Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

Комфорот на маргиналната позиција

…тие земаа пасоши и заминуваа да станат некој друг, за станат она што не беа и што не можеа да бидат во својот јазик: од самци општожители, од идиоритмици кенобити1F
Милорад Павиќ
…тоа што јас го нарекувам љубов е отвореност кон другоста2F
Јулија Кристева

Живееме во време на мултикорпорациски неоколонијализам и културна херемонија на европоцентризмот, а би можело да се каже и амероцентризмот. Постојано, и со право, се жалиме дека сме обезгласени. Дури ни причинува задоволство да се натпреваруваме во тоа кој е помаргинализиран од другите. Тогаш сосема е разбирливо зошто Хенри Луис Гејтс Џуниор се потсмева во духот на Дерида и вели нема „ништо навор од (дискурсот на) постколонијализмот“, а Слемон додава „секој дискурс мора да биде ништо друго освен колонијален дискурс сам по себе“ (Slemon 1995,51).
Но дали ние не дискриминираме повеќе од привилегираните? Дали очекуваме дека ќе бидеме обесправени по секоја цена, и можеби, во извесна смисла, се надеваме дека ќе биде така за да заспиваме навечер со чиста совест. Зарем не е избезумително да се биде рамноправен, еднаков, ист, втопен, незабележлив? Што правиме кога никој веќе нема да не смета за странци? Што ако и самите престанеме да се сметаме за странци на себеси?
Ова сценарио како од ноќна мора укажува на фактот дека „Западот“ постои исто толку поради потребата на „Истокот“ да се диференцира од него, колку и од неоимперијалистичкото и насилно самодефинирање. Позицијата на аутсајдер е исто толку комфорна како и елитната позиција, во извесна смисла и помоќна (од аспект на субверзивноста).
Додека прашуваме можат ли привилегираните народи да ја читаат маргинализираната литература и култура без предрасуди (кога воопшто ја читаат), би можеле да се запрашаме обратно, можат ли потчинетите субјекти да ја читаат доминантната литература и култура без предрасуди (колку често и да ја читаат).

Средба, препознавање и именување на другоста

Другоста се раѓа при средбата (со друга личност или со себе). Таа започнува со воочувањето на разликата, на другото кое буди бинарност. Тоа друго, вели Кристева, „го носи знакот на преминат праг“, се доживува како „дополнување“ на себеси и ја осакатува добросостојбата на единката (2005,238). Секое дополнување ни кажува дека не сме доволни, не сме комплетни и совршени.
„Музејот“ е расказ за средбата на две другости и претставува одличен коментар за тоа како постколонијалните нации го гледаат „Западот“ и како замислуваат дека тој ги гледа нив. Овој расказ, кој на Лејла Абулела (Leila Aboulela) ѝ ја донесе наградата Кејн за африканска книжевност во 2000, зборува за една Суданка на постдипломски студии по математика која одбива да се вљуби во Шкотланѓанец интелектуалец од пониска класа делумно поради тоа што е ветена за богат наследник во Судан, но и од многу други причини. Тие други причини се она што таа ќе го разбуди при средбата со другиот.
Другото сме научени да го препознаваме уште пред да го именуваме. А кога ќе го именуваме воедно и го интерпелираме како друго. Шадја, главниот женски лик, кога првпат е именувана од Брајан, главниот машки лик, е погрешно именувана како Шадија. Оваа навидум едноставна грешка во изговорот, посочува како во туѓа земја името и идентитетот што ѝ го дале родителите (а Шадја значи образувана) лесно се субвертира. Секако ова тој не го прави намерно: неговата култура го прави за него. Вината лежи во Шадја која, иако забележува дека тој греши, упорно не сака да му каже како се изговара нејзиното име и кој е нејзиниот идентитет, или барем кој е идентитетот на кој се одsива дома. Во туѓина, скоро и не е битно на кое име се одsиваш, секогаш си препознаен како чуден. Но, се чини дека таа ја користи својата чудност да го заштити својот разорен идентитет, ставен под прашање со самото напуштање на домот.
И самиот Брајан има, ако не алтернативен изговор, тогаш алтернативна пишана форма (на англиски Bryan, а не почестото Brian). Кај него таа е индикатор на инаквоста. За да биде уште понагласена иронијата и нашата немоќ во туѓиот јазик, името на авторката е Лејла (а можеби и неточен изговор за Лила) Абулела. Кога би отишле подалеку би се почудиле и за акцентот со кој треба да се изговори и дали со меко, средно или тврдо „л“. Меѓутоа не е единствено јазикот тоа што не прави различни.

Видови другост и степени на другоста

Другостите не се исти, туку со различен интензитет, повеќекратни и ситуациски. Некои другости ги отпишуваме веднаш, без да им дадеме шанса (ги абјектираме). На некои, пак, сме подготвени да им прогледаме низ прсти. Кои се подносливите другости веројатно зависи од тоа до кој степен се различни и колку го компромитираат нашето себство.

1. Видлива другост

Не е тешко да се препознае туѓото. Тоа е првата констатација што ќе ја направат нашите сетила. Уште со првата реченица дознаваме дека Шадја се плашела од Брајан поради неговата обетка и долгата коса. Другоста, нормално, започнува од погледот. За една традиционално одгледана муслиманка, непојмливо е еден маж да се идентификува со вакви атрибути. Кај Брајан тие се знак на револт поради неудобната вдоменост во неговата култура и потребата од бегство, но за неа се насилство и напад за нејзиниот интегритет и нејзината култура. Сосема е природно, тогаш, да ги отпише како дел од „чудноста на Западот“3F (Aboulela 2001,99)4F, од другата култура, која исто така ја перципира како нешто туѓо. Една од првите дефиниции за таа друга култура ѝ се студот и дождот кои ја злоставуваат нејзината коса вртејќи ја во кадрици. Не може да ја носи спуштена и дива како дома, туку мора да ја дисциплинира со гелови и шноли и да ја врзува.
Нејзина среќа, или несреќа, е што Брајановата туѓост е флексибилна. Во еден неконтролиран момент на искреност таа ќе го натера да ја извади обетката и да ја скрати косата. Помислува да му каже да стави и сок од лимон на пегите, но се воздржува. Од друга страна, во Судан, неа ја чека брак со една поинаква другост. Фарид, нејзиниот свршеник, е предебел за нејзиниот вкус. Тој е запознаен со ова, но не ни помислува да ја загрози својата удобност и превкусната храна што ја готви мајка му заради љубовта кон неа.
Би се очекувало сега и Шадја да треба да направи некоја отстапка во однос на својот изглед, но никој не го бара тоа од неа. Односно, тие двајца не бараат. Конзумерската империјалистичка култура скоро инсистира на тоа, иако суптилно, преку небаре невини репрезентации. Првиот спомен од Африка кој е споделен со нас е за русокосата кукличка и како „со часови ја чешлаше косата на таа кукличка и ја галеше. Копнееше по таква права коса. Кога ќе оди во Рајот ќе има таква коса“. (99)
Шадја е болно свесна за визуелниот аспект на другоста. „На фотографија не би изгледале добро заедно“, (116) ќе помисли таа за себе и за Брајан. Но заборава дека таа фотографија ќе биде подеднакво идеолошки одредена од нејзините предрасуди како што фотографиите во музејот што двајцата ќе го посетат се фокализирани низ колонизаторската идеологија на првите истражувачи на Африка.

#b
1. Милорад Павиќ 1990 Предео сликан чајем Земун, Драганиќ. (124) Сите преводи од српски и англиски јазик се мои, доколку не е назначено поинаку.
2. Кристева (2005,308).
3. Шадја заборава дека обетката и долгата коса се дел од „чудноста“ и на Истокот. Во многу земји во Африка мажите носат обетки, а во делови од Индија тие се сметаат за заштита од зло. Долгата коса пак има исто толку долга традиција во Кина.
4. Референциите на цитатите од расказот од сега ќе бидат само со бројот на страницата.

АвторНаталија Јовановиќ
2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 67-68|