Исповеднoто пишување како стил застапен во делата на св. Аврелиј Августин, Фјодор М. Достоевски и Вирџинија Вулф

/, Литература, Блесок бр. 86/Исповеднoто пишување како стил застапен во делата на св. Аврелиј Августин, Фјодор М. Достоевски и Вирџинија Вулф

Исповеднoто пишување како стил застапен во делата на св. Аврелиј Августин, Фјодор М. Достоевски и Вирџинија Вулф

Во литературата исповедното пишување е наративна форма изразена во прво лице еднина и најчесто претставена во форма на непрекинат дневник или пак збир лични писма. Исповедното пишување најчесто ни ги открива личните мислења на авторот, неговите емотивни и мисловни процеси, и неретко неговите затаени задни намери. Она што мора да се забележи кога станува збор за ваквите записи е нивната специфична содржина. Имено, исповедните текстови не се обични автобиографски белешки, туку често, како што алудира името, тие содржат исповедање грешки и гревови од страна на авторот.
Целта на овој есеј е подетално да се разгледа концептот на исповедното пишување, влијанието кое неговите карактеристики го имаат врз авторот, и воопшто белегот кој овој стил го оставил врз западната литература. За да се постигне оваа цел, есејот ќе разгледа три конкретни дела кои содржат исповедни елементи, имено „Исповеди“ од св. Августин, „Записи од подземјето“ од Фјодор М. Достоевски и „Сопствена соба“ од Вирџинија Вулф. Исповедните елементи во овие три дела ќе бидат детално разгледани со цел да се формира ретроспективна анализа на формата и употребата на исповедното пишување низ западната литературна историја. При оваа анализа, ќе се разгледаат различните стилови што се провлекуваат низ исповедното пишување, како овие стилови еволуирале низ времето и конечно, каков ефект овие стилови имале врз авторот (исповедникот), кој ги развил. Заедно со трите горенаведени дела, овој есеј ќе се повика на две додатни литературни критики кои ќе бидат искористени како теориски референтни точки.
„Исповедите“ на св. Августин се често окарактеризирани како првото автобиографско дело на западната литература. Накратко кажано, во своето дело Августин се концентрира на конкретни моменти од неговото детство, адолесценција и конечно возрасен живот, со цел нам, на читателите да ни ги истакне најверојатните причини кои придонеле кон неговото прибегнување кон религијата. На автобиографскo ниво, тој детално се присетува на настани од горенаведените периоди, доловувајќи ни ги настаните сликовито и живописно. На исповедничко ниво, кое ќе биде подетално разгледано во овој есеј, св. Августин се задржува на своите гревови, надолго искажувајќи жал и каење.
„Сега нека Ти каже, ете срцето мое, што барало таму, дека џабе бев лош и дека за мојата злоба немаше друга причина освен самата злоба. Гадна беше, но јас ја сакав. Сакав да пропаѓам, го сакав мојот грев, го сакав не она кое ми недостасуваше, туку самиот мој грев, грозна душа, која се распрснуваше од Твојата крепост во пропаст…“
(св. Августин, 2.4.9)
Еден конкретен настан кој се чини дека посебно го мачи е кражба на неколку крушки, која тој ја извршил во своите рани тинејџерски години. Имено, во својата рана адолесценција, Августин запаѓа во лоша група пријатели под чие влијание е намамен да украде круши од дворот на соседот и покрај фактот што тој има плодно крушово дрво во својот двор. Присетувајќи се на овој инцидент во своите „Исповеди“ тој раскажува како, по оваа кражба, тој се почувствувал толку виновен што повеќе не сакал да ги изеде украдените плодови, па така засрамен ги фрлил. Овој инцидент, иако подетално прераскажан, е само еден од многуте кои Августин ги наведува како негови гревови и за кои се обидува да се искупи преку исповедање и каење. Она што е интересно во неговата нарација е тоа што со оваа динамика на раскажување (исповед, кој води до простување) Августин нам ни претставува модел на исповедна “машина”. Како што гревовите постепено ни се разоткриваат, почнувајќи од мали адолесцентни престапи, но завршувајќи со девијантни дела и замисли , се чини дека со самиот факт што авторот нам ни се исповеда, тие нему му се делумно, ако не и целосно, простени. Кон овој впечаток придонесува и фактот дека како што нарацијата се развива, авторот – Августин станува се понетрпелив во исчекувањето на неговата прошка и конечното преобратување во христијанин.
„Ајде, Господи, разбуди нè и повикај нè, запали нè и грабни нè, разгори нè, биди ни сладок: да Те сакаме и да Те прегрнуваме!“
(св. Августин, 8.4.9)
Следејќи ја оваа аналитичка нишка, би можело да се потврди дека стилот на исповедно пишување е навистина корисен за емотивното благосостојба на авторот. Оваа корисност е често очигледна во самата форма на исповедното пишување, поточно во користењето на постапката на тек на свеста, која многу исповедни автори често ја применуваат. Иако начинот на употреба на оваа постапка варира од автор до автор, нејзината генерална карактеристика, и онаа најпривлечна за исповедните автори, е можноста корисникот (авторот) да ги излее своите размислувања и чувства во пишана форма, често не осврнувајќи се на строго пропишаните правила и формации инаку барани од другите наративни форми. Ваквата слобода на форма на авторот му дозволува непрекинато да ги бележи своите мисли, по што тој искусува општо чувство на олеснетост. Со оглед на тоа што „Исповедите“ на св. Августин се сметаат за една од најраните форми на пишани текстови, кои вклучуваат истовремено автобиографија и пишана исповед, може да заклучиме дека тие се калапот по кој е моделиран жанрот на исповедно пишување. Како што овој есеј ќе се движи низ анализата на преостанатите две дела, ќе можеме да забележиме дека со тек на време, жанрот на исповедно пишување значително застранил од оригиналната Августинова форма, но сепак не ја напуштил оригиналната цел на олеснување на емотивниот товар на авторот и искупување за неговите гревови преку пишана исповед.
„Записи од подземјето“ на Фјодор М. Достоевски се дел од западната литература на дваесеттиот век, кои, карактеристично за овој период, се концентрирани околу личните проблеми и емотивните доживувања на својот протагонист – Подземниот Човек. Важно е да се запази дека при анализа на ова дело на Достоевски категоријата на исповедно четиво воопшто не е најочигледниот жанр кој му доаѓа на ум на читателот. Имајќи го ова на ум, овој есеј ќе се обиде да се држи подалеку од било какви пристрасни читања на текстот, притоа давајќи објективен преглед на потенцијалните исповедни елементи застапени во нарацијата. Првиот елемент на исповедно пишување во ова дело е неговата нарација, поточно фактот дека таа е изведена во прво лице еднина. Од самиот почеток, Подземниот Човек нам директно ни ги пренесува своите мисли и чувства, и ваквото раскажување непрекинато тече до самиот крај на романот. ‘Јас’ формата е во постојано користење, и нараторот воопшто не се воздржува од неформален јазик и субјективни изјави.
„Јас сум болен човек…Зол човек. Непријатен човек. Мислам дека ме боли црниот дроб.”
(Достоевски, 5) 1F
Покрај структурните одлики кои покажуваат значителни сличности со стилот на исповедно пишување, содржината на „Записи од подземјето“ исто така изложува мноштво исповедни карактеристики. Имено, Подземниот Човек често се присетува на настани од своето минато со доза на жал и каење поради некои свои зборови или постапки. Пример за ваквите покајанички спомени се неколку наврати на кој тој ни раскажува како ги ‘измачувал’ странките кои ја посетувале неговата канцеларија со злобни и саркастични забелешки.
„Кога чиновници приоѓаа на моето биро барајќи информации, јас чкрипев со забите и чувствував неизмерна наслада кога успевав некого да навредам”
(Достоевски, 6) 2F
Во овие моменти од својата нарација, веднаш откога ќе ни раскаже за своето пакосно однесување, Подземниот Човек признава дека по изрекувањето на злобните зборови тој секогаш чувствувал огорченост и каење.
„Можеше да ми пени устата од бес, но кога некој ќе ми донесеше некоја мала дребулија, или пак чај со шеќер, јас веднаш се смирував, дури бев благодарен, па подоцна повторно ќе чкртав со забите на самиот себе и неколку месеци ќе страдав од несоница. Таков сум јас. Ова пред малку ве лажев дека сум зол чиновник.”
(Достоевски, 6) 3F
Контрастно на горенаведените сличности, елемент на “Записи од подземјето” кој го прави ова дело различно од “Исповедите” на св. Августин е недостигот на претходно споменатион синдром на ‘исповедничка машина’. Имено, се чини дека Подземниот Човек на Достоевски воопшто и не бара прошка за своите дела во кој било момент од својата нарација. За разлика од Августин, кој директно прашува кога ќе пристигне спасот на неговата душа, Подземниот Човек ги исповеда своите гревови но не очекува ништо за возврат. Употребата на постапката тек на свеста е сè уште доста застапена, и би можело да се помисли дека ова само од себе го олеснува товарот на грижа на совеста, но она што е интересно во случајот на Подземниот Човек е дека тој не бара директна прошка ниту пак покажува индиректна потреба за истата. Поради ова може да се заклучи дека, додека во случајот на Августин исповедта придонесува кон внатрешен мир и благодат, во случајот на Подземниот Човек ние не можеме да воочиме директна корист од исповедта за авторот.
Хронолошки гледано, „Сопствена соба“ од Вирџинија Вулф е најмодерната форма на исповедничко пишување во тројството на овој есеј. Со цел повторно да се избегнат какви било субјективни читања, и во случајот на „Сопствена соба“ овој есеј ќе се задржи само на потенцијалните сличности на ова дело со Августиновиот модел на исповеден текст, и повторно со можната емотивна корисност на ваквото пишување за авторот. Со оглед на фактот дека овој роман е всушност збир предавања кои Вулф ги одржала на неколку наврати во својот живот, нарацијата во прво лице еднина е повторно значително присутна.
„Ќе се обидам да објаснам. Кога ме повикавте да зборувам за жените и фантастиката, јас седнав на брегот на една река и почнав да размислувам што овие зборови всушност значат“
(Вулф, 1925)4F
Овој цитат е извадок од самиот почеток на романот, а веќе изобилува со личните присеќавања и субјективни доживувања на настани од минатото на нараторот. Дополнително на изјавите од овој вид, нарацијата изобилува со користење на постапката тек на свеста, па така ние можеме да забележиме како од време на време Вулф отпловува во своите сеќавања запоставувајќи ја темата на разговорот или заменувајќи ја со ново–стекнатото сеќавање. И покрај ваквите сличности помеѓу непосредноста во нарацијата на Вулф и онаа на Достоевски и св. Августин, постои суштинска разлика која го разделува делото на Вулф од она на преостанатите двајца автори во категоријата на исповедно пишување. Имено, за разлика од Августиновите исповеди и записите на Достоевски, настаните разработени во „Сопствена соба“ воопшто не се присеќаваат на минати грешки на авторот, ниту пак алудираат кон какво било барање на прошка. Сосем спротивно на ова, делото започнува како академско предавање и повремено ѕирнува во сеќавањата на Вулф, но во ниеден момент не спомнува спомени на грев или пак желба за прошка. Откога го завршува своето предавање на тема на полна еднаквост, Вулф ни раскажува за неколку случаи кога неа, како жена, и бил забранет пристапот во јавни библиотеки и слични академски установи, па така овие спомени се единствените неколку моменти кога читателот може да го забележи чувството на жал за изминати настани, инаку обилно присутно во претходните две дела.
„Тоа што една позната библиотека била проколната од жена всушност ништо не и значи на оваа позната библиотека“
(Вулф, 1927)5F
Имајќи го ова на ум, може слободно да се додаде дека таканаречената исповедничка машина присутна во нарацијата на претходните две дела воопшто не е присутна во случајот на „Сопствена соба“ . Заклучно со недостигот на овој елемент би можеле да кажеме дека „Сопствена соба“, структурно а и контекстуално, повеќе заличува на автобиографија отколку исповеден текст. Сепак, фактот дека ова дело на Вулф содржи делумно исповедни елементи (непосредната нарација, делумни чувства на жал за изминати настани) не може да биде запоставен.
По детално разгледување на овие три дела може да се забележи дека формата и употребата на исповедното пишување значително варирала низ времето. Со изложување на хронолошки преглед на трите релевантни дела од светската литература овој есеј ја доловува трансформацијата која исповедниот жанр ја доживеал, почнувајќи од „Исповеди“ на св. Августин и завршувајќи со „Сопствена соба“ на Вирџинија Вулф. Имајќи ја ваквата анализа на ум , може да се заклучи дека двата преовладувачки елементи на жанрот се нарацијата во прво лице еднина и употребата на тек на свеста, двата обилно застапени во сите три дела. Спротивставено на овие сличности, можеме да забележиме дека, како што се придвижуваме низ трите дела, концептите на грев, каење и емотивни придобивки за авторот при исповед стануваат се помалку застапени. Додатна разлика е начинот на кој сите три автори на различен начин ги применуваат наративните техники, притоа оставајќи личен белег врз исповедничкото пишување. Воопшто земено,трите романи нудат интересен преглед на три различни наративни техники обединети под атрибутот ‘исповедни’. Тие покажуваат дека концептот на исповед не секогаш подразбира религиозна конотација, па така исповедното пишување честопати изискува повеќе труд и структура од најобично прераскажување на своите гревови и каења.

Извори:
1. Св. Августин, Аврелиј. Исповеди. Скопје: Макавеј, 2007.
2. Достоевски, Фјодор М. Zapisi iz podzemlja. Beogradski Izdavačko-grafički zavod, 1984.
3. Woolf, Virgina. A Room of One’s Own. Vol. 2. New York: Norton &, 2006. Print.
4. Sherwin, Miranda. Confessional Writing and the Twentieth-Century Literary Imagination. Palgrave Macmillan, 2011. Print.
5. Gill, Jo. Modern Confessional Writing. 1st ed. Routledge, 2005. Print.

#b
1. За потребите на овој текст преводот на овој извадок е слободен
2. За потребите на овој текст преводот на овој извадок е слободен
3. За потребите на овој текст преводот на овој извадок е слободен
4. За потребите на овој текст преводот на овој извадок е слободен
5. За потребите на овој текст преводот на овој извадок е слободен

АвторНина Милева
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 86|