Разум и рози

Разум и рози

IN MEMORIAM: Чеслав Милош (1911-2004)

#1 Еден олимписки спринтер, за кого навива огромниот, восхитен стадион исполнет со љубители, се натпреварува во трката на сто метри. Уште од самиот старт тој се наведнува напред, ничкум скоро до самата патека, но со поглед во далечниот хоризонт; на половина од трката тој се исправа, простум како Мон Блан; и потем, како што се приближува до линијата на целта, се извива назад, но не само од исцрпеност туку и во почест на скриената симетрија од светот. Така е тоа и со енергичната брзина на поезијата на Чеслав Милош. Во раните години тој занесно мрмори магии за тајните на световите и огновите, за живописните катастрофи; во зрелоста го набљудува, пофалува и критикува стварниот свет, светот на историјата и природата; а како што навлегува во доцните фази од животот, тој сè повеќе слуша што бара паметењето, лично и над-лично.
Не, тој сепак не е спринтер; тој е поет кој се ближи до кругот од деведесет години, поточно тој е сјаен маратонец, а не е воопшто заморен – неговата последна книга Ова (2000) е едно од неговите најголеми постигнувања. А стадионот бил честопати до болка празен, или, напротив, исполнет со непријателски и подбивачки гледачи; овој атлетичар си има своја судбина на осаменик. Но од атлетскава метафора остануваат трите пози, трите агли од неопходната ни близина кон земјата, што вистински го карактеризираат развитокот на овој поет.
Стендал наводно беше кажал дека литературата е уметност на селекција, бидејќи е нападната од laisser de cote, па треба да го просее излишното. И Ведекинд кажал нешто слично – а несомнено и многу други автори, посебно модернистите. Но делото на Чеслав Милош како да се основа врз спротивниот принцип: не изоставај ништо! Не, секако, во смисла на мајсторството (поезијата очигледно не може да преживее без селекција и скратувања), колку што во смисла на неговата „поетска политика“ најопшто замислена. Треба само да посегнете по автобиографските Родно кралство (1958), Заробениот ум (1953), или скоро по секоја негова поетска книга. Во Родното кралство наоѓаме делови кои се историски, дури економични по природа, небаре Милош кажувал: ќе ви покажам како поезија може да се направи и од не-поезија, дека моќта на поетскиот ум е набиен од внесување на светот колку што е можно повеќе, а не во повлекување во гибелните области на внатрешната интимност. Не бегство од светот, од неславниот „ескапизам“ што беше омилено обвинение од Партијските критичари, туку една огромна осмоза: тоа е програмата на Милош. Тоа не е клинички стерилна осмоза сепак, а не е ни објективна, па дури ни миметичка. Таа е лична и во извесна смисла етична, па дури и терапеутска до извесен степен, зашто целта на оваа поезија е конечно да се сфати несфатливото, операција што би ја нарекол хуманистичка да не беше зборов оштетен од од фриволна пре-употреба во универзитетските предавални.
Целта на Милош поспецифично е да не се изоставаат антагонизмите. Послабите таленти развиваат полжавска тенденција да се засолнат во некоја колиба, черупка, за да избегнат спротивни ветрови и идеи, за да создадат минијатури. Напротив, и како поет и како мислител, Милош храбро излегува на мегдан да се испроба себе против своите душмани, како самиот да си кажува: ќе го надживеам времево само ако го апсорбирам! Но, честопати овие непријатели ќе тргнеа против него и непоканети. Ако оној студент од Универзитетот во Вилно можел само да си претстави колку многу пречки би морал да ги сфати, соочи и превладее, тој би се нашол и многупати на чекор само од смртта, штамата, очајот…
Тој е поет на голема интелегенција и голема екстаза; без едното од обете не би преживеала ни неговата поезија. Без интелегенција таа би згинала во дуелот со еден или друг од нејзините опоненти (за што на чудовиштата од дваесеттиот век не им недостигале ни дијалектички можности, дури и се гордееле со нив). Без екстаза не би ги достигнала своите засебни височини, а би останала како блескав журнализам. Тој самиот се наречува – екстатичен песимист, но и ние се спрепнуваме од многубројните островчиња на блаженство за кои Бергсон вели дека го означуваат допирот со една внатрешна вистина.
Во времето на Бекет, великиот духовит и многу тажен писател, Милош ја бранеше религиозната димензија на нашето искуство, го бранеше нашето право на бескрајноста. Телеграмата, што Ниче им ја прати на Европејците за смртта на Бога, допре и до него, се разбира, но тој одби да потпише за приемот и го прати назад доносителот.
Јас не сум убеден дека Милош е – како што тој тврдеше за себе – манихеец. И покрај сè, во неговата поезија јас гледам сепак вонредна, инспиративна блискост меѓу мислата и сликата, полемиката и восхитот, калифорниската природа и дваесеттовековната идеологија, набљудувањето и практикувањето на верата.
Милош е и голем политички поет: она што тој го напишал за уништувањето на Евреите ќе опстане, и не само во студентските антологии.Во најлошите години од сталинизмот студентите го читаа неговиот Трактат за моралот (1948) како некој современ Боетиј. Не остана да молчи ни за време на анти-семитската кампања во 1968, што беше срамота за полскиот печат и за некои од полската интелигенција. Присутноста на Милошевите чисти зборови беше и останува благодет за полскиот читател, папсан од сталинистичка суровост, исцрпен од долгото премреже на комунизмот и тврдоглавоста на Народната демократија. Но можеби најдлабоката смисла на Милошевото политичко влијание лежи во следењето на големите чекори на Симона Вејл: во моделот на мислење што ја поврзува метафизичката страст со одговорноста за маките на простиот човек. И тоа во еден век што скрупулозно и духовно подло инсистираше религиозните мислители и писатели да се обележат како десничари (на пример, Елиот), а општествените активисти да се сметаат за атеисти. Милошевиот модел има огромно значење и ќе продолжи да ни служи како таков во иднина.
Кога бев студент во Краков во доцните 60-ти години, Милошевите ракописи – делата на поетот-емигрант кого енциклопедиите лаконски го отпишаа како „непријател на Народна Полска“ – беа забранети. Сепак, со разни итрини, можеше да добиеш пристап до полиците со книги бележани со еуфемистичката кратенка „рез“ за „резервирано“. Кога ги прочитав, она што ми остави впечаток од неговото дело беше нешто што одбиваше етикетирање (дури ни структуралистите, толку влијателни во тоа време, не можеа да измислат назив); интелектуалниот обем и огромната атмосфера. Милош, како Кавафи и Одн, припаѓа на тој род поети чие дело испушта миризба не од рози туку од разум.
Но Милош го подразбира разумот и интелектот во една средновековна смисла, дури и „томистичка“ (метафорички кажано, се разбира). Односно, тој го подразбира на еден начин кој му претходи на големиот раскол што го смести интелектот на една страна од разделот, а на другата остана имагинацијата и интелегенцијата на уметниците, кои често бараат прибежиште во ирационалноста. Зацелувањето на овој раздел – ако е возможно – беше и е еден од големите утописки проекти на Милош, амбиција на писател кој и самиот се бореше против многу други утопии. Но тој ретко се среќаваше како класичен конзервативец, кој лелека над упадот на културата во наше време, жалејќи по разводот на двете форми интелегенција. Многу повеќе од тоа, тој беше се зафатил со борбата како одново да ги обедини и спои. Во малиот трактат под наслов „Што научив од Жана Херш“, од книгата Ова, ја наоѓаме следнава заповед: „Разумот е дар од Бога за да веруваме во неговата способност да го сфати светот“. Очевидно, ваквиот резон има малку нешто со претпазливата идеја употребена од денешните филозофи.
Во истата песна Милош го вели и ова: „Примерен став кон битието е почитта и затоа треба да одбегнуваме друштво на луѓе кои го гнасат битието со својот сарказам и ја фалат ништожноста“. Поради што никој не би требало да го избегнува дружењето со книгите на Милош.

Од англискиот превод на Клер Каванах: Б.Ѓузел.
Есејов е, всушност, рецензија на полското издание од Ова во 2000.

АвторАдам Загајевски
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 38|