Кажи му збогум на поетскиот пев

/, Литература, Блесок бр. 74/Кажи му збогум на поетскиот пев

Кажи му збогум на поетскиот пев

(одломка)

Рече дека ме сака како предмет за поетски пев, како нешто со огромна влакнеста опашка, нешто што е апсурдно прекрасно, а притоа очајно примитивно, старомодно, предисториско; те сакам како предмет на оној најубавиот поетски пев, зашумоли со напупените усни Кларика пред сите да заспијат и да ѝ дозволат на ништожноста да се симне во светот, засега недовршен; те сакам како предмет на поезијата, како рој од животворни крвни зрнца, како род на безнадежни скитници…, додека сите уште не спиеја, Кларика беше во свој елемент, беснееше до небесата кои се белееја како пречкртана свест, го исплукуваше сладоледот врз бастардите и се смееше, стоеше на раце и се виткаше во клопче, на плоштадите ја соблекуваше маичката, им ги кинеше срцата на старците, беше многу привлечна, прекрасна, сонуваше со отворени очи за инаугурацијата на лудилото; и веднаш се замрачи и сурово колнеше – смрт за плевата, изобилство за животот! Сакаше да го проба сето она што се зборува за лудилото поетско, сакаше да биде како поет, како неговото прочуено црево, долго и пенливо, копнееше да се опива до изнемоштеност, до поматеност, како што тоа го прават само поетите кога се во форма и не знаат за стоп; копнееше за поетски пев заедно со мене, копнееше да ги остава лигите од стиховите и од прашалниците да капкаат од јазикот, копнееше за себепрашување кое будеше неверојатен немир; се одлучи да мечтае, да ја повикува светлината, сјајот, раскошот, странската легија на самотијата, сакаше сè, шок, бакнеж, надуен презерватив што ќе направи бжж, кога ќе го испуштиш, сè, сè сакаше, водеше љубов со мене до истоштеност, до последната капка пот и крв – секаде, каде било, постојано и секако, на сите начини, одозгора, одоздола, нежно, брутално како чудовиште, кревко како летна плашица, викаше ајде дојди веќе, дојди, поету мој, ја обожавам твојата несреденост, твојата смрдеа, дојди и загризи ми ги бумбарчињата од брадавиците, јас веќе целата горам и го посакувам тоа многу, многу, дај ми го твојот дигнат лонгобард, што штракоти и се грчи… Полеана со камиони од шампањ ми ги покажуваше градите исончани од мајското сонце и си ги поткреваше нив повисоко за целосно да ме полуди и да ме раздразни на перонот, во канцеларијата, во кафезот на зоолошката градина; се смееше над вулгарните машки шеги, се клештеше грлено, зарипнато како лажливец, сè на неа беше естетски совршено, бидејќи гореше од љубов, од нега и од лошо сокриваното јавно самоубиство, сè околу неа беше вистинско, стварно, цврсто, дури догматски сугестивно – како нештата што не можат да се извалкаат: гатањето, убивањето, жмуркањето, давењето, притиснувањето на чувствата, црни до полудување. И одеднаш нешто ѝ прелета низ главчето, па остана да стои задумана, молчеше под своето ниво, како естет на присој; занемена, нурната во шармантните центри на својата минлива егзистенција, во својот гроб – а јас знаев дека мисли на пајаците, на мувите, на црвот што никој не може да го љуби, се откачуваше, беше света засекогаш, засекогаш, со напукнати очи од лумпување, поетски, поетично, лирски, фамозна песна во проза, строфа, строга, рима расчекорена… , и нагло пак скокна, ги испружи првокласните нозе и почна грубо да се дере, врескаше колку што ја држеше грлото како бродоломник, ги точеше соковите на животот со секоја пора од својата безгрешна покожичка, со секое отворче на телото: со носот – исклучоците од еуфоријата, со ушите – радосните извици на збунетите ангели, со срамните усни –судбината на претчувствуваната несреќа, ги ставаше пред ревизорот запалените цигари во џебовите, расфрлаше искинати банкноти, цицаше црно пиво од шише како пијаница, си купуваше чоканчиња со вотка и ја лееше во себе придвижена од јаката, ме држеше силно за раката, тоа дури ми го земаше здивот и шепотеше дека ме сака, дека катастрофално ме сака… Те сакам, поету мој, со тебе е прекрасно, сè што е поврзано со тебе е создадено за љубов и за големо измачување!
Ја удри шајката по главицата. Затоа што поетот е суштество необјаснувачки мистериозно, деликатно таинствено, поетот е битие без време и простор, во неговите жили скитаат ангелите на безбожноста и се клоцаат со копитата на ѓаволот, затоа поетот е суштество чудно, чудесно, нестереотипно, појава етеричка, астрофизичка, изживеана, ги скрива во себе армиите на жалта и на суровата болест, кои му експлодираат во срцето секогаш по летната бура, а воедно му ги испраќа на светот полковите на бесконечното блаженство; поетот е отфрлен, исплукан, закопан под земја, засветен, пресечен, тој е инстинктивен грабливец, омразен и љубен, мрази и љуби, ох! како што само поетот знае да љуби: како неискусен мрсулко, како страшило од нонсенс, од глава до петици поетот може да се извалка од верата во агапе1F, а потоа од несреќната љубов да го пушти плинот или да си ги пресече жилите, шуп-шуп; насекаде одеднаш се појавува неверојатно многу крв, толку крв што тече кон соседите, што прави пак тој лудак? Го напушти парицата и прави глупости, насекаде е неговата црна крв, досегнува и над плафонот, капка од водоводот, крвав дожд, дожд крвав, лудак еден заљубен – и поетот со расечените жили трча потоа по целиот град некаде во бестрага, за да затропа на вратата на лудаците, да си рече аха, што си направив!
Поетот е проклетник, лимфар, пробисвет, тој е маг, подмолен пресметувач на реалноста што не му е наклонета ниту за прдеж, сладострасник, агитатор на убавините и на скапоцените камења од кражбите, пијаница, легач, осаменички карактер, замрачувач, бесрамник, додворувач, непристоен плагијатор на сè што се движи… Поетот е питач, загрешен уставен активист, цел живот нема за корка леб, па така живурка на различни начини, нечесно, како што се може, кратко копа дупки во браздите, цевни мрежи, ги засукува ракавите како маж за веднаш да се тргне настрана, да се откаже од сè и да се излежува под голите облаци, како ништо да не е, како грабливка од циркус, како мрша; неподвижен и без ехо ќе издржи поетот цели часови така да лежи и да се џари во мрачните облаци и да мечтае по прекрасните драгоцености на ѓаволскиот рај; поетот ја одгледува во себе најслатката меланхолија на хуманизмот и на човечноста, прегратката, бакнувањето; најрадо како кловн би се предал секому, најрадо би почнал да ги раздава сите молекули од себе, нека не остане ниту прегризаната лушпа, ниту влакното, ниту жабрата… поетот со своето потскокнувачко срце се залага целиот за љубов, за опколување со љубовта, за вечноста на височините, а по смртта и по сотрувањето на духот најсвет, сè ќе летне во воздух, бам, бум!

#b
1. Агапé – општа Божја љубов, Божја љубов кон човекот, чиста љубов

АвторИван Коленич
2018-08-21T17:21:00+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|