Café do Brasil

Café do Brasil

Утринска спонтаност

ПОЧЕТОЦИ, ЧИТАТЕЛСКАТА ЉУБОПИТНОСТ ЗА ПОЧЕТОЦИ. ОСТАТОКОТ Е НЕВАЖЕН. ФАТАЛНОСТА НА ПОЧЕТОЦИТЕ, ПОЧЕТОЦИТЕ, ПОЧЕТОЦИТЕ. – ДЕНОТ ЗАПОЧНА НАВИСТИНА ДОБРО. 7:12. ОХРАБРУВАЧКИ. ПТИЦИТЕ ЦРЦОРЕА РЕЧИСИ ЦЕЛ ЧАС И ПОЛОВИНА, МОЖЕБИ УШТЕ ОД СНИШТАТА. ПОЧЕТОЦИ. БЕЗДНАТА НА ПОЧЕТОЦИТЕ. АВТОРОВАТА PLURALIS MODESTIAE. ДА ЈА ЗАДОВОЛИМЕ ЉУБОПИТНОСТА.
Кампос Елисеос, најсиромашната фавела во парохијата Носа Сењора до Пилар, која е најсиромашна парохија во бискупијата Дуке де Каксиос, која е најсиромашна бискупија во реонот на Рио де Жанеиро, се дави во калта од летните поплави. Тесните дрвени премини водат од магливата утринска светлина, од која ѕиркаат дузина разурнати колиби, кон единствената утабана патека која кривули низ селото. Жоао Антонио оди врз еден од премините. Како и сите други мажи во селото, тој станува рано. Секој ден во четири наутро, распаѓачкиот половен воз кој владата го купила од Германците во 1937 го носи на работа во осумдесет километри оддалечениот Рио.
Работата во складиштата за кафе е убиствена. Платата е смешно мала. Времето покажа дека е резервирана за о пово де Деус – темни луѓе со скаменет бес во очите, се туркаат ден за ден во огромниот град, исчезнувајќи со неговите задушливи предградија. Некои, без нималку бесрамна иронија, ги нарекуваат десаперисидос, што не е далеку од вистината.
Со свиткан грб, Жоао Антонио ги носи вреќите меѓу забрзаните вилушкари и ги сместува врз дрвените рамки. До девет, вреќите се чинат двојно потешки, како секоја капка пот која се впива во товарот, од кој CAFÉ DO BRASIL со големи букви сјае на сонцето, да станала олово во вреќата.
ОСТАНАТОТО Е НЕВАЖНО: луд возач на камион го претвора Жоао Антонио во безоблична маса од темни мускули; искрвавената вреќа е натоварена на бродот – при пловидбата, откачената челична сајла го преполовува Олаф, еден од бродските магационери, и тој зјапа, вџашен, нагоре кон отсечката од небото видлива од долната палуба, лежејќи мртов врз вреќата со напис CAFÉ DO BRASIL, сега искрвавена по вторпат. Во Марсеј, вреќата со црвена дамка е натоварена во утробата на големиот камион со светкава предница преку која сјаат буквите MACK и кој подоцна, во верижен судир, потполно ја здробува лесната, лилаво обоена Дијана Цитроен и нејзината млада возачка, Хозаинета, чија последна ноќ беше мината во првото водење љубов со убавиот школски другар Жак. Товарот е конечно истоварен во пржилницата во Милано. Крвавата вреќа со CAFÉ DO BRASIL е веднаш претешка за предработникот Лучијано, па тој е принуден ја испече спржи заедно со зрната чиј мирис постојано се засилува. Кафето се наоѓа себеси во пакувања од кило со етикета CAFÉ DO BRASIL; нарачаната количина е испорачана во продавницата на сињор Арналдо Конти во Горица; неговата шармантна ќерка – страствен возач на црвена Веспа – му помога во дуќанот. Додека ги реди вреќичките на најгорната полица, несреќно паѓа, и останува да лежи со скршен череп, скршен ‘рбет, скршена нишка на животот и со вреќичка со натпис CAFÉ DO BRASIL во чудно искривените раце.
7:12. ОД ВРЕЌИЧКАТА СО НАТПИС CAFÉ DO BRASIL ИСТУРАМ КАФЕ ВО МЕЛНИЦАТА И МЕЛАМ ОТПРИЛИКА 250 ЗРНА, ШТО Е ДОВОЛНО ЗА ДВЕ ИЛИ ТРИ ШОЛЈИ. ДУРИ И ПРЕД ВОДАТА ДА ЗОВРИЕ, ВО УМОТ ГО ИЗМИНАВ КРВАВИОТ ПАТ НА МАЛИТЕ МИРИЗЛИВИ ЗРНА. СЕГА, ОТКАКО ШОЛЈАТА, ВО КОЈА НА ОПОЈНАТА СОДРЖИНА ДОДАДОВ МАЛКУ МЛЕКО, Е НА МАСАТА, 7:15 Е, ЗБУНЕТО СЕ ПРАШУВАМ ДАЛИ ТРЕБА БЕЗГРИЖНО ДА ЈА ИСПИЈАМ – „КАКО ДРУГОТО ДА Е НЕВАЖНО“ – И ДА ГО ПОЧНАМ ДЕНОТ СО ПИШУВАЊЕ УБАВИ КУСИ РАСКАЗИ.

Превод: Игор Исаковски

АвторИгор Братож
2018-08-21T17:21:31+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 43|