Враќање

Враќање

Кога се вратив во Ресен јас веќе не бев млад, а и градот остарел. Се нишаше вратата на хотелот „Турист“, како старец лабаво обесена на лабави шарки. И сите што ме пречекаа беа пристари и познати. Само џамиите, сè уште бели, ме гледаа од страните, и погоре на ридот камбанаријата на црквата со потсмев околу устата.
Рако ми рече: „По цел месец ти си прв што слезе од автобусот“. Куферот ми ја жулеше раката и јас влегов во кафето да се одморам. Имав многу земји рашетано, на многу чуда им се восхитувале моите очи, но човекот си е врзан за своето место и еден ден секој се враќа од кај што пошол. Јас се вратив во Ресен. Цара во сабота ја бојадисуваше косата; Јосиф наутро одеше во весникарата и седнат до продавачот ги читаше сите весници што доаѓаа во нашиот град.
Нашиот град беше кутија. Јас имав еден коњ, бел, и претпладне јавав по бавчите и планините. Коњот трчаше по полињата, околу зеленило и камења, зелени водје, поток што го прескокнуваше во еден скок. Кога ќе скапнеше, јас го пуштав мојот бенчо да се издише, да попасе по тревата, самиот легнував под оскорушите и дремнував.
Еден ден Јосиф ми рече: „Што мислиш да правиш? Да работиш или да отпатуваш?“
Тој го мразеше безделништвото. И колку и да ме сакаше, му бев единствениот син, уште повеќе не можеше да ме гледа како се дембелам. Јас молчев и гледав над неговиот нос. Потоа реков: „А што ќе добијам ако работам? Немам волја за работа.“
Тој ме истера од дома. Заедно со коњот. Јас тогаш на отпадот најдов некој стар пајтон, го поправив, немаше две колца, и застанав на плоштадот белки некој ќе се симне од попатниот автобус, далечен патник со големи ковчези што се тешки за амалите и ќе побара да го превезам. Пред коњот фрлав слама, а јас седнат на предното седиште со камшикот в раце, дремев. Бев нашол ветва кожена наметка со капуљача и кога ќе заросеше не се мрднував од својот пајтон, само ќе ја покриев главата со капуљачата и гледав како пред мене, тупкајќи со копитата, испарува мојот коњ. Немаше поголемо задоволство за мене од тие дождливи попладниња, кога по плоштадот и паркчето не се движеше никој и само ние, стариот пајтон, белиот коњ и јас, немо седевме среде водјето што течеа околу нас и се вливаа во отворите на градската канализација. Во тие часови јас бев среќен човек.
Коњот понекогаш киваше силно, како џин. Потоа се стресуваше неговата снага и капките паѓаа од кожата. Бевме сраснале ние тројцата, како едно суштество да бевме, јас, коњот и колата. одзади, над задното седало, го имав кренато кожениот покрив, само по летните предвечерја, кога ќе зајдеше сонцето, го спуштав покривот и тогаш на седиштето понекогаш ќе слеташе врапче. Кога навечер целиот град ќе ги згаснеше ламбите, јас го напуштав нашето место пред хотелот Турист, а утрото градските метачи го фрлаа купот ѓубре што ќе го оставевме зад себе.
По девет месеци залудо чекање од автобусот слезе жена. Кондуктерот ги сметна големите ковчези, заклучени со тешки катинари и ја затвори вратата. Жената гледаше по празниот плоштад, по покривите со искршени ќерамиди, во уличните светилки со испукани сијалици. Жената немаше години, само кожено палто како мојата наметка, светливо и ново, и кожено торбиче во кое го чуваше својот клуч. Амалите побегнаа кога ги видоа нејзините ковчези, влегоа во лебарницата и низ прозорците ги видов, како го џвакаат топлиот леб. Ико кој беше идиот, кој пелтечеше и кому му се тресеа рацете и долната вилица, се доближа до неа и подаде рака. Жената во својата торбичка немаше ништо освен клучот и се сврти од него. Во паркчето имаше само еден споменик, биста на паднат борец, и во неговата близина канта за отпадоци. Жената долго гледаше во мене, во мојот пајтон и коњ, а јас покриен со наметката бев возбуден и одвај ја скротував својата вилица да не заигра. Коњот пред мене рамномерно го џвакаше сеното. Тогаш жената дојде до мене и покажа на ковчезите. Кога ги кренав и ги наместив на багажникот зад задното седало видов дека се лесни како ништо да нема. И мирисаа на старост и мемливи подруми. Жената седна на задното седало, пајтонот се заниша и таа го отпетла своето палто. Јас чекав. Имаше во нејзината коса многу прав, и траги од километри што ги поминала, на клепките се беше нафатил поленовиот прав од егзотични дрвја, очите ја добиле бојата на северните мориња, но јас очекував да го чујам нејзиниот глас, зашто само гласот ја издава душата.
Таа имаше глас на дете штотуку родено. Како безусловна наредба на оној што знае дека ќе биде исполнета неговата желба, не под закана со тешка казна, туку од порив многу подлабок.
– Однесете ме кај себе! – рече жената.
Мојот камшик, сам од себе, удри по задникот на коњот, а овој се наежи и летна по калдрмата. Видов, низ вратата на хотелот Турист излегоа сите гости и гледаа по мене.
Јас живеев далеку, на ридот засаден во борчиња, во старата касарна. Веќе одамна во Ресен немаше војска. Кога се вратив многу куќи беа напуштени, наместени со каучи и фотелји, со семејни фотографии на ѕидовите, со везени гоблени и чаршави, со сета интимност што ја остава зад себе еден човечки живот, но јас сакав да живеам во касарна. Бев сентиментален. Оружјето и поминатата слава ми создаваа оптимизам. Кога ноќе ќе се вратев со својот пајтон и врвев сам со свеќа по долгите ходници, вообразував дека зад многубројните врати на некогашните спални спие мојата војска. И во големата коњушница, полна со прегради и јасли, мојот коњ како да не беше сам. Во дворот имаше заборавен тенк и три топа, насочени кон градот и џадето, и јас слободно можев да се чувствувам како нивни заштитник. На пропаѓањето и напуштеноста.
Жената имаше клуч од касарната. Таа имаше клуч од сите врати во Ресен и јас бев убеден дека таа има клуч и од моето срце. И се уплашив таа да не посака да ми го отвори срцето, зашто тоа само нагризени перодршки, искривени клинци и железни налчи беше полно. Портата од касарната одамна не се заклучуваше ниту пак во градот некој нешто држеше затворено. Се мислеше дека сето вредно го однесле XX век, големите градови и Америка.
– Овде јас живеам – ѝ реков на жената.
Таа не гледаше во мене, таа не гледаше ниту во касарната, ниту во немиот град под нас. Изгледаше дека сите нас таа многу арно нè познава.
Јас ги сметнав ковчезите и ги внесов во трпезаријата. трпезаријата беше полна дрвени маси и превртени столови. Јас дотогаш ниеднаш овде не бев влегол и не знам зошто вечерта ја донесов токму тука, можеби затоа што беше жена и помислив дека тука и е местото. До трпезаријата беше кујната.
Таа ми го подаде клучот, од торбичето, и ми нареди да ги отворам ковчезите. Ковчезите беа полни со малечки, памучни војници. Меѓу нив имаше и генерали, и офицери, и коњаници, но најмногубројни беа пешадинците. Војниците имаа клучеви на грбот, за навивање, и јас помислив дека тие некогаш мора да биле играчки на нејзиниот син.
Но таа немаше син.
Вториот ковчег беше полн со граѓани. Меѓу нив се најдов и себеси, и Ика од хотелот Турист, и Рака кој не знаеше да чита а љубеше да гледа странски филмови и молерот Таше Чва кој отиде во Швајцарија и Симо Бунде, мојот другар од училиштето кој живееше во Скопје и имаше три деца, и друмскиот разбојник кој се пресели во Австралија, и Борче на Верга кој живееше во Торонто Канада, ја најдов и мајка ми со нејзината смешно бојадисана коса и татко ми со брадавица на чело и многу други што ги познавав и што не ги познавав и допрва ќе се родеа.
Јас со тие старски куфери и жената во кожено палто посакав да патувам во голем параброд во прекуокеанските земји со бучни пристаништа што нè пречекуваат со џиновски дигалки и музика. Јас сакав, со жената под рака да слезам на кејот од тие пристаништа а дигалката по нас да ги префрли по нас нашите ковчези. Јас мислев, ако поминам еден океан, се ќе заборавам. Но жената имаше глас на новороденче и не сакаше никаде да патува. Како да рече, доста сум патувала, сакам малу да се одморам на својот почеток.
Тогаш жената ги состави масите во трпезаријата, направи еден голем четириаголник, како на свадбите, и почна да ги навива куклите. Јас почнав да бегам кон вратата и тука, на прагот, се сопнав и паднав. Додека лежев ми текна дека и живеачката може да се сфати како игра, и дека во крајна линија сè е една недогледна перспектива во која ние кон едниот крај сме господари а кон другиот играчки.
Утрото засвири труба за будење. Некој безмилосен глас ја тресна вратата и над мојата глава чув познат, суров глас: „Станувајте другари војници! Нов ден, нови задачи!“
Низ прозорецот пееше славеј.

АвторЗоран Ковачевски
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 36|