ДВеконструкција

/, Галерија, Блесок бр. 48/ДВеконструкција

ДВеконструкција

#1 Вообичаено е насловот да произлегува од идејата. Во случајот на Дарко Мораитов, односно колекцијата портрети со наслов „ДВеконструкција“ содржи, пред сè, синтезична, значи и формално обединувачка структура на портретите, а дури потоа обид за разоткривање на различноста.
#2 Привидната униформност на „црно-белиот“ човек е само горниот слој на неговите фотографии. Под него се откриваат безброј нијанси на бои, невидливи а тактилни, нестварни а пастелни, непостоечки а присутни. Така, црното и белото функционираат како еднакви вредности, без меѓусебен конфликт, туку како суптилен момент на нивната симболичка спротивставеност. Оттаму и наѕирањето на хроматското скалило на топлите и студени нијанси на фотографиите на Мораитов, од кое произлегува и дискретното соочување на сенките и светлината, не давајќи предност ниту на едната од нив, туку по принципот на јин и јанг двојно се определуваат.
#3 Мораитов има потреба кај консументот да разбуди љубопитност, да изнуди откривање на дребни, но не и случајни нешта, да ги иницира сетилата и да го разбуди подзаспаниот оптимизам. Но, Мораитов има потреба, исто така, кај своите модели да гребне и во нивните алтер ега, во хомо дуплексот иманентен само на разумниот цицач, да загатне и одгатне во исто време.
#4 Во изборот на диптихот како форма, авторот ја открива двозначноста, го предлага дуализмот во единственоста, монизмот на плусот и минусот, открива дијапазон во унисоноста.
#5 Но, компликувањето не е ниту стил, ниту метод на Мораитов. Напротив, неговиот објектив регистрира изострено и прецизно, без непотребни афектирања. Можеби затоа зад едноставноста на неговите реакции секогаш стои принципот на откривање на убавото. Камерата во рацете на Дарко не ги лови симболите и метафорите, туку спонтано ги открива и ги бележи. Затоа, расположенијата на портретираните се клучниот момент на авторовата инспирација, кога стоп-кадарот е оној вистинскиот миг издвоен од „монотонијата на движењето“.

АвторВлатко Галевски
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 48|