Мирисите на палмите

/, Литература, Блесок бр. 49/Мирисите на палмите

Мирисите на палмите

– извадок од подолг осврт –

(Тарек Елтаеб, Villes sans palmiers, превел на француски Пол Анри, L’Esprit des Peninsules, Париз 1999).

#1 Во ова потполно реалистично и делумно автобиографско дело, главниот лик заминува од дома во задниот дел од еден камион, возејќи се преку пустината кон Омдурман. Таму стигнува покриен со прашина, која се претвора во дебела кал кога ќе се обиде да си го измие лицето.
Тарек Елтаеб е романсиер и поет роден во Каиро од судански родители. Неговата приказна започнува дома, во селото загубено во пустелијата на, со суша опустениот, Судан. Раскажува за постојаната борба за лична слобода на едно невино момче и за неговите искуства во школата на животот; преку нив ќе стане маж во надворешниот свет, скитник и иселеник кој не може да си го заборави домот. Нараторот, кој ги има само својата младост и сила како препорака, прегладнет и со многу малку пристигнува во главниот град Картум. Под свое го зема банда криминалци кои ноќе цицаат гориво од резервоарите на колите „за да ја подобрат лошата владина дистрибуција“. Потоа попусто се обидува да најде работа на огромниот зелен пазар. Ноќе провалува во продавниците и краде зачини кои потоа ги продава на улица, сè додека не го забележи еден сопственик на продавница и го вработува за никаква плата и кревет во продавницата. Продавачот има три жени, а нашиот лик и запоставената втора сопруга, која – како и другите – не му родила ниедно дете на газдата, започнуваат тајна љубовна врска и се среќаваат откако продавницата ќе се затвори. Ова е првото сексуално искуство на момчето, и тоа го осветлува неговото сиромашно секојдневие. Но жената забременува, на радост на газдата кој ја прибира во својот кревет, а таа веќе нема никаков интерес за својот љубовник. Скршен од болка, тој со товарен воз заминува во Вади Халфа, од каде што по Нил плови до Асуанската брана. Таму се качува на воз кој петнаесет саати патува до Каиро.
Потполно загубен во тој град, се сплеткува со една весела млада дружина која го упатува во тајните на пазарот Кан ал-Калили и во магијата на рестораните со ќебапи и ќофтиња. Потоа, сите заедно во климатизиран автобус одат во Порт Саид, каде во огромната фри-шоп зона тој учи да купи евтина облека и други предмети кои подоцна за добар профит ќе ги продаде на пазарите во Каиро. За првпат во животот, станува имашен, праќа пари дома, купува прекрасни кукли за своите сестри и златен ѓердан за мајка си (чиј амулет го носи од мигот кога го напушта домот). Но, кога се враќа во своето село, го наоѓа разурнато, семејството мртво. Тогаш започнува неговото долго скитање низ европските метрополи – Рим, Париз, Брисел, Амстердам, Виена…
Книгата е забавна и потресна. Читателот се наоѓа во ситуација да биде длабоко засегнат за младиот човек, и постојано посакува да му се случи нешто добро. Се добива впечаток дека вистински живот ни минува пред очите, со некои многу чудни детали: на пример, ненадејниот опис на човек кој врши голема нужда на јавно место во едно арапско пристаниште. Таквите инциденти се обработени со дистанца, без сензационализам. Но, може да бидат шокантни за поголемиот дел од читателите, кои не се навикнати да се сретнуваат со такви документарни детали во британската книжевност. Но, книгата на Елтаеб е исполнета со многу нежни, лирски страници, и кога ќе се земе в рака тешко се остава. Тоа е сензационално, оригинално и прекрасно книжевно деби.

Објавено во Банипал, есен 1999.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторЏејмс Киркап
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 49|