Драга Ана

Драга Ана

Драга Ана,

Со радост ти јавувам дека стигна „Мегафон“. Вчера, цело попладне ја пречитував книгата публикацијата, уживајќи најмногу во тоа што во таа книга есеи за состојбата на поетесите во општеството се опфатени и есеи на хрватските поетеси. Се присетив и на почетокот на нашата соработка пред три години. Ги наговорував тогаш нашите авторки да напишат есеј и им најавив дека тие текстови ќе ги објавиме во списанието Тема, а потоа ќе ти ги проследиме тебе, зашто ти се потребни за истражувањето. Се сеќавам колку беше макотрпно да ги наговарам авторките, но сепак успеав да соберам дваесетина текстови кои потоа ги објавивме во тематот Поетеси. Подоцна ти ги испратив тебе и после речиси и заборавив на сето тоа. По некое време ми јави дека се погдотвува книга, се избираат и преведуваат тие текстови. Уредничките Јулијана Шпар и Стефани Јанг одбраа и есеи од хрватските авторки кои, освен Весна Бига не се во книжевните антологии. Тие ги избраа есеите кои им се чинеа најинтересни. Тоа подоцна беше тешко да се оправда. Тогаш имаше многу прашања: Зошто баш тие авторки, кој одлучил така итн.? Но, тоа сега е небитно. Во рака ми е „Мегафон“. Нетрпеливо ја листам книгата, барам објаснување зошто книгата се вика баш така. И ете, веќе пронајдов. Поетите на Мегафон – Poetas de Megafono (Poets of the Megaphone) е група на феминистички поетеси која делува на рабовите на книжевниот живот во Мексико Сити. Таа група на авторки се состанува во едно кафе каде што читаат поезија низ мегафон. Мегафонот обично го поврзуваме со јавни протести, но која е смислата за читање на поезија на таков начин? Објаснувањето е дека во општествениот простор жените не се видливи и нивниот глас не се слуша, така што овој облик на читање е обид на поетесите да бидат „чуени“, да заземат простор и да го одбележат со својата уметност. Поезијата говорена низ мегафон одѕвонува како повик, ги прераснува очекуваните рамки на финото рецитирање, се изедначува со протесните говори на обесправените работници… Поезија како еманципација или е тоа само утопистичко впишување? Неодамна од Германија ми пристигна книгата „Заборавена иднина: Политиката на поезијата во Босна и Херцеговина“. Ја напишал младиот босанско-херцеговски теоретичар Дамир Арсениевиќ на англиски јазик. Неговата основна теза се однесува на реполитизацискиот потенцијал на поезијата која, како што истакнува, „дава глас и воспоставува врска помеѓу алтернативните модели на субјективизација (феминистички, геј, квир) и новите, меѓусебно воспоставени солидарности, истовремено спротивставувајќи се на нивното исклучување“. Арсениевиќ го конструира поимот поезија на разликата, а таквата поезија претставува критички глас во однос на доминантната идеологија, бидејќи станува збор за тоа дека поетите и поетесите кои ја заземаат позицијата на изговорот на исклучен елемент, градат и нова заедница, но истовремено, истакнува авторот, создаваат и политика на надеж која претставува отпор на доминантниот модел на манипулацијата со траумата, која во босанско-херцеговскиот контекст е или одрекнувана или митологизирана или, пак, медикализирана. Поезијата како еманципаторски дискурс, истакнува Арсениевиќ, е поезија која пред сè ја пишуваат поетесите кои го развиваат својот поетски глас, го градат општествениот простор за жените, но исто така, што претставува преседан во босанско-херцеговската поезија, и за хомосексуалците. Сепак, наспроти таа поетика на надеж, не е ли поетот, како што пишува Фарук Шехиќ, „тумор на здравото ткиво на техно-манијачкиот капитализам?“ Во „Мегафон“ го наоѓам и името на мојата пријателка од Белград, Дубравка Ѓуриќ, поетеса и критичарка. Дубравка ја запознав пред девет години, на Женските студии во Белград. Тогаш ми го подари зборникот „Дискурзивните тела на поезијата – поезијата и автопоетиката на новата генерација на поетеси“. Таа книга, во која заедно со поезијата беа претставени и есеи на авторките кои ја обмислуваат својата поетска позиција, ми овозможи прв увид во современото женско поетско писмо во Србија. Дубравка со години ја водеше поетската работилница во рамките на Асоцијацијата за женска иницијатива. Таму за време на воените години се собирале автори и авторки и ја обмислувале поезијата низ ангажман и колективна работа. Тоа било некој вид засолниште, во ни малку поетски времиња, кога младите луѓе таму станувале заробеници на агресивната политика, и заради изолираната држава со години никаде не можеле да патуваат. На поетските читања, во изнајмен стан во центарот на Белград, својата поезија не ја читале преку мегафон, ниту имале каква било поврзаност со културниот живот на градот. На книжевната маргина ја обмислувале и поврзувале поезијата и политиката, она што толку често се случува како сосема диспаратно. Но, зарем не е, како што воочува младата поетеса од Нови Сад Маја Солар, секое место на говор веќе политичко место и може ли воопшто поезијата да биде сфатена само како трансценденција или како естетска игра? За сето тоа мислам додека нетрпеливо го листам „Мегафон“. Во собата е топло, низ прозорот се наѕираат темни облаци и очекувам бура. Тие веќе не се реткост овде, драга Ана. Деновите кога дождецот ситно врне по цели денови како да ги снема, заменети се со кратки дождовни интервали, со кои како кулиса одат грмотевици и силен ветар кој за момент може да искорне стебло или да бутне ќерамиди од куќите. Но, повеќе не се плашам од тие „бури“, станаа предвидливи баш како и оние дамнешни заканувачки звуци на сирените за време на војната, сепак не се знак на анархија, туку само нејзина најава. Се присетувам како, после некое време, луѓето потполно почнаа да ги игнорираат сирените за општа опасност, бидејќи во нашиот крај тие не значеа напад или директна агресија. Некако последниве години како да се сака да се заборави сеќавањето на деведесеттите, како никогаш да не постоеле, дури сакаат да се означат како бесрамни години. Тоа ми е понекогаш чудно, бидејќи не сакам кога луѓето се одрекуваат од своите некогашни занеси, како да сакаат да ги пребришат сеќавањата. Некогаш ми се чинеше сè така едноставно – сите се исти, ние сме варварите на Балканот. Но што е со Америка, со сите тие големи сили, дали бевме само играчки во нивните игрички? Мислам на тоа, бидејќи неодамна ми се причини дека повторно се вратија „деведесеттите“. На плоштадите луѓето протестираат, низ мегафонот се испраќаат пораки „до неправедниот свет“ кој ги казнува нашите генерали, а злочинците од големите сили поминуваат неказнето. Независни држави всушност и нема, тие се распродадени, остануваат само сеќавањата на сонот за самостојна држава и некое огорчување. Се присетувам на големиот поет Борис Маруна и неговата прекрасна поезија за губењето на сонот за државата, за дезилузијата. Неговата поезија е толку различна од оние евтини и патетични песнички за патриотизмот, кои и не преживеаја. За разлика од писателите на патриотски памфлети, Маруна истакнува „Но хрватскиот поет има право/И патриотска должност/Да каже што му оди на нерви“. „Другата Хрватска“ која занесно ја опеа, ја замисли на границата на светот, моќна над гробовите, ја изедначуваше со добрината и љубовта, таква Хрватска денес не постои. Метафоричното море на кое требала да биде, се повлекло и таа заринкала. Заринкала и илузијата за праведност и гордост. Како повторно да се разбуди надежта и некогашниот занес? Поезијата како политика на надежта… Поезијата денес е читана во салоните, на слабо посетени книжевни вечери. Нејзините љубители не ја читаат низ мегафон, туку се повлекуваат во своите приватни простори. Плоштади како агори веќе не постојат. Може ли тоа да се смени, ако веќе и гордоста е уништена? Или, можеби, сепак се има сила за да се земе мегафон во раце, за да се покаже барем сопствената гордост и инает? Го читам Селан за црното млеко и црните снегулки… „Никој повеќе нема да нè измеси од земја и глина, никој нема да зборува за нашата прав…“ Ана, би цитирала сега песни од многу поети, би ги говорела гласно песните на главниот градски плоштад меѓу мноштво луѓе кои носат преполни ќесиња. Додека го завршувам ова писмо, слушам реклама однадвор, преку мегафон. Евтини рипчиња и пивска забава во вашиот град, дојдете, дојдете, глас кој ги надгласа сите гласови во недела попладне, заводнички глас преку мегафон… Ете, Ана, само сакав да ти јавам дека изданието стигна, а на крајот погледни каде стигнав. Во правата стварност. Можеби така е и најдобро. Заврши и затишјето и бурата, покривите останаа на место, книгите чекаат непрочитани, а средбите веќе се насетуваат.
Биди ми добро,
Дарија

Превод од хрватски: Калина Б. Исаковска

АвторДарија Жилиќ
2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 80-81|