Кога брат ми беше ТВ канал

/, Литература, Блесок бр. 49/Кога брат ми беше ТВ канал

Кога брат ми беше ТВ канал

Мојот брат, Лони, кој подоцна умре од алкохолизам, работејќи како шанкер во Сан Франциско. Сепак, еднаш, кога бев во средно школо, можев да го посетам во едно посреќно време од неговиот живот. Тоа беше време во кое тој го минуваше својот кус студентски живот на универзитетот во Сан Диего, а живееше со уште петмина други момци близу до предавателот на ТВ39, на Монтезума Роуд.
Местото беше мал бунгалов со две спални соби и една бања, а беше затрупано со лименки пиво, шишиња, кутии од пица, книги, и други тракатанци кои го отсликуваат беќарскиот студентски живот. Сепак, она што местото го правеше фасцинантно беше близината на огромниот телевизиски предавател. ТВ станицата 39 беше единствениот канал кој можеше да се фати со антената налик на зајачки уши, на големиот телевизор кој го имаа во дневната соба. Веднаш крај нив, зад едно џиновски, неподложен на електромагнетизам еукалиптус, стоеше великиот предавател, стрчејќи во небото како џиновски стап за коктели. Неговата метална и гаргантуанска рамка потреперуваше на вечерното небо, а куќата всушност брмчеше од зрачењето. Нормално, единствената станица која момците ја гледаа беше 39 – наутро, напладне и навечер.
Додека гледав како сонцето заоѓа, се чудев како овие луѓе воопшто можат да учат. Немаше ниедна ламба во целата куќа! Одеднаш, Лони излезе од задната соба со заграб кој личеше на фосфорни светилки. Ги постави низ собата, како средновековни свеќи, исто онака како кога беше задолжен за олтарот во Св. Јован. Потоа седна во средината на собата и се постави во положба на лотус. „Дојди овде да ти покажам нешто ептен шизички“, ми рече, и јас му пријдов, седнав на подот и ги зедов двете негови испружени раце.
„Јас сум ТВ канал“, рече Лони, и кога му ги допрев дланките, собата почна да се осветлува, како во внатрешноста на нововековна катедрала. „Не ни треба струја. Повеќе пари за пиво!“ рече Лони, а неговата долга коса се заниша додека се смееше.
Додека ги држев дланките на брат ми, радоста на неговото пренасочување зрачеше во мене за прв и последен пат во нашите животи. Сликите за тоа како ме измачува со мноштвото негови „практични шеги“ ми блеснаа пред очите како цртан филм, и можев да им се насмеам. Можев да го видам Лони како натега шишенце виски кое мајка го чуваше во нејзиниот „шкотски ќош“ во нашата куќа на островот Коронадо, и неговите сини очи кои станаа тажни при разводот на нашите родители кога тој имаше петнаесет а јас десет години. Нашата сестра. Луиз, петгодишна, стоеше меѓу нас, исто така натажена, прво вџарена во Лони, а потоа во мене, како да сакаше да станеме некоја од нејзините телевизиски емисии во кои семејствата се повторно заедно на крајот од получасовната програма. Наместо тоа, подоцна се повлече во книгите, стана библиотекарка, и одгледа две деца во округот Оринџ. Јас подоцна дипломирав на Беркли, служев во Виетнам, патував во Индија со мојата холандска девојка, живеев во две европски комуни, и конечно станав бродски столар во Сан Диего. Лони, пак, секогаш беше ТВ канал, емитуваше различни емисии за мноштво осамени луѓе кои го посетуваа во неговата барска црква во Сан Франциско. Но, исто онака како дента кога го посетив на Монтезума Роуд во близина на ТВ предавателот, Лони конечно се откажа од емитувањето и крена раце од животот.
Како и да е, во студените и ветровити ноќи, во внатрешноста на мојата рачно направена куќа, често посакувам да живеев со него на Монтезума, и ќе се смеевме за бесплатната струја, ќе испиевме неколку пива заедно, заборавајќи, за еден кус миг, на болката која што ќе дојде.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторЏејмс Реј Мусгрејв
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 49|