Балкански разноречија

/, Литература, Блесок бр. 82/Балкански разноречија

Балкански разноречија

– контемплации за заборавениот, загубениот и новиот Балкан –

На почетокот на осумнаесеттиот век Леди Мери Вортли Монтегју, како сопруга на тогашниот британски амбасадор во Цариград запишала дека во престолнината се „зборуваат турски, грчки, еврејски, ерменски, персиски, руски, словенски, влашки, германски, холандски, француски, италијански, унгарски; а уште пострашно, десет различни јазици се зборуваат и во мојата куќа„ (Мазовер 2001: 51).
Nomen est omen
? Можеби. Но, исто така можеби е потполно неважно дали етимолошки Балканот алудира на митолошкиот крал Емос, на грчиот збор за крв (Аιμοσ, грчки/ Haemus, латински), Стара Планина или пак на отоманската кованица што евоцира крв и мед. Всушност, Балканот има илјада различни лица – во науката, литературата, во националните митологии, во интимните сфаќања на неговите жители. Има веројатно многу повеќе лица отколку што можеме да замислиме.
Неодамна прочитав дека во чаршијата во Корча можат да се слушнат секојдневно албанскиот, турскиот, ромскиот, македонскиот, дека секој зборува на својот јазик а сепак се разбираат. И се изненадив. Прочитав дека некогаш многу од старите православни храмови во Косово биле посетувани како свети места и од Срби и од Албанци. И се изненадив. Дознав дека таткото и дедото на мојот пра-дедо зборувале течен турски јазик. И се изненадив. Дека локалниот селски турки феудалец Алим-бег им помогнал на селаните во струмичкото село на баба ми да изградат православна црква и словенско училиште. Во Призрен видов стар православен, католички и исламски храм на неколку минути еден од друг, во Свети Андреа/Szentendre во Унгарија сретнав неочекувана оаза на словенска/српска култура, а во Скопје, Приштина и Сараево слушнав дека споделените баклави или вапцани јајца на комшијата се најслатки. И не се изненадив.
Зградата во којашто пораснав се наоѓа до Чаршијата и од мојот прозорец можам да го видам минарето на Мустафа-пашина џамија и камбанаријата на Свети Спас. Сите што пораснале или работеле во Чаршијата ќе ви кажат дека скопската Чаршија значи и поглед на свет, морален код, лекции кои само тука можете да ги научите. Сè уште, таа е единственото место во Скопје кадешто дуќанџиите можат да ви се обратат на барем два-три јазици. Чаршијата им се отвора и ги заслужува чекорите само на оние кои ја имаат храброста да погледнат низ и над дневнополитичките мижитатари; на оние кои без страв ќе дојдат да ја чујат што има да им каже со првиот мрак; што ќе се качат и до Свети Спас и до Мустафа-пашина џамија со едноставна детска љубопитност или простодушност на изгубен турист…
Во мојата зграда на работ на Чаршијата живееја:
– едно ромско семејство;
– неколку албански;
– неколку српски;
– едно бошњачко;
– неколку македонски;
– неколку хрватски;
– неколку мешани;
– неколку недефинирани…
Не се сеќавам на кој јазик се разбиравме со Семра, Нарди, Марко, Јелена, Верче, Аца, Бајрам…но, секогаш успевавме да се согласиме за правилата за играње ластик, народна, џамлии, плочка, извидници, грабни стапче. И не знам зошто, но секогаш беше послатко да се изеде парчето леб намачкано со еурокрем или џем надвор пред зградата, заедно, да се купи топол сончоглед од Чаршија, да се помине цел прашлив сончев ден, од утро до мрак на улица, заедно; додека нашите родители го немаа зборот „мултикултурност„ во нивниот речник, но пиеја кафе, мезеа, разговараа, ги миеја автомобилите кои сличеа еден на друг. Заедно.
Оваа веројатно засекогаш ќе остане мојата интимна слика за Балканот. За онаков каков што некогаш беше. Можеби ова е совршен пример за она што теоретичарите на носталгичните дискурси го нарекуваат рефлективна, афективна или ресторативна носталгија. Денес мојата улица е празна, децата веќе немаат свои правливи летни попладниња; војните ги разнесоа различните јазици на илјада страни… Црквата во Призрен е веднаш до џамијата, но често е заклучена и празна. Сараево е само сенка на својот дамнешен лик. Солун беше наречен град на духови (Мазовер 2004), кадешто духовите се многуте култури, примери на „етничка осмоза„ (Малколм 1998), на порозни идентитети, град – палимпсест…
Но, скопската Чаршија е сè уште тука. Доколку наслушнеме, Чаршијата ќе ни ги открие тајните дамари и ќе ни каже дека тука е нашата, заедничка срж на градот. Заборавените приказни, различните јазици, цивилизациските пластови. Дали Скопје е последниот поголем „балкански„ град, кадешто овие пластови се сè уште видливи, живи, во сета нивна комплексност и убавина? Веројатно е. Веројатно секој акт на рушење и градење започнува како интимен чин, во нашите глави, а не на барикадите. Сакам да верувам дека нашите балкански емотивни и ментални мапи ќе бидат секогаш пофлуидни, потопли, пошарени, поинклузивни, поразноречни. Мојот Балкан е мој најдраг пример за разноречие, за хетероглосија. На секој пример на говор на омраза, секогаш ќе може да му се спротивстави пример на едно пријателство. На една Чаршија. И историчарот кој прераскажува етнички чистења и теоретичарот кој анализира заеднички фигури на меморија ќе имаат подеднакво силни аргументи. Но, новата слика на Балканот нема да се зачне ниту во научните контемплации на социолозите и политиколозите, ниту во дискурзивните склопови на политичарите. Балканот кој мириса на свежо испечен сончоглед, на топол тазе бурек, на тукушто смелено кафе, кој потсетува на старите калдрми и светлите чардаци и фасади, кој звучи како сите наши заеднички ритми и инструменти, кој зборува и разбира десетици јазици, кој има место за СИТЕ – тој Балкан што сите потајно го посакуваме, може да го зачне единствено мудрецот во нас. Само во мигот кога наизглед туѓото ќе го почувствуваме како длабоко блиско и свое, само тогаш оваа и сите чаршии и шарени градови ќе нè примат како свој дел, во топла љубовна приказна.

• Malcolm, Noel. Kosovo: a short history (New York: NYU Press, 1998).
• Mazower, Mark. The Balkans: from the end of Byzantium to the present day (London: Phoenix Press, 2001).
___________ . Salonica – City of Ghosts: Christians, Muslims and Jews 1430-1950 (London: Harper Collins, 2004

Есејот е дел од проектот „Новата слика на Балканот“, организиран од Поетики –канцеларијата на потпретседателот на Меѓународниот ПЕН во Скопје, и проектот Разноликост/Diversity.

АвторЉубица Спасковска
2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 82|