Албум што се вдишува со широки гради

/, Звук, Блесок бр. 86/Албум што се вдишува со широки гради

Албум што се вдишува со широки гради

#1 „Мугер Фугер“ е бенд од кој извира музичка одговорност за поттикнување напредна мисла и здрав разум. Групација што мисионерски обединува и активно се грижи за одржување на независниот креативен агенс. Нивниот музички бран се издигнува над културната вулгаризација и, уште поважно, пркоси на силиконската плима. И тоа доста дрско, на единствениот разумен начин – со свирки, инспиративни дружби и продуктивност. Постојано! Со бројни креативци кои се противат на гравитацијата на робомислителство. Оттука, се чини дека лидерот Сеад Хаџиќ–Сецко и дружината немаат друга намера освен да прават музика. Експериментална, надреална, постпанкерска, социјално-политичка, бескомпромисна инди рок-музика со став, со заби, срце и мозок.
Сè уште ја вдишуваме свежината од „4 јули“, но, еве, ниту година подоцна, момците повторно предизвикуваат со албумот „Ла Кања“, насловен по клубот од Старата скопска чаршија. Но, „Ла Кања“ не е клуб или пијанка-бар, туку интимна страница од урбаниот градски живот. Плодно место каде што изминатиов период виреат алтернативни музички настани, перформанси, проекции, промоции, тематски сетови и, пред сè, претставува свртувалиште за собирање и делење уметнички елан. Можеби токму затоа најавата за најновиот албум на „Мугер Фугер“ инстантно ги електрифицираше супкултурните антени.
„Ла Кања“ е снимен во „Соник 57 студио“ и содржи пакет аранжман од 12 теми од дваесетина музичари, инструменталисти, креативци, факелносци на домашната инди-сцена. Дејствува како компилациско издание и може слободно да се нарече „Мугер Фугер и пријателите“. Инволвираните се впуштаат во темелно искушение за создавање заемен флуид што ќе носи магнетна звучна подлога за истражување на слушателите. Во компарација со претходните носачи на звук, „Ла Кања“ има за нијанса посветол и помелодичен пристап. Но, тоа не значи дека треба да му се пријде левтерно и со доза на резерва. Овој албум се вдишува со широки гради. Се впива со отворена глава. Ве носи на емоционален ролеркостер низ сонлив, повеќеслоен гитарски амбиентум. Истовремено нуди жар, естетика, дисторзирани делови, хаотичност, психоделија, поетичност, меланхолија и рокенрол-бунтовништво. Сето вешто избалансирано и спакувано.
Впрочем, сите песни се приспособени за уметниците вклучени во проектот. Звучната слика на „Ла Кања“ е обоена со сензибилитетот и белезите на Сецко, Сашко Костов, Ади Имери, Горан Трајковски, Џабир Дерала, Гино… Во темата „Ново Лисиче“, една од „најзаразните“ песни на цедето, го чувствуваме траорниот вокал и творечкиот дух на Готра, во „Разбуди ме“ и “So real” еклектичноста и талентот на Костов, а во “Standing at the top of the world” гитарската екслозивност на Имери. Песна за паметење е и опојната „Девојка Надја“ правена со музикологот и новинар Тина Иванова, #2а сигурно многумина ќе се навлечат и на искрениот и симпатичен пристап на „Твојата градина“. Во албумот се вклучени и контрабасистите Иван Бејков и Оливер Јосифовски, слушаме тромбон од Бранко Илиевски, мандолината на Мухамед Ибраими, хармониката на Оливер Митевски, текст на митрополит Методиј Златанов, саксофон на Васко Бојаџиски, но и вокалите на Соња Димитриоска и Зоран Тортевски. Секако, неизоставен дел се и гитаристите Огнен Мангаровски, Џоле Максимовски и Игор Стојановски. Во „Ла Кања“ се пее на македонски и англиски и повторно има мешавина од класичен и електронски инструментариум, а дел од вокалите се синтетизирани и придушени. Тоа е и примарната замисла. Имаат својство на обликувачи на хипнотичката атмосфера, во постојан контакт со калеидоскопот од звуци.
„Мугер Фугер“ е музичка банда што, исто како и многубројни штитоносци на независниот прогресивен дух, моментално живее во своевидна симбиоза со „Ла Кања“. Ова инспиративно клупче досега мораше да смени три локации, но не замре, не го дофатија и убија претенциозните музички ветришта. Пулсира во ритамот на вечните трагачи. Универзумот на „Мугер Фугер“ го прераскажува и се храни со она што „Ла Кања“ секојдневно го доживува – патување во нови и непредвидливи, диви и возвишени, богати и возбудливи моменти… „Добредојдовте! Знам тесен ви е патот од кој се исплашивте. Но, колку широки се вратите што не ве водат никаде!?“

(текстот е најпрвин објавен во „Утрински весник“,09.10.2012)

АвторБојан Шашевски
2018-08-21T17:20:53+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 86|