани фази на развој. Но, во ваквата фаза на развој на општеството, има малку поезија, освен балати, коишто се најчесто наративни – односно, во основа се приказни – и својот главен интерес го извлекуваат од настани. Тие се сметаат за поезија, но таква што е од најнизок и најелементарен вид: претставените или, подобро речено, назначените, чувства се наједноставните што ги има нашата природа; таквите уживања и таги какви што предизвикува непосредниот притисок од некој надворешен настан ги возбудува примитивните умови, кои живеат целосно обземени од надворешни работи и никогаш, било како последица на избор или сила на која не можеле да ѝ одолеат, не се свртеле кон себе да размислуваат за својот внатрешен свет. Сега да минеме од детството, и од детството кон општеството, кон возрасните мажи и жени на ова многу возрасно и недетско време, мислите и срцата на најголема длабочина и вознес обично се оние што најмногу уживаат во поезијата: најповршните и најпразните, пак, најчесто, не се тие што се најмалку зависни од читање романи. Ова исто така е во согласност со целото аналогно искуство на човековата природа. Оние типови луѓе кои гледаме дека, не само во книгите, туку и во животот, постојано бараат возбуда однадвор, се секогаш оние кои не го поседуваат, било во енергијата на нивните интелектуални моќи или во длабочината на нивните чувства, она што би им овозможило да најдат возбуда во изобилство поблизу до дома. Најмрзливите и најлекомислените луѓе уживаат во измислени приказни: возбудата што ја носат доаѓа однадвор. Таквите луѓе ретко ја сакаат поезијата, иако може да си замислуваат дека се бидејќи уживаат во романи во стих. Но поезијата, која го претставува подлабокото и потаинственото функционирање на човечките емоции, им е интересна само на оние кои ги потсетува на тоа што го почувствувале, или чија фантазија ја поттикнува за да си замислат што би почувствувале или што би можеле да почувствуваат, ако нивните надворешни околности биле различни.

АвторЏон Стјуарт Мил
2018-12-19T12:18:08+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 105|