Препознавање на моделот

/, Литература, Блесок бр. 41/Препознавање на моделот

Препознавање на моделот

Вилијам Гибсон

#1 Со неговата осма книга, Препознавање на моделот (Pattern Recognition), футуристот Вилијам Гибсон отвора нови врати притоа одлучно држејќи го прстот врз пулсот на електронскиот андерграунд. Неговиот женски протагонист на романот му дава една обединувачка сензитивност која прилично добро функционира со пулсот на електронскиот интензитет што го проникнува светот каде идентификацијата и информацијата станале валута на изборот.
Ставајќи ја приказната во една верзија на сегашната реалност – една година по нападите од 11 септември – тој создава роман кој е далеку поприфатлив за поширокото читателство отколку што се кибернетските каубои и тркачите по мрежата на неговата претходна книга Idoru или All Tomorow’s Parties. Овие согледби, сепак, не значат добредојде за технофобите. Доколку никогаш не сте биле на Google, не сте се плашеле од компјутерски вируси небаре од Ебола, или ако вашата програма никогаш не ви јавила „Добивте порака“, тогаш овој роман не е за вас.
Напротив, Гибсон пишува за оние кои уживаат во справите на Бонд, во германскиот инженеринг и во неописивото подземно братство на „оние кои се cool“. Авторот никогаш досега не се прилагодувал на својата читателска публика, уште од самиот почеток, од наградуваниот Неуромансер па сè до белосветските авантури на Кејс Полар во Препознавање на моделот – чие име е една не премногу суптилна евокација на Кејс, крадецот на податоци од неговиот прв роман, како и на пророкот околу кој се основа цел култ – Едгар Кејс.
Гибсон исто така повторува некои слични теми како оние од жолчната сатира на Макс Бери Владата на Џенифер, во која маркетингот толку многу навлегува во светот што луѓето за презимиња ги земаат имињата на корпорациите во кои што работат. Сепак, стравовите на Кејс се многу посуптилни и се сместени во самото срце на приказната делувајќи на ниво на маркетинг во вид на вирус. Како дизајнерски консултант за новиот век, таа го користи својот интуитивен осет за инвазија врз јавната свест за да препорача масовни рекламни кампањи. Чувствувајќи морничава одбивност и своевидна психичка алергија во однос на агресивниот маркетинг, таа е и привлечена и вознемирена од глобалната аура на модата, носејќи облека која не е издизајнирана и е добра за сите времиња, воедно згадувајќи се од сè што ѝ преоѓа преку очите, од Томи Филфигер до најобичен Најк.
Препознавање на моделот ја има истата драматска тензија како и претходните романи на Гибсон. Татко ѝ на Кејс е исчезнат, постои еден ненормално богат и енигматичен клиент, па една растечка опсесија со „снимката“, серија на, како што се чини, меѓусебно поврзани фрагменти дистрибуирани преку интернет. Настаните ја тераат нашата хероина да тргне во потрага по мистериозниот филмаџија и по значењето на снимката.
Во рамките на таа идеја лежи и привлечноста на сите книги на Гибсон: потрагата по смислата. За разлика од стандардниот фрагментиран техно-трилер, Гибсон создава чувство за подземниот свет слично на она што Кејс го нарекува „огледален свет“, што таа го пронаоѓа во патувањето по странство. Друго големо задоволство во читањето на овие приказни произлегува од мунициозноста во описот на егзотичните места. Гибсоновските херои скокаат од град во град со истата леснотија со која преоѓаат преку улица; црните таксија на ретроградниот Лондон и светлечкиот хром и брилијантниот неон на Токио се јавуваат во исто поглавје. Помеѓу редовите се провлекуваат деталите, а преку деталите тече приказната.

Превод од англиски: Роберт Алаѓозовски

Превземено од: RainTaxi, 2003

АвторС. Клејтон Мур
2018-08-21T17:21:33+00:00 март 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 41|