Кон изложбата на скулптури на м-р Анета Божинова

/, Галерија, Блесок бр. 55/Кон изложбата на скулптури на м-р Анета Божинова

Кон изложбата на скулптури на м-р Анета Божинова

Музеј на град Скопје, мај 2007

#1 Навлегувајќи во опусот на м-р Анета Божинова посветен на Танцот ја вдишуваме аурата на занесот. Проникнуваме, ја впиваме сказната навидум едноставно во еден здив. Нурнуваме во бајката, во трепетот на илузионизмот и понесени од првичната импресија, полека ја разоткриваме загатката. Магичната светлина ни го заробува поривот за тактилното и тие остануваат чудесни и неосквернети во својот исказ, во својата спонтана подаденост.
#2 Обвиткани со превезот на привидот, ги насетуваме ритмовите, линиите, билото и дамарот на суптилно и грациозно издолжените, истанчени, луцидно развиорени, издигнати до вознес, некаде далеку над ефемерното, егзалтирани, понесени од изблик на восхит кон овоземните радости, некаде истанчено истегнати, а некаде експресивно згрчени, повиткани, повиени, торзирани, а некаде и барокно развиорени, во апстрактни и арабескни ритмови. Скулптурите на Анета Божинова во крајна цел ни ја доближуваат илузијата на театролошкото и илузијата на сценското доживување. Тие повикуваат на танц во нас самите со нашата размисла и посветено доживување. Осамени или сплотени во пар, ансамбли, тие се незапирливи, недофатливи, неповторливи во ритамот, во Мигот, во единственоста и самосвојноста, во гестот и изразот кој навестува и соопштува и во најнеочекуваните соодноси во играта на светлото и сенката. Апстрактни и реални, едновремено опстојуваат во виртуелноста на просторот, на времето, суптилно материјализирани во корелација со авторски препознатливиот дух, манир и печат. Тие побудуваат безвремено, апстрактно доживување на релативитетот на материјализацијата, а едновремено се и сугестивно дефинирани во исказот. Проектираат најразнородна интерпретација и автентично индивидуално доживување
#3 Во опусот на Анета Божинова, доживувањето на танцот е дисперзија на светлосна еманација, дисторзија, не само на формата туку и на времето и просторот, стилизација до доминанта на линеарното, суптилна апотеоза, илуминација, кревок игроказ, арабескно скерцо и шегобијна фуга.
#4 Независно дали се во ставата на пируета, на елевација, алонжеа и контртани, со издигнати раце во гест на курон или мачкин скок, сонт де шат, или па пије – извишени на прстите или во трчечки чекор па кури,евидентно е сплотувањето на енергетскиот спин и доминантата на илузионизмот, стилизиран во линеарно-ритмички организираните целини.
#5 Просторот е воздушест, со превез на контемплативно мистифицирана атмосфера каде се навестува прапочетокот, праисконското, зародишот на магијата, култот, обредните ритуали и ритмиката на непатвореното сè до концептуалното и апстрактно доживување.
#6 Со интерполација на секвенци од праисториските ритуали, обреди и култови, магично мистични, метафорични, некогаш едновремено и пагански и световни и сакрални, и оргијастички и еуфорични, стилизирани, арабескни, и апстрактни и реални, дел од еден чудесен виртуелен концепт кој буди метафизички и контемплативни соодноси.
#7 Монохромноста, дуализмот на црното, белото со интерпункција на црвените пигменти кои го акцентираат сензибилитетот и ја артикулираат тенденцијата на артистичкиот опус кој ја интерпетира традицијата, богатството на фолклорот на македонското поднебје кое опстојува со мултикултурите и во окружението но и пошироко, надвор од овие простори.
#8 Трагите на огненото го распламнуваат движењето, Латентниот импулс и арабескно- еротскиот сензибилитет во арабескните движења прозвучува мартиновски. Импулсот на црвеното, пулсира во кревкиот, латентен, но сепак еруптивен набој кој е навидум заробен во структурата на формата и се ослободува во атмосферата со изблик на нескротените движења.
#9 Тие укажуваат на преклопувањето на тенката границата помеѓу Животот, Љубовта и смртта. Укажуваат на појавната кревкост и воедно,на внатрешната компулзивно еруптивна енергија. Тие се воедно изблик на моќ, сила, енергија, акробатски виртуозен изблик на страст.
#10 Неочекуваната интерполација на сите соодноси буди различни сугестии и интерпретации. Просторот е виртуелен, метафизички, слободен во бесконечноста, имагинарен, воедно и реален и апстрактен, перфориран, а некаде и привидно затворен. Кругот е перпетуум мобиле.
Навидум слободно поставени во просторот, тие лебдат, бестежински и речиси бестелесно. Како суптилна компилација помеѓу привидот на реалноста и стварноста на виртуелното. Инсертирани од непозната и недефинирана сцена, од Животот, со сета грациозност и суптилност во гестот, во контрапостот, во сугестивноста и препознатливоста ја усложнуваат и распламтуваат имагинацијата и алузијата како секвенци на балетски па де-де-а или сегменти на свадбарското еуфорично развиорено Тешкото, во духот на македонската традиција. #11 Но поривот на авторот тука не запира, оди пошироко доловувајќи ни ги инспирациите и од дубровничката, од шпанската, англиската, француската култура и традиција. Во еуфоријата и занесот тие се сплотуваат. Тие едноставно го повикуваат и доближуваат зародишот, есенцијалниот порив и експлицитно ја акцентираат утилитарната димензија на танцот, суштествен во опстојувањето на културите и ентитетите на сите простори, укажуваат на генезата од праисконското, на непрекинатиот континуитет, на сеопштиот длабоко впишан иманентен код и порив.
#12 Танцот е секогаш повторно раѓање и повторно будење на изгрејсонцата во нас. Танцот е говор на музите. Тоа е повик на боговите, возвишено ехо на камбаните. Тоа е сребрен игроказ на месечевата светлина. Треперење на ѕвездениот сјај. Тоа е лекокрил допир на пеперугите. Танцот е сонување. Арија на месечината. И адаџо во секој од нас. Жуборење на потоците. Танцот е галоп на страста. Понор на болката. Кревкиот допир на солзата. Вресок на страдањето. Гасење на светлоста во нас. Мечтаење и будно сновидение. Танцот е Молитва. Посакување, надеж и чекање. Агонија. И сомнабулично талкање. Допир на божественото во нас. Апотеоза на сите сетила. Опоен допир на небесните височини. Илуминација на Духот. И недофатлив трепет на Молкот. Танцот е последната проштална молитва. Танцот е солза на желбата. Вруток на изгрејсонцата. Сон на самовилите. Лазурен трепет со аура на херувимите и серафимите. И опивна веселост на свадбарите. Тешкиот исчекор на Тешкото со дамар на зурлите. Танцот е Воздишка. И незапирлив порој на немите желби. И најдлабока еманација на болката. Танцот е последната молитва пред немо збогување. Танцот е вечноста. Започнува со првиот допир на утробата. Танцот е и во космосот, во вселената, во универзумот. Во големиот Прасок. Во играта на сите честички.
#13 Танцот е лелеав трепет и Виор, Восхит, Вознес и Возбуда, возљуба, занес, восклик. Воздишка. Ритам на животот. Инкарнат на светлината.
#14 Танцот е движење. Движењето е живот. Во секој миг единствен и неповторлив. Инкарнат на битието. Импулс на свесното и несвесното. Тоа е тој нем симултан говор од најдлабоките слоеви на потсвеста. Импулс на мислата, но и на нагонот. Тоа се интерпункции на интуитивното на инстинктивното. На појавното и непојавното. На вонсетилното. Танцуваат формите, боите, светлоста и сенките, лелеавото руво, танцува мислата и духот во аурата од недофатливите флоскули на трансцеденталното.

Скопје, 17 април, 2007

АвторВиолета Елизабета Крстиќ
2018-08-21T17:21:17+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 55|