Надминливата грдотија

/, Литература, Блесок бр. 35/Надминливата грдотија

Надминливата грдотија

Убавото и грдото обично се сфаќаат како два спротивни пола: убавото не е грдо, и грдото не е убаво. Кога треба да се определат за нешто, луѓето по правило го земаат убавото и го отфрлаат грдото. Естетички, убавото се дефинира како она што им се допаѓа на сетилата. Значи, како спротивност на убавото, грдото е она што не им се допаѓа на сетилата. Љубителите на убавото се запознаваат со грдото само за да можат да го одбегнат, или да создаваат убавини конфронтирајќи се со грдотиите.
Сепак, светот не е така двоставен. Повеќето нешта не се ниту само убави, ниту само грди. Убавото во кое не забележуваме ни најмала грдотија го нарекуваме прекрасно. Грдото што е сосем лишено од убавина го сметаме за грозно. Главно, животот си тече помеѓу прекрасното и грозното. Убавината партиципира и кај грдите; грдоста често се здружува со убавите нешта. На пример, некои грди феномени инволвираат убави елементи коишто ги прават прифатливи. Подносливо грдото го именуваме како грдучесто. Од друга страна, извесни убави нешта поседуваат и грди сегментчиња кои иако се забележуваат, сепак се далеку од можноста да ја загрозат доминацијата на убавото. Она што е убаво со занемарливо учество на грдото се зема за убавичко или убавко. Згодното или елегантното се добиваат со нежно истенчување на најубавите форми. Миловидното и симпатичното претежно престојуваат на самата средина помеѓу убавото и грдото.
Ergo, постојат безброј нешта кои се делумно грди: некои нивни компоненти не се допадливи за сетилата. Светот познава успешни естрадни суштества кои се непријатни за сите сетила. Популарноста и богатството на тие суштества покажува дека нивната грдотија била масовно надмината, и дека тие од депонијата на одвратното преминале во сферата на обожуваното. Искуството еднакво покажува дека и покрај солидните изборни можности, многу личности за свој брачен сопатник одбрале лице кое не е близу до идеалот на естетичноста. Како домашни миленичиња, често се чувани застрашувачки или одбојно грди животни. Низ историјата, сликарската уметност умеела да овековечи мошне неубави луѓе. Сите тие случаи демонстрираат своевидно апсолвирање на грдоста. Накусо ќе го објасниме тој процес.
Пред сè, ја оспоруваме уметничката релевантност на психолошката идентификација. Вистина е дека славата на бесмисленото и неартикулираното главно се должи на фактот дека и обожавателската толпа ја поседува истата дезориентираност. Платоновски кажано, грдото му се радува на грдото. Точно е дека во сестраната грдотија секој човек може да го препознае и она делче од грдоста што го има кај себе, и истото да го симпатизира со енергијата на самољубието. Сепак, прифаќањето на неестетичностите нема легитимно образложение во мнението дека „тие се грди, ама наши“. И кога би било така, нашите грдости би останале инфериорни пред нашите убавини, а ние би сакале да ги замениме со нив.
Во објаснувањето на акцептибилноста на грдото, механизмот на идентификацијата често бидува емпириски демантиран. Стопанките на француските булдози обично не личат на своите галеничиња. Освен понекогаш при автопортретирањето, сликарите претежно не личат на своите модели; и брачните другари се далеку од идентичноста. Следствено, приемливоста на грдото не може да остане при психолошкото поистоветување. Естетиката на грдото има многу други ресурси што би можеле да ги групираме во три опфатни класи. Првата од нив се состои во критиката на предрасудите на нашата сетилна диспонираност.
За преткритичката субјективност, грдо е она што предизвикува аверзија. Но, зарем сетилата не можат да згрешат? Да речеме, градскиот смог не е бендисуван од сетилата за мирис и вкус. Притоа, сетилата се во право: гасовите на техниката грозно смрдат, отровни се и задушуваат. Од друга страна, провизорната естетичност на човекот знае да ги дисквалификува припадниците на другите раси или животинските видови. Сите луѓе од ненашата раса отпрвин ни изгледаат исти и грди; – низ натамошната комуникација гледаме дека тие не се ниту исти, ниту грди. Неупатеноста во кинологијата не прави никаква разлика помеѓу доберман и лабрадор, ротвајлер и њуфаундлендер. Тоа поистоветување е природно за оној што се плаши да погледне кон кучињата. Повисоката култура е поспособна за признавање на индивидуалноста.
Накусо, постојат случаи во кои паушалната констатација на грдото се поништува со адекватното култивирање на сетилноста. Преиспитувањето сознава дека сме дале погрешна дијагноза: она што ни се чинело грдо всушност содржело убавина која (поради некои навики или фрустрации) не сме биле подготвени да ја согледаме. Аквариумскиот сом turacatum ни бил грд; – подоцна сме се увериле дека е брилјантен. Барем десет проценти од насликаните ликови за кои сме мислеле дека се грди, со време ни станале убави. Тоа настанало откако сме се ослободиле од стегите што го попречувале восприемањето на иманентните предности на набљудуваното.
Сетилното табиетлиство има безброј апликации; – тука немаме шанса за попис на секоја од нив. Освен тоа, независно од рецептивната беневоленција на субјектот – некои нешта не доживуваат стриктно сетилно ослободување од епитетот на грдотијата. Прифаќањето на неестетичностите покажува дека човекот не е само сетилност, туку и дух и душа. Вториот вид надминување на грдостите се состои во нивната пригодна контекстуализација. Таа постапка е полесна од процесот на самоусовршување на естетскиот вкус бидејќи притоа субјектот не мора да ги совладува застоените обичаи на својата сетилност; – доволно е да се разберат сегдеприсутните примери.
Земете ги предвид коските, мускулните влакна, крвните садови и лојните жлезди на некоја убава актерка. Надвор од контекстот, неведениве елементи се мошне грди. Ама во телото на актерката, тие можат да бидат извонредно вкомпонирани, а нејзината убавина е буквален резултат на сложната дејност на грдите нешта. Хармонијата е семоќна. Во адекватен стан, дури и таканаречениот „боксер“ може да изгледа убаво, особено затоа што тој пес би поседувал естетичност каква што нема ниту еден друг предмет или суштество во домот. За важноста на мерата сведочи и претпоставката дека стан со пет возрасни „боксери“ не би бил петпати поубав, туку погрд.
Во принцип, вистинските локации на грдите нешта се оние на кои убавините би биле деградирани. Но, простата маргинализација на неубавите ентитети остава токму прост впечаток. Уметноста има потреба од посложени композициски зафати. Не губејќи усет за целината на делото, сликарот редовно презема интуитивни софистикации на грдото кои (во зависност од прецизноста на изведбата) понекогаш одат и до самата микроструктура. Против мистериозноста на синтагмата „интуитивни софистикации“, би рекле дека тие не се монопол на големата уметност, туку се дел од секојдневието. На пример, тие се јавуваат како потсвесна психологизација со која нашите блиски лица воедно ни се чинат извонредно убави. Сепак, во тие случаи има уште нешто.
Тука се работи за третата група на средства за справување со грдото. Тогаш, грдото се признава како такво; – не е нужна ниту неговата улога на контраст. Штом грдото нешто има и други особини, тие можат да се јават како надмоќна компензација. Веројатно, најдобра сликарска потврда за кажаново се автопортретите на Ван Гог.
На шега се вели дека Ван Гог бил толку грд што отсекувањето на увото воопшто не му го променило имиџот. Тоа е груба и недостојна досетка; неумесно е да се аргументира дека човекот бил грд. Евидентно е дека Ван Гог и не настојувал да се наслика како убавец. Иако неговите славни автопортрети се насликани во кус временски период, сите тие битно се разликуваат меѓу себе и имаат самостоен живот. Ама во ниту една од тие слики, уметникот не тежнеел да го надмине неубавото со помош на убавото. Тие автопортрети изразуваат мисловност, сериозност, концентрација, фокусираност што е блиска до егоцентризмот, достоинствено страдалништво, човечна впечатливост, посветеност, трагичност, значајност… Сликарската реализација на наведениве квалитети докажува дека наметливата естетичност може да биде суверено надмината од подлабоките уметнички вредности. Грдото си останува благодарен материјал за филозофијата на уметноста. А што се однесува до самата сликарска уметност, таа нема директна закана од грдото; – многу поголема е опасноста од бесмисленото или безидејното.

АвторДејан Ничевски
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 35|