Телото и институциите

/, Литература, Блесок бр. 83/Телото и институциите

Телото и институциите

(за Пиреј, Небеска Тимјановна и Тунел од Петре М. Андревски)

За просторот

Во наратологијата проучувачите сметаат дека просторот (setting), локација или амбиент, е резервен, скриен или независен лик. Просторот ги одредува човечките односи, а во литературата тој го квалификува ликот, oдносно: „Просторот (space) е место или места каде што се претставени ситуациите и настаните (околина, приказна, место) и дејствувањето на наративната инстанца(и)“.1F
Гастон Башлар во Поетика на просторот2F разграничува два типа простори, простори кои се сакаат и простори на насилство, омраза и борба. Слично пишува и Елизабет Грос во Недофатни тела3F, додавајќи дека насилството се покажува во општествените институции за превоспитување и за обука, во затворите, во домовите за малолетни деликвенти, во болниците и психијатриските институции.
Во романите на Петре М. Андреевски, кои се предмет на мој интерес (Пиреј, Небеска Тимјановна и Тунел) застапени се слики на среќниот простор – семејните куќи. Од друга страна, пак, застапени се и просторите на насилство, на омраза и борба. Тоа се сликите кога телата се наоѓаат во војна, на бојно поле, на фронт, во затвори, во логори, во болници и институции за лечење зависности.

Телото во затвор

Според францускиот филозоф Мишел Фуко, затворот како дисциплински апарат дејствува врз телото кое е заробено во систем на принуда и лишување, на обврски и забрани. Тој го разгледува казнено-поправниот систем, почнувајќи од укинувањето на смртната казна и јавното мачење и објаснува дека смртта треба да трае само еден миг и никакво мачење не смее да претходи или да следи врз трупот бидејќи „…извршувањето на казната се однесува на животот, а не на телото“.4F
Во романите на Андреевски нема конкретни примери за смртна казна, односно во романот Небеска Тимјановна, Небеска и нејзините другари се осудени на смрт, но сепак своите казни ги издржуваат во повеќе логори во СССР. Исто така, смртната казна на Мирче од Пиреј и неговите другари, подоцна е заменета со казна на прва борбена линија.
Фуко укинувањето на смртната казна го смета за хуман чин во историјата на кривичното право бидејќи „се ослободува владеењето со телото“.5F Подоцна џелатот, кој е непосреден познавач на телото при страдањето е заменет од цела армија технички лица: надзорници, лекари, свештеници, психијатри, психолози или воспитувачи. Тоа се случува бидејќи: „Физичкото страдање и болката на телото не се веќе составни елементи на казната. Казнувањето преминува од вештина на неподнослива сетилност до устројување на укинатите права“.6F
Оваа анализа на Фуко посочува дека телото и болката не се крајна цел на казненото дејствување. Според него, затворот како систем е создаден да овозможи превоспитување на единката од сите можни аспекти. Тоа подразбира физичка дресура, секојдневно однесување, морален став, работни способности и склоности. Оттука со право може да се согледа дека затворот, лишувањето од слобода, присилната работа, робијата, забраната за престој и депортацијата, кои заземаат толку значајно место во модерните казнени системи – навистина се „физички“ казни, затоа што за разлика од паричната казна, тие се однесуваат на телото. Оваа констатација се потврдува преку искуството на Небеска која се соочува со лоши хигиенски услови (студ, влага, мувла, смрдеа, болви, вошки, стоногалки) и лоша храна. Таа наизменично го минува времето во работа и во земање оброци. Работата и изолирањето, според Фуко, се дефинирани како двигатели на преобразбата на индивидуата во затворот.
И покрај лошото здравје, отсуството на апетит, повраќањето, во логорите Небеска има мачни „доживувања“, мачни испрашувања кои траат од 23 часот до пет часот наутро. Додека траат испитувањата Небеска вели – „Не те тепаат, но те тераат да избудалиш“.7F По испрашувањата и по изготвувањето на записникот од истрагата, Небеска е осудена на осум години концентрационен логор со принудна работа. Обвинета е за меѓународна шпионажа и групна реакционерна дејност против Советскиот Сојуз и за агент на меѓународниот империјализам. Таа подлежи на принуди на потпишување, изнудувања на секакви признанија, префрлања од логор во логор, принуда на гладување и сибирско студенило, присила за прилагодување на затвореничкиот менталитет и на соживотот со криминалки од секој вид и на пакоста на „црните лезбијки“.
Откако ќе го доживее ова, Небеска се преобразува, пропаѓа, ослабнува, се смалува во алиштата, почнува да ја губи косата. Во еден од затворите, случајно ќе се види во огледало и ќе сфати дека огрдела. „Сета глава да ми е соголена. Само неколку влакна да ми штрчат на темето. Ама и тие се некако надалеку застанати: влакно со влакно да не може да се досегне. А и главата како да ми стои понастрана од телото. Вратот ми се истанчил, што се вели, врвка ми станал. Восочното лице ми се издолжило, забите ми се отскриле. Уште само очите ми се оставени на исто. Ми светат уплашено во длапките. Па и кожата не ми е таа: ветва е и излитена, небаре гризена од молци. Ми се чини дека гледам череп од кучешка глава. Чума“.8F
Небеска е изолирана од надворешниот свет, но се изолира и меѓу затворениците. Извесен период е во самица. Фуко смета дека осаменоста треба да биде позитивен инструмент за превоспитување на индивидуата бидејќи поттикнува на размислување и нужно предизвикува грижа на совест. Осаменоста овозможува еден вид саморегулирање, спонтано индивидуализирање на казната.
Зорица Мршевиќ во статијата Жените во затворот9F го разгледува женскиот неформален систем на организација во рамките на затвореничката заедница во затворите, кој се докажало дека е структурно различен од оној кој настанува во казнените институции за мажи. Таа истакнува дека во светот на женските затвори нема борба за моќ и главниот мотив на организација на затвореничката заедница е имитација на семејни, роднински односи поради помош, поддршка, а не борба за сексуален партнер и доминација, ниту, пак, оставање впечаток кај управата поради стекнување привилегии или остварување материјални добра, што ги карактеризира неформалните затворенички заедници во машките затвори.
Според Мршевиќ, постојат три потсистеми меѓу затвореничките. Првиот е т.н. „the square“ кој ги собира затвореничките и има за цел одржување конвенционален начин на живот, со почитување на затворските формални норми и обврски. Вториот е т.н. „the life“ кој ги собира криминалките од навика, најчесто осудувани поради продажба и поседување дрога, проституција и кражби. Овој систем претендира да биде тотален, т.е. да го замени надворешниот свет, светот што е надвор од затворот. Системот т.н. „the cool“ ги поврзува професионалните криминалки, најчесто осудувани поради разбојништво и фалсификати. За цел има, со разни манипулации, во затворот да се помине лесно, т.е. да не се загрози можноста за порано излегување од установата.
Сметам дека Небеска сама си одредува свој систем во затворот, кој многу наликува на системот „the square“. Ги почитува затворските норми и активности, вклучувајќи ја и работата, кои според Фуко претставуваат двигатели на преобразбата и превоспитувањето на индивидуата. Небеска работи во фабрика, на обработка на руда, на нива, и е дел од уметничката секција, со што има одредени предности, како добра храна, одмор за викенди и оправданија од амбулантата.
Затворот со своите најјасни правни решенија секогаш содржи извесна мера на телесно страдање. Влијанието врз телото Фуко го објаснува со помош на различното лишување, ограничување и казнување на затворениците, (лишување од слобода, тешка работа, рационализација на храна, сексуално лишување, престој во самица, тепање и други). Лишувањето т.е. депривацијата како проблем со кој се соочуваат жените и мажите во затворот го разгледува и Мршевиќ, притоа правејќи ја следнава класификација:
1. Губење слобода и автономија, која посебно за жените е болна бидејќи не можат да го контролираат животот на сопствените деца. На Небеска, која е лишена од слобода, најтешко ѝ паѓа помислата дека може да умре во затворот, во туѓа држава.
2. Депривација од материјални добра и услуги, која за повеќе жени делува депресивно поради забраната да се поседуваат лични предмети, облека, накит, шминка и долна облека. На Небеска три затворенички ѝ одземаат долна облека, гаќички и елече, изработени од црвена свила, подарок од македонското друштво од Софија.
3. Депривација од хетеросексуални односи и лишеност од вршење семејна улога, која кај повеќе жени доведува до фрустрации и депресии. Жената е лишена од главната функција на жена, мајка, домаќинка и со тоа е сериозно загрозено нејзиното самопочитување и статус. Ваков тип на депривација постои кај Небеска бидејќи е разделена од синот Иван, од љубовникот Михајло Горачинов и од презимето на починатиот сопруг, Абазовски. Таа размислува „И подобро што излезе така. Оти, ако го носиш презимето на мртвиот маж, може двапати да ти тежи неговата смрт. Не е така? Без куќа, без маж и без дете, што се вели, и презимето негово не ти прилега. Не стои само со тебе, до никаде не те покажува“.10F Во овој извадок Небеска во низа, според градација и важност ги подредува нештата од кои е лишена. Со тоа Небеска е претставена како „свената роза“.11F
Мршевиќ потенцира дека во женските затвори хомосексуалните односи се засноваат доброволно, без физички притисок, додека во машките затвори постои опасност, закана и насилство. Небеска лезбијството го смета за болест, не го разбира: има понуди и закани за почнување врска со жена, но сепак ги одбива.
4. Депривација од сигурност – иако во женските затвори нема насилство како кај машките, сепак жените се чувствуваат несигурно и загрозено поради недоверба, озборување, ширење лаги, експлоатација, каприциозноста на другите жени… Овде повторно може да се смести несигурноста и стравот на Небеска, од средината, од лезбијките…
Мршевиќ во текстот Жените во затворот го разгледува и хомосексуалниот кластер (собир), составен од оригинални лезбијки кои тоа биле и пред затворот, (а се третирани од останатите затворенички како болни и перверзни), и од затворенички кои го прифаќаат хомосексуалното однесување како привремено прилагодување во затворот или т.н. „turnout“. Во романот Небеска Тимјановна црните лезбијки може да ги сместиме во категоријата оригинални лезбијки бидејќи тие се третирани како болни или перверзни, иако за нив нема податоци дека така биле определени пред да дојдат во затворот.
Појавата на псевдосемејство во затворот се објаснува како непатолошки одговор на институционализацијата, одговор специфичен само за женската затворска популација. Затоа женското затвореничко друштво се разликува од машкото, иако постои тезата дека поради изложеност на исти затворски услови, треба да се очекува од жените и мажите во затвор да имаат исти реакции. Јадро на семејните односи се псевдобрачни и псевдородителски парови околу кои во концентрични кругови се шират и разгрануваат останатите роднински односи. Основните улоги во тој кластер/собир се улогите на маж и жена, односно улога на брачен пар. Во многу случаи, тоа не се вистински, потполно реализирани хомосексуални односи, туку само имитација на улогите маж и жена, и притоа доследно се инсистира на симболите во машката и женска функција. „Мажите“ прифаќаат стилизирани симболи на машкост, како кратка коса, отсуство на шминка и помада, не носат накит, освен машки прстен и религиозни симболи. Ги сокриваат градите и менструацијата, се облекуваат машки, не учествуваат во озборување, емоционално се контролираат, имаат агресивна улога во бракот, додека жените се главно женствени на стереотипен начин. Преку овие промени жените се обидуваат да се адaптираат на условите во затворите, кои преку ваквата преобразба вршат превоспитување на индивидуата.

Телото во болницата

Со цел успешно да ја претставам позиционираноста на телото во болницата, поаѓам од односот доктор–пациент, кој го разгледува и Фуко. Промената во овој однос го индицира раѓањето на клиниката, односно болницата како институција.
Фуко објаснува дека т.н. клиничко/болничко искуство ги претставува индивидуите преку јазикот на рационалноста. Во модерната медицина, според Фуко, окото станува извор на јасноста, ја поседува моќта да ја претстави вистината. Па така да се види значи да се перципира, односно забележи. Прашањето – Што е со тебе? се менува со Каде те боли?, или меѓу докторот и пациентот се менува структурата на болницата и принципот на целиот дискурс. Оттогаш целиот однос помеѓу оној кој означува и тоа што е означено повторно се разделува помеѓу симптомите кои се означуваат и болеста која е означена, помеѓу описот и тоа што е опишано, помеѓу настанот и тоа што е прогнозирано, помеѓу лезијата и болката што ја предизвикува и др.
Секогаш постојат одредени означени нешта кои треба да бидат кажани, а означувачот секогаш има премногу прашања. Затоа означувачот и тоа што е означено можат да постојат еден без друг, но истовремено тие развиваат комплексна врска помеѓу себе. Означувачот не би требало да „преведува“ без да остави одредена резерва за означеното/означениот. Тоа коментирање во медицината, според Фуко, значи да се формулира што ќе се каже но притоа мора да се преформулира тоа што никогаш не било кажано. Тоа е обид еден стар, бескомпромисен дискурс да се претстави во друг, поразвлечен/попроширен дискурс кој истовремено е поархаичен и посовремен.
Овој нов дискурс во медицината се забележува и преку односот на лекарот Петрис и Небеска. Според докторот, двете коски на Небеска се скршени под коленото, ногата ја напаѓа гангрена и лекот е нож, сечење на ногата. Тој се обидува да ја разубеди Небеска да се согласи на ампутирање. Небеска го забележува незадоволството на Петрис од нејзината одлука, преку неговото лице: „Петрис ги собира веѓите, го набира челото, по целото лице му шетаат брчки“.12F И покрај тоа, Петрис, како „означувач“, остава извесна слобода за изборот на Небеска. Продолжува да се грижи за неа, почитувајќи ја нејзината решителност. Како пример наведувам еден дел од дијалогот на Небеска и Петрис:
„– Како си, Небеска?
– Вчера ми беше лошо, а денеска уште полошо.
Петрис ќе се насмее, ама некако изнудено. И насмевката му е сиромашна ко посен селски ручек“.13F
Во болниците докторите преку коректниот однос со пациентот се обидуваат да го заштитат човечкиот организам. Па според тоа, Фуко истакнува дека болницата е институција имaнентно врзана за зачувување на телото.
Јон и Небеска се сместени во воени болници, на работ на свесно и несвесно, на простор помеѓу животот и смртта. Раскажуваат дека во болницата мириса на лекови, на чпирт, на јод, на ракија, на хлороформ. Небеска гледа пред себе носилки со нови ранети, со крвави преврски по главите, по трупот, по нозете и рацете. Околу неа има луѓе без очи, без раце, без нозе… На количка се изнесуваат отсечени човечки парчиња: „На некои им ги отвораат раните, им ги вадат парчињата железо, и пак ги зашиваат. На некои им сечат раце, нозе. Со пили, небаре бичкиџии. Луѓето викаат, офкаат, се подземаат гласовите, лелеците“.14F
На Јон му е пресечен палецот на ногата, или како што вели – „како шупливо јаболко да отребија“.15F И на Јон, како и на Небеска, сакаат да му ја сечат ногата до колено, но тој тоа не го дозволува. „…ама јас не ги оставив. А може да не ги остави еден од француските доктури“.16F
Фуко ја означува болницата како храм на смртта бидејќи пациентите, болните луѓе на овој простор се одделени од својот дом и од луѓето кои ги сакаат. Тие се чувствуваат осамени во толпата, односно опкружени се само со болни луѓе. Според Невена, самото влегување во болницата за зависници е како да влегуваат со Горан во друг свет.
„Во дворот има парк со џунџулиња, со петунии, бегонии, бели ради и перуники. (…) А меѓу нив се шетаат луѓе со празни очи и без искра светлина во нив. Одат и нешто галатат, се караат со некого. Некои непресметливи луѓе за кои мислиш дека секој миг се готови некого да убијат. Или да направат каква било штета која нормален човек не може да ја предвиди“.17F
Додека е во болница, Горан мисли дека се наоѓа во мртовечница и ја моли Невена да го врати дома, бидејќи, како што објаснува – „ Секој ден ѝ се доближуваме на смртта, ми вели, а никој не ја гледа нејзината близина. И секој час умираме по малку, ми вели. И секој миг ни откажува по нешто живо од нашиот безвреден живот“.18F
И покрај тоа што Горан не успева да се излечи од својата зависност, сепак Небеска и Јон од болница излегуваат оздравени. „Големата болка како да помина. Отокот на ногата ми спаднува, ме јаде, ми се лупи околу преврската. Ми се корне кожата и како одронат малтер ми паѓа во постелата“.19F
Заедничко за сите ликови на Петре М. Андреевски кои се сместени во болница е тоа што не сакаат да се соочат со болеста што ја имаат. Преку тоа соочување, тие би ја изгубиле власта над сопственото тело, а неа би ја стекнала болницата. Поради тоа, преку развојот на односот доктор–пациент се прави обид телото да не се чувствува загрозено од клиниката, туку, напротив, да си ја зачува својата слобода и независност.

Телото и гробиштата

Гробиштата претставуваат уште еден простор кој Андреевски го прикажува во романите Пиреј и Небеска Тимјановна, но не и во романот Тунел, и покрај тоа што смртта како мотив е застапена.
Според Фуко, гробиштата се несомнено друго место во однос на обичните културни простори. Тие се простор кој сепак е во врска со множеството од сите локации на градот, на општеството, на селото, бидејќи секоја индивидуа, секое семејство има родители на гробишта. И, како што додава, Љупчо С. Ристески, гробиштата се главна потпора на заедницата на живите, историја и меморија која низ традицијата на усното пренесување на информациите сведочи за селската историја.
Фуко потенцира дека во западната култура гробиштата отсекогаш постоеле, но претрпеле значајни промени. До крајот на 18-от век гробиштата биле сместени во самиот двор на градот, до црквата. Гробиштата кои биле сместени во светиот простор на црквата, во модерните цивилизации добиле поинаков режим, се мисли на периодот кога цивилизацијата станала „атеистичка“. Фуко потсетува дека порано се верувало во воскреснувањето на телото и во бесмртноста на душата.
„Напротив, од моментот кога повеќе не сме толку сигурни дека имаме душа, и дека телото повторно ќе оживее, потребно е, можеби, да им се посвети далеку поголемо внимание на овие посмртни останки, кои, најпосле, се единствената трага од нашето постоење во светот и помеѓу зборовите“.20F
Фуко објаснува дека со индивидуализацијата на смртта и на буржоаското присвојување на гробиштата, се родила опседнатоста со смртта како „болест“. Се мислело дека мртвите им ги носат болестите на живите, и бидејќи тие порано биле закопувани веднаш до куќите, до црквите, се сметало дека оваа близина ја распространува самата смрт.
„Оваа голема тема на болеста која се шири преку заразата на гробиштата опстојуваше кон крајот на 18-от век; и, едноставно, во текот на 19-от век се започна со преселување на гробиштата кон периферијата. Тогаш гробиштата повеќе не го претставуваa светиот и бесмртен здив на градот, туку ‘другиот град’, каде што секое семејство го поседуваше своето мрачно престојувалиште“.21F
Оттука амбивалентноста на овој простор е сосема очигледна, или како што објаснува и Ристески, колку што е овој простор означен како „свој“, тој исто така толку е и „туѓ“. Гробиштата како простор носат конотација на смрт во себе.
За разлика од Мишел Фуко, кој ги разгледува гробиштата во западната култура, Љупчо С. Ристески, користејќи етнографски и фолклорни материјали, пишува и за гробиштата како комплементарен и неразделен дел во перцепирањето на целокупноста на македонската селска заедница. Според народните претстави, гробиштата секогаш имаат централно место во организацијата на селскиот простор бидејќи во нив се сместени, „вечно почиваат“, најголемиот дел од припадниците на селската заедница. Затоа гробиштата се сметаат за „големо село“, „вечно село“, основа на селската заедница, каде се сместени огромен број припадници на селската заедница.
Во однос на просторната поставеност, гробиштата можат да бидат лоцирани на: сретсело, каде заедно со црквата го сочинуваат главниот сакрален центар на селото, на периферијата од селската заедница, каде заедно со црквата или без неа формираат дополнителен сакрален простор. Во вакви случаи, позицијата на гробиштата вообичаено се утврдува на локација со посебни карактеристики – повисоко место, ритче, при што заедно со црквата и култните дрвја добиваат доминација на просторот.
Ваквата поставеност се потврдува со објаснувањето на Фуко за почетоците на сместувањето на гробиштата на надворешната граница на градовите или кон периферијата. Скоро идентично е и со гробиштата во Скопје, кои се наоѓаат далеку од централното подрачје, на граница помеѓу градот и руралните средини. Во најголемиот број случаи, гробиштата се структурирани според семејно-родовскиот систем што веќе постои во селото. Секој род има по неколку десетици гробови, сконцентрирани на еден простор.
Во романот Пиреј, Велика ги закопува децата едно по друго, а подоцна и таа ќе биде закопана од својот син, но сепак подалеку од Јон, по нејзина желба, бидејќи како што кажувала Уља – „… овој век ми помина без него, ми рече, и оној нека ми врви без него“.22F
Ристески пишува дека гробиштата се простор, микропростор, издвоен и јасно обележан од просторот на другиот дел од селската заедница.
„Според логиката на перцепирање на просторот на гробиштата како самостоен ентитет, свет за себе, микрокосмос, вечно село, гробовите се куќи, вечни куќи во кои продолжуваат да живеат сите умрени предци на селската заедница“.23F
Ристески потенцира дека претставите за гробот како вечна куќа се мошне архаични и, бидејќи мртвите останувале да живеат во своите нови вечни домови, гробовите се граделе во вид на куќа, куќи кои се вечни. И Андреевски ја разгледува претставата за вечната куќа, односно дека умрениот (телото) останува во локацијата на гробот, а душата заминува во друга реалност.
„– За која куќа се спремаш, Капинке, капко моја попарена. (…) Та, таа куќа отсекаде е затната, со студена земја и со вода е заградена. Како ќе крепиш толку тежина со твојата снага нејака, изнемоштена?“24F Велика сама копа гроб за ќерките Роса и за Капинка, им прави легло на своите деца. И за Велика и за Небеска Тимјановна гробот претставува единствена конкретна форма и можност за воспоставување некаков контакт помеѓу живите и мртвите.
„Некој мрсулав и недотамен снег. Студен и длабок. Одвај го разгазувам за да појдам до гробот на Ангелета. За да му запалам свеќа, да позборувам со новата куќа негова. Да го потажам“.25F
Небеска, пак, не знае каде е закопан Никифор бидејќи ништо негово не останало на земјата. Затоа таа посакува да има простор, гроб на кој, како што вели – „…да знам кај да оставам цвеќе, кај да запалам свеќа“.26F
Според тоа, како што заклучува и Фуко, гробиштата навистина се едно високохетеротописко место бидејќи тие почнуваат со онаа чудна хетерохронија која, за една индивидуа ја претставува губењето на животот, и онаа привидна вечност во која таа не престанува да се разложува и да исчезнува.

Телото во куќа

Куќата е очигледно привилегирано суштество, пишува Башлар, под услов да ја сфатиме во своето единство и во својата сложеност, обидувајќи се сите нејзини одделни вредности да ги интегрираме во една основна вредност. Не треба да се заборави дека куќата е предмет со силно изразена геометрија. Според Башлар, со сликата на куќата стекнуваме вистински принцип за психолошка интеграција. Односно, се чини оти сликата на куќата станува топографија на нашето интимно битие. Башлар заклучува дека има смисла куќата да се земе како инструмент за анализа на човечката душа.
Во романите Пиреј, Небеска Тимјановна и Тунел е предаден и внатрешниот простор на куќите, но ќе ги надминам описите на куќите, независно дали описот е објективен или субјективен, со цел да ставам акцент на телото и телесноста. Ја разгледувам куќата како простор во кој е сместено телото, пред сè на главните женски ликови.
За Велика куќата е целиот нејзин универзум и космос, или како што вели Башлар: „Таа го крепи човекот при небески луњи и животни непогоди. Таа е тело и душа. Таа е првиот свет на човечкото суштество“.27F Во семејната куќа, Велика учи како да живее со Јон, извршува безброј домашни обврски, го води домаќинството, задолжена е за чистотата на куќата, раѓа, тажи, сонува, мечтае… Куќата за Велика е центар на нејзиниот живот. Во куќата се создава нов живот, таму се зачнати нивните деца и таму се раѓаат. Подоцна Велика во својот дом ги лекува болните деца, и на крај во домашниот простор умираат.
Во најтешките мигови, кога го губи потомството Велика вели – „Седам и гледам како смртта ми влегува дома, и ми се дроби срцето, ми се кинат џигерите“.28F Во тие мигови на очај, кога нема сила и кога, како што вели „не остана душа во мене“, Велика моли Господ да не ѝ земе сè и да не ѝ ја соголи куќата. „Господе, не земај ми повеќе, господе, се молам, преколнувам. Запри, господе, господине, не земај ми повеќе, си шепотам. Зар цела куќа ќе ми ја соголиш, зар сите мои рани со земја ќе ги потиснеш. Не земај, господе, само од мене, земи и од друго место, си ја валкам устата“.29F
Откако Велика ќе остане сама, со празна постела, само со кравата, магарето и кучето Чако, сепак не го напушта семејниот дом. Знае дека Јон ја довел во таа куќа, ја оставил во тој дом, и оти само мртва можат да ја изнесат од тука – тоа е нејзиниот став.
Башлар објаснува дека куќата како простор што се сака, среќен или славен простор, е една од најголемите сили на интеграција за мислите и соништата на човекот, и притоа сврзувачки принцип е мечтаењето. Па така и домот на Невена ја заштитува и ѝ овозможува мечтаење во мир за да стане мајка, а истовремено претставува и простор на страдање поради алкохолизмот на нејзиниот сопруг.
Според Невена, децата ја исполнуваат куќата, му даваат смисла на животот. „Куќата вистина ја преобразив, но сè уште ми е празна. А празна е ако нема и детски плач во неа“.30F Таа мечтае да почувствува дете во утробата и да го земе во прегратка. Без дете, смета дека нејзиниот живот никому не му припаѓа, освен на Горан и се чувствува бескорисна, како корито од пресушена река.
Од друга страна, Небеска Тимјановна и Никифор Абазовски немаат куќа (постојано живеалиште) бидејќи како борци на Грчката демократска армија постојано патуваат. Секој вистински населен простор ја содржи суштината на поимот куќа; оттука, за нив и најмалото засолниште и сите места на кои престојуваат заедно, ги населуваат заедно, се нивната заедничка куќа.
Башлар се задржува и на поимот родна куќа која е населена и без спомените е физички врежана во секој поединец. Таа претставува повеќе од станбен простор, и доказ за тоа се сеќавањата кои ги имаат Јон, Велика, Небеска и Невена.
Кај Јон е врежано сеќавањето за родната куќа – селска куќа со чардак и со плевна. Небеска се сеќава на родната куќа, на дворот и на големата круша пред куќата. „Јас, првин трчам да си ја видам крушата во дворот. Без неа гумното ми е некако празно“.31F Небеска е најсреќна кога ќе го посети својот дом и мисли дека секој си има по некое место што не може да го напушти. За родната куќа на Невена има малку податоци. По големиот земјотрес во Скопје, нивната куќа ја обележале за уривање, иако според неа лесно можела да се закрпи. Потоа живееле во населби од дрвени бараки.
Според Башлар, куќата е замислена како вертикално и како концентрирано битие. Вертикалноста е обезбедена со поларитетот на визбата и таванот. Визбата е мрачно битие на куќата, битие што учествува во подземните сили. Во романот Пиреј визбата е претставена како забрането и темно место, во кое Јон е заедно со Левтерија. Во тој момент на страст Јон гледа делови од нејзиното тело кои претходно биле непознати и забранети за него: „Па јас олку женство и кај жената моја не сум видел“.32F
Основната функција на куќата – заштита, најсилно е изразена кај Велика, а делумно и кај Невена. Во најтешките мигови (војна, болести, временски непогоди…), куќата ги заштитува Велика и нејзините деца. Целиот свој живот, Велика им го посветува на семејството и на куќата. Оттука, можам да заклучам дека Андреевски ја поставува куќата како центар на постоењето на Велика. Куќата е средиште на сите човечки активности и средиште на настаните во семејството. Ова целосно важи за Небеска Тимјановна, односно, куќата претставува појдовна точка за развивање на нејзиниот лик. За Невена, куќата е простор на суштествување, простор во кој се обидува со сите сили да воспостави ред и хармонија со својот сопруг и да ја оствари мајчинската функција.

Литература:
1. Андреевски, М. Петре. Пиреј. Скопје: Табернакул, 2007.
2. Андреевски, М. Петре. Небеска Тимјановна. Скопје: Табернакул, 2007.
3. Андреевски, М. Петре. Тунел. Скопје: Табернакул, 2007.
4. Башлар, Гастон. Поетика на просторот. Скопје: Табернакул, 2002.
5. Грос, Елизабет. Недофатни тела: за телесниот феминизам. Скопјe: Македонска книга 2002, 2003.
6. Кочов, Стојан. „По магистралата на злото: Вија Костур-Иркутскаја област (Навраќање кон романот Небеска Тимјановна од Петре М. Андреевски)“, Современост, бр. 3 (мај), год. 53 (2005): 119-122.
7. Mrševic, Zorica. „Žene u zatvoru“, Ženske studije (casopis za feministicku teoriju) br.1 (1995), http://www.womenngo.org.yu/sajt/sajt/izdanja/zenske_studije/index.htm/, (преземено 18.03.2009)
8. Принс, Џералд. Речник на наратологија. Скопје: Сигмапрес, 2001.
9. Ристески, Љупчо С. Категориите простор и време во народната култура на Македонците. Скопје: Матица Македонска, 2005.
10. Фуко, Мишел. За другите простори (1967), хетеротопии во Аспекти на другоста: зборник по културологија. Скопје: Евро-Балкан Прес : Менора, 2007.
11. Фуко, Мишел. Надзор и казна: раѓањето на затворот. Скопје: Слово, 2004.

#b
1. Џералд Принс. Речник на наратологија (Скопје: Сигмапрес, 2001),104.
2. Гастон Башлар. Поетика на просторот (Скопје: Табернакул, 2002).
3. Елизабет Грос. Недофатни тела: за телесниот феминизам (Скопјe: Македонска книга 2002, 2003).
4. Мишел Фуко. Надзор и казна: раѓањето на затворот (Скопје: Слово, 2004), 15.
5. Исто, 14.
6. Исто, 15.
7. Петре М. Андреевски. Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул , 2007), 276.
8. Исто, 273-274.
9. Zorica Mrševic, „Žene u zatvoru“, Ženske studije (casopis za feministicku teoriju) br.1 (1995), http://www.womenngo.org.yu/sajt/sajt/izdanja/zenske_studije/index.htm/, (преземено 18.03.2009)
10. Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул, 2007), 256.
11. Стојан Кочов, „По магистралата на злото: Вија Костур-Иркутскаја област (Навраќање кон романот Небеска Тимјановна од Петре М. Андреевски)“, Современост, бр. 3 (мај), год. 53 (2005): 122.
12. Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул, 2007), 164.
13. Исто, 164.
14. Петре М. Андреевски. Пиреј (Скопје: Табернакул, 2007), 277.
15. Исто, 277.
16. Исто, 277-278.
17. Петре М. Андреевски, Тунел (Скопје: Табернакул, 2007), 81.
18. Исто, 95.
19. Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул, 2007), 287.
20. Мишел Фуко. За другите простори (1967), хетеротопии во Аспекти на другоста: зборник по културологија (Скопје: Евро-Балкан Прес : Менора, 2007), 39.
21. Исто, 39.
22. Петре М. Андреевски. Пиреј (Скопје: Табернакул, 2007), 15.
23. Љупчо С. Ристески. Категориите простор и време во народната култура на Македонците. (Скопје: Матица Македонска, 2005), 211.
24. Петре М. Андреевски. Пиреј (Скопје: Табернакул, 2007), 256.
25. Исто, 92.
26. Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул, 2007), 187.
27. Гастон Башлар. Поетика на просторот (Скопје: Табернакул, 2002), 39.
28. Петре М. Андреевски. Пиреј (Скопје: Табернакул, 2007), 254.
29. Исто, 255.
30. Петре М. Андреевски. Тунел (Скопје: Табернакул, 2007), 33.
31. Петре М. Андреевски. Небеска Тимјановна (Скопје: Табернакул, 2007), 99.
32. Петре М. Андреевски. Пиреј (Скопје: Табернакул, 2007), 222.

АвторМагдалена Димчевска
2018-08-21T17:20:56+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 83|