„Дивите детективи“

/, Литература, Блесок бр. 84/„Дивите детективи“

„Дивите детективи“

Сатурирачки роман и роман на артикулиран простор

Вовед

Дејството на овој грандиозен роман е сместено во Мексико Сити, но и низ целото Мексико, како и на различни места во Латинска Америка. Тоа, исто така, се протега и во некои Европски градови, како што е Барселона, и на Медитеранскиот брег. Географското протегање и мултипликацијата на местата и епизодите води кон создавањето на едно монументално, тотализирачко дело. Споменатите места се подведуваат на игра на декомпозиција која функционира истовремено на локално и глобално ниво. Експанзивниот систем се состои од евоцирање на животот и делото на група млади поети, а особено околу Артуро Белано или Улисес Лима (двата главни карактери), и околу нивните пријатели Гарси Мадеро и младата Лупе. Темата на романот е исчезнувањето на поетесата Цезареа Тинахеро, и барањето на нејзините траги. Првите три карактери припаѓаат на групата млади поети („вице-реалисти“) кои ги вложуваат сите свои напори во издавањето на литературно списание. Станува збор за универзитетски студенти, кои, за да можат да ги продолжат студиите, повремено продаваат марихуана под изговор дека веруваат во она што го прават бидејќи се сметаат за единствената и вистинска надеж за мексиканската поезија. Како што напредуваме во читањето, ликот на исчезнатата поетеса станува сè помистичен, имајќи ги на ум малкуте траги кои ги оставила зад себе. На прв поглед, романот може да ни се чини хаотичен, но неговите тотализирачки принципи ја потврдуваат неговата детална структура. Делото е поделено на три дела: „Мексиканци изгубени во Мексико“; „Дивите детективи“ и „Пустината Сонора“. Во овие три дела текот на дејството е предаден преку интимните признанија од нивните лични дневници, или преку дневниците на нивните родители и поблиската фамилија, нивните познаници, уредувачи и издавачи и на сите други кои во некој момент од нивните животи биле во некаков контакт со Цезареа. Признанијата не се подредени во линеарно време, туку гласовите на дузини ликови меѓусебно се пресекуваат и преклопуваат. Тотализирачката експлицитно структурирана игра ни кажува дека постои посебна и директна врска помеѓу потрагата по исчезната поетеса и потенцирањето на места и епизоди, а особено кога структурата на романот ги нагласува параграфите каде минатото се сретнува со настани од иднината кои следат неколку години по завршувањето на фамозната потрага. Преку проширувањето на нивната потрага, сè повеќе места и епизоди влегуваат во читателскиот ум: разновидни сцени од секојдневниот живот, нечии интимни мисли, нечии стравови и фрустрации… Изгубената и заборавена поетеса истовремено е слика на агрегација и дегрегација, таа е целта на потрагата но и мотивот за нивното постојано патување и преместување од место во место.

Создавање на аспектите на другоста

Централната фигура на поетот е операционализирана не само поради фактот што потрагата се состои од млади поети во потрага по поетеса, туку и бидејќи и самата идеологија на романот го претставува авторот како личност која би можела да придонесе за есенцијални промени во општеството и би можела да ја задолжи културата. Ова е најочигледно во вториот дел од романот, каде можат да се прочитаат интимните искази од други писатели кои живееле во времето на Цезареа. Ги имаме предвид ставовите на Бахтин дека за еден роман да постои како естетски настан мора да постојат дијалошки врски помеѓу авторот и неговите ликови.1F Како што човекот во уметноста е целосен човек, ликовите од „Детективите“ се целосни ентитети кои функционираат интегрално. Со тоа што се веродостојни, тие детално ја симулираат реалноста. „Естетската креација и градењето на надворешното тело и неговиот свет претставува дар од друга свест – од авторот набљудувач кон херојот“ вели Бахтин (Ibid. 19). Креацијата, преставувањето и изразувањето на одредена конкретна идеја е продуктивен, креативен однос од „другиот“ во самиот автор. Другоста е свесно присуство и во умот на авторот и во умот на ликовите. Со тоа што станува збор за поети, тие немаат друг избор освен да бидат во допир со нивното друго јас. Тие се истовремено и создавачи, тие тежнеат да пишуваат. Организирањето на потрагата е друг вид создавање. За време на потрагата тие се креираат себеси. Романот е целосно детерминиран од другоста – читателот е во постојано очекување другоста да се појави, да се анализира, или да донесе некаков прекин во дејството. Поетите, но и читателот, се во постојана потрага на манифестациите на другоста – луѓе, дневници, возбуди, и откриената другост во самите нив со која тие се обидуваат да се справат. Поетите треба да го поминат целиот јужноамерикански континент, да дојдат во Европа и да скитаат по градови и места, за да сфатат дека другоста е внатрешна категорија и вредност. Ликовите, кои делуваат според нивната слободна волја и мотиви, се целосни уметнички артикулации, кои можеме да ги поврземе со Бахтиновите ставови дека „сочувствителното разбирање повторно ја креира целата човекова внатрешност во преферираните естетски категории за нов живот на ново ниво на светот“ (Ibid. 22). Самиот свет, и состојбата во која што се наоѓа, (тешка да се разбере а лесно е да се изгубиш во неа) е конструктивна и естетска патерица во општото разбирање на романот. Просторната димензија на романот функционира како мега метафора. Вистинските димензии од потрагата би се прошириле на илјадници километри. Преку ликовите-во-настанување, просторната димензија самата себеси се артикулира како да станува збор за пајакова мрежа. Преку конструктот на ликовите, во умот на читателот почнува да се покажува создавањето на светската карта. Ликовите влијаат и им даваат форма на местата и просторите кои го посетуваат.
Исто така, постои значаен однос и помеѓу самата потрага, Другиот и пишувањето земено како креативна активност. Овој троен однос е столбот околу кој се расплетува главното дејство. Емотивниот товар во неговата тоталност за оној кој го носи постои само во однос со другиот. Без другиот, нашите сопствени животи не би ја имале таа посебна тежина (Бахтин, Ibid. 23-24). Младите поети, на едно потсвесно ниво се преосмислуваат себеси во проекцијата која ја имаат за Цезареа. Без овој далечен друг, младите поети не би имале доволно кредибилитет за да бидат претставени во роман. Колку повеќе недостижна им изгледа поетесата, толку повеќе простор е потребен за поетите-ликови да постојат. Временските и просторните граници за авторот немаат толку формално, организационо значење колку што имаат за животот на другите. Другиот е секогаш целосно одреден во временски и просторни рамки. Колку и да ни изгледа бледа просторната одредница на Цезареа, таа е конкретно одредена најпрво од авторот Болањо, потоа од страна на младите поети, потоа од страна на нејзините пријатели и колеги, и на крајот од личноста која ја чита книгата. Во тој момент, просторот во романот се шири, се издолжува, и самиот тој постанува и настанува. Понатаму, имајќи ги в предвид зборовите на Бахтин – „другиот секогаш стои спроти мене како објект и неговиот надворешен поглед е сместен во просторот а неговиот внатрешен живот е сместен во времето“ (Ibid. 26). Читателот се справува единствено со проекцијата на младите поети која ја имаат за поетесата, а не со самата Цезареа како целосно конструиран лик.

Маргиналната вредност на потрагата

На синтагматско ниво, приказните на другите писатели можат да бидат систематски поврзани во рамките на одреден политички, уметнички и културен контекст. Исчезнувањето на поетесата се случило во седумдесеттите години кога војската влегува во зградата на универзитетот, терајќи ги студентите да го напуштат местото. Парадоксот се состои во тоа што за време на преземањето на универзитетот, Цезареа останала скриена во просториите на тоалетот, на тој начин станувајќи сведокот кој не видел ништо. По овој настан, таа го напушта работното место на секретарка, го напушта главниот град и се преселува во најдалечното, заборавено место што можела да го најде во државата Мексико. Тоа е малиот град во пустините на Сонора, сместено во средината на земјата. Ако повторно се потпреме на Бахтиновите принципи2F би согледале дека културниот домен е концепт во кој границите на просторниот ентитет се надминати и збогатени со идејата дека тие претставуваат и внатрешна територија. Младите поети, Цезареа и останатите споменати карактери се носители на нивните култури. Следејќи ја истата перспектива, авторот треба да го напушти неговиот внатрешен, длабоко вкоренет културен концепт за да може да го пренесе истиот во уметничко дело. Во суштина, сите културни акти опстануваат на граница и во самата потрага, а со тоа што се сместени насекаде и никаде, одделени од другите можни конвенционални активности во романот, имаат гранична вредност. Потрагата и нејзината спирална форма и самите функционираат како маргина, како посебен просторен ентитет со сопствени карактеристики. Оваа потрага е мешавина од идеи, ставови, емоции и искуства – култура во случување. Делото на Цезареа оставило траги во животниот и просторниот контекст на вице-реалистите – оваа врска од проживеани и уметнички искуства е постоечкиот знак за логиката на сукцесија на настани и места во романот. Во романескната креација, продолжува Бахтин (Ibid. 40-46) когнитивниот акт доаѓа од естетското претставување и за визијата што се има кон уметничкиот објект. Би можеле да го поврземе овој став со нашата сопствена рецепција на романот, со нашето сопствено „настанување на знаење“ за нешто во романот за кое што не сме биле свесни претходно. Но, уште подлабоко, когнитивниот акт се случува во самата структура на романот, преку уметничкото дело на Цезареа и нејзиното влијание. Вице-реалистите стануваат вице-реалисти главно поради делото на Цезареа. Тие водат еден наполу хипи наполу философски начин на живот поради вистината што сметаат дека ја наоѓаат во нејзиното дело.
Уметничкиот акт постои во посебен вид амбиент кој носи вредност врз она што се чини дека е свесно одредено. Контемплацијата на поезија и литература е присутна на речиси секоја страница од романот. Значењето на поезијата и принципите на лартпурлартизмот, нагласени речиси насекаде, е уште еден лајтмотив. Уметничкото дело живее и станува полно со значење во одреден реципроцитет, активен кон одредена реалност, кој е идентификуван и валоризиран во уметничката креација. Во нашиот случај, постмодерен автор како Болањо успева да ја пренесе идејата еден деструктивен но сепак синтетички начин, од модерни, егзистенцијални несигурности распространети во романескното дело на тој начин што стануваат несигурности на ликовите. Реалноста е динамична и жива на еден препознатлив начин, но исто така и на општествен, политички и религиозен начин; и сите овие феномени се дел од еден исто толку динамичен свет. Во оваа смисла, споредбата на актот на креација и одењето во потрага е функционална и есенцијална. Актот на барање и инвестигирање се состои од проекцијата од специфична, лична визија на истиот свет каде што се одвива потрагата. Во оваа смисла, тријадата од поими е јазол во нарацијата на романот: реалноста на младите поети, литературата која тие ја консултираат, и фактот дека трагаат во име на литературата. Животот не се наоѓа надвор од уметничките креации туку подеднакво и во нивната внатрешност, во целосната полнотија на неговиот аксиолошки товар – социјален, политички, теориски или од кој било друг вид. Уметничкото создавање ја инкорпорира познатата реалност и ја префрлува на друго ниво вредности. Можноста од наоѓање соодветна пропорција помеѓу идејата, остварувањето на потрагата и креативниот акт е многу видлива и логична. Ентитетот на потрагата би можел да го има статусот на уметничко дело затоа што светот ја зголемува сопствената визија додека се одвива самата потрага. Аксиолошката содржина на проживеаната реалност со сите нејзини форми е реален настан. Уметникот не е директен учесник во овој настан, туку неговата позиција е повеќе позиција на контемплатор. Сфаќајќи ја аксиолошката смисла на овој настан во остварување, авторот не е носител на тој настан туку тој сочувствува со, и индиректно учествува во него. Оттука, оваа потрага може да се замисли не само како форма која се издолжува туку како и богата содржина – наоѓањето на предметот на потрагата е како форма на апстрактно уметничко дело кое го комплетира значењето постапно, како што потрагата се ближи кон својот крај. За формата да има естетска смисла, нејзината содржина треба да има когнитивно и естетско значење. Во оваа смисла, потрагата се протега во неколку различни правци кои ја содржат содржината, симултано создавајќи ја формата. Естетски битната форма содржи семантичка и автономна намера за живот – токму ова е намерата на Болањо – но во исто време е и практичната цел на младите поети во потрага, бидејќи нивните сопствени животи ја преземаат формата на потрагата.

Структурални техникалии

Просторната димензија на потрагата е носител на содржината и значењето. Ако треба да го разбереме делото на Болањо како одговор на социо-идеолошката состојба на Мексико во седумдесеттите години, треба да разбереме дека ликовите се директно поврзани со настаните од овој период. Поезијата и дискурсот на овие млади поети е социо-идеолошки-политички несвесен и однапред дефиниран одговор на споменатиот период. Дискурсот на Цезареа е дел од овој ист одговор на големиот мексикански контекст. Во романот, дијалогизмот потекнува од внатрешната концептуализација на истиот тој предмет и неговиот израз. Сите јазици на богата полијазичност во романот се специфични точки на гледишта, форма на вербални интерпретации кои самите се среќаваат во свеста на авторот но и на заедничко рамниште во романот. Стратификацијата на јазикот и работата која таа ја изискува претставува сатурација и колку повеќе јазичната стратификација издржува толку пошироко станува општественото милје кое го опфаќа. Авторот не ги уништува говорите на другите и не ги одрекува нивните перспективи. Тој ги користи нивните зборови во нивниот социо-идеолошки микрокосмоси кои се кријат под оркестрираната полифонија. Внатрешниот дискурс на романот бара изјава од конкретниот социјален контекст ориентиран кон целата стилска структура, кон нејзината форма и содржина. Децентрализираниот свет го наоѓа својот романескен израз и упатува кон различни социјални групи, преку тензија поврзани со други социјални групи. Создавањето е секогаш поврзано со декомпозицијата на вербалните идеолошки и стабилни системи; и како против тежа тие ја стратифицираат и ја прават структурата на романот покомпактна и уште повеќе тотализирачка. Сатурирачките елементи во „Детективите“ се толку многубројни што структурното единство е јасно бидејќи романот се состои од безбројни епизоди, места, гласови и времиња кои се преклопуваат и кои создаваат прекин во хронолошката линија, но сепак се кохерентно претставени.

Постмодернистичка нарација – внатрешен пејзаж, глобална критика

Следејќи ја артикулацијата на различни простори и места, би можеле да се сложиме со идејата на Хоми К. Баба во врска со тоа што претставува модерниот наратив.3F Роберто Болањо ги артикулира лицата на светот денес и неговите аспекти на инстант продукција. Неговиот постмодернистички стил е темелно длабок но варлив. Западните нации (како што е и претставена мексиканската, во романот) го делат овој сеприсутен но несигурен наратив и начин на живот кој овозможува „локалното“ да постане глобално. Локалните бои, посебните мексикански ликови, контекстот во кој тие цврсто се трудат да го направат нивниот живот подобар кажува повеќе за темпоралноста отколку за историчноста. Нивната форма на живот, истрајувањето низ животот, оди преку границите на „заедницата“, и станува повеќе митолошка отколку идеолошка. Наративот на нациите-држави и на широкиот постмодерен глобален свет е политички идеализиран низ претходно даден наратив, којшто авторот вешто го користи. Преку претставувањето на критички одговор кон неговата нација и минато општество, Болањо го артикулира просторот за да ни раскаже уште подлабока приказна. Продолжуваме со мислата на Баба дека „во нашата теорија за патување ние сме свесни за МЕТАФОРИЧНОСТА на народот, и дознаваме дека просторот на модерните луѓе-нации никогаш не е едноставно хоризонтален“ (Ibid. 176-177). Новиот начин на живот и постоечката побарувачка за ваков вид „дуалитет“ за време на пишувањето која се однесува на темпоралноста на претставеното кое доаѓа од културните формации (јасно означени во нашиот роман: универзитетското милје, ревиите, издавачките куќи, баровите и локалите во Мексико Сити) и социјалните процеси без стриктно центрирана причинско-последична логика. Ова е постмодерна литература во настанување.
Авторот ги инкорпорира амбивалентните и мешовитите процеси на одредено време и место во неговото пишување, кои го создаваат проблематичното и современо постмодерно искуство во западните нации. Романот изобилува со описи на главниот град, неговите згради, градските паркови, валканите улици и зачадени сокачиња. Проблематичните граници на современата состојба на постоење се преставени во ваквите амбивалентни темпоралности на националниот простор. Сопоставените различни времиња во романот се однесуваат на различните места. Некогаш истото место е дадено во различно време, на тој начин претворајќи ја големата потрага во лична потрага на младите поети, а во исто време тоа е и лична потрага на самиот автор, но и на посветениот читател. Јасно е дека сите пејзажни описи во романот служат како метафора за хаотичното но сепак структурирано значење на делото. „Честата метафора на пејзажот, како основна внатрешна карактеристика на националниот идентитет го акцентира прашањето за социјалната видливост“ – нè поучува Баба (Ibid. 200). Официјалната државна реторика е изземена од романот, но сепак можеме да ја почувствуваме суптилната критика на авторот додека ги читаме внатрешните гласови на младите поети и нивната лево ориентирана логика. „Националното време станува конкретен и видлив хронотоп на локалното, посебното, графичкото, од почетокот до крајот“ (Ibid. 180-181). Способен да го претстави локалното во време и простор, тој пренесува универзална порака дека нацијата, лишена од видливиот историцизам, станува сатурирачки симбол на модерноста, но исто така и симбол на современата културна етнографија. Границата која ја одредува суштината на нацијата го прекинува само генерирачкото време за национална креација и неговиот наратив во рамките на одреден простор, и станува простор за себепретставување. Оттука, ограничената нација станува тесна форма на претставеното општество, простор обележан од внатре од културните разлики и од хетерогените истории и тесните културни локации. Концизната слика на простор во романот ја опишува нацијата на која ѝ припаѓа и нејзиниот претходно одреден и презентиран критикуван наратив. Историскиот дискурс е растворен. Дискурсот на Цезареа во нејзиното сопствено време, простор, и социо-идеолошка средина е ставен на маргините од страна на постоечкиот режим. И потоа, хронолошки, дискурсот на младите поети е повторно маргинализиран.
Напластувањето дискурси во структурата го оддава модерниот свет како ничија земја, без посебно име или историја. Локализираниот простор во романот станува половина од светот. Моменталното единство на нацијата се состои од неотповикливи парадигми и го дислоцира тој плурален простор во еден архаичен и митски простор; новиот претставен стилизиран простор парадоксално упатува кон суштината на нацијата. На овој начин, територијата се здобива со статус на традиционализам, нешто што постмодерниот ум на Болањо деликатно се обидува да пренесе. Нашиот автор индиректно зборува за мексиканскиот традиционализам и начинот на кој тој може да биде надминат од страна на младите поети. Скрупулозните карактери се појавуваат однатре сатурирани од смислата на содржината во нивните специфични места за да ги докажат културните разлики помеѓу предвидената социо-идеолошка мексиканска држава и националниот дискурс. Болањо ни ја покажува „конфузијата од модерното живеење“. Просторот заземен од човековиот живот е местото каде животот е турнат до крајните граници. Потрагата речиси станува целосен круг но, во духот на вистинскиот постмодерен морал, станува спирала која се отплеткува.
Ставот на младите поети кон животот е несигурен и скитнички. Ако се повикаме на Бенјамин4F би заклучиле дека романот е лично место за бегство на авторот, како што тоа е поезијата за Артуро и Улисес. Да се напише роман, значи да се донесе немерливиот апсурд на човековиот живот во границите на преставувањето. Преку сатурираното претставување на празната полнотија на животот, авторот дава примери за современото живеење и длабоката конфузија, лишена од вистински одговори и решенија. На овој начин авторот создава хибриден простор на значење. И, сосема е природно дека во Западниот свет градот е таа соодветна метафора која обезбедува нови идентификации, нови социо-идеолошки движења, каде што се случува акутноста на модерното хаотично живеење. Описите на Мексико Сити и некои други градови е чиста метафора за постмодерниот начин на постоење на човештвото. Недостиг на традиционални вредности, живот на улица каде луѓето одат низ животот од ден за ден, несигурните занимања на пријателите на поетите, егзистенцијалистички прашања, потрага по среќа, себеостварување, конфузија, депресија – тоа е глобалната слика на обединувачкото место.
Мишел Фуко5F ја анализира идејата во која нашето време е време на простор, на симултани дејства и настани, на спротивставеност на сè и секого. Западниот животен стил и глобалните социо-идеолошки-уметнички идеологии во моментов се случуваат во целосна дисперзија. Денес, преместувањето ја заменува просторноста. Локацијата е дефинирана преку блискоста на хетерогени елементи со заеднички карактеристики. Проблемот на местото е анализиран преку социо-идеолошките заеднички дејства на луѓето. „Се наоѓаме себеси во време каде просторот се наоѓа во формата на различни поврзани локации“ (Ibid. 35). Нашите локализирани и персонализирани простори се простори на површни значења, исполнети со тесно поврзани фантазми, темни места, и од „интелектуални“ или „духовни“ моментални искуства. Типизираниот но сепак прилагоден простор е артикулиран во „Детективите“. Би можеле да се послужиме со зборовите на Бенјамин на кого Фуко се повикува (Ibid. 190-192): „просторот во кој живееме, кој нè влече надвор од нас самите, каде се случува ерозијата на нашето време, на нашето време и на нашата историја, овој простор кој нè кородира и кој нè разорува, е сам по себе хетероген простор“. Романот е вистински конгломерат од простори, активни со различни сили, различни средини и задушливи милеа. Еден од проблемите развиен во „Детективите“ е токму тоа – недостатокот од значење во нашите повеќекратни инстантни западни општества. Тука би можеле да го употребиме терминот кој Фуко го предлага – „хетеротипии“ за да укажеме на стилот на артикулација на конкретните места во романот (Ibid. 37). Овој поим се однесува на симултан митски но и реален сомнеж во просторот во кој живееме. Овие хетеротипични места се места на девијација од нормата. Ова се местата каде младите поети живеат и се движат. И местото на живеење на Цезареа е пример за хетеротипија. Тоа е далечно, скриено, невообичаено и нетипично. Тоа е тоа затворено место, кое сопоставено на специфичното реално место прави еден вид оксиморонско единство од различни локациски елементи, сами по себе некомпатибилни. Не можеме да си допуштиме да заборавиме дека овие места се оптоварени со нивните сопствени приказни и истории, од претходно зададени социо-идеолошки политики. Сите овие аспекти на различните места инкорпорирани во хетеротипијата се артикулирани преку пишувањето на Болањо. Хетеротипијата почнува целосно да дејствува кога луѓето се наоѓаат во еден вид апсолутен прекин со нивното традиционално време. Традиционалното време на симултани настани е нарушено од одлуката да се прекине „баналниот“ живот во Мексико Сити и да се замине на непредвидлива потрага. Распрашувањата на младите поети при потрагата е доказ за нивното напуштање на општеството. Внатре во потрагата, поетите функционираат во нивниот сопствен хронотоп. Потрагата е начин да се најдат одговори преку исклучување. Хронотопите или создаваат простор на илузии кој го покажува реалниот простор како уште повеќе илузорен, или создаваат друг вид реален простор кој станува посовршен, толку добро организиран колку што е нашиот несреден, лошо организиран и конфузен (Ibid. 40). Младите поети бараат идеализиран простор (оној во кој се наоѓа Цезареа) и веруваат дека ова место е организирано и совршено за разлика од придушените, смрдливи улици на главниот град, на европските градови, и места на несигурност и очај. Другиот крај на карактеризацијата на Фуко е самата потрага – другиот апсолут. Потрагата настанува како што читателот ја следи приказната; оттука потрагата се случува околу одредени принципи, и е организирана и структурирана, спротивно на просторот на западниот град полн со нејаснотии.

Онтолошката вредност на потрагата – мета метафора

Сите дејства на младите поети покреваат дистрибуција на принципи помеѓу значењето на содржината на даден акт и историската реалност на субјектот, на неговото единствено емпириско искуство. Единствено уникатниот акт во неговата целост и автентичната реалност учествуваат во бититето-настан, и неизбежно тоа Е.6F Ако настанувањето значи дека „тоа е“ тогаш би можеле да кажеме дека актот на барање е акт на креација, дека патувањето во име на откривање е истиот акт како пишувањето во име на спознавањето, па така самата потрага станува поезија и сопствена поетика. Би можеле да ја сметаме особеноста на поетскиот акт како битие во настанување. Актот на моралното битие-во-настанување би се состоел од тоа да се локализира посебниот живот во мисловен, можен, замислен свет. Но, во принцип, замислениот свет е само конститутивен дел од реалниот свет. Нашите дејства можат да се ориентираат според оваа тензија од дијаметрални полови каде односот помеѓу мислата и реалноста е реципрочен. Постои еден вид идентификација помеѓу одговорниот акт на спознавање и посебното битие-во-настанување. Оттука, особено близок однос постои меѓу мислата и поезијата, односно актот на создавање поезија и актот на спознавање, актот на пишување, и актот на бивање присутен во специфичниот момент додека се патува, разгледува, се бара за да се спознае. Актот на донесување одлука за заминување е одговорен акт каде сите учесници (младите поети и нивната адолесцентна одговорност) се ставени во движење од новиот акт на спознание. Она што тие навистина го прават е да се постават себеси во самиот акт каде вистинското спознание и вистината можат да бидат сознаени. Така, младите поети влегуваат во еден вид маѓепсан круг – треба да излезат од Мексико Сити за да можат да пишуваат, мора да пишуваат за да бидат способни да го напуштат местото.

Заклучок

Просторот и посебните места се во однос со културата. Културните вредности се вредности сами по себе, a одговорноста паѓа на живата свест да се организира според нив, да го потврди она што тие се, бидејќи, на крајот, свеста има иста вредност како и спознанието. Во овој роман се соочуваме со повеќекратни совести: онаа на изгубената поетеса и нејзините современици – значи, посебна мексиканска свест во конкретно време. Потоа доаѓаат свестите на Артуро и Улисес и широкиот спектар дневници и писма на вице-реалистите и нивните пријатели кои ги оддаваат нивните лични мисли за животот, нивните врски со младата генерација авангардни поети во Мексико Сити во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Проживеаното искуство и емотивните и волеви аспекти го наоѓаат нивното единствено преку тоталитетот на културата, бидејќи културата во нејзиниот тоталитет е составен дел од единствениот контекст и настан на нашиот живот. Секоја универзална вредност станува вистински валидна во уникатен контекст. Оттука, романот на Болањо го сатурира значењето и сопствената структура бидејќи неговата лична глобална култура е таа која е претставена. Потрагата по разбирање, по спознание, по потребата за пишување станува целосно битие дадено во одреден момент, како што е потребата за постојано пишување, односно патување. Прифаќањето на културата, поради тоа што доаѓаме од неа, е акт на прогласување на сопственото учество преку нејзино отфрлање и заземање дистанца од неа. Пишувањето и следењето на целта стануваат одговорни акти; тие стануваат акти на индивидуализација. Оттука важноста на потрагата се здобива со онтолошка мега-димензија на романот.
При разгледувањето на односите помеѓу просторот, времето и битието во настанување, би можеле да ја аплицираме идејата на Борхес7F кој смета дека работата и животот се во дефинитивен однос на коинциденција каде круговите на времето, просторот и битието се трудат да се најдат себеси. Географијата во романот е конститутивна во однос на целоста на содржината, подеднакво бивајќи креативното средство на романескната форма, како што временскиот синџир е неделив од просторната димензија. Одредена особена меморија е содржината на секое писмо и секоја страна од интимните дневници. Сите ликови се создадени почнувајќи од нивната меморија. Културната рамка е претставена преку прикажувањето на географскиот номадизам. Според Борхес, естетската реакција е родена од илузорното чувство на бидување еден единствено кога се случува средбата со другиот.
На модернизмот му го должиме чувството на светска конфузија и алиенација, иако сега живееме во поорганизирана но уште поконфузна постмодерна ера. Поради модернизмот, сè се има сменето во мешавина од несигурности и стравови. Затоа денес се обидуваме значењето да го најдеме на еден тилку несмасен начин. Структурата на синтетичка декомпозиција на еден главен настан, раскршена на многу дузини лични исповеди, заедно со суптилната критика на сегашниот збунет свет, го прави овој роман ремек-дело на современата литература. Потекнувајќи од модернистичкиот стил, но заземајќи уште посовремен израз „Дивите детективи“ нуди тотализирачко и единствено искуство и ги поставува суштинските прашања за нашиот свет и време.

Библиографија:

1. Baba, Homi. K. “Dissemination: time, narrative and the margins of the modern nation”. Соња Стојменска Елзесер. Едиција Хрестоматии, Теории на Другоста, Скопје, Евро Балкан Прес, Менора, 2007
2. Bachtin, Michail. “The time Unity of the Hero (the Problem of the Inner Man – the Soul)”. Соња Стојменска Елзесер. Едиција Хрестоматии, Теории на Другоста, Скопје, Евро Балкан Прес, Менора, 2007
3. Bakhtine, Mikhaïl. Esthétique et théorie du roman. Paris : Coll. Tel, Gallimard, 1978
4. Bakhtine, Mikhaïl. Pour une philosophie de l’acte. Lausanne, Suisse: Editions L’Age d’Homme, 2003
5. Borges, Jorge Luis. L’art de poésie. Coll. Arcades. Paris : Gallimard ; 2004
6. Borges, Jorge Luis. Enquêtes, traduit de l’espagnol par Paul et Sylvia Bénichou. NRF. Paris : Gallimard, 1974
7. Borges, Jorge Luis. La jouissance littéraire, traduit de l’espagnol par Jean Pierre Berrés. Paris : La Délirante, 1991
8. Entretiens sur la poésie et la littérature suivi de quatre essais sur Jorge Luis Borges. NRF. Paris : Gallimard, 1990
9. Le Goff, Marcel ; Jorge Luis Borges, L’Univers, la lettre et le secret, préface de Michel Lafon. Paris : L’Harmattan, 1999
10. Todorov, Tzvetan. Mikhaïl Bakhtine le principe dialogique suivi des essais du Cercle de Bakhtine. Coll. Poétique Paris: Editions du Seuil, 1981
11. Фуко, М. „За Другите простори – хетеротипии (167)“; Аспекти на Другоста. Иван Џепароски. Едиција Хрестоматии, теории зџа Другоста; Скопје, Евро Балкан Прес, Менора, 2007, 33

#b
1. Бахтин, Михаел. „Временското единство на Херојот (Проблемот со внатрешниот Човек – душата“. Аспекти на Другоста. Соња Стојменска Елсезер. Едиција Хрестоматии. Теории на Другоста. Скопје. Евро Балкан Прес, Менора, 2007. 19
2. Esthétique et théorie du roman ; Coll. Tel, Gallimard ; 1978
3. Баба, Хоми К. „ДисемиНација: време, наратив и маргините на современата нарација“. „Аспекти на Другоста“; Соња Стојменска – Елзесер. Издание: Хрестоматии, теории на Другоста. Скопје. Евро Балкан Прес. Менора, 2007. 175
4. Во споменатата студија Хоми К. Баба се повикува на Бенјамин. Соња Стојменска Елзесер. Едиција Хрестоматии, Теории на Другоста, Скопје, Евро Балкан Прес, Менора, 2007
5. Фуко, М. „За Другите простори – хетеротипии (167)“; Аспекти на Другоста. Иван Џепароски. Едиција Хрестоматии, теории зџа Другоста; Скопје, Евро Балкан Прес, Менора, 2007, 33
6. Bakhtine, Mikhaïl. Pour une philosophie de l’acte. Lausanne, Suisse : Editions l’Age d’Homme, 2003
7. Le Goff, Maral. Jorge Luis Borges, L’Univers, L’être, Le secret préface de Michel Lafon. Paris: L’Harmattan, 1999

АвторНиколина Стојанова
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 84|