Јазикот како општествено дејствување во е-комуникацијата

/, Литература, Блесок бр. 93/Јазикот како општествено дејствување во е-комуникацијата

Јазикот како општествено дејствување во е-комуникацијата

Во време на комуникација преку социјални мрежи како Фејсбук (Facebook), Твитер (Twitter), Ласт.фм (Last.fm) и други, употребата на јазикот се усложнува. Јазикот надминува одредени рамништа на комуникацијата, како на пример референцијалното рамниште, па оттаму се јавува и потребата да се анализира на идиосинкратско рамниште, а не само како систем од одредени лингвистички знаци со универзална примена. Различните дисциплини – меѓу кои се теориската лингвистика, применетата лингвистика, прагматиката, реториката, комуникологијата, анализата на пишаниот и говорениот дискурс и етнографијата на комуникацијата – пристапуваат кон анализа на различни јазични аспекти. Едни се занимаваат со јазикот на ниво на зборот и реченица, други го надминуваат реченичното ниво и го истражуваат контекстот, или пак успешноста на аргументираното (реториката и комуникологијата), а некои ја проучуваат врската меѓу структурата на напишаното или искажаното и прагматската функција што се врши со одредената јазична структура во специфичен локален контекст (прагматиката и применетата лингвистика). Во овој труд ќе ја анализирам врската меѓу јазикот како општествена интеракција во е-комуникацијата, и специфичните проблеми кои се јавуваат при овој тип на комуникација, со цел да потсетам на потребата, а и да се надоврзам на истражувањата во кои на јазикот се гледа како на нешто посложено од систем на знаци со кои се пренесува порака – поточно дека самиот јазик е општествено1F дејствување (language as social action). Тоа ќе го сторам преку примери од еден релативно нов комуникациски жанр – чет (chat), кој меѓу другото служи и за истакнување статуси на Фејсбук, Гугл-ток (Gtalk/G+) и слични мрежи. Исто така, ќе ги истакнам и проблемите кои се јавуваат при е-комуникацијата – како на пример неразбран статус, и немањето можност да се побара појаснување во однос на неговото значење, бидејќи социјалните мрежи ја дозволуваат слободата соговорниците да не бидат во исто време пред екраните, туку можат да одговорат според можностите и кога им одговара, или воопшто да не одговорат. Овие мрежи дозволуваат дружба на индивидуи кои коментираат и на општествени и на лични теми во секое време. Бидејќи четањето (муабетењето) онлајн може да се одвива меѓу две индивидуи или групи на луѓе, важно е да се напомене дека значењето на некој исказ потекнува од општествените текови, но смислата на исказот може да варира меѓу поединците. Поместување на значењето на исказите и природата на јазикот се случува во рамките на комуникацијата во групата. Значењето е релевантно за поединецот, но интересно е тоа што и без целосна контрола на поединецот може да стане релевантно во рамките на одредена, поширока општествена група на активни, но и пасивни учесници во мрежата.
Врската помеѓу значењето и смислата на зборовите и изразите е често и во разни контексти разгледувана (како на пример во дисциплините логика, херменевтика, семантика и сл.). Еден од основоположниците на разграничувањето значење-референтност (sense and reference) или значење-смисла (meaning and sense), со кое се настојува да се посочи општото лингвистичко значење на зборот наспроти неговата индивидуална конкретизација во смислата што ја добива во одреден прагматски контекст, е Фреге, (Frege, 1892, постхумно, 1997). Слично на оваа традиција, Грајс (Grice, 1957) со максимите за конверзација и принципот на кооперативност, ја разработува разликата меѓу она што го кажува соговорникот и она што го мисли соговорникот.
Се чини дека е-комуникацијата забрзано ја поттикнува индивидуалната употреба на јазикот во колоквијалната комуникација, токму со оглед на нејзината хибридност како жанр, т.е., усно-писмената комуникациска парадигма. Е-комуникацијата, од една страна, наликува на усна, т.е. лице-в-лице комуникација меѓу двајца кои разменуваат пораки налик на реплики, притоа овозможувајќи специфична индивидуална употреба на понудените лингвистички форми, но истовремено директно вклучува многу поголема општествена група на комуниканти кои ја имаат можноста пасивно да проследуваат или пак одлучуваат и активно да се вклучат во неа.
Кога соговорниците комуницираат меѓусебно, лингвистичкото значење е битен, но не е и детерминирачки елемент на смислата што дадениот збор/израз ја има за индивидуалниот соговорник наспроти општественото значење. Со други зборови, истиот исказ нема секогаш исто значење за соговорниците, или пак, она што следува во комуникацијата не е предвидено на ист начин од соговорниците и нема иста важност за сите нив. Често исказите во говорната комуникација, т.е., интеракција, иако лингвистички соодветни, може да се некохерентни заради отсуството на споделено општествено значење (social meaning).
Следните примери ја објаснуваат оваа ситуација. Еден соговорник му вели на друг во електронски чет (муабет), откако го видел статусот на истиот, ,,Затоа ли си Back to Black?“ Иако оваа реченица, од лингвистички аспект, е правилна прашална реченица, постои голема веројатност соговорникот да не ја разбере поради отсуството на заеднички споделени претпоставки во поглед на прагматскиот контекст на комуникацијата, т.е. заемното познавање на некои прагматски, културни или модерни случувања. Доколку некој од учесниците во е-комуникацијата нема предзнаење дека некои луѓе своето расположение, состојба, моментален контекст го истакнуваат како статус на некоја од социјалните мрежи, што во конкретниот случај е статусот “back to black” или буквално преведено ,,повторно црн/црна/поцрнета“ со конкретно значење ,,повторно тажна/тажен“, објавен на Гугл-ток (Gtalk), правилната лингвистичка форма не е детерминанта дека смислата е пренесена и правилно разбрана. И доколку не постои взаемно познавање на моменталните контекстуални фактори, соговорникот, верувам како и читателите, нема да разбере дали се работи за задоволство од нечие потемнување на кожата во период на летните одмори (бидејќи статусот е ставен веднаш по летните одмори), или пак за моменталната состојба што го очекува соговорникот во смисла на пренатрупаност со работа, враќање кон рутината по одморите, или пак, во смисла на културните модерни текови, алудира на песната на Ејми Вајнхаус (Amy Winehouse), која пее за тагата за неможноста да се оттргне од старата состојба, и за враќањето кон несаканата страна од животот.
Друг сличен пример е онлајн статусот “Red for a reason” или ,,Црвен со причина“. На оние кои редовно комуницираат преку некоја општествена мрежа би им било јасно дека ваквиот статус значи зафатеност и неможност да се четува во моментот, но оние кои не ја почитуваат етиката на онлјан комуникација и значењето на статусите, може да го вознемируваат соговорникот иако тој/таа најавиле дека се недостапни. Културолошката компонента припадност кон онлајн зедницата, во која владеат некои непишани правила на заемно делување е детерминирачка, т.е., детерминирачко е почитувањето на статусите како ,,зафатен“ (busy), ,,невидлив“ (invisible) и ,,достапен“ (available).
Последниот пример кој ја посочува употребата на јазикот како општествено и културолошко делување во електронската комуникација е ,,и ѓезве вода на сабајле.“ Оваа фраза е специфична за македонскиот јазик и е посложена да се преведе на странски јазик за да се разбере, бидејќи произлегува од обредната практика на испраќање некого со фрлање вода по него за среќа: имитативно магиски, да му врви работата лесно како што тече водата. Ако соговорниците не поседуваат исто културолошко знаење за македонските фолклорни обичаи, тогаш ваква фраза употребена како лингвистичка единица и стратегија со која, на пример, се затвора еден онлајн чет, нема да биде препознаена како таква од соговорниците. Тука јазикот е и културно и културолошко дејствување, бидејќи постои можност припадник на помладата генерација или некој кој никогаш не го чул изразот да не го разбере традиционалното значење. Но местото каде се јавува ова фраза, а тоа е при самото затворање на четот/муабетот и при размена на поздрави за збогување, помага соговорникот да препостави дека е некој вид на поздрав и желба за успех.
Според Енциклопедија Британика (Encyclopedia Britannica, 2013, електронско издание) општествените интеракции се дефинирани како 1. заемност (двете страни имаат полза од интеракцијата), 2. алтруизам (едната страна се „жртвува“ во полза на другата страна, односно во полза на другиот соговорник) и 3. себичност (едниот соговорник има полза на сметка на другиот). Ако се земе предвид колку е комплексно правилното разбирање на одредени пораки, потребата за разбирање на врската меѓу јазикот и општествените дејствувања, како и на заемноста наспроти атруизмот и себичноста, добива поголема важност. Оваа врска ја истакнува смислата на разговорот во одреден моментален контекст (in situ) преку функционалноста на разговорот, односно велиме дека во тој случај значењето е обновливо. Некоја дискурзивна практика произведува разлика во значењето во одредениот момент поради конкретните контекстуални детали, изборот на зборовите, синтаксата, интонацијата и општествените фактори од типот пристап до интернет и можност за четување.
Јазикот како општествено дејствување се ,,храни“ од лингвистичките, психолошките, интеракциските, институционалните и културните ресурси, а секој од овие ресурси има одредено влијание во специфичната научна дисциплина, врз содржината, формата и толкувањето на ситуираната комуникација. Кај социјалните мрежи разликата е во тоа што општественото дејствување не го произведуваат луѓето лице во лице, туку преку посредник (,,паметен“ телефон, компјутер, таблет) и не се свесни со колкав број на индивидуи, групи и институции споделуваат општествени искуства и колку можности се отвораат за толкување на истите моментални искуства.
На почетокот истакнав дека целта на овој труд е да укаже дека јазикот сам по себе е општествено дејствување, а не алатка. Под концептот ,,општествено дејствување“, потпирајќи се на гледиштето на Сандерс (Sanders, 2005), подразбирам дејствување за кое се смета дека е произведено заради фукционалност. Или како што објаснува Сандерс (2005), ,,однесувањето е дејствување доколку 1) произведува промена на, или придонесува кон некој општествен материјален контекст или одредена социјална/општествена состојба“, (на пример, со составување на некоја покана за настан, нејзино постирање и нејзино прифаќање се придонесува кон општествена состојба) и 2) ,,доколку однесувањето се интерпретира како нешто што е создадено со намера да има ефект врз моменталната состојба во која се практикува однесувањето“ (стр. 6-7).
За оние кои не се родени во ерата на социјалните мрежи, верувам дека им е нејасна идејата за спријателување со некого кого можеби никогаш нема да го сретнеш во живо, за постојаното јавно споделување информации како некој се чувствува, како и идејата за можноста со непознати индивидуи да се дејствува општествено. Но ако се навратиме на Онг (1982) и неговиот концепт за ,,секундарна усност“, тогаш интеракцијата преку социјалните мрежи не е сосема нова и можеме да ја споредиме со интеракција преку радио, постер, видео, т.е., преку секој вид на технологизација на зборот. Секундарната усност го истакнува чувството на припадност, се фокусира на моментални контексти. Оваа усност е хибридна бидејќи може да користи пишан збор, е намерна, но не е секогаш промислена и е невозможно да се контролира ефектот кој го има врз припаднците на одредена онлајн заедница. Постирањата на блогови, коментарите на туѓи статуси, Ју-тјуб видеата (YouTube), честите епиграматички искази на Твитер се форми на секундарна усност.
Изразено со формула, општественото дејствување би значело дека појавувањето на активноста А треба да се објасни преку причината зошто лицето А ја извршува активноста А. Формулата тоа да се стори, претставена од Розенберг (Rosenberg, 1988), е еден вид логички силогизам каде ако (а) лицето А посакува некое/нешто Б, и (б) ако лицето А верува дека извршувањето на активноста А е начин да се достигне посакуваното Б, тогаш (3) лицето А ја извршува активноста А. Од ова може да се заклучи дека еден соговорник може да го толкува исказот на друг соговорник дека е произведен со намера да има одредена функционалност, односно соговорниците си припишуваат одредена желба да променат некоја состојба. Ова би го надградила додавајќи дека функционалноста е возможна сѐ додека соговорниците истовремно веруваат дека посакуваното може да се постигне преку заемност и социјализација.
Дисциплините прагматика, анализа на говорен и пишан дискурс и етнографија на комуникацијата се разликуваат во деталноста на аспектите поврзани со заемноста кои ги истражуваат. Во прагматиката, фокусот е да се прецизираат намерите и желбите (кога веќе зборуваме за посакуваното) и верувањата за составните делови кои го објаснуваат создавањето на исказите со специфични квалитети или својства. Базата од која произлегува овој пристап се (1) теоријата на говорните чинови (Speech Act Theory), воведена од Остин (Austin, 40-ти години на XX век), и натаму развиена од Серл (Searle, 1975), и (2) максимите и принципот на кооперативност на Грајс (1975). Теоријата на говорните чинови ги разликува видовите јазични дејствувања според лексиконот на глаголи што ги користат говорителите за да означат различни активности. Овој пристап е критикуван од некои научници уште во 80-те и 90-те, меѓу кои се Едмондсон (Edmondson, 1981) и Росалдо (Rosaldo, 1990), бидејќи се работи, прво, за различностите во глаголската лексика во различни јазици и, второ, лексиконот е различен на индивидуално ниво, т.е. не треба да се исклучи можноста дека индивидуалните говорители користат различна лексика за извршување на исто општествено дејствување. Во одредено општество одредена активност може и да не се среќава, како на пр. општественото дејство мезење, кое е типично за балканските контексти и кое во својата природа подразбира социјализација и дружељубивост, отсуствува во други гео-културни средини). Грајс (Grice, 1975), пак, се обидува да објасни дека постапките да се изврши општествено дејствување се диктирани од посакуваното. Со други зборови, ако се земе предвид кој вид на размена на информации треба да се случи за одредена активност, тогаш говорителите мора да се придржуваат кон ,,принципот на кооперативност“ (cooperative principle), т.е. дека секој исказ се произведува кооперативно со цел да се постигне некоја посакувана интеракција. Според него, кооперативноста се случува и во ситуации кога не сме општествено податни за соработка, на пр. можно е да се расправаме, но истовремено да соработуваме за да постигнеме аргументација притоа почитувајќи ги максимите за квантитет, квалитет, релевантност и начин на изведба на истата.
Да се гледа на јазикот како на општествено дејствување при кое кооперативната интеракција за менување на некоја состојба базирана врз лични интереси, наместо врз заемност е многу важна, бидејќи е еден начин да се бориме против едностраната јазична идеологија. Социјаланите мрежи ја нудат таа можност за борба против наметната јазична идеологија согледана во големиот број на набљудувачи на онлајн статуси, постирани мисли или коментари на туѓи постови, при што слободно се истакнува мислење различно од доминатното или наметнатото. Јазичната идеологија е еден од посложените термини за доловување. Овој концепт се однесува на ,,кој било збир на верувања за јазикот како нешто што е артикулирано од говорителите како рационализирање или оправдување на прифатената јазична структура и употреба“ (Силверстајн, 1979, стр. 193). Концептот на Силверстајн (Silverstein) е важен бидејќи тој поаѓа од индивидуалниот корисник на јазикот, а не од доминантната општествена група или нација на која корисникот ѝ припаѓа. Силверстајн (Silverstein, 2010) тврди дека не мора да постои обврзно јазично единство во рамките на одредена културна група, туку дека луѓето ги вклучуваат јазичните норми во својата интеракциска семиоза според релевантните конвенции на специфичното локално ниво. Силверстајн ова вешто го илустрира не преку табу изрази во е-комуникација, туку преку примери за табу дискурсот на Ворора (етничка група во Австралија). Она што за Остин би претставувало илокуциски говорен чин, Силверстајн го нарекува ,,недиректност/посредност“ (indirectness) и нагласува дека начинот на кој се одвива таа ,,недиректност“ мора да се проучува низ локално релевантните толкувања за да се разбере колку различни може да бидат типологиите на ,,идентитет-во-интеракција.“ Кај припадниците на Ворора (Worora people) постои ,,рамбар-однос“ и „рамбар-говор“ (rambarr-talk). Кога некој е во рамбар-однос, кој е вообичаен за припадниците на различна хиерархија во заедницата (на пример во семејната заедница меѓу тештата и зетот), тие живеат во релациско егзистирање, т.е. одбегнуваат секаков вид интеракција. Тие не смеат да бидат видливи еден на друг, па помладиот во оваа релација секогаш треба да се повлече ако во просторијата се појави постариот/та. Не само што не смеат да стапат во ситуација на заемно директно обраќање, туку не смеат ниту да го спомнат другиот директно. Во такви услови се создава локална прагматика со која се исклучуваат одредени лингвистички форми како обраќање и именување, и која овмозможува контекстуални услови за се оддржи односот рамбар , т.е. се создава ,,недиректност/посредност“ која на локално ниво се толкува како одбегнување.
Оваа идеја за идиосинкратско значење на јазикот, покрај со јазичната идеологија, се поврзува и со јазичното планирање. Сполски и Шохами (Spolsky and Shohamy, 199, стр. 36) го дефинираат ,,јазичното планирање“ како ,,одредени напори да се влијае врз јазичните практики на луѓето“ но нагласуваат дека секоја индивидуа си има свои јазични практики и начини да изведе некоја говорна активност и да одбере една од многуте јазични алтернативи во согласност со условите. При градење на јазичната политика една личност со авторитет ги наметнува јазичните политики врз другите. На пример, дури и во домот некои родители, од различни политички или идеолошки причини им забрануваат на децата да го говорат мајчиниот јазик. Практиката на наметнување јазична идеологија ја претставува реалноста во многу општествени офлајн средини, но која, благодарение на социјалните мрежи како онлајн супкултурни простори, гледано од општествен аспект силни средини, може да се пренебрегне.
Со сето ова што го образложувам сакам да укажам дека јазичното планирање и дефинирање на јазикот, доколку е можно, не треба да се заснова врз една од доминантните јазични идеологии кои се присутни во едно општество и кои влијаат врз унифицирање на однесувањето на луѓето, туку дека и ,,ситните муабети“ (small talk) од типот на лични анегдоти, оценувачки коментари и афективни искази, како и сите специфични карактеристики на конверзацијата во различни локални контексти – особено глобалните онлајн контексти достапни на сите – не треба да се пренебрегнат, бидејќи тие варијации не се безначајни. Или, како што сметаат Гамперз (Gumperz, 1982), Копланд (Coupland, 2003), Танен (Tannen, 1984, 2005) и Шифрин (Schiffrin, 1994), треба да се нагласи значењето на интерперсоналното заемно учество во создавањето на општествените значења.
Интерперсоналното заемно учество е своевидна идентификација. Поновите истражувања се фокусираат на идентификацијата преку припадност на различни социјални мрежи, на пример, на одредна Твитер супкултурна група како ,,дигиталните културни Твитерџии“ (Culture Twitters: Digital Thinkers in the Arts Sector). Во овој дух, една група фински применети лингвисти истражуваат како преку процесите на ен-текстуализација (entextualization) и ре-семиотизација се создава идентификација, заедништво, припадност, поврзаност, но и спротивни појави на де-идентификација, одделеност, неприпадност и различност. Ова е особено изразено во социјалните мрежи Твитер, Фејсбук, специфични форуми и групи со интерес, бидејќи тие претставуваат значајни арени и неограничени простори за општествена интеракција и културни активности (Kytölä, 2012; Leppänen, 2012).
Сандерс, Фич и Померанц (Sanders, Fitch, and Pomerantz, 2001) пак сметаат дека дел од научната работа за врската меѓу јазикот и општествената интеракција се сосредоточува на комуникативните практики на заедниците, групите, а не на индивидуите, но и, што е релевантно за овој труд, на тоа ,,како соучесниците користат специфични однесувања и комуникациски практики за да извршат дејство со општествено значење во даден момент“. Со други зборови, во социјалните мрежи, при е-комуникацијата голема е можноста потстрекот на индивидуата во вид на статус или покана, преку одредена група припадници на истата мрежа да се издигне на рамниште на општествено делување.
Од сето досега кажано, комуникацијата со посредство на компјутер, лаптоп, таблет, мобилен телефон се чини ефективен начин да се изведе општествено дејство кое не е само изолиран говорен чин туку подразбира интеракциска кооперативна работа (како што смеењето, шегувањето, флертувањето се општествени активности, а не само изолирани говорни чинови). Врската меѓу јазикот и општествената интерактивност се фокусира на јазикот во акција, односно правење/изведување комуникација2F. Со други зборови, општественото дејствување, како и општествениот живот во целина се гради од миг во миг, од ред-муабет на едниот, преку ред-муабет на другиот соучесник. Општествените онлајн активности се испреплетуваат, се хранат, и влијаат врз општествените офлајн активности. Јазикот во овие арени претставува општествено дејствување со специфичен формат, овозможува разновидна интеракција, односно овозможува неограничена оштественост и социјализација (овозможува алтернативни начини на општествено дејствување и социјализација).

Библиографија:

Austin, J. L. (1970). How to do things with words. J. O. Urmson & M. Sbisa (Eds.). Harvard University Press.
Coupland, J. (2003). Small talk: Social functions. Research on Language and Social Interaction 36(1), 1-6.
Dummett, M. (1981). Frege: Philosophy of Language. 2d ed. Cambridge, MA: Harvard University Press, 1981.
Edmondson, W. (1981). Spoken discourse: A model for analysis. London: Longman.
Gumperz, J. J. (Ed.) (1982). Language and social identity. Cambridge: Cambridge University Press.
Grice, H. P. (1975). Logic and conversation. In P. Cole & J. L. Morgan (Eds.) Syntax and Semantics 3:Speech acts (pp. 41-58). New York: Academic Press.
Kytölä, S. (2012). Multilingual web discussion forums: Theoretical, practical and methodological issues. In M. Sebba, S. Mahootian & C. Jonsson (Eds.), Language Mixing and Code-Switching in Writing: Approaches to Mixed-Language Written Discourse (pp. 106-127). New York: Routledge.
Leppänen, S. (2012). Linguistic and discursive heteroglossia on the translocal internet: The case of web writing. In M. Sebba, S. Mahootian & C. Jonsson (Eds.), Language Mixing and Code-Switching in Writing: Approaches to Mixed-Language Written Discourse (pp. 233- 254. New York: Routledge.
Ong, W. J. (1982, 2002). Orality and Literacy: The Technologizing of the Word. Routledge.
Rosaldo, M. (1990). The things we do with words: Ilongot speech and speech act theory on philosophy. In D. Carbauch (Ed.), Cultural communication and intercultural contact (pp. 373-407), Hillsdale New Jersey: LEA
Rosenberg, A. (1988). Philosophy of social science. Boulder CO: Westview Press.
Sanders, R. E., Fitch, K. L., & Pomerantz, A. (2001). Core research traditions within language and social interaction. In W. Gudykunst (Ed.), Communication Yearbook 24 (pp. 385-408). Thousand Oaks, CA: sage.
Sanders, R. E. (2005). Introduction: LSI as subject matter and as multidisciplinary confederation. In K. L. Fitch & R. E. Sanders (Eds.), Handbook of Language and Social Interaction (pp. 1-16). Mahwah, New Jersey: LEA Inc.
Schiffrin, D. (1994). Approaches to discourse. Malden, MA: Blackwell Publishers Inc.
Searle, J. R. (1975). A Taxonomy of Illocutionary Acts. In K. Günderson (Еd.), Language, Mind, and Knowledge, (Minneapolis Studies in the Philosophy of Science, vol. 7), (pp. 344-69). University of Minneapolis Press.
Silverstein, M. (1979). Language structure and linguistic ideology. In R. Cline, W. Hanks & C. Hofbauer (Eds.), The elements: A parasession on Linguistic units (pp. 193-247). Chicago: Chicago Linguistic Society.
Silverstein, M. (2010). “Direct” and “indirect” communicative acts in semiotic perspective. Journal of Pragmatic 42, 337-353.
Spolsky, B., & Shohamy, E. (1999). The languages of Israel: Policy, ideology and practice. Clevdon: Multilingual Matters.
Tannen, D. (2005). Conversational style: Analyzing talk among friends. Oxford: Oxford University Press.

#b
1. Англиската придавката “social” во македонскиот јазик може да се преведе со а) социјално и б) општествено, а да укажува на различни контексти од на пр., „социјална мрежа“ до „социјален случај.“ Зборот „социјален“ се однесува на општеството, на животот и на односите на луѓето во него. Ги одбрав термините „општествено дејствување“ и „социјални мрежи“ за потребите на овој труд за да се покрие и значењето на друштво како група, како составен дел од општеството, како и смислата на пријателска, меѓусебна интеракција, социјализација и заемно дејствување.
2. Во дисциплините Анализа на говорниот дискурс и Етнографија на комуникацијата една од основните идеи е „изведувањето општествена дејствување“ (“doing social action” наспроти “creating, realizing, building an action”). Преводниот еквивалент во македонскиот јазик е проблематичен, бидејќи треба да се истакне чинот на правењето комуникациска активност како правење која било друга општествена активност, правење и пиење кафе како дејност за социјализација или како кажување анегдота со одредена намера.

АвторМира Беќар
2018-08-21T17:20:46+00:00 јануари 3rd, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 93|