Мотоцикл паркиран под ѕвездите

/, Блесок бр. 86/Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Ништо за техниката за преживување
Љубовта си отиде…
Мотоцикл паркиран под ѕвездите
Ох, Натали…

Препев од романски: Лидија Димковска

покрај тебе соѕвездијата се парталки,
градските светилки се глупава шега,
околу тебе воздушните струи
кружат како консигнациски продавници,
си шмукаат птици и меѓу забите си кршат
семки од билки, ширејќи реа на несреќа и на птичји измет
кон новите вулкански земји од меланезија.
твојата женственост ги бои со дементната боја на кризите на pavor nocturnus
моите сеќавања со тебе во паркот градина на иконата, кога индискретно
се пудреше во конвексното огледало на еден сетер или на англиканската црква,
а нашата љубов му додаваше сантиметар на регионалниот рекорд…
праведничке, нежна конфедерацијо од системи и апарати
кој би се коцкал со додатокот од созреаност
на твојата розова и кривулеста хиерархија
и кој да го претчувствува твоето слатко лицемерие
порабено со пивници и со кадифен бројгел
во купот ничиј, од ништо, од никаде, од никогаш?

а инаку, само рамнодушна морална убавина,
брилијантно пропаѓање
и реалност од дискусии и брборења над кристалните шолјички
кај негоју,
a инаку, оваа опскурна прослава на еден единствен преживеан
на прекуокеанскиот брод од чувства.

АвторМирча Картареску
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 86|