Трасирање на Бога

/, Литература, Блесок бр. 45/Трасирање на Бога

Трасирање на Бога

(извадок од истоимениот роман)

ЕДЕН

Гвидо ја најде.
Со морска трева наместо коса, лежеше како скршена кукла од излог врз црните мокри карпи. Гвидо ја погледна, одблесокот од сонцето врз водата му ги собра клепките. Утрото беше прекрасно, студено и полно сонце на синото, широко небо.
Гвидо го однесоа. Го испитуваа четири часа. Го зедоа и нејзиното тело а трагите на брзата помош останаа врз мекиот кафен песок сè додека не дојде напливот и не ги изми нивните дамки. Го пуштија Гвидо. Да, ја познавал, но тоа, обесхрабрувачки, беше сè. Сите ја познаваа.
Гвидо продаваше чипс и пржени колбаси и бургери во белото ’рѓосано комбе. Колку долго си во земјава?, го прашаа. Не беа пријателски настроени. Долги години, одговори Гвидо. Децата овде ми одат на школо. Добро, само внимавај, му рекоа. Го поместија нејзиното скршено и необлечено тело, допирајќи, испитувајќи, фотографирајќи, а потоа дојде брзата помош и ја ставија во црна кеса и ја однесоа. Кажувајќи ѝ го сево ова на својата ирска сопруга, Гвидо рече: Колку многу таа ја сакаше плажата! Кога децата дојдоа дома, рекоа дека сите зборуваат само за тоа. Сите нивни пријатели.

ДВА

Некои од децата во селото мислеа дека Мани е вештерка.
Таа не беше вештерка, но ја носеше сивата коса далеку зад себе, лицето ѝ беше набрчкано како старо јаболко и сама си ги шиеше алиштата. И не јадеше месо. Пишуваше поезија. Некој рече дека е позната, некаде. Нејзиниот германски акцент се беше загубил во текот на годините. Зборуваше малку ирски, а и англиски. Еднаш неделно ја собираше Поетската група во задната соба на Махеровиот паб на кејот.
Некои луѓе велеа дека е луда. Сите странци низ селото беа луди или барем многу чудни. Со нивните чудни – луди – однесувања. Нивната поезија и нивното однесување како девојчиња во средовечна возраст, жените. Мажите беа вешти во сè, од менување светилки до плетење јазли.
Што водеше кон тоа да се види дека се добро образовани, а тоа значеше дека имаат пари, па зошто тогаш се преправаат дека немаат ништо. Живеејќи во приколки, додека не им се изградат куќите. Тие имаат пари. И земаат дроги а нивните деца, кои трчаат наоколу во плетените облекла во сите бои од божилакот, навистина се за жалење, со нивниот чуден благороднички акцент.

Во продавницата на големо се зборуваше за телото на девојката на плажата. Кога влезе Мани, разговорот сопре. Мани го крена погледот и се насмевна: Не обрнувајте ми внимание!, им рече.
Што ним им дојде како подбивање. Мани меко рече додека плаќаше за своите свеќи и некои други тракатанци дека е страшно, тоа со девојката, она што ѝ се случило. А жените се приближија, мислејќи дека Мани ги знае деталите кои тие не ги чуле. Ја мразеа затоа што им беше потребна. Луто ја гледаа. Што ѝ се случило?, рече една од нив. Дали била, Боже сочувај, силувана?, рече друга, тркалајќи го вкусниот збор околу јазикот така што тенките и бледи усни ѝ се навлажнија. Не знам ништо за тоа, рече Мани. Само мислам дека е навистина страшно. Ох, рече една од жените.
Да, рече друга. Беа разочарани. Мани ги изневери. Што е токму она кое можете да го очекувате од тие луди луѓе. Мани немаше електрика во куќата. Сама одгледуваше живина. И една крава. Се чинеше дека сè си прави самата. Живееше сама. Жена на нејзини години, рече некој кога таа замина. Се прави хипик.

ТРИ

Планината ја положи својата огромна дланка врз селото. Во далечината, нејзините браќа и сестри немирно се туркаа наспроти тенкиот, студен хоризонт а зиме носеа снежни шапки.
Морето се свиваше околу подножјето на планината. И селото беше тука. Планината пружаше некаква слаба заштита од суровата океанска клима. Валкано бели дамки од овци се точкаа по кафените падини. Околу појасот на планината беше врзана тенка жолта патека по која чекореа аџиите. Одеа нагоре, исчезнувајќи во растечениот сив облак.
Пред многу години, еден француски турист отиде по таа патека и никогаш веќе не се врати. Планината, велеа некои, од време на време испушта длабоко, еднолично виење, од една единствена нота. Некои велеа дека тоа е натпејувањето на ветрот и морето. Фоките понекогаш излегуваа од морето и тие беа луѓето кои умреле во селото во дамнешно време. Гробиштата на малото село, со плочи избраздени од мовта и напукнати од годините, беа близу морето за душите кои заминуваат без мака да стигнат дома. Но планината беше благонаклона, во своето набљудување на сè наоколу. Тоа беше свето место. Откако памети традицијата.
Постоеја луѓе кои имале визии на светци, таму горе, под облаците.

ЧЕТИРИ

О Свето Срце Исусово, имај милост за нас! О Свето срце Исусово, Имај милост за нас! Грешев. Хулев. Убив. Плукнав врз најскапоцената ни љубов на Господот наш Исус Христос. И праведно бев казнет. И нема да има мирно место за мене никаде на земјава. И пак ќе убијам.
Сокрив толку многу нешта пред овие странички низ годиниве. Нешта кои не би ги криел, со каква било надеж за прошка, во темната анонимност на исповедното. Кому можат овие нешта да му се исповедаат? Не се надевам на апсолутност; можеби тоа е најголемиот грев, зацрнет со гордост. Тежок со гордост, болен од гордост. Дека го зедов законот во свои раце – чиј закон? Што значи таа фраза? Дека сум над обичните луѓе, кои мораат да грешат и да страдаат во маките на страста за да се покајат. Убив еднаш, од љубов. Љубов како црвено лудило. И не минува ни ден, ниту ноќ, кога не го гледам лицето на мојата жртва. Болен од тага и љубов, убив. Љубов на која немам право. Болка која не ја заслужив. И кукавичлак! Извршив злостор. Немав храброст да му се предадам на законот. Го навлеков Бога околу себе и се скрив под Него.
Но ова сегашно убиство е полно правда, речиси величествено во својата праведност! Лутина, згаденост од човечкиот ми род, омраза – ги чувствувам сите овие нешта. Со овие чувства ми се враќаат сликите од првиот пат. Не можам да спијам. Ја немам силата која ја имав првиот пат. Ја немам храброста. Исполни ме со сила, Христе, да можам да го убијам она кое треба да се убие. И да ја убијам во истиот миг, во мигот на новата смрт, тагата на годините кои ми ја зацрнија и ми ја расипаа бесмртната ми душа.

АвторФред Џонстон
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 45|