Борец што никогаш не се разоружува

/, Галерија, Блесок бр. 96/Борец што никогаш не се разоружува

Борец што никогаш не се разоружува

#1 Веќе добро позната како на македонската, така и на светската јавност со својот препознатлив експресивен гестуален ликовен јазик преку многубројните масла на платно, oвојпат Симонида Филипова-Китановска ни се претставува во една друга техника а тоа е акварелот.
#2 Сегашната употреба на акварелот е долго истражување на ефектите на играта со боја во вода: соединувања, разделени локви, ореоли, контрасти, слоеви боја, без размислување да се додадат контрасти и да се употребат блескави пигменти. Денешниот акварел се состои од храбри бои.
#3 Симонида Филипова-Китановска ни се претставува со изложбата под наслов ,,Птичја градина‘‘, во нејзините ликовни решенија, во кои колористички ги компонира своите мисли и чувства, изразот е концизен и суптилен, а темата разновидна и интересна. Нејзините акварели не раскажуваат – тие се полни со внатрешна сила. Вештината што ги сплотува трпеливоста и спонтаноста, храброста и рефлексијата, ја создава силата на акварелите на Симонида Филипова-Китановска. Одрази и живост, храброст и академско знаење, таква е експресијата на сите дуалности како водата од акварелот и огненоста на неговите бои. Нејзината уметност ги покажува силните чувства на суптилност, слободата на допирот со четка и вибрацијата на движењето, впива цврста хроматска рамнотежа во која студот и топлината се усогласуваат.
#4 Сцени од животот, најчесто цветови и птици, нејзините теми често во 3Д се впуштаат во пресрет на нашиот поглед. За уметницата акварелот нема други граници освен нашите сопствени. Ги користи цвеќето и птиците како тема за трансформација во апстрактни форми, а потоа создава нова фигура, компонирана од тие форми со нова содржина и своја симболика. Колоритот е доминантно потопол и звучен по интензитет, додека сините и ладни бои зрачат со светлина и го зголемуваат пулсирањето на животот во сликата.
#5 Тематско-содржински, овој нејзин сликарски опус е наративна поезија на цвеќето и на птиците во која ги чувствуваме душата, боите и звуците на природата. Нејзините дела се одраз на темпераментот на една веродостојна халуцинација на животот. Движењето и топлината на сцените од животот се преведени со лежерноста и флуидноста во нејзините дела.
#6 Уметноста на Симонида Филипова-Китановска е уметност на бојата и на движењето. Тоновите се врели но и меки за да се зачува таа сензибилност и спонтана искреност со кои се одликува. Да се движите низ акварелите на Симонида е како по малку да талкате низ отворените полиња на животот. Бои кои се насекаде, нежни, интензивни, моќни, со полна четка врескаат цветовите и птиците во нејзините акварели. Бојата, како прашање на интуиција и магична моќ, го опфаќа сликарскиот простор во акварелите.
#7 Симонида Филипова-Китановска, во извесна мера, е сликар на поезијата, впрочем таа ,,љуби“ така да се опише затоа што во нејзините акварели, во кои шармот и сензуалноста секогаш се испреплетуваат, постои таа нишка на поезија чиј допир дискретно го препознаваме.
#8 Таа е борец што никогаш не се разоружува. Но, за среќа, таа е исто така и ранлива, чувствителна и го пренесува тоа во своите дела низ наливи на јаки и сјајни бои.

АвторТатјана Бундалевска
2018-08-21T17:20:44+00:00 јуни 21st, 2014|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 96|