Кој има уши, нека чуе! или: Политички некоректна музика

/, Звук, Блесок бр. 40/Кој има уши, нека чуе! или: Политички некоректна музика

Кој има уши, нека чуе! или: Политички некоректна музика

Мизар, трето откровение: Кобна убавина

Hey you don’ t help them to bury the light
Don’t give in without a fight.
(Pink Floyd: “Hey You”, The Wall)

#1 Не е само музичката страна на албумот Кобна убавина тоа што ме вдахнови да напишам еден емоционален текст. Верно, во него откривам исклучителен спој од хармонии и мелодии (што и единствено ме занима и допира кога е во прашање музиката. Чистата музика е чиста емоција или: облагородена страст. Тоа морално го оправдува парадоксот: во едно пред сè музичко остварување, повеќе од сите силни стручни интелектуализирања и философирања во Македонија последниве години, мене и мисловно, повеќе од сите нив, да ме поттикне токму каузата на овој албум, неговиот идеолошки и уметнички концепт, неговата философска заднина, поетско-симболичката сила на текстот, а најмногу од сè – неговиот жесток политички ангажман. Така е тоа кога на исто место ќе се сретнат двата клучни елементи за едно креативно дело: уметничкиот талент (емоцијата, т.е. љубовта, сфатена како агапе) и чистата идеја (разумот, како отеловување на когнитивното битие на човекот, во платоновска смисла). Плус искреноста, храброста и знаењето нештата да се кажат директно кога е во прашањето вистината, а метафорично кога пее, поточно кога пое поезијата. Кобна убавина кобно ме „фати“.
Значи, сè помалку нешта во Македонија се инспирација, а сè повеќе се конспирација. Ние сите сме сведоци и учесници во одумирањето на цивилизацијата што ја познаваме и што нè изградила. Тоа е и причината зошто не можеме да ја видиме нејзината целосна агонија. Внатре сме и придонесуваме за тоа. Не можеме да сфатиме дека има премногу естетика, а премалку убавина. Мала разлика, навидум, но со енормни духовни последици.
Ова дело е толку „политички некоректно“ (шифриран код на светската олигархија под кој е подведено сè што не е мејнстрим, т.е. сиромашно во умот, во сите сфери на општествата, па и во музиката) и антагонистичко кон лажната реалност што ја живееме под политичка и духовна диктатурата на Левијатанот наречен меѓународна заедница, што е далеку поефикасно од лудите фундаменталистичките закани, на пример со антракс. Карикирано, а можеби и не, кога би го испратиле Кобна убавина до озвучените канцеларии на бирократските стаорци од Брисел, Вашингтон и Лондон, и кога тие би го разбрале, ми се чини дека нема да поминат три дена, а да не дојде некој дресиран мајмун со дипломатски манири, за да ни препорача да не го слушаме, тоест да го бојкотираме, оти тоа несомнено ќе не оддалечи од евро-атлантските интеграции.
Кобна убавина
е антиглобализациски рилоуд на измиениот мозок, во нашиов случајов темелно изрибан со естрадент детергент сочинет од плагијати, опседнатост со евросонгови, од сексизам – од еден неописливо отровен кич, тој прв и последен гласник на погибијата на автентичната култура. Да не зборувам за геополитичката агресија во која тн. „отворено општество“ (баш во поперовска, соросоидно-сорозитска смисла) смислено е претворено во отворена перверзија на животот, во бордел во кој третокласни белосветски мешетари со сомнителни сексуални ориентации доаѓаат и блудничат со домашните политикантски проститутки.
Мизар
не сакаа да бидат лицемери. Мизар не смееја да бидат лицемери. Влогот кој стоеше пред нив, со нивната трета пројава/откровение беше премногу голем за да си дозволат естрадни финти, тоест лаги. Затоа, свесно направија еден музички длабок и возвишен, а до коска ангажиран албум, одбивајќи кукавички да ги затвораат очите пред реалноста. Од тука, од суштината на неправдата, од заговорот против релноста, тие исцрпеа автентична сила, мотивирана и оформена во супериорен творечки и идеен концепт. Кобна убавина е цивилизациска синтеза помеѓу најдоброто од западниот постмодерен звук и автентичната македонска архетипска мелодичност. Тој е парадигма за тоа дека и самата Македонија е можна само како синтеза, во тоа е нејзината благородна историска и духовна мисија. Тоа е спој на цивилизации, на универзални, а не глобалистички вредности. Тоа е суштински различно. Концептот на глобализацијата почива врз ентропија на идентитетот, универзалноста пак врз самиот идентитет кој во својот архетип останал отворен за вистински вредности, но и кој е способен да ги произведе истите.
Затоа, овде нема никаква омраза, бидејќи убавина се создава само со љубов. Токму таа ја урива глобализациската утопија на злокобно испревртените вредности и на црните благородништва кои манипулираат со нас, балканските селани, кои упорно одбиваме да си признаеме дека можеме да бидеме и повредни и поблагородни од нив.
Сосема одговорно тврдам: Кобна убавина е рамна на најдоброто од Пинк Флојд – и музички, и поетски, и концептуално, и според општествениот ангажман и според бескомпромисноста – а ги надвишува метафизички, таму каде што пилето на Мизар пие вода од изворната македонска мелопоезија.
Ова трето откровение на Мизар е најмоќно досега. Го бараа долго и на далеку, дури до Австралија, но го најдоа конечно во себе, во своето автентично битие. Откровението не мора нужно да значи пропаст на светот и божествена револуција, туку дека спасот на светот е во спасот од нас самите во нас самите, во моќта да направиме когнитивна еволуција на нашиот разум и да подариме убавина. Таа, во случајов, е кобна бидејќи Горан, Горазд и другите свесно го втурнаа и својот автентичен револт и го вообличија прометејски (Here comes the day,/ the payback time/ for Your Invisible Empire./ O, Unholy Sire!/… Yоu’d better run./)
Затоа, во делото на Мизар Армагедонот се претворил во АрмаКедон. Конечно, не случајно, во истоимената песна тие поречуваат: Ќе ги погубиме со убавина! Немаме друго оружје. Во политичката и општествена пропаст, Македонија нема друго оружје освен убавината, а треба да се следи и Достоевски: Убавината ќе го спаси светот.
Оттука, од македонската предармакедонска политичка утопија, од неоколонијалистичкото и неоимперијалистичко Потемкиново село на господарите на војните од меѓународната заедница, извира и реактуелизацијата на ненадминатата мисла на Фридрих Шилер, која гласи: Остварувањето на политичката слобода е најголемото уметничко дело. Ни повеќе ни помалку. Токму тоа е албумот на Мизар: Борба против невидливото ропство на „Невидливата империја“. Буквално. И не само духовно. Затоа, Мизар ќе имаат проблем да го наметнат албумот Кобна убавина во јавноста толку колку што заслужува. Ама ако, тие ја оплодија вечната вистина, и таа сама ќе си го најде патот до душите на политичките и духовните робови. Нема ништо поубаво од вистината, колку и да изгледа грда. И ништо посилно.
За крај, сакам да го кажам следново, колку и да е тоа резултат на актуелната национална фрустрација: макар што денес Македонија ви изгледа историски и политички поразена, таа не е тоа и духовно, оти не заборавајте – никој досега не го натпеал Македонецот! Замислете каков титански триумф е тоа, колку е постојан и недвосмислен, со векови. Дефинитивниот доказ за тоа, и во сегашна поробена Македонија, го имате пред вас токму во случајот со овој албум. За мене, тој е беспоговорен.
Затоа, и кога некој злонамерник, а такви имаме по дифолт, во оваа ситуација ќе се обиде да направи пакост со, според мене најтешката македонска клетва, која гласи: Да даде Господ на глуви уши да им пееш! – вие не секирајте се: тоа само докажува колку на Господ му е важна музиката.
Најдобар одговор за таквите, на симболичко и алегориско новозавтено ниво, во контекст на откровенијата на Мизар, е дека музиката/каузата на Кобна убавина звучи токму како петтата ерихонска труба.
Па, кој има уши, нека чуе!

звучни записи

АвторКрум Велков
2018-08-21T17:21:35+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 40|