Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

/, Литература, Блесок бр. 53/Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Стоев на брдото и го видов Старото како иде, но доаѓаше како Новото , „Парада на старото ново“, Бертолт Брехт, Песни, 1913-1956

#1 Во пролетта на 1992, онаа Југославија којашто ја познавав, вистинска мултиетничка и мултикултурна држава во самото срце на Балканот, престана да постои и исчезна од мапата на Европа. Во многу краток период, југословенскиот мултикултурен ентитет и идентитет беа уништени и испреплетениот интеркултурен простор беше поделен во повеќе мали национални култури. Идеализмот, хуманизмот и етичките вредности исчезнаа, додека во светот алчен за пари и брза заработка, на мапата разјадена од војни се појавија прагматизмот и бесскрупулозноста. Цивилното и урбаното беше осудено на прогонство, додека сè што беше рурално, примитивно и брутално се претвори во стандард. Религиозниот и политичкиот догматизам завладеа со умот на луѓето, знаењето се занемари, а незнаењето почна да се цени. Отворените граници се затворија, богатиот и жив уметнички и интелектуален живот беше збришан, гласовите на различното мислење беа стишени, а градовите ги сменија своите имиња. Светот се подели на два табора: предавници и херои. Турбо фолкот победи во „балканскиот бар“1F. Човек на човека пак му стана волк.
Во овој процес на транзиција кон нови демократски вредности, она што порано важело за вистина се прогласи за лага, правилното стана погрешно, бандитите и криминалците се самопрогласија за жртви, она што некогаш било историја – ах, историјата и онака е палимпсест – беше поништено и стана дел од човечката индивидуална меморија и лична митологија. Како што напиша босанскиот драматург Џевад Карахасан во својата книга Сараево: Егзодус на Градот, „нашиот живот беше преселен од реалното во идеалното“, и стана замрзната слика од едно време што исчезнало засекогаш“2F.

#b
1. Ова е позната фраза често употребувана од познатиот хрватски романсиер Мирослав Крлежа кога во своите дела ја споменуваше поранешна Југославија.
2. Dzevad Karahasan. Sarajevo, Exodus of a City. Kodansha International: New York 1994. Џевад Карахасан е еден од најеминентните босански интелектуалци, драматург и романсиер кој моментално живее во егзил во Австрија.

АвторНаум Пановски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 53|