Моќта на приказната

/, Литература, Блесок бр. 103-104/Моќта на приказната

Моќта на приказната

од поглавје: Раскажувањето и моќта
од поглавје: Александар Солженицин:
Еден ден во животот на Иван Денисович
(1962)


Може ли еден роман да почне војна, да ослободи закрепостени селани, да растури бракови, да ги доведе читателите до самоубиство, да затвори фабрики, да доведе до промени на законите, да ја смени поддршката на електоратот за време на избори, или да служи како оружје во внатрешните и меѓународните борби? Ова се некои од крупните, директни општествени и политички влијанија што им се припишувале на неколку исклучителни романи и други дела на наративната книжевност во текот на последните двесте години.1F Колку таквите тврдење треба да ги сфатиме сериозно?

Во својата најосновна форма, ваквите тврдења се очигледно наивни, и ги поедноставуваат сложените начини на кои може да се рече дека еден книжевен текст „функционира во светот“, а ги поедноставуваат и причниско-последичните процеси потребни за да се објасни некоја главна општествена или политичка промена. Но, можено ли е малку да се изменат или да се рафинираат таквите тврдења во светлина на современата теорија и историските истражувања за да соодветно се опишат механизмите со кои секој текст влегува во интеракција со политичките сили на своето време? Оваа книга го истражува тоа општо прашање преку подлабока анализа на пет дела, од неколку различни земји и периоди, за кои се тврдело дека имаат извонредно директно политичко влијание од еден или друг вид. Истражувањето се води и на ниво на теорија (во која смисла, и со кои механизми, може да се покаже дека книжевните дела почнуваат војни, го менуваат националното мислење, и така натаму?) и на ниво на историја (какви докази може да се соберат за влијанието на одредена фиктивна приказна во дадено место и во дадено време?).

Првите две дела што ги проучувам, Ловџиски записи на Иван Тургенев и Колибата на чичо Том на Хариет Бичер Стоу (и двете објавени во 1852 година), се веројатно наративни дела за кои постојат најспектакуларни тврдења. Самиот Тургенев се пофалил, а подоцна ќе го цитираат и многу историчари и книжевни критичари, дека неговото дело Ловџиски записи, збирка раскази и записи повеќе отколку роман, е директно заслужно за тоа што го убедило царот Александар Втори да го укине кметството во Русија. А никој друг туку самиот Абрахам Ликолн и се обратил на Хариет Бичер Стоу, кога се сретнале во 1862 година, со зборовите: „Значи, ова е малата дама што ја предизвика оваа голема војна“ (Американската граѓанска војна). Иако Линколн веројатно немал намера неговите зборови да се сфатат буквално, многу политичари и историчари во годините што следеле независно едни од други му доделувале на делото Колибата на чичо Том главна улога во предизвикување на војната, а со тоа и во укинување на ропството.
Романот Фонтамара (1933) на Игнацио Силоне, третото дело што се проучува, е исклучително не само поради фактот што за него се тврди дека играло значајна улога во промената на, во голема мера, позитивното мислење за фашизмот на Мусолини што сè уште го делеле голем број политички аналитичари во Соединетите Држави и во Европа во раните 1930ти години, туку и за тоа што, откако за првпат било објавено, постигнало јасен, политички значаен прием во неколку земји, вклучувајќи ја и Италија за време на Втората светска војна, како и земјите од третиот свет во повоениот период.

Во случајот со Еден ден од животот на Иван Денисович (1962), чие објавување го одобрил лично Крушчев со цел уште повеќе да го дискредитира Сталин, не е во прашање тоа дали романот постигнал некаква реформа (како што се жалел Солженицин, работните логори и понатаму функционирале речиси без промени), туку тоа што на исклучително драматичен начин влегол во интеракција со механизмите на моќта на релативно затворениот политички систем.

 


1. Еден од најраните, и најдобро познатите, примери за роман за ко се тврдело дека имал огромно, директно, општествено влијание е Гетеовата приказна за безнадежна љубов, Страдањата на младиот Вертер (1774), за која е кажано дека толку многу ги потресла чувствата на цели генерации млади читатели ширум Европа што извесен број од нив, како што се наведува, извршиле самоубиство во имитација на несреќно вљубениот јунак. Еден многу поинаков вид влијание се тврди дека имале романите на Дикенс и Чарлс Кингсли, на кои им се оддава признание дека придонеле, со изнесување на видело на некои општествени зла од средината на деветнаесеттиот век во Британија, да се донесат некои од најважните реформски закон донесени при крајо тна векот. Веројатно најконкретното (и најдобро документирано) тврдење за роман што довел до значајни законодавни промени се однесува на објавувањето на Џунгла од Аптон Синклер во 1906 година, за кој, низ своето претставување за животите на работниците во фабрика за пакување месо во Чикаго, со сигурност може да се каже дека извршил влијание врз донесувањето на Законот за чиста храна и лекови во американскиот Конгрес неколку месеци подоцна. (Види Ronald Gottesman, “Introduction” to Upton Sinclair, The Jungle [New York: Viking Penguin, 1985]: 24. Една необична директна последица од широко распространетата грижа за ризиците по здравјето поврзани со конзервирана храна што ја поттикна Џунгла беше директниот пад на цели заедници што се базираа врз конзервирање, а се наоѓаа прилично далеку од Чикаго – вклучувајќи ги и оние во мојата земја, Нов Зеланд. Види Dick Scott, Seven Lives on Salt River [Auckland: Hodder and Stoughton, 1987]). Еднакво специфичното влијание што се тврди дека го имало француското издание на Мрак на пладне од Артур Кеслер на почетокот од 1946 година е тоа што, преку претставување на наводно во основа корумпираната логика на комунизмот, директно придонело за пораз на Француската комунистичка партија на клучниот референдум подоцна во таа година (види Goronwy Rees, “Darkness at Noon and the ‘Grammatical Fiction’” in Astride the Two Cultures: Arthur Koestler at 70, ed. Harold Harris [London: Hutchinson, 1975]: 118). Додека Кеслер уживал во политичкото влијание што навидум го имал неговиот роман, Џорџ Орвел, да доживеел да го види, речиси сигурно ќе бил многу помалку задоволен од начинот на кој САД и на нивните сојузници го користеле неговиот роман 1984 во првата деценија по неговото објавување како оружје за пропаганда против сите форми на социјализам. Во областа на родовата политика, Феј Велдон го опиша романот Женска соба (1977) на Мерилин Френч како „вид на книга што менува животи“ (на корицата од изданието во мек повез на Сфера, 1978 година), при што ова се однесува не само, во општа смисла, на начинот на кој делото им ги претставило феминистичките идеи и аргументи на поширокиот круг читателки во англофонските земји отколку што им биле претставени преку теоретските феминистички дела, туку и на богатите анегдотски сведоштва дека читањето на Женска соба на некои жени им ја дало храброста што им била потребна за да ги напуштат несреќните бракови.

АвторМајкл Хан
2018-12-19T12:43:32+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 103-104|