Концептуален ангажиран дискурс

/, Галерија, Блесок бр. 97/Концептуален ангажиран дискурс

Концептуален ангажиран дискурс

#1 Фотографијата сѐ посилно го зазема приматот како медиум за визуелно изразување во уметничките практики, како проширено поле за визуелно концептуализирање на стварноста. Сашо Димоски, преку фотографскиот проект „Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата“ ги прикажува актуелните феномени на современата социјална и политичка реалност, на минатите системи и следствено транзициските процеси. Тема на неговата изложба е хотелот Изгрев кој е изграден на брегот на Охридското Езеро, во атарот на локалитетот Калишта во близина на Струга, а во моментот на пишување на овој текст е напуштен и деконструиран. Фотографирајќи ја актуелна состојба на овој некогаш атрактивен и грандиозен објект изграден во социјалистичкиот период, тој ги користи карактеристиките на документарната фотографија во приказот на фактичката руинирана состојба на објектот, дополнително изложувајќи пропаганден леток за Хотелот Изгрев и албум со фотографии од отворањето на хотелот, а со тоа ја редефинира семантиката на документарната фотографија и самото дело кое преоѓа во концептуален ангажиран дискурс.
#2 За Димоски фотографијата е инструмент на повисоко разгледување на уметничката структура и е дел од патот на истражувачката и ангажирана арт фотографија, каде фотографијата е редефинирана во своето основно значење. Со визуелни и ментални конекции од историјата ги напушта класичните цели кои ја опишуваат перцепцијата надвор од првичната, предавајќи ни едно ново потресно читање за историјата на еден објект. Документирајќи го деконструираниот објект, забележителни се геометриските архитектонски структури кои создаваат апстрактни форми, каде фотографската вештина преку играта на светло-сенка го засилува ефектот на доживувањето во своите крајности и преку фотографија има способност да ја евоцира историјата на просторот. Сликите на архитектурата претставуваат сцени на ехо од редица настани кои довеле до актуелниот момент. Фотографиите, иако може да се класифицираат како документарни, сепак, преку „субјективниот реализам“ при кадрирањето носат нова аура во своето значење и експресија. Врамувајќи ги фотографиите во позлатени барокни рамки, авторот го акцентира историскиот момент на нивната масовна употреба при врамувањето на гоблени и кич содржини од времето на социјализмот, потенцирајќи го кичот на живеењето и лажните големини и успеси на минатиот систем и самата политичко-економска транзиција која сè уште ја живееме.
#3 Сашо Димоски во ова дело фотографијата ја користи не како естетски експеримент, туку како практично средство за одразување на реалноста на едно покомплексно уметничко ангажирано дело. Неговите фотографии имаат двојна функција, тоа се документи од историјата, а воедно и систематски снимања на архитектурата како одраз на минатото и актуелната денешнина. Тие ја визуелизираат објективната евиденција на последиците од современиот живот и неговите иницијатори на критичкото преобликување во Македонија.

АвторГоранчо Ѓорѓиевски
2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 97|