Бернис ја крати косата

/, Литература, Блесок бр. 84/Бернис ја крати косата

Бернис ја крати косата

Во сабота навечер, штом паднеше мрак, од првото поле на теренот за голф можеше да се види жолтилото од прозорците на кантри-клубот врз мошне црн и брановит океан. Брановиве од океанов, ако може така да се каже, беа главите на многубројните љубопитни носачи, неколкумина од досетливите шофери, глувата сестра на професионалниот голфер – а како по обичај имаше и неколку залутани, срамежливи бранчиња кои што да сакаа ќе се извалаа внатре. Тоа беше галеријата.
Балконот беше во внатрешниот дел. Се состоеше од плетени столчиња во круг, кои ја обрабуваа просторијата за состаноци и танцување. Саботниве игранки беа главно женски; силен џагор од средовечни дами со проникливи очи и ледени срца зад биноклите и бујните гради. Главната функција на балконот беше пресудна. Одвреме-навреме нерадо ќе покажеше почит, но не и одобрување, зашто дамите над триесет и петтата добро знаат дека кога младиот свет танцува на лето, тоа го чини со најлоши можни намери, и ако не се бомбардирани од строги погледи, занесените двојки варварски би заиграле по ќошињата, а попопуларните, поочиклените девојки понекогаш би добивале бакнежливо паркираните лимузини на наивните госпоѓи.
Но, и покрај сè, пресудниов круг не е доволно близу до сцената за да ги види лицата на актерите и да ја долови заткулисната игра. Единствено може да се намурти или поднаведне, да постави по некое прашање и да извади задоволителни заклучоци од збирот постулати, како што е оној кој вели дека секој добро ситуиран млад маж води живот на гонет дивеч. Нема разбирање за драматичноста на променливиот, полусуров свет на адолесценцијата. Не; ложата, оркестарот, солистите и хорот го претставуваат мешавина од лица и гласови кои се нишаат на таговниот африкански ритам од танцовиот оркестар на Даер.
Од шеснаесетгодишниот Отис Ормонд, кој има уште две години на училиштето Хил, до Џ. Рис Стодард, над чие биро дома виси диплома по право од Харвард; од малечката Медлин Хог, чија косичка сè уште изгледа чудно и неугодно на главчето, до Беси Мекри, која веќе предолго е во центарот на вниманието на забавите – повеќе од десет години – мешавината не е само центарот на сцената, туку ги содржи и единствените луѓе кои имаат непречен поглед кон неа.
Музиката запира со фанфари и тропот. Двојките разменуваат вештачки, неизнасилени насмевки, шеретски потпевнуваат „ла-ди-да-да дум-дум“, а потоа баботењето на младите женски гласови го надвишува напливот на аплаузот.
Неколкумина разочарани самци кои се најдоа насред подиумот орни да заиграат, се повлекоа кроце до ѕидот, затоа што ова не беа оние бурни божиќни игранки – летниве журови ги сметаа само за пријатно топли и возбудливи, каде што дури и младите брачни парови стануваа и играа прастари валцери и ужасен фокстрот, а нивните помали браќа и сестри трпеливо ги гледаа со потсмев.
Ворен Мекинтаер, кој лежерно си студираше на Јејл и беше еден од несреќните самци, посегна во џебот од палтото по цигара и се прошета до широката, полумрачна веранда, каде што двојките беа раштркани по масите, исполнувајќи ја ноќта под фенери со празни зборови и магличава смеа. Тук-таму им кимаше на помалку задлабочените и како што ја поминуваше секоја двојка, на ум ќе му надојдеше некоја полузаборавена одломка од приказна, зашто градот не беше голем и секој за секого знаеше сè. Таков беше случајот, на пример, со Џим Стрејн и Етел Деморест, коишто беа тајно посвршени три години. Сите знаеја дека штом Џим успее да задржи една работа повеќе од два месеца, таа ќе го земе за маж. А сепак изгледаше како двајцата да умираат од досада, а Етел понекогаш толку мачно ќе го погледнеше Џим, како да се чудеше зошто ги потрошила никулците на својата љубов на таква ветрум соголена топола.
Ворен имаше деветнаесет години и беше прилично сожалив кон другарите кои не отишле на исток на колеџ. Но, како и повеќето момчиња, на големо се фалеше за девојките од својот град кога не беше во него. Тука беше Женевјев Ормонд, која редовно ги посетуваше игранките, куќните забави и рагби натпреварите на Принстон, Јејл, Вилијамс и Корнел; па црнооката Роберта Дилон, која беше подеднакво позната на својата генерација како и Хирам Џонсон и Тај Коб; и секако, Марџори Харви, која и покрај тоа што имаше лице како извадено од бајка и јазик што заслепува и збунува, веќе со право се имаше прославено откако на последниот топук-налан жур во Њу Хејвен направи пет ѕвезди по ред.
Ворен, којшто имаше пораснато карши Марџори, одамна „ѝ го имаше меракот“. Понекогаш се чинеше дека таа му возвраќа на чувствата со бледа благодарност, но го имаше подложено на нејзиниот непогрешлив тест и мртва-ладна му соопшти дека не го сака. Тестот ѝ беше, кога не е со него да го заборави и да се плетка со други момчиња. За Ворен ова беше обесхрабрувачки, особено бидејќи Марџори цело лето си шеткаше, а првите два-три дена после секое нејзино враќање на масичето во ходникот на семејството Харви гледаше цели купчиња писма упатени до неа, со разен машки ракопис. Да биде работата уште полоша, цел август на гости ѝ беше братучетка ѝ Бернис од О Клер и беше речиси невозможно да ја начека насамо. Требаше цело време да бара жртви што би ја занимавале Бернис. А како што си врвеше август, стануваше сè потешко и потешко.
Колку и да ја обожаваше Марџори, Ворен мораше да признае дека братучетка ѝ Бернис не ја бива ни за лек. Беше убава, со темни коси и румена, ама човек за забави не беше. Секоја сабота навечер усилено ќе одиграше еден мачен танц со неа за да ја задоволи Марџори, но ниеднаш не му беше интересно во нејзино друштво.
„Ворене“ – му ги прекина мислите еден нежен глас од кај лакотот, па кога се сврте ја виде Марџори, вцрвенета и озарена како и обично. Му положи рака на рамо, а него речиси незабележливо го облеа руменило.
„Ворене,“ прошепоти, „заиграј со Бернис, за моја љубов. Заглави со малион Отис Ормонд еве веќе цел саат.“
Руменилото на Ворен го снема.
„Па… добро, ајде,“ рече со половина уста.
„Не ти пречи, нели? Ќе гледам да не заглавиш.“
„Немај гајле.“
Марџори се насмевна – насмевка што беше повеќе од благодарам.
„Срцка си, голем должник сум ти.“
Срцката воздивна и погледна накај тремот, но Бернис и Отис ги немаше никаде. Се врати внатре, а таму, пред женската соблекувална го најде Отис среде група момчиња липсани од смеа. Отис беше размавтан со една штица што ја беше собрал и речито беседеше.
„Отиде да си ја среди фризурата,“ нервозно му соопшти. „Ја чекам, имаме уште цел саат за играње.“
Смеата одново ги зафати.
„Што не ѝ се пушти некој од вас, а?“ викна Отис подналутено. „Сака разновидност.“
„Ама Отис,“ му предочи еден другар, „па ти уште не си се ни навикнал на неа.“
„Што си зел даска бе Отис?“ праша Ворен усмевнат.
„Даска? А, ова? Ова е палка. Кога ќе излезе ќе ја акнам по глава и ќе ја втерам пак назад.“
Ворен клапна на еден диван и рикаше од смеа.
„Батали, Отис,“ конечно проговори. „Овој пат јас ќе те заменам.“
Отис се преправи божем ќе се онесвести и му ја предаде палката на Ворен.
„Ако ти затреба, брат,“ рече зарипнато.
Колку и да е убава и паметна една девојка, ако ја бие глас дека не ѝ се додворуваат често, на игранка ќе биде никаква. Веројатно на момците им е помило во нејзино друштво отколку со кокошкине што ги играат по десетина пати вечерта, но младината на оваа, со џез задоена генерација има нескротлив темперамент, па помислата да играат повеќе од еден цел фокстрот со една иста девојка им е невкусна, дури гадна. Кога станува збор за повеќе танци и паузата меѓу нив, може да биде начисто сигурна дека момчето, штом некој ќе го замени, веќе нема да ѝ гази по немирните ножни прстиња.
Ворен целосно го одигра наредниот танц со Бернис и конечно, благодарен за паузата, ја одведе до една маса на тремот. Кратко настапи молк, а таа изведуваше невпечатливи нешта со лепезата.
„Овде е потопло од О Клер,“ рече.
Ворен воздивна и кимна. И да било така, ниту знаеше, ниту му беше гајле. Мрзеливо се прашуваше дали таа е лоша собеседница затоа што никој не ѝ обрнува внимание или пак никој не ѝ обрнува внимание затоа што е лоша собеседница.
„Ќе поседиш тука уште некое време?“ ја праша и прилично се зарумени. Би можела да се посомнева зошто ја прашува.
„Уште една недела,“ му одговори и му се вџари како на нож да ја чекаше следната забелешка од неговата уста.
Ворен се размрда. Потоа, со ненадеен милозлив порив реши врз неа да испроба дел од својот репертоар. Се заврте и ја погледна в очи.
„Устава ти е само за љубење,“ започна тивко.
Оваа забелешка понекогаш им ја кажуваше на девојките на факултетските игранки, кога говореа барем приближно тапо како таа сега. Бернис видно подрипна. Се вцрви недостоинствено и стана несмасна со лепезата. Никој порано не ѝ беше рекол такво нешто.
„Безобразник“ – ѝ се испушти уште пред да сфати, па си ја гризна усната. Предоцна беше кога реши да си поигра и кога му сложи збунета насмевка.
Ворен се подналути. Иако ненавикнат забелешкава да му ја сфаќаат сериозно, сепак обично ќе измамеше по некоја насмевка или некој шеретски збор. А мразеше да му велат безобразник, освен на шега. Милозливиот порив му згасна, па ја смени темата.
„Џим Стрејн и Етел Деморест си дремат ко и обично,“ прокоментира.
Ова повеќе ѝ лежеше на Бернис, но благото каење ѝ се измеша со олеснувањето од промената на темата. Мажите не ѝ зборуваа за усти за љубење, но знаеше дека на другите девојки им зборуваат слично.
„А, да,“ рече и се насмевна. „Слушам дека со години си тераат без скршен денар. Лудило, нели?“
Ворен уште повеќе се згрози. Џим Стрејн беше близок другар на брат му, но и онака сметаше дека е неумесно да се исмејуваат луѓето само затоа што немаат пари. Но Бернис немаше намера да исмејува никого. Таа само имаше трема.

II

Кога Марџори и Бернис стигнаа дома половина час по полноќ си рекоа ‘добра ноќ’ на крајот на столбиштето. Иако братучетки, не беа блиски. Всушност, Марџори воопшто немаше присни друшки – девојките ги сметаше за глупави. Бернис, напротив, за целото време на посетата договорена од родителите копнееше да размени такви тајни зачинети со кикотења и солзи, за кои сметаше дека се нужен фактор во сите женски општења. Но во овој поглед Марџори ѝ изгледаше премногу ладна; кога зборуваше со неа ја чувствуваше истата тешкотија како кога зборуваше со мажи. Марџори никогаш не се кикотеше, не се плашеше, ретко се срамеше, и всушност поседуваше многу малку од квалитетите коишто Бернис ги сметаше за исклучиво и благодатно женствени.
Дури Бернис се расправаше со четкичката за заби и пастата, ноќта по стоти пат се запраша зошто никој никогаш не ѝ обрнува внимание кога е далеку од дома. Тоа што нејзиното семејство беше најбогато во О Клер, тоа што мајка ѝ пречекуваше многу гости, ѝ правеше вечерички на ќерка ѝ пред секоја игранка и ѝ купи кола за да се вози натаму-наваму, не ѝ паѓаше на памет како фактор за социјалниот успех во родниот град. Како и повеќето девојки, имаше израснато со топлото млекце на Ени Фелоус Џонстон и романите во кои женскиот лик беше обожуван поради одредени загадочни женствени квалитети, везден спомнувани, но никогаш изложени.
Бернис почувствува мала нелагодност што во моментот не се трудеше да биде популарна. Не знаеше дека, да не беше лобирањето на Марџори, цела вечер ќе танцуваше со истиот маж; но знаеше дека дури и во О Клер многу повеќе врева се креваше за девојките од пониска класа и со помала личотија. Го припишуваше ова на некоја суптилна безобѕирност во тие девојки. Никогаш тоа не ја загрижуваше, а и да ја загрижеше, мајка ѝ ќе ја увереше дека другите девојки си ја снижуваат цената и дека мажите искрено ги ценат девојките како Бернис.
Го изгаси светлото во бањата, и во дел од секундата реши да влезе и да помуабети малку со тетка ѝ Џозефин, чиешто светло сè уште гореше. Меките топлинки ја однесоа бесшумно по килимот во ходникот, но откако слушна гласови однатре подзастана до подотворената врата. Си го слушна името, и без ни најмала намера да прислушува се вкопа в место – а темата на разговорот внатре ѝ ја прободе свеста остро, небаре со игла.
„Ѝ нема чаре нејзе!“ Беше тоа гласот на Марџори. „Знам што ќе речеш. Толку луѓе ти изнакажале колку е убава и фина и дека знае да готви! И што од тоа? Пак лошо си поминува. Ниеден маж не ја сака.“
„И што од ронка евтина популарност?“
Госпоѓа Харви звучеше подналутено.
„Сè, кога имаш осумнаесет години,“ категорично рече Марџори. „Дадов сè од себе. Бев љубезна и ги терав мажите да танцуваат со неа, но и тие не сакаат да им биде досадно. Кога ќе ми текне на она красно руменило што Господ го потрошил на таа гуска, и што сè би можела да стори Марта Кери со него… уф!“
„Во денешно време учтивоста е ретка.“
Гласот на госпоѓа Харви имплицираше дека денешните прилики се премногу за неа. Кога беше девојче, сите млади дами кои беа од фини семејства си поминуваа преубаво.
„Па,“ рече Марџори, „нема девојка што цело време ќе му биде потпора на секој здрвен гостин, затоа што денес секоја си гледа за себе. Дури и се обидував да ѝ дадам по некој совет за облека и за разни работи, а таа збеснуваше и ме гледаше попреку. Доволно е паметна да знае дека не добива многу, но сигурно се теши со тоа што си мисли дека е многу доблесна, а дека јас сум премногу лекомислена и нестабилна и дека неславно ќе завршам. Сите непопуларни девојки мислат така. Гладни кокошки просо сонуваат! Сара Хопкинс нè смета мене, Женевјев и Роберта за шмизли. Сигурна сум дека би дала десет години од животот и европското образование за да биде шмизла, да има три-четири мажи вљубени во неа, а на игранките да ѝ се додворуваат на секој чекор.“
„Ми се чини,“ ја прекина госпоѓа Харви со доза на замор, „дека треба да направиш нешто за Бернис. Знам дека не е многу темпераментна.“
Марџори офна.
„Темпераментна! Бог да чува! Не сум ја чула да каже било што на машко, освен дека е топло или дека има премногу луѓе на подиумот или дека ќе учи во Њујорк догодина. Понекогаш ги прашува каква кола имаат, а им кажува и каква има таа самата. Да пукнеш од возбуда!“
Настана кратка тишина, а потоа госпоѓа Харви продолжи со беседата:
„Знам само дека девојки што немаат ни половина од нејзината добрина и привлечност си имаат партнери. Еве, на пример Марта Кери е крупна и гласна, а мајка ѝ е простодушна до немајкаде. Роберта Дилон е толку слаба годинава што Аризона ќе да е вистинското место за неа. Танцува дури не папса.“
„Ама, мајко,“ нестрпливо се побуни Марџори, „Марта е ведра и неверојатно духовита, а и шерет девојка е, а Роберта е извонредна танчарка. Отсекогаш била популарна!“
Госпоѓа Харви се проѕевна.
„Мислам дека е до лудана индијанска крв во Бернис,“ продолжи Марџори. „Можеби си влече некои карактеристики. Индијанките везден си седеле и си ќутеле.“
„Легни си, будалче,“ се насмеа госпоѓа Харви. „Немаше да ти го кажам тоа да знаев дека ќе го запамтиш. А мислам дека повеќето твои идеи се сосем идиотски,“ поспано заврши.
Одново настана тишина, а Марџори размислуваше дали вреди да ја убедува мајка си. Луѓето над четириесеттата ретко кога може цврсто да се убедат во било што. На осумнаесет години убедувањата ни се ридови од кај што простираме поглед; на четириесет и пет се пештери во коишто се криеме.
Штом го заклучи ова, Марџори рече добра ноќ. Кога излезе, ходникот беше наполно празен.

III

Додека утредента Марџори доцна појадуваше, Бернис влезе во собата со едно прилично формално „добро утро“, седна отспротива, строго ја загледа и си ги подлизна усните.
„Што си наумила?“ запраша Марџори, по малку збунета.
Бернис подзастана пред да испука рафално.
„Чув што ѝ рече на мајка ти за мене сношти.“
Марџори беше затечена, но лицето само незначително ѝ се зацрвени, а гласот ѝ беше прилично сталожен кога говореше.
„Каде беше ти?“
„Во ходникот. Немав намера да ве слушам – на почетокот.“
Откако несвесно ја погледна со доза на презир, Марџори ги спушти очите и живо се заинтересира да избалансира една одлетана житна снегулка на прстот.
„Тогаш подобро да си се вратам во О Клер – штом сум толкава напаст.“ Долната усна на Бернис силно трепереше и со непостојаност во гласот продолжи: „Се обидов да бидам фина, а–а првин бев занемарена, а потоа и навредена. Никој мене не ми дошол на гости, а да добие таков третман.“
Марџори молчеше.
„Пречам, знам. Товар сум ти. Твоите пријатели не ме сакаат.“ Подзапре, па се присети на уште една поплака. „И нормално дека ти бев лута минатата недела кога се обиде да ми укажеш дека фустанот ми е неприкладен. Мислиш дека не знам да се облечам?“
„Да,“ промрмори Марџори ни со пола уста.
„Што?“
„Не ти укажав ништо,“ отсече Марџори. „Колку што се сеќавам, реков дека е подобро да носиш еден прикладен фустан трипати по ред, отколку да го менуваш со две грдосии.“
„И мислиш дека е убаво да се каже такво нешто?“
„Не се ни трудев да биде убаво.“ Потоа, по кратка пауза: „Кога сакаш да си одиш?“
Бернис нагло зеде здив.
„Ах!“ Беше тоа едно полу-крикче.
Марџори изненадено ја подигна главата.
„Нели рече дека ќе си одиш?“
„Да, ама…“
„Значи ме мавташе!“
За момент зјапаа една во друга преку масата за појадок. Мрежи се плетеа пред очите на Бернис, а лицето на Марџори го имаше оној крут израз кој го правеше кога поднапиените студенти ѝ се додворуваа.
„Значи ме мавташе,“ повтори, како да е нешто што го очекувала.
Бернис призна со тоа што фати да плаче. Во очите на Марџори се наѕираше досада.
„Братучетка си ми,“ липаше Бернис. „Ти дојдов в-в-во посета. Требаше да останам цел месец, а ако се вратам дома мајка ми ќе знае и ќе се ч-чуди…“
Марџори почека дури поројот испрекинати зборови не се претвори во кратки потшмркнувања.
„Ќе ти го дадам џепарлакот што ми е за месецов,“ рече ладно, „и последнава недела можеш да одиш каде сакаш. Има еден многу убав хотел…“
Липањата на Бернис заличеа на тонови од флејта, и нагло станувајќи излета од собата.
Еден час подоцна, додека Марџори беше во библиотеката, задлабочена во пишување на оние необврзни, чудесно двосмислени писма што може да ги напише само млада девојка, Бернис одново се појави, жар-црвена во очите и свесно смирена. Не ја ни погледна Марџори, туку си зеде една книга по случаен избор од полицата и седна, божем чита. Марџори изгледаше задлабочена во писмото и продолжи да пишува. Кога часовникот покажа пладне, Бернис отсечно ја затвори книгата.
„Тогаш поарно јас да си купам карта за воз.“
Говорот што го имаше извежбано горе не почнуваше вака, но бидејќи Марџори не ѝ ги читаше знаците – не ја убедуваше да биде разумна; дека сè ова е грешка – тоа беше најдобриот вовед што можеше да го срочи.
„Почекај да го завршам писмово,“ рече Марџори без да се обѕрне. „Сакам да го пратам со следната пратка.“
По уште една минута во која нејзиното пенкало вредно шараше, се заврте, опуштена, со став кој велеше „ти стојам на располагање“. И повторно Бернис мораше да прозбори.
„Сакаш да си одам дома?“
„Па,“ рече Марџори замислено, „ако не ти е убаво овде, поарно да си одиш. Со сила убавина не бидува.“
„Не мислиш дека некоја основна култура…“
„Еј, те молам не ми ја цитирај ‘Женички’!“ нестрпливо извика Марџори. „Демоде е.“
„Мислиш?“
„Па фала Богу! Која денешна девојка ќе ти живее како простине женчиња?“
„Тие им биле пример на нашите мајки.“
Марџори се насмевна.
„Како да не, пример! Освен тоа, нашите мајки си ја знаеле работата, но не знаат баш многу за проблемите на ќерките.“
Бернис се подисправи.
„Те молам немој да ја спомнуваш мајка ми.“
Марџори се насмевна.
„Мислам дека не ја спомнав.“
Бернис почувствува дека Марџори ја оддалечува од темата.
„Мислиш дека коректно се однесуваше со мене?“
„Колку што можев. Ти ни се тераш, ни се водиш.“
Очните капаци на Бернис се зацрвенија.
„Мислам дека си груба и себична и дека немаш ништо женствено во тебе.“
„Господи Боже!“ извика Марџори во очај. „Тикво една! Таквите како тебе се одговорни за сите здодевни, анемични бракови; за сите одвратни недоделканости што проаѓаат како женствени квалитети. Каков ли само шамар е за еден маж со богат дух да се ожени за прекрасното купче алишта што го идеализирал, само за да дознае дека таа е една млитава, лигава, кукавичка каша од извештаченост!“
Устата на Бернис се подотвори.
„Женствената жена!“ продолжи Марџори. „Целата младост ѝ е преокупирана со кукање за девојките како мене што навистина се забавуваат.“
Вилицата на Бернис паѓаше сè повеќе со повишувањето на гласот на Марџори.
„Можам да разберам грда девојка да цмиздри. Да бев непоправливо грда, никогаш немаше да им простам на моите родители што ме донеле на овој свет. Но ти што си родена без никаков хендикеп…“ Марџори го стегна тупаничето. „Ако мислиш дека ќе плачам со тебе, ќе се разочараш. Или оди си, или остани, како сакаш.“ Си ги прибра писмата и излезе од собата.
Бернис се пожали на главоболка и не присуствуваше на ручекот. Попладнето требаше да бидат на матине, но главоболката не попушташе, па Марџори мораше ова да му го објасни на едно не многу натажено момче. Но кога се врати доцна попладнето ја затекна Бернис со необично сталожено лице, како ја чека во нејзината спална соба.
„Заклучив,“ започна Бернис без некој вовед, „дека можеби си во право за некои работи – а можеби и не си. Но ако ми кажеш зошто на твоите пријатели не сум – не сум им интересна, ќе видам дали ќе правам како што ќе ми кажеш.“
Марџори стоеше крај огледалото и си ја распушташе косата.
„Сериозна си?“
„Да.“
„Сигурно? Ќе правиш сè како што ќе ти кажам?“
„Па, сега…“
„Нема ‘па’! Ќе правиш ли како што ќе ти кажам?“
„Ако се разумни работи.“
„Не се! Не си ти за разумни работи.“
„Дали ќе ме – ќе ми препорачаш–“
„Да, сè. Ако ти кажам да одиш на часови по бокс, ќе одиш. Пиши ѝ дома на мајка ти дека остануваш уште две недели.“
„Барем да ми кажеше–“
„Вака сега… да ми ти дадам неколку примерчиња. Прво, не си природна. А зошто? Затоа што не си сигурна во својот личен изглед. Кога една девојка знае дека е средена и дотерана од глава до пети, може да заборави на тој дел од себе. Тоа ти е шарм. Колку повеќе делови од себе можеш да заборавиш, толку повеќе шарм имаш.“
„Што, не изгледам добро?“
„Не; на пример, веѓите никогаш не ти се средени. Црни ти се и сјајни, но ако ги запоставиш се жива грдотија. А ќе ти бидат прекрасни да им посветуваш една десеттина од времето што го трошиш залудно. Ќе си ги четкаш за да ти пораснат како што треба.“
Бернис зачудено ги подигна веѓите.
„Сакаш да кажеш дека мажите ги забележуваат веѓите?“
„Да, потсвесно. А кога ќе си одиш дома, треба да си ги потсредиш и забите. Едвај се гледа, ама сепак…“
„Ама јас си мислев,“ ја прекина Бернис збунето, „дека презираш такви ситничарски женски работи.“
„Мразам ситничарски умови,“ одговори Марџори. „Но во живо, девојката мора да е ситничар. Ако изгледа ко кукла, може да зборува за Русија, пинг-понг или за Лигата на народите и пак да се извлече.“
„Што друго?“
„Их, тек сум на почеток. Твоето танцување, на пример.“
„Не танцувам убаво?“
„Не, воопшто – му се навалуваш на машкото; да-да, сосема малку. Те забележав додека танцувавме вчера. И танцуваш исправена ко сукало, наместо да се поднавалиш. Веројатно некоја старица отстрана ти има кажано дека така изгледаш многу достоинствено. Но освен со многу малечка девојка, многу потешко е за машкото, а тој е тој што е важен.“
„Продолжи.“ На Бернис ѝ вриеше.
„Мораш да научиш да бидеш фина со мажите што се жални врби. Изгледаш навредено кога играш со кој и да е освен со најпопуларните момчиња. Бернис, мене ми се пуштаат на секој чекор – и тоа кој најмногу? Баш тие жални врби. Ниедна девојка не смее да си дозволи да ги игнорира. Нив најмногу ги има на секоја игранка. Младите момци кои се срамат да зборуваат се најдобра вежба за разговор. Несмасните момци се најдобра вежба за танцување. Ако можеш да ги следиш, а сепак да изгледаш грациозно, можеш и ѓаволот да го фатиш за рогови.“
Бернис длабоко воздивна, но Марџори не беше готова.
„Ако си на игранка и навистина знаеш да развеселиш, да кажеме, три жални врби што танцуваат со тебе; ако им правиш толку добар муабет што ќе заборават дека заглавиле со тебе, тогаш си направила нешто. Ќе се вратат и наредниот пат и со тек на време толку многу жални врби ќе сакаат да танцуваат со тебе што атрактивните момци ќе видат дека нема никаква опасност да заглават – и тогаш и тие ќе танцуваат со тебе.“
„Да,“ со половина уста се сложи Бернис. „Мислам дека сега ми станува појасно.“
„И на крај,“ заклучи Марџори, „држењето и шармот ќе си дојдат сами по себе. Едно утро ќе се разбудиш и ќе знаеш дека си го постигнала тоа, а и мажите ќе знаат.“
Бернис стана.
Многу љубезно од тебе – но никој досега не ми зборувал вака, па малку сум запрепастена.“
Марџори не одговори ништо, туку замислено си го гледаше одразот во огледалото.
„Душичка си што ми помагаш,“ продолжи Бернис.
Марџори сè уште не одговараше, а Бернис си помисли дека изгледала преблагодарно.
„Знам дека не сакаш сентименталност,“ рече плашливо.
Марџори набрзина се сврте кон неа.
„А, не ни мислев на тоа. Си мислев дали нема да е подобро да ти ја скратиме косата.“
Бернис се ничкоса назачки на креветот.

IV

Попладнето следната среда имаше игранка во кантри-клубот. Кога гостите пристигнаа, Бернис си ја најде картичката со местото на седење со благо чувство на вознемиреност. Иако оддесно ѝ седеше Џ. Рис Стодард, мошне пожелен и угледен млад ерген, на пресудното место одлево, за жал, седеше Чарли Полсон. Чарли немаше висина, убавина ни друштвена снаодливост, па во своето ново просветление, Бернис реши дека единствен предуслов да ѝ биде партнер му e тоа што порано никогаш не заглавил со неа. Но, вознемиреноста ја снема со последното чорбалаче, а на ум ѝ дојдоа прецизните упатства на Марџори. Си ја голтна гордоста, се сврте кон Чарли Полсон и тргна во поход.
„Мислите ли дека треба да си ја скратам косава, господине Чарли Полсон?“
Чарли зачудено ја погледна.
„Зошто?“
„Зашто се мислам. Тоа е толку сигурен и лесен начин да се привлече внимание.“
Чарли пријатно се насмевна. Не можеше да знае дека ова беше извежбано. Одговори дека не знае којзнае колку за кратење коса. Ама затоа Бернис беше тука да му каже.
„Сакам да бидам друштвена матица, знаеш,“ изјави спокојно и фати да му објаснува дека кратката коса е потребниот предуслов. Додаде дека сака да го праша за совет, зашто чула дека е многу критичен кон девојките.
Чарли, кој за женската психологија знаеше колку и за менталниот склоп на будистичките духовници, лажно се почувствува поласкан.
„Па така, решив,“ продолжи таа, со малку повишен глас, „следнава недела да одам во фризерницата во хотел Севир, да седнам на првиот стол и да си ја скратам косава.“ Се сепна, забележа дека луѓето крај неа го запреа разговорот и слушаа; но по краток момент на збунетост, учењето на Марџори излезе на виделина, па без да се притеснува си го заврши рециталот кон присутните. „Секако, ќе наплаќам влез, но ако сите дојдете да ме бодрите ќе давам гратиси за партерот.“
Се разбранува одобрувачка смеа, а под нејзина закрила Џ. Рис Стодард набрзина се поднавали и ѝ шепна на уво: „Би сакал веднаш да резервирам сепаре.“
Таа му го фати погледот и се насмевна небаре кажал нешто чудесно мудро.
„Верувате во кратка коса?“ во ист манир запраша Џ. Рис.
„Мислам дека е неморална,“ сериозно рече Бернис. „Но, секако, мора или да ги забавувате луѓето, или да ги нахраните, или да ги вџашите.“ Марџори го имаше одбрано ова од Оскар Вајлд. Беше дочекано со бран смеа од мажите и низа брзи, напнати погледи од девојките. А тогаш, небаре не рекла ништо паметно или важно, Бернис повторно се сврте кон Чарли и доверливо му шепна на увце.
„Сакам да те прашам што мислиш за некои луѓе. Верувам дека си извонреден проценувач на карактери.“
Чарли се подвозбуди – ѝ упати суптилен комплимент со тоа што ѝ ја преврте водата.
Два часа подоцна, дури Ворен Мекинтаер стоеше пасивно во редицата за самци, отсутно ги гледаше танцувачите и се прашуваше каде и со кого исчезнала Марџори, едно неповрзано спознание полека фати да му се прикрадува – спознанието дека Бернис, братучетката на Марџори, смени неколку партнери во последните пет минути. Ги затвори очите, ги отвори и одново погледна. Пред неколку минути таа танцуваше со некое момче дојдено на посета, што е лесно објасниво; момче дојдено на посета не би знаело за подобро. Но сега танцуваше со некој друг, а и Чарли Полсон одеше кон неа со решителен поглед. Чудно – Чарли ретко танцуваше со повеќе од три девојки во една вечер.
Ворен беше особено изненаден што – штом беше извршена смената – одменетиот не беше никој друг туку лично Џ. Рис Стодард. А, Џ. Рис воопшто не изгледаше воодушевен што го менуваат. Следниот пат кога Бернис заигра во близина, Ворен внимателно ја загледа. Да, убава беше, мошне убава, а вечерва лицето навистина ѝ блескаше. Го имаше оној израз што ниедна жена, колку и да е театрална, не може успешно да го излажира – изгледаше како добро да се забавува. Му се допаѓаше како ја уредила косата и се прашуваше дали така ѝ свети поради брилијантинот. А и фустанот ѝ прилегаше – темно црвен, ѝ ги истакнуваше сенчестите очи и руменилото. Се сети дека му се виде убава кога таа првпат дојде во градот, пред да сфати дека е здодевна. Штета што беше здодевна – здодевните девојки се неподносливи – но нема збор дека беше убава.
Мислите пак му скршнаа кон Марџори. Ова исчезнување ќе биде како другите исчезнувања. Кога одново ќе се појави, ќе ја праша каде била – таа категорично ќе му одговори дека тоа не е негова работа. Каква штета што беше толку сигурна во него! Таа уживаше во сознанието дека ниедна друга девојка во градот не го интересира, дури и го подбуцнуваше да се вљуби во Женевјев или во Роберта.
Ворен воздивна. Патот кон наклонетоста на Марџори беше вистински лавиринт. Погледна нагоре. Бернис повторно танцуваше со момчето дојдено на посета. Полусвесно, исчекори од редицата за самци кон неа и се поколеба. Потоа си рече дека прави добро дело. Пријде кон неа – одненадеж се судри со Џ. Рис Стодард.
„Пардон,“ рече Ворен.
Но Џ. Рис не запре за да се извини. Повторно ја презеде Бернис.
Таа вечер во еден часот Марџори, со едната рака на прекинувачот за светло во ходникот, се сврте уште еднаш да ја погледне Бернис во светнатите очи.
„Значи успеа?“
„Да, Марџори, да!“ крикна Бернис.
„Видов дека супер си поминуваше.“
„Да! Единствен проблем ми беше што околу полноќ веќе немав што ново да кажам. Морав да се повторувам – секако, со други мажи. Се надевам нема да си разменат искуства.“
„Мажите не прават така,“ рече Марџори и се проѕевна „а не би имало врска и да прават – би мислеле дека си уште поитра.“
Го исклучи светлото и кога се качуваа по скалите Бернис благодарно го зграби пармакот. За првпат во животот беше папсана од играње.
„Види,“ рече Марџори на крајот на столбиштето, „кога еден маж гледа друг како се додворува на некоја, си мисли дека тука мора да има нешто. Добро, утре ќе смислиме нови работи. Добра ноќ.“
„Добра ноќ.“
Дури ја распушташе косата, Бернис си ја превртуваше вечерта во глава. Ги следеше упатствата дословно. Дури и кога Чарли Полсон фати да игра со неа по осми пат, таа глумеше воодушевување и навидум беше ем заинтересирана ем поласкана. Не зборуваше за времето или за О Клер или за автомобили или за училиштето, туку го ограничи разговорот на јас, ти и ние.
Но, неколку минути пред да заспие, низ умот поспано ѝ се моташе една бунтовна мисла – на крајот на краиштата, таа успеа. Секако, Марџори ѝ кажа како да разговара, но и Марџори темите за разговор ги преземаше од она што го имаше прочитано. Бернис го купи црвениот фустан, иако никогаш особено не го ценела пред Марџори да ѝ го ископа од куферот – нејзиниот глас ги кажа зборовите, нејзините усни се смееја, нејзините нозе танцуваа. Марџори фина девојка – до душа надуена – фина вечер – фини момчиња – како Ворен – Ворен – Ворен – како му беше името – Ворен ––
Заспа.

V

Следната недела за Бернис беше откровение. Со чувството дека луѓето навистина уживаат да ја гледаат и да ја слушаат се фати и коренот на самодовербата. Секако дека отпрво имаше бројни грешки. На пример, не знаеше дека Дрејкот Дејо учи за поп; немаше сознание дека тој сака да танцува со неа затоа што мисли дека е тивка, повлечена девојка. Да ги знаеше овие работи, немаше да го поздрави со реченицата што почнуваше со „Здраво, убавецу!“ и да продолжи со приказната за кадата – „ми одзема ужасно многу енергија за да си ја средам косата во лето – имам толку многу коса – па затоа секогаш прво си ја средувам, па си го пудрам лицето и си ја навирам шапката; потоа одам в када, па се облекувам. Не мислите дека тоа е најдобриот план?“
Иако Дрејкот Дејо мака мачеше со проблематиката на крштевањето во вода и можеби можеше да види некаква поврзаност, мора да се признае дека не виде. Тој го сметаше женското капење за неморална тема, па сподели со неа некои свои претстави за гнилежот на модерното општество.
Но, како противтежа на оваа несреќна случка, на Бернис можеше да ѝ се припишат неколку значителни успеси. Малиот Отис Ормонд издејствува да не оди на исток и наместо тоа реши да ја следи посветено како кутре, на општа забава на неговото друштво и незадоволство на Џ. Рис Стодард, кому Отис целосно му уништи неколку попладневни посети со одвратната нежност на погледите што ѝ ги упатуваше на Бернис. Тој дури и ѝ ја раскажа приказната за палката и соблекувалната за да ѝ покаже колку страшно погрешиле и тој и сите други во првичната проценка за неа. Бернис на ова само се насмеа, со мала желба да пропадне во земја.
Од сите муабети на Бернис, можеби најпознат и најшироко прифатен беше оној за кратењето на косата.
„Бернис, кога ќе ја кратиш косата?“
„Задутре, можеби,“ низ смеа ќе одговореше таа. „Ќе дојдете да ме видите? Оти сметам на вас, да знаете.“
„Дали ќе дојдеме? И тоа како! Ама поарно побрзај.“
Бернис, чии фризерски намери беа строго нечесни, повторно ќе се насмееше.
„Скоро, кај и да е. Ќе се изненадите.“
Но можеби најважниот симбол за нејзиниот успех беше сивиот автомобил на прекумерно критичниот Ворен Мекинтаер, секојдневно паркиран пред куќата на семејството Харви. Отпрвин измеќарката беше мошне изненадена кога тој ја побара Бернис, а не Марџори; по една недела, таа му кажа на готвачот дека госпоѓица Бернис ѝ го счопала најдобриот дечко на госпоѓица Марџори.
А госпоѓица Бернис тоа и го стори. Можеби сè започна со желбата на Ворен да предизвика љубомора кај Марџори; можеби беше поради познатата, иако непрепознаената нишка на Марџори во разговорите на Бернис; можеби беше поради двеве работи, и малку искрена привлечност згора на тоа. Но, некако, колективниот ум на младиот свет во рок од една седмица знаеше дека најверниот убавец на Марџори чудесно се променил и ѝ посветува безрезервно внимание на нејзината гостинка. Прашањето сега беше како Марџори ќе го поднесе тоа. Ворен ѝ се јавуваше на Бернис двапати дневно, ѝ праќаше писменца, а често ги гледаа и во неговиот кабриолет, очигледно задлабочени во еден од оние напнати, значајни разговори во врска со тоа дали тој е искрен или не.
Марџори на ова буцкање само се насмеа. Рече дека ѝ е мошне мило што Ворен конечно нашол некој што го цени. Па така се насмеа и младиот свет, претпоставувајќи дека на Марџори не ѝ е гајле, па работата остана на тоа.
Едно попладне, три дена пред крајот на посетата, Бернис го чекаше Ворен во ходникот за да одат на партија бриџ. Беше во одлично расположение, па кога Марџори – која исто така одеше на забавата – се појави крај неа и фати ноншалантно да си ја мести капата, Бернис воопшто не беше подготвена за нешто налик на судир. Марџори ја одработи задачата мошне студено и кусо во три реченици.
„ Можеш да си го извадиш Ворен од глава,“ рече студено.
„Што?“ Бернис беше наполно запрепастена.
„Престани да се глупираш за Ворен Мекинтаер. Тој пет пари не дава за тебе.“
За момент напнато се погледнаа – Марџори презриво, ладно; Бернис запрепастено, наполу налутено, наполу уплашено. Тогаш две коли застанаа пред куќата и се чу бесно свирење. Обете накратко се сепнаа, се свртеа и рамо до рамо поитаа надвор.
За време на целата партија бриџ Бернис напразно се трудеше да ја совлада сè поголемата нелагодност. Ја имаше навредено Марџори, царицата над цариците. Со најискрена и најневина намера на светот ѝ го украде имањето на Марџори. Наеднаш се почувствува ужасно виновна. По партијата бриџ, кога седнаа во неформален круг и разговорот стана општ, бурата полека изби. Не сакајќи, ја предизвика малиот Отис Ормонд.
„Кога се враќаш во градинка, Отис?“ праша некој.
„Јас? Кога Бернис ќе ја скрати косата.“
„Тогаш образованието ти е завршено,“ набрзина рече Марџори. „Тоа ѝ е само блеф. Мислев дека си сфатил.“
„Така ли?“ праша Отис и ѝ упати на Бернис прекорен поглед.
Ушите на Бернис гореа, а таа се мачеше да смисли соодветен одговор. Соочена со ваквиот директен напад, фантазијата ѝ беше парализирана.
„Блефови на светов има колку сакаш,“ сосем пријатно продолжи Марџори. „Мислев дека си доволно млад да го сфатиш тоа, Отисе.“
„Добро,“ рече Отис, „можеби е така. Ама еј! Со таков муабет како на Бернис–“
„Вистина?“ се проѕевна Марџори. „Која ѝ е последната досетка?“
Изгледа никој не знаеше. Всушност Бернис, зафатена со убавецот на нејзината муза, немаше кажано ништо значајно во последно време.
„Дали сето тоа беше само муабет?“ љубопитно праша Роберта.
Бернис се двоумеше. Чувствуваше дека од неа се бара некаква остроумност, но ледените очи на братучетка ѝ сосем ја онеспособија.
„Не знам,“ одолговлекуваше.
„Глупости!“ рече Марџори. „Признај!“
Бернис виде дека очите на Ворен се оддалечија од укулелето со кое се занимаваше и прашално ја погледнаа.
„Ох, не знам!“ мирно повтори. Образите ѝ беа светнати.
„Глупости!“ повторно забележа Марџори.
„Ајде Бернис,“ ја поттикнуваше Отис. „Кажи ѝ кога е доста.“
Бернис повторно погледна наоколу – како да не можеше да им избега на очите на Ворен.
„Ми се допаѓа кратка коса,“ набрзина рече, небаре ѝ поставил прашање, „и имам намера да ја скратам мојава.“
„Кога?“ праша Марџори.
„Кога било.“
„Денешните работи не оставај ги за утре,“ предложи Роберта.
Отис скокна на нозе.
„Убавини!“ викна. „Ќе направиме летен жур од твоето шишање. Во берберницата на хотелот Севир, мислам дека рече.“
За миг сите беа на нозе. Срцето на Бернис силно бувташе.
„Што?“ се засркна.
Од групата се издвои гласот на Марџори, мошне јасен и презрив.
„Не грижете се – ќе си ја свитка опашката!“
„Ајде Бернис!“ викна Отис и тргна кон вратата.
Четири очи – на Ворен и на Марџори – зјапаа во неа, ја предизвикуваа, ѝ пркосеа. Уште некоја секунда трескавично се двоумеше.
„В ред,“ рече набрзина, „баш би можела.“
По цела вечност минути, доцна попладнето дури се возеше низ центарот со Ворен, а другите одблизу ги следеа во колата на Роберта, Бернис ги чувствуваше истите дразби како и Марија Антоанета, носена кон гилотината во двоколка. Како низ магла се прашуваше зошто не крикна дека сето ова е грешка. Тоа беше сè што можеше да стори, а да не си ја зграпчи косата со рацете за да ја заштити од неочекувано непријателскиот свет. Но, не го стори ни едното ни другото. Дури ни помислата на мајка ѝ не беше веќе пречка. Ова ѝ беше најголемото искушение на спортскиот дух; правото неоспорно да зачекори по ѕвезденото небо на популарните девојки.
Ворен беше нерасположено молчелив и кога стигнаа до хотелот застана крај тротоарот и ѝ кимна на Бернис да излезе пред него. Од колата на Роберта се истовари расклештена толпа која влезе во берберницата, чиишто два дебели стаклени прозорци гледаа кон улицата.
Бернис стоеше на тротоарот и погледна во знакот, „Берберница Севир“. Навистина беше гилотина, а џелат беше првиот бербер, кој беше облечен во бело палто и пушеше цигара, ноншалантно потпрен на првиот стол. Мора да чул за неа; мора да ја чекал цела недела и да испушил неброени цигари крај тој злокобен, пречесто спомнуван прв стол. Ќе ѝ ги преврзат ли очите? Не, но ќе ѝ врзат бело платно околу вратот за да не ѝ падне крв – глупости – коса – на облеката.
„Добро, Бернис,“ набрзина рече Ворен.
Таа го мина тротоарот со подигната глава, ја турна двокрилната врата и воопшто не ја ни погледна разриканата, разбеснета толпа на клупата во чекалницата, па му пристапи на првиот бербер.
„Сакам да ми ја скратите косата.“
Устата на првиот бербер се подотвори. Цигарата му падна на подот.
„А?“
„Косава – скратете ми ја!“
Одбивајќи понатамошни дискусии, Бернис седна на високото столче. Еден човек на столчето до неа се сврте и ја погледна, наполу насапунет, наполу зачуден. Еден бербер ја почна и ја упропасти месечната фризура на Вили Шунман. Господин О’Рајли во последниот стол гровна и музикално опцу на старогалски кога брич му се зари во образот. Двајца чистачи на чевли ги ококорија очите и ѝ јурнаа кон нозете. Не, на Бернис не ѝ беше до светнување.
Надвор еден случаен минувач запре и зјапна; му се придружи и една двојка; на пет-шест дечиња им живнаа носињата, залепени на стаклото; а одломки од разговорите водени на летното ветре навлегуваа низ двокрилната врата.
„Глеј му косиште на детено!“
„Е, од каде тоа? Гледаш дека бричи жена со брада.“
Но Бернис не виде ништо, не слушна ништо. Единственото будно сетило ѝ кажуваше дека човекот во бело палто отстранува едно чешле од желкина корупка по друго; дека прстите несмасно му се плеткаат со непознатите шноли; дека оваа коса, оваа нејзина прекрасна коса, ја снемува – никогаш повеќе нема да го почувствува сензуалниот допир на таа темнокафена гордост што во долг сноп ѝ паѓаше по грбот. За момент беше на работ на нервен слом, но тогаш пред очите механички ѝ исплива слика – устата на Марџори подвиткана во блага иронична насмевка, небаре сака да каже:
„Откажи се и слези! Сакаше да ми се спротивставиш, ама те прочитав. Гледаш дека немаш шанси.“
Некаква последна трошка сила ѝ надојде на Бернис, бидејќи рацете ѝ се згрчија под белото платно, а и очите чудно ѝ се подзатворија, како што Марџори му посочи некому долго потоа.
По дваесет минути берберот ја сврте за да се види во огледало и таа се ужасна од опсегот на направената штета. Косата не ѝ беше кадрава, а сега ѝ се спушташе во млитави безживотни прамени од обете страни на ненадејно побледеното лице. Грда беше како гроб – знаеше дека ќе биде грда како гроб. Главната одлика на лицето ѝ беше богородичната едноставност. Сега тоа го немаше и таа стана –да речеме – застрашувачки просечна; не театрална, туку без врска, како интелектуалка од Гринич Вилиџ што си ги заборавила очилата дома.
Дури слегуваше од столот проба да се насмее – ужасно неуспешно. Виде две од девојките како си разменуваат погледи; ја забележа устата на Марџори подвиткана во благ потсмев – како и очите на Ворен кои одеднаш станаа многу ладни.
„Гледаш,“ – зборовите ѝ пропаднаа во непријатна пауза – „готово.“
„Да – готово,“ призна Ворен.
„Ти се допаѓа?“
Се слушна „секако“ од две-три гласчиња, потоа настапи уште една непријатна пауза, а тогаш Марџори со змијолика жестина се сврте кон Ворен.
„Ќе сакаш да ме однесеш до хемиско?“ праша. „Просто морам да однесам еден фустан таму пред вечера. Роберта вози право дома и може да ги земе другите.“
Ворен отсутно зјапаше во некоја далечна точка низ прозорецот. Тогаш за момент очите ладно му запреа на Бернис пред да се свртат кон Марџори.
„Со задоволство,“ рече бавно.

VI

Бернис ја немаше во целост увидено страшната замка што ѝ беше поставена дури не го сретна вчудовидениот поглед на тетка си непосредно пред вечерата.
„Ах, Бернис!“
„Ја скратив, тета Џозефина.“
„Дете бре!“
„Ти се допаѓа?“
„Бер-нис, бре дете!“
„Како да те запрепастив.“
„Не, ама што ќе си помисли госпоѓа Дејо утревечер? Бернис, требало да почекаш до после игранката кај Дејо – требало да почекаш ако си сакала да направиш такво нешто.“
„Наеднаш се случи, тето Џозефина. А и зошто би ѝ значело баш на госпоѓа Дејо?“
„Аман дете,“ крикна госпоѓа Харви, „во нејзиниот есеј Фалинките на помладата генерација што го читаше на последниот состанок на Четврточниот клуб, петнаесет минути ѝ посвети на скратената коса. Тоа ѝ е омилена настраност. А игранката е за тебе и за Марџори!“
„Жалам.“
„Ах Бернис, што ќе рече мајка ти? Ќе мисли дека јас сум ти дозволила.“
„Жалам.“
Вечерата беше мачилиште. Беше направила невешт обид со фигарото, при што си го изгоре прстот и голем дел од косата. Можеше да види дека тетка ѝ е ем загрижена ем натажена, а вујко ѝ везден само повторуваше „Бог да чува!“ со навреден и по малку непријателски тон. А Марџори си седеше мошне тивко, затскриена зад блага насмевка, благо подбивна насмевка.
Некако ја протурка вечерта. Три момчиња дојдоа во посета, Марџори исчезна со едно од нив, а Бернис млитаво и без успех фати да ги забавува другите двајца – благодарно воздивна дури се качуваше по скалите до собата во десет и половина. Каков ден!
Кога се пресоблече во ноќница, вратата се отвори и влезе Марџори.
„Бернис“, рече, „многу ми е жал за игранката кај Дејо. Сосем ја имав заборавено, чесен збор.“
„Нема гајле,“ кратко рече Бернис. Стоеше пред огледалото и бавно врвеше со чешелот низ кратката коса.
„Утре те носам во центар,“ продолжи Марџори, „фризерката ќе те дотера да изгледаш тип-топ. Не мислев дека ќе одиш до крај. Навистина ми е многу жал.“
„Нема гајле де!“
„И онака ти е последна вечер, па не верувам дека ќе биде многу важно.“
Бернис затрепери кога Марџори си ја префрли косата преку рамена и почна бавно да ја витка во две долги руси плетенки, дури во кремастото неглиже не заличи на прекрасна слика на некоја саксонска принцеза. Бернис восхитено гледаше како растат плетенките. Тешки и раскошни, се виеја под вештите прсти како немирни змии – а на Бернис ѝ остана тој спомен и фигарото и утрешнина полна погледи. Можеше да го види Џ. Рис Стодард, кому му се допаѓаше, како зазема харвардско држење и на својата партнерка за вечерата ѝ кажува дека на Бернис не треба да ѝ се дозволи ни на кино да оди таква; можеше да го види Дрејкот Дејо како разменува погледи со мајка си, а потоа е свесно милосрден. Но можеби до утре госпоѓа Дејо ќе ги има слушнато вестите; ќе испрати студено писменце во кое ќе ја замоли да не ѝ појде од рака да присуствува – а зад грб сите ќе ѝ се смеат и ќе знаат дека Марџори ја насамарила; дека шансата за убавина ѝ отишла во неврат поради љубоморниот каприц на една себична девојка. Наеднаш седна пред огледалото и си ја гризна внатрешноста од образот.
„Ми се допаѓа“, со напор изусти. „Мислам дека ќе ми прилега.“
Марџори се насмевна.
„Добро изгледа. Жити бога, не се секирај!“
„Нема.“
„Добра ноќ, Бернис.“
Но кога се затвори вратата, нешто пукна во Бернис. Живо скокна на нозе, ги стисна дланките, а потоа брзо и бесшумно појде до креветот и од под него ја извлече торбата. Во неа нафрли козметички прибор и неколку парталчиња за пресоблекување. Потоа се сврте кон куферот и набрзина нафрли две фиоки долна облека и летни фустанчиња. Се движеше тивко, но страшно ефикасно, и за три четвртини од час куферот ѝ беше заклучен и запетлан, а таа беше облечена од глава до пети во прикладен нов патнички костум што Марџори ѝ имаше помогнато да го одбере.
Седната на бирото, ѝ напиша кратка порака на госпоѓа Харви, во која накратко ги образложи причините за своето заминување. Ја запечати, го напиша името на тетка си врз ковертот и ја положи на перницата. Го ѕирна часовникот. Возот заминуваше во еден, а знаеше дека ако оди до хотелот Марборо, на два блока оддалеченост, лесно ќе најде такси.
Одеднаш остро зеде здив и на лицето ѝ светна израз што искусен проценувач на карактери можеби би го поврзал со решителниот израз што го имаше на берберското столче – како да беше негова надградба. За Бернис ова беше сосем нов изглед и си носеше свои последици.
Кришум појде до бирото, зеде едно списание оставено на него, го исклучи светлото и тивко стоеше дури очите не ѝ се привикнаа на темнината. Леко ја поттурна вратата од собата на Марџори. Чу тивко, рамномерно дишење на заспана спокојна совест.
Веќе беше крај креветот, мошне решителна и смирена. Дејствуваше брзо. Се наведна и најде еден од прамените од косата на Марџори, со раката го проследи до самата глава, и тогаш, држејќи го лабаво за заспаната да не почувствува влечење, посегна со ножиците и го отсече. Со праменот в рака, си го задржуваше здивот. Марџори промрморе нешто в сон. Бернис вешто го ампутираше и другиот прамен, застана за момент, а потоа брзо и тивко спрашти до својата соба.
Долу ја отвори големата влезна врата, внимателно ја затвори зад себе и чудно среќна и жизнерадосна истапи од тремот на месечевата светлина, со тешкиот куфер в раце што го мавташе како торбичка. По брзо едноминутно одење, откри дека во левата рака сè уште ги држи двата руси прамени. Неочекувано се засмеа – мораше да ја затвори устата за да не екне громогласна смеа. Сега минуваше крај куќата на Ворен и импулсивно го спушти багажот, замавна со прамените како со праќи и ги фрли на дрвениот трем, каде што паднаа со тап удар. Повторно се насмеа, без повеќе да се воздржува.
„Ха!“ диво се искикоти. „Скалп за себичните!“
Потоа го зеде куферот и во полутрк се пушти по улицата што се капеше во месечевата светлост.

Превод од англиски: Игор Сретеновски и Валентин Јанкоски

АвторФ. Скот Фицџералд
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 84|