Подоцна, во барот

Подоцна, во барот

Романот-збирка кратки раскази на Ребека Бери „Подоцна, во барот“ (Simon & Schuster) е прекрасно деби, населено со ликови што се трудат да ги разберат своите несредени животи, пишува Џил Мејерс во Букслат [http://www.bookslut.com/fiction/2007_07_011475. php]

#1 Во грациозните, релаксирани раскази на Ребека Бери, ликовите се собираат во Крчмата на Луси и зборуваат и се караат во врска со љубовта. „Подоцна, во барот“ е роман напишан во приказни, интимна студија на осамени луѓе која потсетува на класичната „Вајнсбург, Охајо“ на Шервуд Андерсон. Луѓето на Бери живеат во едно гратче на северот на државата Њујорк; тие се фармери, возачи на камиони за храна, готвачи, ситни престапници, и автори на советодавни колумни. Мамат, крадат, и копнеат. Донесуваат лоши одлуки, дури и смешни, но блескавата великодушност на Бери сјае низ сите овие раскази.
Најдобриот расказ е смешниот, горчливо-сладок „Мажите пукаат во работите за да ги убијат“. Премисата е едноставна: еден љубоморен сопруг сака да ја набљудува својата сопруга. Грејс патува со друг маж на турнир во куглање во место оддалечено четириесет и пет минути, а Харлин размислува дали да пука во автомобилските гуми на тој човек. Се разбира, работите ќе ескалираат – кога Харлин ќе пристигне во кугларницата со брат му и бившата жена на брат му, тој доцни, пијан е, и сака да се расправа. Многу автори би завршиле тука, но Бери продолжува да пишува. Остатокот од расказот делува ново, како Бери да открила нов начин на пишување раскази. На приказната ѝ дала простор да дише: враќајќи се дома, ликовите се обединуваат зад една кауза, па повторно се распрснуваат во своите самотни животи. Расказот опфаќа физичка комедија (во која е вмешана и една разлигавена гуска со скршено срце) и тага, постигнувајќи преубав резултат.
Расказите исто така поседуваат и паметни дијалози и психолошки увиди што се граничат со Мунроескни. Тепајќи време едно попладне, Харлин и неговата банда пијат и дискутираат за едно девојче што измачува животни:

„Тоа дете не е за домашни миленици, туку за кактус,“ рече Манибегс.
Дури и Харлин се насмеа на тоа. Не беше горд што беше така, но му се допаѓаше кога другите луѓе имаа лоши деца. Не ја имаше видено ќерка си со години, немаше поим што би ѝ рекол кога би ја видел, а ужасните деца на другите луѓе го правеа горд на детето што не го познаваше.

Ова не е само сеир, ами тетераво веселење што (одвај) прикрива едно болно отсуство. Овде, и на други места, Бери навлегува подлабоко во психологијата. Иако нејзините ликови живеат релативно едноставни животи составени од работа, љубов и рекреативно пиење, нивните внатрешни животи се разнообразни и сложени.
Подоцна во книгата, Грејс присуствува на посмртно бдеење и разменува анегдоти со двајца младичи. Едниот ѝ раскажува мрачна приказна за неговото детство, а тоа ја засилува нејзината тага поради смртта на човекот кого сите се собрале да го оплакуваат, и станува нешто поголемо.

Главата на Грејс почнуваше да плива. Небаре сиве овие таги – празната куќа на мајка ѝ, [оваа] смрт, а сега и овој ужасен факт – се редеа една врз друга, и нивната тежина ѝ го притискаше срцето, отворајќи места што мислеше одамна ги затворила.

Последниот расказ во романот (од кого е изваден овој цитат) делува како лупа, покажувајќи го поширокиот пејзаж. За неколку лика, прикажува како поранешните настани се одразуваат на нивната сегашност. Го постигнува и резултатот што Грејс го опишува погоре: ги отвора другите раскази, поврзувајќи ги.
„Подоцна, во барот“ содржи бројни убави раскази, но неколку во збирката не се успешни. Во „Упатства за заменик-возачот на автобусот“, Маделин Харис ја трасира нејзината автобуска рута, ги опишува децата што се возат во нејзиниот автобус, и ја раскажува приказната за абортусот на ќерка ѝ. Ги портретира децата и нивните мошне реални маки со сочувство, но испреплетувањето на нивните животи со нејзиниот и животот на ќерка ѝ се чини пренасилено. Премините меѓу овие два света се несмасни. Другите раскази, како „Исечок од весник“, се едноставно послаби – повеќе се вињети одошто раскази.
Луси, првобитната сопственичка на Крчмата на Луси, умира тивко една ноќ среде снежна виулица. Кога ќе ја најдат утредента, таа е легната на грб во нејзиниот двор, со рацете зад бедрата, „небаре чека нешто прекрасно да се случи“. Сите ликови овде го сакаат истото – но не чекаат легнати. Наместо тоа, дејствувааат – крадат „храна за носење“ од доставувач на храна, возат пијани, спијат со бивши партнери – и потоа се собираат кај Луси за да ги разберат своите несредени животи. Макар што не можат секогаш да ја откријат логиката, нивните обиди се проследени со сериозност, отвореност, и надеж. Истиот тој дух го исполнува и ова прекрасно деби.

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторЏил Мејерс
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 56|