Долг пат

Долг пат

„Сакаш шеќер со тоа?“
Ја погледна за миг, размислувајќи.
„Дали тоа ќе ме однесе до Седона?“
Нејзиниот израз му се потсмеа.
„Не, душо, но одзади имам нешто што би можело“.
Тој ѝ ги погледна дланките, големи и меки. Се праша дали некогаш воопшто била во Калифорнија, дели некогаш била некаде.
„Имаш пита одзади?“
Таа се повлече чекор наназад, го погледна, како и сите други.
„Мислам дека не“.
Го гледаше право в очи. „Мислам дека денес нема веќе пита“.
Никогаш немаа.
„Добро, нема врска“.
Се сврте и погледна кон вратата.
„Имаш некого таму?“
Разговор кој не му требаше. „Не, само ќе одам“.
Се сврте назад кон неа. „Добро?“
Не чекаше да му одговори, само продолжи.
„Морам да стигнам до сабајле“.
„Аха, сите секогаш мораат“.
Таа се наведна за да му ја земе празната чинија.
„Не е важно, знаеш“.
Тој знаеше.
Тој се сврте од неа, запечатувајќи си ја судбината.
„Морам да одам“.
Ѝ даде две дваесетки, и стана да оди.
„Фала, госпоѓо, одлично беше“.
Не се мачеше да ѝ одговори на прашањето, само продолжи да чекори. Не беше важно. Надвор беше жешко, правливо.
„Овде човек би можел да се изгуби“, се потсети.
„Човек би можел да умре“.
Отиде до единствениот камион на паркингот. Додека се качуваше, помисли на жената зад шанкот, и воздивна.
Слушаше како моторот бревта од живот, благодарен што запали. Можеби сепак ќе успее.
Возеше полека, чувствувајќи ја вибрацијата, чувствувајќи како од измаглината топлината се крева да го поздрави.
Имаше заборавено, повторно, колку му недостасува пустината, колку сето тоа му недостасува.
Кога моторот почна да се гуши, не беше изненаден. Се чинеше дека така требало да биде. Сеедно продолжи да вози, прашувајќи се уште колку ќе може да помине.
Не мина долго. Набргу, моторот цркна и тој и камионот сопреа в место.
„Супер“.
Знаеше што е зад него, па погледна пред себе. Ништо што порано не видел. Исто така, знаеше дека таму, зад црнилото, зад жештината, се планините. Знаеше и дека никогаш нема да стигне до нив.
Го извлече пакетчето и запали, уште еднаш мислејќи на жената зад шанкот. Се насмевна, знаејќи дека таа би се забавувала.
Фаровите патуваат бесконечно кога нема што да ги сопре – некој набргу ќе помине. Помисли да дремне.
Почувствува како дремката го вовлекува, како го носи. Се опушти, и си рече себеси дека не е важно, и остави дремката да го поклопи.
Кога светлата се појавија, не беше сигурен дали се само во неговата глава. Остави да танцуваат наоколу пред да ги отвори очите.
За миг се прашуваше колку долго е тука, колку време е загубен, уште колку време му останува.
Но се сети, уште еднаш. Навистина не беше важно.
Ги фиксираше очите врз чифтот светла, и чекаше.
Чекаше сè додека не ја виде колата зад нив.
Се прашуваше кој би можел да биде, додека излегуваше од камионот. Се праша дали тоа би било важно, дали сè ќе биде в ред.
Застана исправен, на сред пат, ги крена рацете, и се подготви за најлошото.
Слушаше како моторот забавува, ги слушаше тркалата на патот. Си го слушаше чукањето на срцето и беше награден со знак.
Колата сопре крај патот, веднаш пред неговиот камион.
Жената зад воланот гледаше право во него, а потоа полека ја отвори вратата. Го задржа погледот на него додека зад себе ја затвораше вратата, а потоа тргна право кон него.
Тој не можеше да не се насмевне. Пустинските жени не се плашат од ништо.
„Ти треба превоз?“
Ја погледна за момент, и се праша што да каже. Животот понекогаш беше премногу очигледен.
„Фала“.
Тоа се чинеше доволно.
Ја гледаше како оди крај него. Назад кон нејзината кола. Се праша дали е таа луда, или само тој. Ѝ понуди цигара, а потоа ѝ запали. Се обиде да зборува, но немаше што повеќе да се каже. Се возеа во тишина, длабоко во ноќта. Се возеа во празнина, и го слушаа ветрот. Тој се праша дали некогаш била, или дали некогаш заминала. Се прашуваше дали би останала.
„Убава ноќ“.
„Аха“, одговори таа. Беше.
Се сврте да ја погледне, а таа му ја возврати насмевката.
„Немаш поим каде одиш, нели?“
„Не“, рече тој. „Немам“.
„А ти?“
Таа се сврте и погледна кон патот.
„Се чини дека одиме онде“.
Тоа беше мала бензинска пумпа, со уште еден мал ресторан.
На патот кон Седона.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторБоб Јирка
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 45|