Мрежа

(Хлангохлен | Llangollen)
(од збирката раскази „Волшебни врски“, Блесок, 2012)

Хлангохлен спиеше со сон на праведник. Беше недела, најтемниот дел од ноќта, а ведрото предградие повторно му се беше препуштило на незаинтересираниот мрак.
Во саботата која тукушто заврши се одржа малиот локален панаѓур. Некои од жителите наместија маси на склопување пред своите куќи, на тревниците и патеките, и ги извадија одамна заборавените предмети – кршот од животот – од своите гаражи и преполнетите шкафови. Ним им се придружија некои од соседите, кои на гранките од поткастрените дрвја обесија облека од претходните генерации и така, со неколку чаши ретка оранжада послужена во хартиени чаши, ја потрошија она малку сила која што им беше останала после работната седмица. Чепкајќи низ купиштата стари плочи, разлистувајќи ги пожолтените книги и мрзеливо разговарајќи со повеќе или помалку познатите ликови. Само децата, кои се движеа на батерии инакви од оние на нивните родители, можеа со радост да ја пречекаат неделата која доаѓаше – подготвени да го прават истото одново. Другите сега веќе ’рчеа, повремено се превртуваа, или пак беа спружени како мртовци при што само несвесното потреперување на нивните клепки укажуваше дека можеби сепак сонуваат дека ќе ѝ се спротивстават на благата гроза која ќе ги обземе попладнето и која ќе ги присили одново да мислат на караванот од семејни возила и други превозни средства кои ќе заминат во понеделник наутро – божем викендот никогаш и не се случил – кон блиските и далечните работни места.
Колку што знаеме, само една жива душа беше сè уште будна – дваесет и девет годишната Елен. Не можеше да заспие, иако беше како претепана кога конечно си легна, десетина минути после маж ѝ. Неколку јалови часа подоцна, стана од креветот и сега стоеше покрај големиот прозорец во спалната соба.
Ја пружи раката, го откачи резето на десното крило, она кое беше најдалеку од креветот, и го отвори најшироко што можеше. Ги прекрсти рацете и се навали така што главата ѝ беше потполно надвор. Ноќта беше мирна и светла, осветлена од месечината и таа некое време ги затвори очите за да ја почувствува. Се чинеше дека самиот мир ѝ ги гали образите и челото, ја суши потта која ѝ беше создала солена кора помеѓу кожата и косата. Од потењето, еден мал прамен ѝ се беше залепил за образот. Можеше да го почувствува близу до левото око, дебел и усукан како јаже. Но не ја крена раката за да го тргне.
Зад нејзе, на големиот кревет, нејзиниот маж цврсто спиеше, градите му се движеа во едноличен и неспоредлив ритам. Од време на време, во грлото му заглавуваше здив и тој несвесно се засркнуваше за да ја отстрани и да ја потисне задушната лига. Тој, сосем очигледно, се навикна на новата спална, додека Елен требаше да си го убеди телото дека и непознатите ѕидови можат да имаат свои добри страни. Во меѓувреме, мораше да му се потчини на своето тело, одговарајќи му на потребата сега да размислува за суштината на нештата.
Нејзиниот маж, на пример, беше информатичар по струка; технолог за комуникации. Таа немаше особено јасна претстава за информациите кои тој ги комуницира или за причините за размената на информациите, освен дека работи со различни компјутери и со себе носи импресивна на изглед збирка „џебни уреди“. Нејзе ѝ се допаѓаше да помислува дека тој работи на уред кој врз екранот од течен кристал на неговиот лаптоп би ги претставил нејзините мисли и чувства во уредна низа од единици и нули.
Беше чудно да се размислува за функција и струка во најтемниот дел од ноќта. „Мојот маж е комуникатор и спие“, си рече. За миг, сериозно се подзамисли. Она „и“ беше вишок. Двете нешта воопшто не одеа заедно. Беше чудно – како прекин – да го замислува како патува кон работа во делниците, фаќајќи воз од Вилмингтон, гратче оддалечено неколку милји кое го знаеше само по име, и покрај тоа што беше била таму, еднаш или два пати. Тој ќе стигне во Филаделфија како и секој друг странец, без привилегијата на жител на тој град. Ќе има луѓе со кои понекогаш ќе зборува, можеби на перонот, но таа не можеше тоа навистина да го замисли. Ниту пак можеше да го замисли на одредено седиште во возот, или како гледа низ прозорецот, дали со жив интерес или со безизразни очи. Неговиот рачен комуникатор стигна опремен со музички плеер; веројатно го користи при патувањето.
Елен погледна право под себе во предната градина; сите траги од сонот веќе беа потполно испарени. Дење, тоа беше уредна и компактна парцела зеленило и сосем иста како соседната – всушност, иста како и сите куќи околу нив. Се сети на впечатокот кој местото ѝ го остави кога за првпат дојдоа да го видат, пред да се одлучат да го купат но откако беа решиле дека дефинитивно „ќе се откачат од градот“. Беше прилично навикната на мрежни линии како начин на организирање на животот и слободното време, но овде улиците беа толку строго Евклидовски што тоа ѝ делуваше сосем поинаку. Денот беше прекрасно сончев, како денешниот, светот на успехот во три бои – зелена, сина и блескаво бела. И иако тогаш се почувствува како со падобран да ја спуштиле во пејзаж од некоја стара видео игра или стилизиран сон, мораше исто така да признае дека беше навистина допадливо и не малку убаво. Непоколебливите прави линии се чинеа божем се тука само за да ја предизвикаат; создадени за да ја подвлечат токму таа комбинација од одбивност, привлечност и застрашувачка страхопочит.
Кога дојде мигот, таа не беше жестоко против преселбата. Куќите беа многу пријатни, големи и гостопримливи. Самата кујна беше двојно поголема од првиот стан во кој заедно се вселија, и сè беше веќе опремено како по стандард – разни чудесни машини за перење и сушење и средување алишта и садови и деца – и сè наоколу беше толку практично што помислата на купување нешто друго за кои би потрошиле години и долари за самите да го направат, покрај сето друго, се чинеше дека ја разоружи уште на самиот почеток. Но, на крајот претежнаа влијанието на маж ѝ и постојано менливите околности. Тој веќе беше умерено успешен – со други зборови, работеше за други, но беше искрено почитуван и соодветно платен. Беше волен да го стори најдоброто за нејзе и за иднината која веќе почна да им биде заедничка. Во темнината на улицата, на Елен ѝ се јави проблесок од разбирање. Нејзиниот маж е добар човек. Секако, таа тоа веќе го знаеше, но се чинеше добро овде да го повтори, како со сила на откровение. Тој не ја носеше работата дома, зашто не беше важна. Не правеше сцени во канцеларија, не го минуваше времето планирајќи да се осамостои или да добие унапредување пред другите, зашто ни тоа не беше важно. Но сеедно добиваше унапредувања, и од сега ќе може да работи од дома два дена седмично. Почнаа да ги увидуваат благодатите од неговиот – нивниот – труд. Таа апсолутно го љубеше и беше навистина волна тоа да биде одлучувачкиот фактор за одлуката која ја донесоа. Беше тоа во понеделникот пред викендот во кој требаше да се преселат, кога ѝ кажаа дека сигурно е бремена – веќе цел месец – и одеднаш сè се чинеше многу поприфатливо, да не се рече пожелно. А ќе бидат блиску и до нејзините родители.
Елен се навали кон надвор уште повеќе, цврсто држејќи се за рамката на прозорецот. Од левата страна можеше да ја види улицата како се пружа пред неа, божем го допира хоризонтот дури и во сенка.
Не се гледаа многу со соседите откако се доселија. Па ни на малиот панаѓур не отидоа. Порадо се вратија во Филаделфија, за да си ги соберат последните ствари – неколку кутии кои ги беа оставиле додека ја селеа главницата од работите. Во најголем дел, тоа беа лични предмети, или кршливи предмети кои не сакаа да ги ризикуваат во големото гломазно комбе кое го најмија, или пак работи кои не им беа навистина неопходни. Украси и слики; неколку платна од еден од нејзините дедовци, брат на баба ѝ, кој беше прилично познат во одредени кругови но кој никогаш не достигна статус на ѕвезда, и чудниот сандак со книги кој едноставно го беа заборавиле. Од преселбата стоеја во еден склад, блиску до една од главните клучки која водеше во, или вон, градот. Името беше сосем соодветно, се разбира. Тие го правеа токму тоа; складираа мали парчиња од самите себе сè додека повторно не најдат простор за нив. Додека со колата се приближуваа кон местото, мрсните букви како да канеа да бидат фотографирани.
Слушна лаеж на куче, некаде на неодредено средна оддалеченост, и нешто што звучеше како вода што заплиснува, иако беа премногу далеку од брегот за звукот да стигне до нив. Сè уште не беше навикната ни на звучното опкружување. Не дека самите звуци ѝ беа туѓи, туку едноставно беа ретки. А овде беше и многу потемно.
Во Филаделфија, кога конечно стигнаа до градот после бескрајните и пренаселени предградија, ноемвриското сонце беше ниско на небото но светло и гостопримливо – ден каков што обожуваше во времето кога живееше овде. Светлината, и покрај тоа што ја принудуваше да подмижува и да го брчка челото, се чинеше дека ја тера со почит да гледа над и околу себе кога се враќаше од работа, завршувајќи рано, или преку викендите кога можеше да се опушти и да се забавува со нешто интересно. Секогаш гледаше нови нешта, претходно невидени нешта: мали архитектонски детали, резби на некои од постарите згради, неочекуван одраз или, можеби, часовник. Или рекламни билборди и постери кои иако високи и по еден кат, во градот кој инаку вертикално се мереше со десетици катови, беа навистина многу понеефектни отколку што нивните сопственици можеби стравуваа. И секогаш доживуваше наплив на добро расположение. Таа не беше таква, барем така мислеше, што би копнеела по новина по секоја цена, но беше утешно да се знае дека е можно нештата сè уште да се случуваат; можеби веќе се таму, подготвени и во исчекување да искокнат.
Сепак, денеска се чувствуваше потполно спротивно, божем решена да го види градот на начин кој ќе ѝ ја потврди одлуката со која од него се разведоа. Како прво, нивната стара улица делуваше валкано и запуштено. Она што порано беше била бојата на животот – продавниците кои се ширеа врз тротоарот а некаде и врз улицата, постојаниот хор од сирените на колите и гласовите кои се надвикуваат на јазици или непознати или премногу гласни за да се разберат – сега се чинеше дека се темели врз неискажлива грубост; меѓусебен натпревар на животите. Местото беше тмурно сиво и црно, повремено и црвено и портокалово, но никогаш зелено и никогаш сино. Идејата за чисто бело бргу ме освои, си помисли, обоено зборувајќи. Порано одеше во музеи и галерии и минуваше саати со списанието за идни настани, со црвено пенкало заокружувајќи концерти и други настани кои би биле интересни. Сепак, денеска дури и помислата да оди да погледне изложба ѝ се виде како првокласна глупост. Имаше поважни работи.
Имаше впечатоци и реакции кои инаку би биле прилично вообичаени, но денеска ги почувствува особено силно и ги сврте кон себе со еден вид мазохистичка радост. Како сета таа бучава, трошењето на толку големи количества енергија и грижата за безначајни нешта – живот како критика на ресторани – и фактот дека поминува толку време пред огледало шминкајќи се секое утро, како сето тоа толку долго ѝ се чинело прифатливо? Не дека беше сноб (жестоко го отфрлаше тоа тврдење дури и пред самата себе), туку впечатокот дека прилично волно се предала; дека дозволила да ја обземат нешта кои биле сосем површни. Кога ќе размисли, сега сето тоа ѝ се чини безвредно. Колку сето тоа имаше малку врска со суштината на исхраната или облекувањето, на пример, или чувството дека оживуваш сè до ножните прсти додека во зима трчаш кон морето. Сите изгледаа многу уморни.
Најлошо од сè беше помислата дека нејзиниот тамошен живот бил толку умртвен и колку долго потребата од преселба тлеела во неа пред да биде извлечена на површината, и тоа прикачена за одлука која и не била нејзина. Можело да се случи засекогаш да остане овде, криејќи се во својот стан, сè помалку видлива со секој изминат ден.
Но тој нејзин претходен живот продолжуваше да живее. Дури и додека стои на прозорецот, чувствувајќи како студот се шири низ дотогаш топлите воздушни џебови помеѓу нејзината кожа и ноќницата. Тоа е нејзината вродена состојба, нели? Нешто за кое не мора конкретно да размислува за во неа да постои. Единствениот начин на кој може да ги сфати нештата, начинот на кој стои покрај прозорци.
Патувањето не беше пријатно. Таа не сакаше некаде да застанат и да јадат пред да тргнат назад кон Хлангохлен, откако внимателно ги беа спакувале работите на задното седиште. Полека се вратија дома. Покрај патот, откако излегоа од градот и возеа по автопатот низ повеќе или помалку рурални области, видоа реклами за фармерски продавници и крајпатни независни производители – „Горко-слатки фарми“, „Весели производи АД“.
Сега улицата беше потполно тивка, но таа не сакаше да оди да спие. Внимателно го затвори прозорецот и се врати кон креветот. Нејзиниот маж беше свртен на другата страна. Тој радо би ја презел сета вина врз себе. Дишењето сè уште му беше тешко и влажно. Нејзе не ѝ се враќаше в кревет. Немаше смисла. Умот не би ѝ дозволил тукутака да заспие. Потамина тргна кон вратата, со рацете пружени пред себе, иако знаеше дека на подот нема ништо на кое би се сопнала. Ја напипа кваката и излезе надвор, нежно повлекувајќи ја вратата зад себе но оставајќи ја подотворена за да не го разбуди заспаниот убавец. Со раката нежно помина преку ѕидот за да го најде прекинувачот за светло и стигна до скалите. Светлото беше особено силно па дури кога стигна на подножјето од скалите почувствува како очите ѝ се привикнуваат.
Долу можеше да се движи послободно и прво отиде во кујната. Беше голема и чиста. Ја беа поставиле трпезариската маса, која во станот изгледаше огромна, среде собата. Сега изгледаше многу помала, како и самата да минува низ криза, преиспитувајќи го сето свое минато пред да се смести во своите нови димензии. Помина преку подот, на босите стапала го почувствува студот од масивните сиви плочки, и го отвори фрижидерот. Беше повисок од неа и таа се почувствува некако незадоволна кога виде колку малку има внатре. Се чинеше дека теглата сенф и пакувањето со млеко се повлекуваат пред нејзиниот поглед. Ја отвори фиоката за зеленчук на дното, зеде една краставица и ја однесе на плотната покрај мијалникот. Зеде мал нож од фиоката за прибор и исечка парчиња долги по неколку сантиметри. Почна да ја лупи зелената корка. Испаѓаше во дебели, расипнички парчиња. Откако се гледаше само бледото зеленило, ја крена краставицата до устата и гризна парче, чувствувајќи како семките ѝ се пикаат помеѓу забите и образите. Звукот на џвакањето крцкаво ѝ одѕвонуваше во главата.
Низ другата врата, излезе од кујната и отиде во дневната соба, каде што исто така запали светло. Имаше цели шест чекори до најблиското место за седење. Немаа доволно мебел за толкава пространост. Го џвакаше последното парче од краставицата и веднаш посака уште. Седна и помина неколку секунди загледана во голиот ѕид наспроти неа, пред да стане и да тргне назад кон кујната. Исече уште еден дел од краставицата, па додаде и малку целер. И малку сирење, за со целерот.
Овојпат, малку побрзо влезе во дневната соба, за да има што да грицка и откако ќе седне. Повторно втона во фотелјата и ги спружи нозете обидувајќи се да ја допре масичката пред себе. Да, и покрај сета новотија околу нејзе, мислите сè уште ѝ беа во стариот стан и во нејзиниот стар живот. Се навали нанапред и ја повлече масичката поблиску, за да може да ја досегне со стапалата и убаво да се испружи. Околностите и саатот беа совршен потсетник за сличните ноќи минати во Филаделфија. Таму ќе беше вратена од излегување но сеедно не ќе ѝ се спиеше. Ќе го оставеше Рајан да замине в кревет и едноставно ќе седеше таму, понекогаш во темница, понекогаш под светлината на малата ламба во ќошот. Лете, ширум ќе ги отвореше прозорците и слушаше. Над и под и од секоја страна, низ многуте ѕидови и прозорци, звуците на саботната ноќ се одмотуваа и се расплеткуваа исполнувајќи го сиот расположив простор. Врескави кавги или очајни завивања на бебиња или кучиња. Очигледната драма на една филмска, гимнастичка љубов.
Станот, кој повеќе се допираше до други станови отколку што гледаше на улицата и просторот помеѓу зградите кои во ноќта високо се креваа на сите страни, беше како звучен засилувач. Можеше со часови само да седи и да слуша без воопшто да ѝ стане здодевно. Оставаше звуците да ѝ се собираат во главата сè додека не се претворат во речиси хармонични апстракции. Оргазмично надарената девојка од горниот кат понекогаш беше птица – крајбрежна птица која лебди низ термалните столбови или галеб кој се крева низ топлината – другпат, премин низ самото време, во надолни, треперливи скокови. Смеата стануваше плач, плачот беше земјотресен.
Понекогаш, Елен чувствуваше – како што сега почнуваше да го чувствува навестувањето во своето најбезбедно сеќавање – како ја обзема тивка возбуда. Како што звуците продолжија да се мешаат, во просторот зад прозорецот и во нејзината глава, стана свесна за некоја голема и неодложна потреба. Треба толку многу да се стори. Си ги арчат животите. Звук на телевизор во соба полна глуви гледачи. Ќе дојде време кога ќе треба да се одговорат некои прашања, а тие нема да бидат подготвени за ниедно од нив. Ќе бидат премногу уморни, зашто во меѓувреме биле премногу мрзеливи за да сфатат што од нив воопшто се бара, да не зборуваме за давање на разумни одговори. Треба да станат сериозни.
Ги симна нозете од масичето и се навали нанапред. Чувството длабеше низ неа и се чинеше дека потполно ѝ ја обзема свеста. Ја послуша тишината во собата околу себе. Беше потполна но некако придушена, како да сака да каже дека има мигови и места кога знае да згрми.
Зад вратата која водеше во кујната беа веќе испразнетите кутии кои ги распакуваа откако се вратија од градот, наредени една во друга. Врамени слики, потпрени на ѕидот, кои чекаат да бидат закачени; постери од разни културни настани и концерти; чудна црно-бела графика. Им пријде и крснозе седна покрај нив. Имаше и слика од нејзиниот прв дом – цртеж со темно кафено мастило, нацртан од некој семеен пријател. Цртежот не беше којзнае колку вдахновен, но беше доволно вешт и Елен го сакаше. Веселите аматерски линии, двете димензии кои дури и не се обидуваа да ја навестат третата, се чинеше дека потполно произлегуваат од нејзиното доживување на тоа место. Секако, таа во него живееше во три димензии, но без каква било помисла за
мистериозната четврта која одамна ја беше зела под свое. За неброените прозорци на улицата, тие имаа два, во еден друг дел од Филаделфија кој беше „перспективен“ сè додека живееја таму, а кој конечно процути дури откако се отселија. Тоа место беше нејзиното гнездо. Одлетуваше од него секое утро за да оди на училиште и се враќаше неколку часови подоцна со дреболии со кои го украсуваше – слики исечени од списанија, цртежите кои ги нацртала на час, налепници и други мали шарени и слатки украси и џиџиња. За кусо време го прекри ѕидот зад својот кревет и, како што созреваше, така и колажот раснеше заедно со неа, менувајќи се и приспособувајќи се во согласност со промените во нејзините расположенија и вкусови. Ја крена врамената слика во скутот и внимателно ја разгледуваше. Одненадеж се сети дека има останато половина од колачот кој нејзините родители им го донесоа кога дојдоа да им помогнат да се распакуваат. Отиде по садот во кујната, се врати во дневната и пак седна на подот. Кога го крена капакот, вистинските и запомнетите мириси од мајчиното готвење ѝ ги исполнија ноздрите.
Отпрвин, станот не беше нејзин. Им припаѓаше на луѓето кои дури подоцна ќе ѝ станат родители. Првото место во кое се вселија откако се зедоа. И дури тогаш идејата за домот стана стварна. Од таму се развиваше, во текот на многу години и со не малку вложен труд. Елен се обиде да ги замисли начините – нешто како предворје во нејзиниот ум – на кои празниот стан беше претворен во удобно катче. Се чинеше дека во тоа има нешто чудесно. Со палецот и показалецот открши ќоше од колачот и речиси несвесно го крена кон устата, замаена од мисли и сеќавања. Нејзината стара куќа беше скромна и неупадлива, освен по својата должност, си помисли; сведоштво за способностите на нејзините родители. Одеднаш се почувствува многу горда што раснела на такво место. Го голтна залакот од колачот и открши уште едно парче. На местата на кои со прстите си ги беше допрела усните, останаа мали трошки. Пак почна да џвака, овојпат бавно и одмерено. За неа и Рајан нештата се одвиваа многу лесно, нели? Тука нема да има многу работа. Веќе беше обврска на некој друг да ги предвиди сите нивни потреби, за нивното дете да може да расне во комфор, дури и со повластици, како нешто што се подразбира. Така што таа би можела да се навикне на тоа и кога едно утро ќе се разбуди да сфати дека всушност заборавила… Насекаде имаше плакари и ормани, одреден простор за бесконечно многу замисливи и незамисливи помагала. Никогаш повеќе ништо нема да биде „расфрлано“ или мрзеливо „натрупано“ на подот покрај фотелјата или „оставено нераскренато“. Се чинеше дека ѕидовите не би биле лесни за украсување со шајки и лепило.
Од својата ниска положба, Елен гледаше долж совршено обоената ѕидна лајсна, а потоа само празно зјапаше. Можеби конечно почнуваше да ѝ се приспива. Прстите ѝ го галеа дното на садот со некој свој интерес, како да се здобиваат со независност од отсутното тело. По некое време, стана свесна за чешкањето на коската во зглобот на раката и си погледна во скутот. Беше останало само едно мало парче колач.
Повторно погледна кон лајсната и погледот ѝ сопре врз сфера од темно портокалова боја зад софата. Рајановата кошаркарска топка. Сигурно се истркалала кога се распакувале и се скрила таму – сè до сега. Бојата му припаѓаше на градот. Таа мисла веднаш ѝ падна на памет и потоа повторно помисли дека треба да се завршат некои работи.
Нејзиниот маж беше посветен кошаркар додека беа на факултет. Според кој било стандард, никогаш не беше којзнае колку добар. Како прво, не беше доволно висок, ниту пак беше брз или подвижен. Но таа сакаше да оди да го гледа кога со неговите пријатели, едно постојано друштво, попладне се наоѓаа за да играат на едно од малите игралишта во сенките на дрвјата зад факултетските згради. Играа како сите да се извежбани во читањето на играта и мислите на другиот. По цели минути не правеа ништо друго освен што кружеа едни околу други повеќе или помалку претпазливо, по неколку чекори наваму и натаму, некаква договорена пат позиција, пред еден од тимовите да нападне во усогласена фурија од чкрипење на патики и размавтани раце. Но веќе со години не игра, а топката постепено стана нешто кое се гледа со крајчето од очите, оставено помеѓу два стола, или нешто кое се чува в скут и се префрла од рака в рака додека се гледа телевизија, како сенка на поранешните сили и можности.
Елен почувствува како ја обзема бран олеснување. Тоа веднаш ја крена на нозе, во еден скок. Можат да стават кошаркарски обрач во дворот.
Го остави садот на подот. Излегувајќи кон шпајзот зад кујната, каде што беа нивните домашни алатки, почувствува како ја исполнува радост од која ѝ руменеат образите. Татко кој игра со својот син, за неколку години, на совршен летен ден. Врз свежо искосената трева. Под совршено небо. Повремено би сопреле за да си ги заплискаат лицата, и да се заплискаат еден со друг во малиот поток зад куќата и би продолжиле да играат доцна во вечерта. Други татковци не би издржале ни пет минути, но за Рајан никогаш не би било предоцна.
Во задната соба го отвори плакарот на ѕидот над сушалната. На врвовите од прстите ја дофати картонската кутија, најпрвин со едната, а потоа со двете раце над главата, откако гравитацијата ја презеде нејзината тежина. Дупчалката која татко ѝ им ја позајми, моќна и нова. Ја стави на подот покрај вратата па отиде кон другиот ѕид и таму отвори една фиока. Откако ја претури содржината, го најде она што го бараше – пакетче со шајки и шрафови. Се врати кај дупчалката, го стави пакетчето врз картонската кутија па се наведна за сето тоа да го крене. Внимаваше да клекнува прво со колената, како што ја советуваше мајка ѝ. Се исправи и ги однесе во дневната соба.
Масичката беше натрупана со списанија и каталози за мебел, па го остави товарот да ја почека на столот додека таа ја расчисти масичката со драматичен и расчистувачки потег на раката. Пак ги крена дупчалката и шајките и ги стави среде масичето. Многу се трудеше да ги порамни страните на кутијата со рабовите на масичето.
Се поврати еден чекор, како да му се восхитува на своето дело. Се насмевна, потоа набрзина се заврте и тргна кон другата врата, назад кон ходникот. Ги исклучи светлата и побрза нагоре, гаснејќи го и светлото на скалите додека влегуваше во спалната.
Дишењето на маж ѝ сега беше помирно, како телото да му се подготвуваше да се разбуди или да тргне кон нов сон. Многу ѝ застуди и тргна кон креветот, да се стутка во топлината на маж ѝ. Сепак, пред да го стори тоа, се врати кај прозорецот. Овојпат не го отвори, но впечатокот за улицата беше јасен како и пред тоа. Овие предградија беа прилично чуден потфат, дури и во споредба со градот. Таму беше сосем нормално еден стан да чини стотици илјади, па дури и милиони долари. Животните, големи и мали, доаѓаа од далеку за да се гостат со него. Овде, пак, беа блиску до природата – безброј непрегледни милји – каде тревата расте без хемикалии, без потреба да се кастри секој втор викенд. Овде би требало да има повеќе од доволно место за сите, без потреба со бели огради да се дели на мое и твое. Сепак, тие имаа еден свој сопствен дел од тоа зеленило…
Легна во креветот и го повлече покривачот врз себе. Се стутка во мажот, кој сè уште спиеше со грбот свртен кон неа. Ја префрли раката преку неговата половина и нежно го погали по стомакот. Тој беше мил и топол, и таа се сети, божем такво нешто би можело да се заборави, дека е бремена. Помисли на љубовта која ги донесе до тоа. Тоа беше голема тајна. И ќе се покажува сè повеќе во идните месеци, на начин кој можеби нема да го препознава или разбира ништо подобро отколку сега, иако токму таа самата во потполност ќе ги доживува тие промени. Тогаш нема да смее да мисли себично на нештата, како што тоа го стори ноќва, или да прави зимски забелешки за летните впечатоци. Повторно помисли на нивното ведро бело предградие; зарем не е, всушност, полно со навестувања за прераѓање, за несебична привлечност? Наскоро ќе живеат за други нешта. Ги пикна прстите под ластикот од долната пижама на Рајан и фати едно влакно помеѓу палецот и показалецот. Нежно го повлече за да го разбуди.
„Рајан“, му прошепоти во увото. „Рајан, спиеш ли?“ Му го погали стомакот и пак му го прошепоти името. Почувствува дека тој реагира а нејзиното тело се чинеше дека ја изведува магијата на помрднувањето во неа – нејзиниот маж, нејзиното бебе.
„Рајан, сакам надвор да поставиш кошаркарска мрежа. Рајан, Рајан. Спиеш ли? Сакам да…“
Неговиот одговор беше толку весел, божем веќе беше утро. „Сега? Океј. Ќе одам и ќе ја земам дупчалката. Ти сигурно веќе си го купила обрачот?“
Рајан ги сакаше малите ексцентричности на жена му. Таа гледаше на нештата на начин за кој тој воопшто не беше способен. Секогаш детално му се објаснуваше, поради што нему му беше колку интересна толку и драга. Со насмевка во темницата ѝ ја потврди својата љубов. Ако и сабајлето таа сè уште инсистира, ќе треба да оди до она местото покрај Вилмингтон – таму продаваат сè и сешто.

АвторОуен Мартел
2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 80-81|