Големиот Бродски

Големиот Бродски

Ендрју Кан, професор по Руска книжевност на Универзитетот во Оксфорд, вели дека „Јосиф Бродски: Есеј во литературна биографија“ („Иосиф Бродский: Опыт литературной биографии“; издаден од московската Молодая гвардия во едицијата Жизнь замечательных людей: Серия биографий во 2006) е најдобрата поединечна книжевна биографија на Бродски, во освртот објавен во Тајмс [http://tls.timesonline.co.uk/article/0,,25336-2641484,00. html]

#1 Награден со Нобеловата награда за литература во 1987, Јосиф Бродски за време на неговиот живот беше признаен за голем руски модерен поет. Но репутацијата му избледе во англиското говорно подрачје по неговата рана смрт во 1996. Новиот труд на Лев Лосев е најдобрата поединечна книжевна биографија на писателот објавена досега на кој било јазик. Како пријател на поетот речиси од раѓањето до смртта – а одличниот избор фотографии го прикажува и него до поетот во Русија и Стокхолм – тој е прецизен и објективен хроничар. Неговото прераскажување на судењето на Бродски ги поправа легендарните верзии на размената меѓу Бродски и државниот обвинител, и е само еден пример на суптилната тактика на Лосев да ги постави работите на вистинското место. Ова не е комплетна документарна биографија, и обработката на животот на Бродски од средината на 1980-тите е потенка од таа на претходните децении. Но Лосев нè приближува до предметот на неговото истражување повеќе од кој било друг труд така што ги интегрира фактите (поткрепени од корисни хронологии на крајот на книгата) во доследен наратив и длабоко проучување на поезијата и прозата на Бродски. Објавувањето на ваков том во едиција „Животи на значајни луѓе“ основана од Максим Горки и општопозната по нејзините биографии на советски херои и генерали би го изненадила Бродски, еден од познатата генерација советски прогнаници што ги вклучуваа Александар Солженицин, покојниот Мстислав Ростропович и Михал Баришњиков.
Бродски е роден во Ленинград во 1940 во образовано, но општествено скромно семејство (тукашниот опис на неговото детство корисно го дополнува неговиот прочуен автобиографски есеј „Соба и пол“). Уште од рана возраст мотивиран од длабока верба во индивидуална самоопределба што го разголувала советскиот конформизам, Бродски се чини дека ја открил поезијата и неговиот талент за неа речиси случајно. Самоук и со силна волја, тој брзо ја развил својата поетска дарба и формална вештина, и научил доволно англиски и полски за да работи како литературен преведувач.
За раниот развој на Бродски, Лосев пишува со експертски увид во литерарниот систем на Советскиот сојуз. Даден ни е портрет на младиот и надежен поет во неговото милје, набљудувајќи ги авангардните кругови и оценувајќи го неговата далечна врска со групите како Филолошките Поети. Меѓу најважните луѓе што рано извршиле влијание врз него бил Евгениј Реин, чиешто владеење на поетските форми и елегиска психологија му оставило траен впечаток. Лосев му ја дава должната заслуга на авторитетот на Ана Ахматова, позабележлив во чувството на Бродски за поетски идентитет одошто во неговата поетска техника. Лосев повторно го отвора прашањето зошто примерот на Борис Слуцки, наводно мошне „советски“ поет, го инспирирал Бродски да се обиде да пишува поезија.
Од централна важност за животот и поезијата на Бродски во средината на 1960-тите била Марина Басманова. Како ќерка на сликар а и самата уметник, Басманова била инспирацијата за многу од неговите најдобри лирски песни, вклучително со циклусот „Нови строфи за Августа“, кои се меѓу најсеберазоткривачките исповедни стихови во руската поезија, некои од нив напишани во тешките мигови на нивната врска (која тука е опишана отворено и без цензура). Таа продолжила да ја прогонува и неговата подоцнежна поезија. Лосев е особено перцептивен кога го идентификува влијанието на Басманови на употребата на Бродски на симболизмот на боите, а особено кога станува збор за значењето на белата, во неговата поезија.
По апсењето и судењето на Бродски под обвинение за „паразитизам“ во 1964, Ахматова славно коментирала дека „нашиот црвенокос си создава интересна биографија“. Таа забелешка била јасновидна. Во деталната обработка на обвиненијата, судењето и пресудата, Лосев дава убедливи аргументи дека Бродски, чија поезија одвај и да влегла во официјалниот печат, па дури и во самоиздателството, бил мошне неверојатна мета за судење. Во реакциите против краткотрајното одмрзнување на Крушчев, како што објаснува Лосев, пионите на КГБ одвај чекале да ги искористат шансите за напредување. Бродски бил жртва на кариеристичките амбиции на еден низок агент, кој ги оркестрирал обвиненијата што довеле до неговото осудување (по две стравични затворања во психијатриски болници) и интерен егзил (по поминувањето низ два озлогласени затвори) во едно селце во регионот Архангел. Егзилот прераснал во почеток на еден формативен креативен период во кој Бродски ѝ се спротивставил на изолацијата така што се предал себеси на читањето англиски и американски поети како Харди, Фрост, Одн и Елиот: сите мајстори на гласот во прво лице што Бродски наскоро ќе го направи свој. Иако поезијата на Бродски секогаш се чинело дека еволуира во нови насоки, Лосев забележува дека есеите за Фрост, Рилке, Цветаева и Пастернак што Бродски ги објавувал од 1980-тите биле базирани на трудови почнати триесетина години порано.
Во некои од раните интервјуа што ги има дадено по присилното заминување од СССР во 1972, Бродски претпоставува дека бил закана за властите не затоа што поезијата му била политичка – всушност, тој ја сметал политичката поезија за еден вид предавство на уметничката независност – туку бидејќи, како што вели тој, „еден човек што наумил да создаде свој независен свет во себеси, порано или подоцна ќе стане туѓо тело во општеството и тогаш станува подложен на сите физички закони на притисок, компресија и истиснување“ (цитиран во „Јосиф Бродски: Разговори“, уредена од Синтија Л. Хејвен, 2002, каде што читателите можат да го доживеат Бродски во полн сјај, напати раздразлив и напати скромен, оставајќи впечаток на прониклива, промислена, па дури и шармантна личност). Лосев убедливо ги руши неоснованите тврдења дека Бродски се изложувал на неволји за да ужива во статусот на дисидент. Всушност, Бродски делува како честопати изненаден набљудувач на пресвртите на неговиот живот. Штом неговата прва збирка „Запирање во пустината“ (1970) била објавена во Њујорк на воодушевување од емигрантските читатели, советските власти заклучиле дека Бродски е срам за државата, поради што решиле да му „дозволат“ да емигрира во Израел заедно со илјадници други советски Евреи. Во случајов, Бродски слетал во Австрија, каде што бил дочекан од неговиот издавач и пријател, американскиот академик Карл Профер, кој го одвел Бродски да се сретне со В. Х. Одн, еден од неговите идоли и предметот на едно од неговите најпознати литературно-критички дела („За ‘Први септември 1939’ од В. Х. Одн“). Преселен во Америка, Бродски почнал истакната кариера како универзитетски професор, прво во Мичиган и конечно во врвните колеџи во западен Масачусетс. За кратко време го подобрил неговото елементарно познавање на англискиот и на крај станал двојазичен писател, издавајќи неколку значајни збирки поезија на руски и голем, знаменит опус есеи на двата јазика, како и преводи на сопствената поезија.

АвторЕндрју Кан
2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 55|