Двојната дискурзивност на еден фото-есеј

/, Галерија, Блесок бр. 53/Двојната дискурзивност на еден фото-есеј

Двојната дискурзивност на еден фото-есеј

#1 На почетната фотографија од последователната низа на фотографии на Владимир Арсовски прикажан е женски акт кој во рацете држи златна рамка и кој стои пред црно-бела фото-заднина, која пак прикажува еден женски фото-модел. Со тоа се отвора двојната дискурзивност во оваа низа од различно форматни шест црно-бели и седумнаесет фотографии во боја. Парадигматичноста на оваа фотографија за целата низа се согледува во нејзините две основни составки.
#2 Првата е онаа на авторот – субјектот на обликовната постапка: кадрирањето и двоумењето околу изборот на техниката (боена или црно-бела), односно, земено заедно, пристапот на авторот кон сопственото обликувачко искуство и потреба. Овој заклучок произлегува, односно, се пронаоѓа во присуството на златната рамка во рацете на женскиот акт. Таа, рамката, од една страна, а пред сè заради нејзината златна боја, упатува на умереноста и дефинираната пропорционалност на античкиот златен пресек, поточно, античкиот концепт за совршенство. Приближувањето кон урамнотежувањето на обликовниот процес во кадрирањето на стварноста (имплицитниот ре-презентативен аспект на фотографскиот медиум) се согледува во кадарот сместен внатре рамката. Но, овој „кадар во рамката“ се заменува со неговото проширување, при што во „кадарот на фотографијата“ (субјективниот, авторски исечок од стварноста) се појавуваат уште два ре-презентативни моменти: потполниот женски акт во боја и другата, црно-бела фотографија на моделот од фото-заднината. Доколку ова надминување, проширување го префрлиме во споредбен однос со/во тековното фотографско творештво на овие простори, тоа може да се протолкува и како негово надминување и проширување. Поинаку кажано, во оваа фотографија се согледува потребата од надминување на дискретното присуство (воглавно само навестено) на женскиот акт во македонската фотографија, воопшто. Следот на фотографии само ја потврдува (со натрупување, односно, со присуство на голем број на фотографии од фото-есејот) оваа доследност во подготвеноста на авторот да проговори за различните аспекти на актовата фотографска уметност.
#3 Што се однесува, пак, до авторовото двоумење која од техниките да ја употреби, тоа се согледува во алтернирањето на боените и црно-белите фотографии во редоследот на низата од фото-есејот, а најавени уште на оваа, почетна фотографија во двојството на боениот женски акт и црно-белиот модел од фото-заднината. Од друга страна, во низата е присутно и едно друго двојство, а тоа е изборот на технолошкиот медиум во записот на фотографската матрица согледлив во двојството на материјалноста на актот (како метафора за аналогонот) и големоформатниот дигитален отпечаток на моделот во заднината (како метафора за дигитот). Тука, или со тоа, авторот започнува со аналогно запишување, за подоцна (кон крајот на низата) да се префрли на дигиталното. Моментот на изедначување на овие две различни технолошки постапки е забележлив во односот кон втората и третата фаза на изработката на фотографиите. Во нив авторот се определува за потполна дигитална обработка на матричниот запис, за потоа да направи и дигитални отпечатоци на така обработениот запис, постигнувајќи со тоа конечна кодна структура (како замена на хемиската процесност) којашто ја поместува изворната фотографска технолошка основа.
#4 Со тоа се остварува почетниот и, едновремено, темелниот дискурс на авторот како субјект во творечкиот процес: настојувањето да се проговори за актот преку неговото кадрирање и двојството во изборот и употребата на техниката и технолошкиот обликовен медиум.
#5 Втората состојка е онаа врзана за женскиот акт (и како тема и како појавност) – предметот (објектот) на обликовната постапка: како да се излезе од вообичаениот (особено специфично за искуствата на и присуството во македононското фотографско творештво) начин на прикажување на актот. Во оваа состојка Арсовски развива извесна наративност којашто открива една, може да се каже дури и социолошка, состојка: соочувањето со персонификацијата на прикажаниот акт – „кадрирање на поличноствувањето“. Авторот ја води нарацијата на еден многу едноставен, вообичаен за овие културошки подрачја, начин. Со држењето на рамката, женскиот акт (како појавност и присутност) едновремено ја покажува и постоечката состојба (во којашто македонскиот фотограф, под изговор на уметничкоста на фотографијата, го избегнува потполното искористување на мотивот) и го покажува несогласувањето со таквата состојба
(актот излегува, присутен е и вон од „кадарот во рамката“, односно, настојува, а и излегува од вообичаениот начин на прикажувањето на актот). Во следните последователни фотографии од низата на овој фото-есеј се прикажува постепеното откривање на актовноста (како квалитативна категорија на актот-сам-по-себе) и нејзиното ослободување до себеспознавање (како квалитативна категорија на актот-сам-за-себе). Во оваа смисла земено, делови од овој фото-есеј можат да бидат именувани и како: „Кадрирање на поличноствувањето“ (фотографија 1), „Помеѓу личностното и телесноста“ (фотографија 2), „(Не)допирот на подлогата/материјата“ (фотографии 3-7), „Првиот исчекор“ (фотографија 8), „Освојување на кадарот“ (фотографија 9), „Возвишување во детаљот“ (фотографии 10-20) и „Препуштање во откритието“ (фотографии 21-23). Токму ова себеспознавање во последниот дел го наоѓа сопственото потврдување: тука моделот/женскиот акт се прикажува и потврдува во неговата потполна самосвест – дали ќе сака да остане фетусно затворен/затскриен (фотографија 21), дали ќе се понуди како ласцивно податен (фотографија 22) или, пак, ќе се задржи во рамките на сопствената самодозволена контролабилност (фотографија 23).
#6 Оваа апотеоза на женското тело заедно со авторовите прекршувања во обликовната постапка се токму оние две, на почетокот на овој текст спомнати, дискурзивности коишто од женскиот акт не прават полов објект (предмет на посакување), туку го возвишуваат во сопствената самопочит и самопотврдување (субјект на возвишување). И како заклучок на претходните две анализи, може да се каже дека: движејќи се помеѓу овие две позиции и токму заради тоа овој фото-есеј може да се именува и како „Фото-есеј за фотографот и за моделот“.
#7 Оттука, последователната низа на фотографии на Владимир Арсовски отвора едно, навидум незбележливо, или барем за јавноста непознато прашање (кое едновремено станува и заклучок): позицијата и состојбата на авторот во процесот на создавањето на уметничкото дело, поставен помеѓу сопствените творечки пориви и контингентоста и, едновремено, дефинираноста на значењата на обликуваниот мотив. Како таква, оваа низа прикажува една од повеќето можни решенија, секако, задржувајќи ја во себе слободата да говори со реториката на сложениот иконолошки систем на претстави и нивните значења.

АвторНебојша Вилиќ
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|