Бегалец

Бегалец

Емре стануваше во пет. Ја ставаше сламарицата под каучот за фрау Лозберг да може да ја користи малата соба за да шие преку ден. Емре беше благодарен за овој простор. Беше многу поподносливо отколку во Доселеничкиот хостел. Жена му и ќерката сè уште беа во женскиот дел, но тој се имаше решено дека на тоа мора да му се стави крај. Моменталната ситуација беше само привремена, иако живееше во предната соба на фрау Лозберг веќе десет недели. Стан – макар и со само две соби – ќе се најде некаде. Аделаида имаше многу куќи кои беа поделени на станови, со заедничка кујна и бања, но барем беа подобри отколку ноќевалиштата и нејадливите оброци во хостелот.
Веднаш откако избега од хостелот, Емре можеше да ја извади својата скапоцена машина за пишување од кожниот куфер. Тоа беше единственото нешто кое успеа да го земе со себе. Тастатурата беше унгарска, но можеше да послужи и за англиски. Емре, на дебела бела хартија, исчука многу копии од својата потсетница и потоа сите внимателно ги исече:
др. Емре Халас Ll.D
Преведувач и лингвист.
Лични писма и документи
исчукани и подготвени за испорака.
Ја стави адресата на фрау Лозберг. Таа се согласи со тоа, откако тој ѝ вети дека ќе ѝ исчука копии на сите договори за закуп со нејзините станари, изразено како „надомест за трошоци и одржување“ за да се избегнат австралиските даночни пцишта.
Емре секогаш внимателно пишуваше, иако се грижеше за векот на лентата во машината. Секоја поштенска марка му задаваше грижи.
До 5 и 15 веќе беше измиен, избричен и облечен, со козјата брадичка совршено поткастрена. Без појадок. Волнениот костум сè уште делуваше претставително, фрау Лозберг одлично ги имаше превртено манжетните и крагната (во замена за молерисувањето на предната фасада) и го увери дека костумот ќе може да го носи уште долги години, доколку не ги излиже рабовите на џебовите со разни предмети. Го зеде својот речиси нов хомбург (чудото од Англикер) и ги закачи велосипедските штипки. Првата работа која ја купи откако излезе од Доселеничкиот хостел беше една актовка. Ја мачкаше со масло и ја полираше а на предната страна на велосипедот вгради посебен држач за неа, за да ја носи на работа. Велосипедот беше главната инвестиција и тој сè уште беше престрашен – сонуваше дека му го украле, или дека го удриле, или дека на улицата експлодира бомба, иако колегите, со смеа го разубедуваа дека бомбите не паѓаат во Аделаида. „Ова не е Европа, бате“.
Секојпат кога го возеше беше исплашен. Ќе го отплаќа во следните две години. Во сиот свој живот се немаше обврзано на ништо толку долгорочно. Последните седум години живееше ден за ден, понекогаш саат за саат. Дури и кога се ожени со Мари, во Милано, последната година пред да испловат, обајцата мислеа на тоа како на состојба, не како на осигурување или некоја сигурна иднина, туку како завет да останат заедно во она што времето ќе им го донесе. Идејата за дете беше речиси неподнослива, но доволно вистинита откако се појавија првите знаци. Мари беше посмирена отколку Емре. „Ќе се справиме со ова“, му рече таа, знаејќи дека не постои друг избор. До моментот кога се роди Коти – некаде помеѓу Аден и Австралија – обајцата некако сфатија дека се на навистина многу долго патување и дека ништо претходно не можело да ги подготви за тоа, ниту за родителството ниту за претстојните неволји.
Емре беше првиот кој мораше да прави планови. Мари ѝ се предаде на секојдневната рутина на хранење, капење, преслекување и галење на бебето. Дури и поделбата на машки и женски дел во хостелот се чинеше дека не ја загрижува премногу.
Емре се измачуваше, уште од самиот почеток. Татковството можеби му дојде ненадејно, но исто така многу повеќе ги зацврсна неговите напори за преживување на семејството, единствената можна цел во тие денови. Патувањето се чинеше бесконечно, а Емре најде време да размислува. И, размислувајќи, почна да си игра.
Да се избега од страшната, налик на затворска толпа и од анонимноста на Доселеничкиот хостел беше првата задача. Откако ја исполни, почна да размислува како да заработи.
Емре го пратија во агенцијата за вработување која им помагаше на доселениците. Ги исполни формуларите, на англиски, и ги наброја сите свои квалификации. Универзитетската диплома и годините минати (1936 до 1943) како новинар не значеа ништо. Ниту пак неговото владеење на седум јазици и способноста да пишува на машина. Го пратија да работи во една вулканизерска работилница, од 6 наутро до 4 попладне.
Првиот ден на работа, сè уште возбуден од пронаоѓањето на свој ќош во куќата на фрау Розберг, и лут на храброста која му дозволи да го купи велосипедот со сите тие рати и страотните камати, стигна десет минути порано, следејќи ги упатствата од агенцијата за вработување запишани врз опачината на еден стар леток за австралискиот систем за оданочување на вработените. Мораше да застане на неколку семафори за да ги провери имињата на улиците и скршнувањата. Се почувстува пресреќен кога му успеа да стигне.
Но, неговите нови колеги беа следната пречка. Кажуваа бучни и вознемирувачко навредливи коментари за облеката на Емре – за костумот, белата кошула и вратоврската (позајмена), за неговите кожени ракавици, за шапката хомбург и неговата актовка. Понекогаш е пречка да се разбира јазикот. Емре не ги сфати сите нови зборови, ниту пак лизгавите, пренатрупани акценти, но вкупниот впечаток беше потполн.
Еден постар човек со куса седа коса и работнички комбинезон го упати кон службеничкиот оддел за да ги пополни податоците за вработувањето а потоа во соблекувалната, каде што Емре потполно се слече и од својата чанта извади свежо испран комбинезон (веќе му беа кажале како ќе треба да биде облечен). Дланките му беа меки и бледи, тоа е вистина, но ќе оцврснат („Мочај ги“, му рече неговиот нов шеф). Во бегалските кампови низ централна Европа го имаше одработено својот дел од тешка физичка работа.
Вулканизерската работилница беше место на крајности. Крајна жештина. Краен напор. Краен јазик. Емре само неколку пати требаше да замоли да му ги повторат и да му ги објаснат упатствата. Секогаш се трудеше, премногу се трудеше. Неговите колеги го критикуваа и нему му беше тешко да забави и да го исполни неизреченото но дефинитивно барање за минимално работење а не за максимална ефикасност. Во паузите за ручек или за чај, Емре го подучуваа за пофините поенти на индустриските ограничувања. Тој се држеше до својот план, и на крајот на секоја смена, додека другите скршнуваа кон пабот на неколку пива, Емре темелно се чистеше под тушот и се облекуваше во својата формална облека, пред да ги закачи штипките и да го отклучи светнатиот велосипед од неговото скришно место. Ги навлекуваше ракавиците и го местеше хомбургот под совршен агол пред да тргне назад кон пансионот.
Само еднаш се прелажа да отиде во пабот со другите работници. Тоа беше откако ја прими првата плата, и некои од групата инсистираа дека мора да им викне рунда на сите. Тие зедоа пива. Емре тивко побара бело вино. Бесрамно го задеваа, но дури и на крајот на првата недела тој знаеше каде му е местото, а тоа беше надвор.

АвторТомас Шапкот
2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 42|