Обломов како жена

/, Литература, Блесок бр. 37/Обломов како жена

Обломов како жена

Можеби ќе звучи како некоја согледба од пред половина век, но, во мојата земја, Холандија, сексизмот е сè уште длабоко вкоренет, и онаму кадешто станува збор за литературата. Можам да дадам многу примери, а за почеток, ќе одберам од домашните, од мојот личен живот. Секогаш одново согледувам, дека кога ќе се појави моја нова книга или кога ќе објавам нешто друго, мажите одвај можат да ја сокријат својата нелагода. Или, како инаку да се нарече онаа, чудно згрчена состојба на умот?
Кога го имав своето деби, со романот за една дива, претприемчива Холанѓанка, мојот близок пријател и врсник постојано ми повторуваше: „Колку е грда твојата слика на позадината од книгата, таа е навистина страшна. Се разбира, немам намера да ја прочитам книгата“. По десет години, овој човек ја објави својата прва книга, збирка философски есеи. Ми ја испрати со посвета на предната страна, во која ми се заблагодаруваше за поттикнувачките и охрабрувачки зборови, што порано сум му ги упатила, а без кои оваа книга, можеби, никогаш не би била напишана. Првиот мој импулс беше да му вратам, дека „секако, нема да ја читам“ неговата книга, но не беше така, јас навистина ја прочитав и, дури, испадна дека ми се допадна. Тоа му го дадов на знаење и нему, бидејќи мора да стане јасно: на нелагодата не треба да се одговара со нелагода. Уверена сум, дека во овие случаи, најмудар е лаконскиот, по можност хумористичен став.
Дали, исто така, би требало да ја раскажам приказната за еден друг пријател, додека уживаше во вечерата, што ја подготвив за него? Во меѓувреме, тој ми кажа, дека моето пишување никогаш нема да се смета за нешто важно, доколку не си ја скратам косата и не почнам да носам поинакви алишта. Потоа, бев доволно будала и набргу почнав да се движам наоколу, облечена во деловни костуми, сакоа и панталони. На крајот на краиштата, облеката е, исто така, јазик, дури и кога појавата на едно лице, не ви говори ништо за квалитетот на неговата или нејзината работа.
А, потоа, пријателот број три, кој, исто така, јадеше во мојата куќа, и кој, додека џвакаше и голташе, започна литанија за претпоставените грешки во мојот последен роман. Тој не можеше да сфати, како воопшто мојот издавач има намера да ја објави оваа книга. По 15 минути, во кои тој ја „дереше“ мојата книга на живо, со глас, кој постојано се повишуваше, јас, тресејќи се, седнав над мојата чинија, а маж ми буквално мораше да го исфрли низ врата. Ве молам, имајте предвид, дека тоа беше личен „пријател“, а не критичар, или некој што не ме познава, кој не знае, дека внатре, во мојата глава, се случуваат такви нешта, кои се сосема различни од оние, што, гледано однадвор, можат да се претпостават. Никогаш не го доживеав ова искуство меѓу моите пријателки од женски пол.
За да го избегнам појавувањето фрустрација, тука би требало да запрам со давањето примери, но не можам да го изоставам уште следниот. Во летото 2000, заедно со стотина други писатели, учествував во големо патување со воз низ Европа, Литературниот Експрес. Патем кажано, бевме само 22 жени. Иницијатор и организатор на патувањето беше еден Германец од Берлин. Кога, една година подоцна, требаше да одам за Берлин, се разбира, отидов да го посетам овој човек. Тој прочитал два мои текста, преведени на неговиот јазик, извадок од еден роман и краток расказ, обата натопени со мрачна атмосфера и со прилично тешка тема. Откако се поздравивме и си разменивме некои новости, тој ме праша, што сум правела последната година. „Напишав книга“ – му одговорив.
„Книга за деца, нели?“ – гласеше неговото пренаглено прашање.

*

Не ја исклучувам можноста, грешката да е во мене. Којзнае, можеби, сум јас таква личност, која има перверзна склоност да се окружува себеси со неизлечиви мачо типови. Секако правам една грешка: сè уште не успеав да ја развијам селективната меморија. Воопшто не би требало да ги помнам овие инциденти. Наместо тоа, би требало да мислам на читањата, што ги одржувам низ Холандија, понекогаш во библиотеките, понекогаш пред читателските групи или во книжарниците. Публиката на овие читања, речиси секогаш, се состои од жени, а кога меѓу нив се наоѓа маж, тој навистина отскокнува. Се чини, дека, главно, жените се оние, што сакаат да имаат продлабочен интерес кон книгите и за нив да расправаат меѓу себе и со авторот. Истражувањето, исто така, покажува, дека случајот е ваков: во Холандија, главно жените над 40 години се оние кои издвојуваат време за литература. И не само како читатели, жените се наоѓаат на врвот и во издаваштвото, како членови на жирија, издавачки совети, критичари и автори. Пред повеќе од 20 години, беше објавена една студија за ликовните уметнички во Холандија, која би можела, исто така, да се однесува и на писателките.
Не го заборавив нејзиниот, иронично осмислен наслов: „Вашето големо хоби“. За среќа, ваков наслов не би можел да се разбере во 2002.
Но, ќе помине доста време, додека сексизмот навистина да биде искоренет. Дозволете ми да се задржам на бројките и фактите. Овде, во Холандија, книжевните награди се доделуваат постојано. Исто така, имаме и награди кои не се доделуваат, но се „добиваат“, како писателите да се атлетичари, а квалитетот на книгата – да може објективно да биде измерен. За овој вид награди, номинациите се објавуваат многу понапред, за името на спонзорот да може да се чуе колку што е можно почесто, а весниците да имаат шанса да шпекулираат за добитникот. Секоја година, правам белешка за бројот на жените и мажите, меѓу номинираните, и резултатот е секој пат поразителен. Жените се во малцинство на ваквиот вид списоци, дури и тогаш, кога постои мнозинство од жени во жирито. Последниот пат, кога беше организиран спектакл по повод една од овие спортски награди, во мај, годинава, за прв пат, изброив подеднаков број номинирани мажи и жени. Жирито се сметаше себеси особено задоволно во врска со тоа, постојано се нагласуваше „политичката коректност“ на изборот. Но, се разбира, добитникот повторно беше маж.
За секого што мисли така, од неодамна, овде, во Холандија, сè си е во ред, а јас имам друг пример. Пред речиси 2 години, издавачите на еден политички неделник, настапија со нова рубрика за набавка на книги. Рубриката беше наречена „На Тимбукту“ и се однесуваше на оние книги, што писателите би ги понесле со себе на Тимбукту, доколку би морале да живеат таму за подолг временски период. На Tim-book-too, тоа не беше претерано оригинално. Но, беше интересно на начин, кој не беше предвиден од иницијаторите на идејата. 25 седмици ја сечев оваа рубрика, 25 пати различен холандски автор добиваше простор да напише нешто. Таа или тој ги набројуваа книгите, што би се нашле во куферот, при егзилот во далечната африканска дестинација. Од повиканите писатели, 18 беа мажи а 7 жени. Заедно, овие луѓе именуваа 172 книги. Ги броев и пребројував: од овие 172 книги, 153 беа напишани од мажи. Поинаку кажано, од 172 одбрани книги, само 19 беа напишани од жени.
Ги анализирав бројките и според друг критериум. Од 48 книги, наведени од жените писатели, 36 беа напишани од мажи, а 12 од жени. Општо земено, на жените, или, барем, на писателките, повеќе им се допаѓаат книгите, кои се напишани од мажите, одошто книгите, напишани од припадничките на нивниот пол. Меѓу 124 книги, наведени од машките автори, имаше дури и помал број книги, напишани од жените, имено, страшната бројка од 7. И, доколку се анализира бројката 7, испаѓа, дека, од 7 книги, напишани од жените, 3 имаа машки протагонист. Очевидно е: најголем број мажи, одвај чувствуваат потреба имагинативно да навлезат во менталниот свет на жените, доколку не се работи за лик, кој е создаден од маж, како што е Мадам Бовари. Мадам Бовари од Густав Флобер меѓу мажите неколку пати беше наведена како омилена книга.

*

Спроведов и едно информативно гласање во моите познајнички кругови. „Кои последни 3 книги сте ги прочитале?“ – прашав мал број мажи. Еден 45-годишник одговори: Филип Рот „Човечката боја“, „Градот на слепите“ од Хосе Сарамаго и сега ја читам онаа книга од, ух, ух, Валс.
„Валс?“
„Добро, ми се чини дека неговото име е Валцер“.
„А, Мартин Валсер. Зошто не си го прочитал романот на онаа Холанѓанка, што неодамна се врткаше низ куќи?“
„Бидејќи мислев, дека нема да ми се бендиса книгата“. – рече мажот. „Тоа не е жена, што допира до мене“.
„А Валс значи допира? Дали имаш претстава како изгледа тој? А Сарамаго, дали е тоа твој тип?“
Воздишка. „Мажот е само маж“ – рече тој раздразнето, „а жената е некој. Мажот е личност, а жената си е жена. Треба да вложиш поголем напор за да прочиташ книга напишана од жена. Не можеш да си замислиш, дека една жена би можела да напише нешто, што ќе те заинтересира. Мажот, едноставно, размислува поинаку од жената. Како маж се плашиш, дека овие книги цело време говорат за чувствата и дека се посентиментални. И, да, уште од времето кога бев момче навистина не сум навикнат да читам книги од жени. Книгите за момчиња беа напишани од мажи, а оние за девојчиња од жени. Можеби, тоа има врска со фактот, дека не е мажествено да се чита книга, напишана од жена. Не сакаш да бидеш виден, како држиш книга, напишана од жена. Тогаш, мора да си вистински плачко. И, уште нешто: се плашиш да читаш за нештата, кои навистина не би сакал да ги знаеш, како на пример, како жените ги гледаат мажите. Никогаш стопроцентно не ги задоволуваш барањата како маж, а камоли уште и да се казнуваш себеси, читајќи за тоа…“
„Но, сигурна сум дека сум те видела со книги од Агата Кристи – му одговорив. – Со книга од Марлен Хаусхофер, со мои книги“. Сега можам да ви кажам, дека мојот 45-годишен соговорник, беше мојот маж.
„Во право си. Дозволувам работите да одминуваат покрај мене. Сето тоа е работа на предрасуда“.

*

Предрасуди. Тие се тврдоглави. Отако издадов книга за моите искуства со Ромите од Романија, излегоа две критики во ист ден. Едната велеше дека сум премногу груба кон Ромите, другата – дека премногу ги сакам. Од тој миг, навистина се уверив, дека е неможно да се чита објективно, дека, зборовите од книгата, како читател, можеш само да ги транспонираш во ментален филм, со помош на искуствата, идеите и предрасудите, што веќе ги имаш. Еден човек навистина чита груба книга, друг – восхитена. Така е и со сите книги, вклучувајќи ги оние, што се напишани од жени. Читателот нив делумно ги создава од себе. Претпоставениот квалитативен недостиг може, исто така, да произлегува од менталната состојба на читателот.
Неодамна бев на одмор. Со себе понесов 7 книги. Кога ги распослав во моето летно живеалиште, со убаво изложени корици, наредени на белиот ѕид, доживеав мал шок. Имаше само една книга, напишана од жена. Таа беше за нејзиниот починат сопруг, кој беше славен поет во нашата земја. Така, ни јас не сум многу подобра од другите. И јас, исто така, претпочитам да читам книги напишани од и за мажи, отколку од и за жени! Дали станав машкоданка, дали дури станав и маж? Според мојата појавност, иако облечена во сако и панталони, не потполно, но, судејќи според мојот начин на размислување, гледање и однесување, многу веројатно, да.
Отако научив да читам, читам сè што ми доаѓа под рака. Колку ли често не се наоѓав во интернат, меѓу момците-тинејџери и проповедниците? Колку ли деца имав, да ги носам или да се грижам за нив? Безброј пати бев херој на отпорот или убиец, се борев во војни и осудував неброено многу жени, не заради нивните својства, туку, затоа што мислев дека се убави и нежни. Во мојата фантазија, толку често влегував во светот на машките писатели и нивните ликови, што тоа стана моето второ јас. Никој никогаш не ме принудувал да ги читам само книгите, напишани од мажи, јас самата, по своја волја го правев тоа. Тоа ме мачи. Има доволен број книги, напишани од жените во продавниците, а, речиси, сите, од страна на мажите отпорано создадени бариери се урнати, така што работата не е до тоа.
Кои би можеле да бидат причините? Дали заради тоа, што многу сакам да дознаам како мажите гледаат на нас, жените? Одговорот е, не. До сега дознав како ни гледаат. Може ли тоа да биде заради нешто друго, дали трагам по најдобриот метод за задоволување на мажите? Не, не е ни тоа, не сакам воопшто да задоволувам, а ако сум го правела тоа, тогаш, катадневието е најдобра едукација. Или е тоа, заради нешто сосема поинакво, дали дојдов до сознанието, дека е многу поупатно да се идентификувам со машкиот протагонист? Тука повеќе се доближувам до вистината, иако, како жена од кариера, за себе мислев дека сум ја надминала потребата за идентификација. Постојат само мал број теми во човековиот живот, кои се фундаментални, она што е важно, според моето мислење, е дали овие теми се обработуваат на оригинален начин и кој стил, при тоа, го применува тој или таа.
Па, сепак, можноста за идентификација мора да е многу поважна за мене, одошто ми се чини. Општо земено, мажите се поекстремни. Жените, пак општо гледано, повеќе настојуваат да стекнат менталитет на согласност. Обломов е плаузибилен само како маж, бидејќи една жена никогаш не би можела да стане толку мрзелива како него, таа постојано би правела нешто „корисно“. Не можам да замислам ниту жена, толку итра како што е Чичиков, во „Мртви души“, веројатно за неа би мислела, дека е кучка, додека Чичиков е главно забавен. Можеби, во текот на читањето, дури и би била засрамена од еден женски Чичиков. Однесувањето, што го толерирате кај еден маж, не го опростувате кај една жена. Во еден од моите омилени романи, „Страв“ од Грацилијано Рамос, протагонистот е опседнат од жената, која живее во неговото соседство, таа е привлечна, но мошне глупава. Дали сè уште ќе го сметам романот за добар, доколку протагонистот беше една жена, опседната од привлечен, но глупав маж? Се сомневам во тоа. Доколку сте во ситуација да ги замените имињата на машките ликови од ремек-делата на светската литература со женски имиња и обратно, ќе бидете изненадени од тоа, колку се овие книги, всушност, понижувачки.
Во моментов, работам на неколку книги, меѓу кои и два романи. Вообичаено, одбирам силна жена како главен лик, но, овојпат, имам и книга со маж, како главен лик. Опасен зафат. Како работен наслов го одбрав „Совршениот човек“. Понекогаш, на читањата го испробувам насловот. Реакцијата од мојата публика е секогаш иста: салата е исполнета со тишина. Една ваква книга им звучи одлично, тие сакаат да знаат сè за неа.
„Добро“– велам потоа, претпазливо. „Книгата е за еден маж, кој воопшто не е совршен“.
Нема повеќе тишина. Смеа на препознавање. Љубопитна сум, како ќе изреагираат на тоа моите пријатели од машки пол.

Превод од англиски: Елизабета Шелева

АвторМариет Местер
2018-08-21T17:21:37+00:00 јули 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 37|