Имам збор

Имам збор

Под горичката гроб /диптих/
Мојот заклучен татко
Ма/г/лена песна
Во литванскиот ми доаѓаат сон
Пусто кварнерско море
Реторичка песничка

Превод од хрватски: Игор Исаковски
Од „Имам збор“, Блесок, 2011.
Преводот е поддржан од преведувачката мрежа ТРАДУКИ.

Тој благ февруари мермерот беше топол
Дали од солзите на моите сестри и моите заостанати
Некаде во воздухот светликави на јужното сонце

Татко веќе беше далечен, сиот во сеќавања, кон
Патувањето свртен, кон Остатокот од својот живот
Единствен свесен за конечноста на своите зборови:
„Ова е моето последно доаѓање кај неа“

Алтернативците веќе ликуваат зашто признавам:
Стрелките на неговиот часовник за миг сопреа
Како што птица слетува на прозорецот од детството
Со цвет во клунот по заминувањето на жената
На неговиот живот, Жената на која на постелата
Смртна ѝ се отвори, видов, она трето око

. . .

Мразни зимски вечери на пулските гробишта
Под миријада насмеани ѕвезди згаснати
Од љубов полудени ликови прегрнати приоѓаат во гордо
Обредно насетување, Таа на која најдрагиот тука ѝ почива
И тој искорнат среде толку заминувања

Срцето е кенотаф, срцето е интимен монолит ронлив:
Каде и да се свртиш, што и да допреш, камен

2001.

АвторБорис Домагој Билетиќ
2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 80-81|