На пазарот

На пазарот

#1 Во моите средношколски денови, во саботите работев на пазарот во Бјеловар, а и секој ден од летните распусти. Продавав пиперки, компири, грав или грашок на изнајмената тезга на моите родители, за малку екстра пари. Ги бришевме пиперките претходниот ден и ги стававме во вреќи, при тоа не мамејќи; само понекогаш стававме помали, или од оние со мали дамки, во средината, за да не се гледаат. Не бев создаден за продажба, но работата одеше добро. Понекогаш на глас ги рекламирав продуктите, „дискретно“ повикувајќи ги муштериите. Еднаш една жена ме праша дали компирите се „слатки“, на што ѝ одговорив дека мене компирите никогаш не ми се слатки, а таа, здрвена од анти-рекламата, сепак купи малку. Слободното време го минував читајќи. Обично ја носев збирката поезија Stišavanje izvora (Стивнување на изворот) од Анка Жагар, а луѓето од соседните тезги ме знаеја како „момчето што чита“ или „паметниот“. Во последниот клас, кога се спријателивме, Владо често доаѓаше да ме види, обично околу девет и пол или десет – после појадокот. Потоа одеше во библиотеката и се губеше во делот за #2 историја на уметноста, зашто уште тогаш многу црташе, како што и јас многу пишував, сè и сешто. Мислам дека и за пазарот многу зборувавме. Планиравме таму да отвориме тезга со книги, меѓу овошјето и зеленчукот, но не знам зошто тоа никогаш не го сторивме; требаше да имаме многу читања на глас, за луѓето да станат свесни за книжевноста, или што и да е. Не сум сигурен дали овие разговори имаат некаква врска со неговата неодамнешна идеја да оди на пазарот во Загреб, наспроти неговата зграда, и таму постојано да снима и да фотографира; мислам дека не, но не е важно.

Превод од англиски: И. Исаковски

АвторБранислав Облучар
2018-08-21T17:21:06+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 66|