Предговор кон Горко-слатки парчиња

/, Литература, Блесок бр. 48/Предговор кон Горко-слатки парчиња

Предговор кон Горко-слатки парчиња

#1 Дури и ако насловот Горко-слатки парчиња не соодветствува на целокупната современа холандска книжевност, секако дека добро го илустрира овој избор на куси раскази создадени од холандски автори во последните две децении. Ниско поставената земја и постојаната битка со ветрот, водата и намуртеното небо, како и вековната традиција на слободоумната буржоазија доминирана од Калвинистичкиот поглед на свет, истовремено и строга и либерална – ова за писателите претставува извор на иронични описи и авто-анализи. Неверојатно е како холандските писатели со справуваат со спротивставените сили на либерализмот и конзервативизмот, конфликтот и задоволството, слободната мисла и религиозноста.
Во Мопед на море еден од ликовите вози мопед врз водата; во Страв од тобоганот една жена е предмет на тајни еротски желби; во Високиот железнички премин еден невин писател со соочува со бирократијата која си ги издлабила патиштата до сите слоеви на општеството; во Бескрајно доцнење еден човек дава импресивен опис на тоа колку е неверојатно тешко да се стане наутро. Како што покажува оваа збирка, холандските писатели не се само задумани песимисти (иако би можеле да бидат); тие сонуваат, колнат, се забавуваат и филозофираат. Холандија е сместена не само географски туку и културно помеѓу три доминантни култури. Остроумноста на Британија, теоретизирањето на Германија и естетичката филозофија на Франција имаат, сите заедно, огромно влијание. Ова би можело да доведе до прекумерно асимилирање или до духовна и уметничка дезориентираниот. Но, всушност, ова довело до потполно самостојна позиција, во која туѓите влијанија се примаат и се приспособуваат на потребите. Како ова влијаело на книжевноста може да се види од овој претставителен избор на холандски раскази.
Фламанската книжевност, често сметана за огранок на холандската, не е застапена во овој избор. Причината е што фламанската книжевност – иако најголем дел од неа е објавен во холандски издавачки куќи – има свој сопствен карактер и глас, толку самостоен што е подобро да биде претставена во една засебна збирка.
Расказите во оваа збирка најпрвин беа избрани за еден радиски проект на Радио Холандија, Холандски меѓународен сервис.
Преводите беа читани пред публика од американски актери во театарот Ејпл Корпс во Њу Јорк, во 1989 година. Преводите беа приспособени од американскиот радиски продуцент Мерџори Ван Халтерлен и од мене лично, во улога на уредник за култура на Радио Холандија. Снимките од Њу Јорк се достапни за радиско емитување во сите земји низ светот.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторГерит Бусинк
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 48|