Библијата и Куранот

/, Литература, Блесок бр. 36/Библијата и Куранот

Библијата и Куранот

– истражување на светите книги во потрага по корените на конфликтот и семето на помирувањето –

Тој бил побожен семеен човек, трговец од Мека, кој редовно се повлекувал во планините над градот за да пости и да се моли. На 40 години, додека се молел во пештера на планината Хира, ангелот Гаврил му проговорил, му рекол: „Мухамед, ти си гласник на Бога“, и му командувал: „Рецитирај!“ Мухамед се побунил, му рекол дека не може – тој сепак ја немал дарбата на древните племенски бардови од Арабија. Потоа, според оваа приказна, ангелот толку го стиснал, што Мухамед помислил дека ќе умре. Пак Гаврил му заповедал да рецитира, а од неговите усни потекле првите стихови од она што подоцна ќе стане Куран и ќе ги претставува вечните зборови на самиот Бог за 1,3 милијарди муслимани во светот.
Сè до тој момент, Арапите беа главно политеисти и ги славеа племенските божества. Тие немаа религиозна историја што би ги поврзала со еден универзален Бог, како другите народи на Средниот Исток. Тие немаа верски текст кој би ги водел во животот, текст како Библијата, немаа духовен јазик, какви што се хебрејскиот на Евреите, а санскритот на Хиндусите. Над сè, тие немаа пророк пратен од Бога, со што се гордееја Евреите и христијаните.
Мухамед и стиховите што ги рецитирал до својата смрт во 632 година им го овозможија ова и уште повеќе. Како и Библијата, и Куранот е книга на божествено откровение. Овие две книги ја определуваат божјата волја за повеќе од половина од светската популација. Низ вековите, Библијата од хебрејските племиња ја создала израелската нација. Но, само за сто години, Куранот создал цела цивилизација што во својот подем се протегала од северна Африка и јужна Европа, на запад, до границите на современите Индија и Кина, на исток. Дури и денес, на улиците толку далеку една од друга, како оние во Ташкент, Картум, Ком и Куала Лумпур, од изгрејсонце до зајдисонце се слушаат постојани роморења и песни од Куранот на мелодичниот арапски јазик. Всушност, да имаше евангелие според Мухамед, тоа ќе почнеше со зборовите: Во почетокот постоеше книга.
Меѓутоа, по настаните на 11-ти септември, Куранот и религијата која од него потекнала доживуваат судење. Дали на исламот му е својствено да биде нетолаерантна религија? Дали Куранот ги задолжува муслиманите да водат џихад, света војна, против оние што не ги делат нивните верувања? И кои се неверниците, кои се омразени во муслиманските свети книги? Ако ништо друго, и евреите и христијаните се монотеисти, а најголем број од нивните пророци, Аврам, Мојсеј, а особено Исус, се ценети во светата книга на муслиманите. Слушајќи ги тирадите на Осама бин Ладен и другите радикални исламисти, евреите и христијаните се прашуваат кој навистина зборува од името на исламот во овие кризни времиња. Каква заедничка основа, ако има таква, ги поврзува трите народи од книгата, како што муслиманите ги нарекуваат сродните монотеисти? Кои семиња на помирувањето лежат во Куранот и Библијата и во традициите што ги претставуваат? Дали битката меѓу книгите, која трае се векови меѓу муслиманите и западните верници, сигурно донесува постојан судир на цивилизациите?
Куранот навистина содржи спорадични повици за насилство, распрснати низ текстот. Исламот го имплицира мирот, како што постојано повторуваат муслиманите. Сепак, мирот што Алах им го ветил на поединците и општествата е можен само за оние што го следат вистинскиот пат, оној зацртан во Куранот. Кога муслиманите ќе преминат во опозиција, особено во онаа со оружје, Куранот препорачува воинствен одговор. „Борете се против неверниците, за Алах да може да ги казни преку вашите раце и да ги посрамоти“, советува еден курански стих. Иако се малку, овие агресивни стихови ги запалиле муслиманските поборници од сите возрасти.
И Библијата има насилнички приказни, во име на Бога. Господ во раните библиски книги е навистина суров кога ги поддржува израелските воини што ги дават непријателите во морето. Но, овие приказни ја немаат силата на божји заповеди. Тие не се ни сметани за лично божји вечни зборови, за какви што муслиманите ги сметаат куранските стихови. Уште повеќе, израелските командоси не го цитираат хебрејскиот пророк Џошуа кога одат во битка, а муслиманските востаници подготвено се повикуваат на примерот дека нивниот пророк Мухамед и самиот бил воен командант. И додека крстоносците се бореле со крстот на рамењата, тие не ги цитирале зборовите на Исус за да ги оправдаат своите крвопролевања. Исус одбил да се брани од римските војници што го уапсиле во Гетсмановата градина, откако бил предаден од страна на Јуда, со бакнеж. Сепак, во споредба со малкуте многу цитирани стихови што повикуваат на џихад против неверниците, Куранот многу повеќе го става акцентот врз чиновите на правдата, милоста и сочувствувањето.
Навистина, Куранот е повеќе ценет како опсежен водич за оние што сакаат да ја знаат и да ја почитуваат божјата волја. Како и Библијата, и Куранот ги определува правилата за молитва и религиозните ритуали. Тој ги востановува нормите што се однесуваат на бракот и разводот, односите меѓу мажот и жената и начинот на кој се одгледуваат праведни деца. Уште поважно е тоа што обете книги потрагата по потеклото ги води до Аврам, кој не бил ни Евреин ни христијанин, па дури и до Адам. И Куранот и Библијата ја раскажуваат приказната за Адам и Ева во рајската градина. Но, за муслиманите, како и за Евреите, нивниот грев на непослушност не се пренесува на човештвото, па не им треба спасението преку жртвувањето на Исус на крстот — централната доктрина на христијанството. Теолошки, обете книги пропагираат вера во еден бог (Алах значи Бог), кој го создал и го одржува светот. Обете го повикуваат човештвото на покајание, покорност и чистота во животот. Обете ни предупредуваат за божјата казна и судниот ден на светот. Обете замислуваат дека има пекол и рај на оној свет.

Божествен авторитет

Како свети книги, и покрај ова, Библијата и Куранот не би можеле да бидат поразлични. Кога го читаме Куранот, како да влегуваме во водна струја. Речиси на кое било место може да се сретнеме со: божја заповед, објава на молитвеник, теолошки проглас, приказна за поранешен пророк или опис на судниот ден. Со оглед на тоа дека Мухамедовите откровенија биле слушани, рецитирани и меморирани од оние што ја примиле верата, Куранот е полн со повторувања. Ниедна од неговите 114 сури, или поглавја, не се фокусира на една тема. Секоја сура за наслов има еден збор. На пример, „Крава“ е името на најдолгата и тоа име се појавува само во тоа поглавје. Кога Мухамедовите рецитации конечно биле напишани (на палмини листови, животински кожи, парчиња од каква било замена за хартија) и биле собрани по неговата смрт, тие грубо биле распоредени од најдолгата до најкратката. Така, нема хронолошка организација; на крајот на краиштата, зборува Бог, а неговите зборови се безвремени.
Сепак, теоретичарите забележуваат дека најкратките сури биле добиени први, при Мухамедовиот период во Мека, а најдолгите се од Медина, кога тој станал политички и воен лидер на муслиманската заедница што се оформувала. Како резултат, најдолгите текстови расправаат за однесувањето и организацијата, што отсуствува во пократките „попророчки“ сури што ја објавуваат потребата од покорност. („Муслиман“ значи покорен кон Бога). Флуидната структура на Куранот може да биде збунувачка дури и за муслиманите. „Затоа во муслиманските книжарници се наоѓаат книги како Што вели Куранот за жените или Што вели Куранот за праведното општество“, забележува Џејн Меколиф од универзитетот во Џорџтаун, уредничка на Новата енциклопедија на Куранот.
Како и Библијата, и Куранот ја брани својата божествена неприкосновеност. Но, додека Евреите и христијаните го гледаат библискиот текст како зборови на божествено инспирираните човечки автори, за муслиманите во Куранот, што значи „Рецитација“, се вечните зборови на самиот Алах. Така, Мухамед е преносник на божјите зборови, не нивен сочинувач. Уште повеќе, со оглед на тоа дека Мухамед го слушал Бога на арапски, преводите на Куранот се сметани за интерпретации на јазикот на оригиналното божјо откровение. „Во оваа многу значајна смисла“, вели Рој Мотахеде, харвардски професор по историја на Средниот Исток, „Куранот не е муслиманска Библија“. Според него, Куранот повеќе наликува на вербалната Тора што најнапред му била откриена на Мојсеј, а потоа била запишана. Со терминологија на евангелијата, Куранот му соодветствува на Христос, како логос, односно вечниот закон на Отецот. Накратко, ако преку Христа зборот станал тело, тогаш Куранот е збор што станал книга.
Импликациите на оваа доктрина се широки и помагаат да се објаснат најдлабоките разлики меѓу муслиманите и другите монотеисти. За муслиманите, Бог е еден, неделлив и апсолутно транспарентен. Поради ова, ниедно издание на Куранот не содржи илустрации, дури ни на пророците, од страв да не се поттикнува идолатријата, најголемиот грев што може да го стори еден муслиман. Сепак, муслиманите од поранешната персиска империја развиле богата традиција на вонкуранска уметност што ги прикажува епизодите од животот на Мухамед. Но, за секој муслиман, присуството на Алах може да биде искусено сега и овде преку звуците и слоговите на арапскиот Куран. Оттаму, само оригиналниот арапски јазик се користи при молитва, иако најголемиот број муслимани не го разбира тој јазик. Не е важно, Куранот се обелоденил преку ушите на пророците, а не преку нивните очи. „Да се чујат овие зборови рецитирани, да се впијат во себе преку молитва“, вели отецот Патрик Гафни, антрополог што ја специјализирал исламската култура на универзитетот во Нотр Дам, „тоа значи да се доживее божјото присуство со истиот вид интимност што ја чувствуваат католиците кога го примаат Христа како осветени леб и вино, за време на богослужбата.“

АвторКенет Вудворд
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 36|