Панорама

Панорама

Панорама


(од збирката раскази „Љубовта за време на Детето од Малштет“)

Превод од германски: Елизабета Линднер

Летото 2003 Моника се беше преселила на панорамата, откако дефинитивно ги беше прекинала студиите по право. Нејзините родители, имашни деловни луѓе, се беа согласиле дека и понатаму ќе ја потпомагаат финансиски, та дури не беа ни изненадени од високата цена на киријата на вагонот бр. 21 од гигантската челична конструкција на крајот од градот.
Изградено во доцните деведесетти години од славниот австриски архитект Алберт Цмал и пропратено од извесна медиумска врева, синото тркало, чии попречни врски и пречници налик на велосипедски жици ова септемвриско утро светкаа низ маглата, постепено стана новиот заштитен знак на градот. Но, истовремено побарувачката на станови драматично се намали, што имаше врска со привикнувањето на начинот на кој човек го напушта своето живеалиште. Човек мораше или четириесетина минути да чека додека вагонот не дојде до Земјината површина или го притискаше копчето за сопирање и се качуваше во еден од експресните лифтови сместени во самите пречници и доаѓаше до главната кула, од каде преку едно столбиште можеше да стигне на отворено.

Во моментов станот на Моника се наоѓаше најгоре, на највисоката точка од тркалото, неколку стотици метри над Земјината површина. Моника седеше на кујнската маса и си ја топлеше својата хронично студена дланка врз пареата од шолјата со чај. Дарџилинг. Веќе по трет пат го читаше називот на малата вреќичка чај. Пријатен, речиси нежен збор, како Дарлинг, само преку еден странски слог развлечен во средината.

Денот ѝ започна стушено. Најпрвин се обиде да ги проветри собите, но мораше да констатира дека некој повторно го притиснал копчето за сопирање, веројатно дури и го држеше притиснато, што се случуваше секогаш кога некој се сели, и дека таа лебдеше премногу блиску до вревата и нечистотијата на главната улица. Затоа се избања а после тоа си ги налакира ноктите на нозете, но нејзиното расположение не се подобри од тоа.

Гледаше низ прозорецот. Сивиот егзоскелет на една празна фабричка хала на другиот крај од градскиот парк можеше јасно да се препознае. Покрај неа една грда бела камбанарија. Инаку сè останато е повеќе или помалку скриено во магла.

Врвот на денот што беше пред неа, беше посетата од еден техничар. Моника го очекуваше во десет часот. Вчера, кога го беше притиснала копчето, тркалото се сопре само за пет минути, а потоа автоматски повторно се придвижи, затоа беше паднала во кабината од лифтот која бавно се навалуваше настрана. Тоа беше опасно, такво нешто не смее да се случи. Веднаш му се јави на портирот во главната кула и сè му објасни. Тој повеќепати ѝ се извини за оваа грешка во контролниот уред и ѝ вети дека веднаш утредента ќе испрати некого.
Моника гледаше на часовникот. Беше само седум. Боже мој, си мислеше, што да правам цели три часа? Прошетка не доаѓа предвид, зашто не знаеше колку време ќе потроши таму. Секако тука беше и кафетеријата во главната кула, ама таму најверојатно ќе се сретне со старата госпоѓа Шустер од вагонот Таа седеше таму уште рано утрината, а на Моника не ѝ беше баш до разговор за собни растенија, рецепти за готвење и писателскиот успех на внуците. Не, едноставно ќе остане во својот стан и ќе се обиде да утепа време. Се напи уште една голтка чај. Уште беше многу врел. Безволно отиде до мијалникот и во шолјата пушти еден кус млаз студена вода, измеша со една малечка сребрена лажица и проба. Немаше разлика. Ја врати шолјата назад на масата и излезе на балкон. Свежиот воздух ја поздрави, маглив, градски воздух со недостаток на кислород. Ги скрсти рацете врз главата и се обиде длабоко да земе воздух, но одненадеж овој гест ѝ се причини премногу будалест и затоа се врати назад во станот. Седна на малото бордо перниче за јога покрај парното и пушти телевизија. Во дигиталното списание со тв-програма, кое го листаше со далечинскиот управувач откри курс за автомасажа, на Бајерн Алфа. Почнуваше за седум минути. Токму она вистинското, си мислеше Моника. Префрли на друг канал, хектична емисија за готвење, после на ЕмТиВи. Некоја бој-група скокаше на бината. Еден од младите пејачи си ја растргна маицата од мускулестото тело, а Моника вртеше со главата. Потоа префрли назад на Бајерн Алфа и чекаше. Уште три минути до почетокот на емисијата. Го гледаше крајот од некој документарец за животот на инсектите. Се прикажуваше разнообразното око на некоја винска мушичка, во кое стотици пати се одразуваше планетата Земја.
Емисијата за автомасажа беше модерирана од жена. Имаше најмногу дваесет години и носеше припиен гимнастички костум. Огромни цицки, констатираше Моника и кикотејќи се, си ја држеше раката на уста. Првата вежба се состоеше од блага масажа на мускулатурата на вратот со испапчениот дел од дланката.
– Оваа вежба е идеална доколку долго работите во седечка положба, а притоа го напрегате вратот, рече девојката на екранот.
Моника се обиде вежбата да ја направи токму онака како што се прикажуваше. Резултатот беше блага вртоглавица.
– Во никој случај немојте да притискате силно, рече масерката, небаре го погоди проблемот на Моника.
Моника го намали притисокот на своите дланки, но ништо не се подобри. Вежбата се чинеше дека само ја влошува напнатоста. Прекина и чекаше додека не почне следната вежба. Наскоро загуби трпение и префрли назад на музичкиот канал. Се водеше интервју. Двајца насмеани мажи на црна софа, кои своите микрофони ноншалантно ги држеа в рака небаре се лименки пиво со кои сакаат да се испрскаат. Кој беше ѕвездата а кој модераторот, најпрвин не можеше да открие, потоа некое време слушаше и сфати. Здодеано ѝ се врати на автомасажата.

Кога заврши емисијата го исклучи телевизорот и отиде до регалот со дискови. Долго го движеше показалецот врз имињата на групите, потоа се одлучи за дискот кој и бездруго го имаше на ум. Сузан Вега, дефинитивно најомилената пејачка на Моника. Пред многу години ја беше доживеала и во живо и до ден денес знае што носеше на тој ден. Особено ја сакаше а-капела верзијата од Tom’s Diner. Со оваа песна можеше да се расветли секое поедино стушено утро, сметаше Моника, освен тоа никако не штети и однапред да се наполниш со песната што и бездруго ти влага в уво; никогаш не се знае кои будалести и измачувачки песни би можеле да ти се заглават во мозок во текот на еден цел ден.
Малата едноставна мелодија беше толку елегантна и фина, речиси те поттикнуваше да пишуваш стихови, да, таа секој пат добиваше желба сите јазични искази тој ден да ги отпее или барем да ги мисли во таа мелодија. А текстот беше сигурно најубавата стихотворба за животот во еден град која Моника ја знаеше.

АвторКлеменс Ј. Зец
2018-12-19T12:51:06+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|