Победа над стравот од смртта

/, Галерија, Блесок бр. 32/Победа над стравот од смртта

Победа над стравот од смртта

– активен и пасивен принцип во (филмското) творештво –

#1 Идејата за насловот на овој текст ми дојде кога го гледав германскиот годинашен оскаровец во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје, Никаде во Африка на режисерката Каролин Линк. Филмот не е лош, нешто помеѓу добар и солиден, на моменти здодевен и предолг, а зборува за едно еврејско семејство, кое за време на нацистичкото владеење во Германија заминува во Кенија. Но, во него има сцена кога една болна африканска жена е оставена да умре под ведро небо, и тогаш мајката од белото семејство истрчува надвор, крикнува покрај жената чудејќи се зошто е оставена на милост и немилост на судбината. Ние гледачите очекуваме сцената да продолжи со започнатата трогателност, „сочувство“ и „сомилост“, кога од некаде излегува ќерката на болната жена и ѝ вели на Европејката: #2 „Госпоѓо, пуштете ја мојата мајка да умре, таа само ќе отиде на небото, на другиот свет“. Во тој миг сфатив колку нашата западна (христијанска или псевдохристијанска) цивилизација е оптоварена со фаталистичкиот страв од смртта, со доживувањето дека крајот на (човечкиот) живот е и крај на светот и оти следствено на тоа, се надоврзуваат чувствата на тага, депресија, меланхолија, незадоволство и незадоволеност, па дури и агресивност, насилство…

Од депресија до дејствување

#3 Никој од нас не сака да гледа филмови што ќе нè потонат во неубави емоции. Но, вистинското прашање е колку ние сме се препуштиле на струјата и колку конформистички сме дозволиле таквите филмови што не излегуваат од општото сивило да ги толкуваме како големи остварувања.
#15 Сметам дека воопшто не е важно каква тема ќе се одбере за филмување, туку дека начинот на обработка на филмската приказна решава за емоцијата што ќе се излее на платното. Луѓето се хранат со емоции и природно е секој човек да посакува да го достигне максимумот на своите можности, а како ќе го оствари тоа ако „произведува“ депресивни и меланхолични емоции, односно ако режира такви филмови и пишува такви текстови. Во тоа е разликата во класите кај филмските режисери и разликата во класите кај одделните филмови на еден режисер. Има одреден тип уметнички дела (и филмови) коишто само ја констатираат општата состојба во општествата, општото просечно ниво на свест кај луѓето, и тука се задоволуваат, не одат понатаму.
„Ах, колку е тешко, мачно, црно и депресивно, колку се мачиме додека не умреме, а и самата смрт, колку ни е страв од неа!“ Овие мисли и чувства како да провејуваат во многу извикани филмски остварувања. #4 На пример, Собата на мојот син на Нани Морети, кански победник од пред две години, потоа Учителка по пијано на Михаел Ханеке, кој освои гран-при на канското жири истата година – сентименталност во првиот случај, која многу потсетува на опишаната сцена од Никаде во Африка и бескрајно вртење во кругот на насилството и незадоволството, во вториот случај. Нема излез, нема решение, како да се така поставени работите во овој свет. Не верувам дека суштината на нашето егзистирање на оваа планета се сведува на бесмислата што ја нуди Учителка по пијано – сексуално исфрустрирана жена, која продолжува да биде исфрустрирана и насилна, и тоа е тоа, крај на приказната таму каде што и започна. Верувам и свесен сум дека тоа се случува, но не верувам дека набројувањето и констатирањето на таквите факти е голема уметност и големо (човечко) дело. Мислам дека е и непродуктивно, за разлика од филмовите што нудат решение, како на пример: Евтини приказни на Квентин Тарантино – платениот убиец сфаќа дека треба да стане добар човек; Секс, лаги и видео ленти на Стивен Содерберг – главниот машки лик се ослободува од импотенцијата, а женскиот лик станува поцврста, порешителна и поодредена личност; Разбеснетиот бик на Мартин Скорсиз – Џејк Ла Мота му вели на Шугер Робинсон во рингот: „Никогаш не ме кутна долу, Реј!“; Бракот на Марија Браун на Вернер Рајнер Фасбиндер – еден брак не успева да заживее во полнотијата на љубовта, германскиот народ поминува низ тежок период на себепреиспитување и застанување на свои нозе, главниот лик веројатно умира на крајот, но паралелно, при еден од последните кадри, во фонот оди преносот на радиото од финалето на светското првенство и гласот на репортерот, кој извикува: „Германија е светски шампион“ (во фудбал, 1954 година); Последното христово искушение на Скорсиз – Исус ја сфаќа илузијата на материјалното постоење, а и самиот (симболично) се враќа на крстот за да ги преземе, надмине страдањата и грешките на човештвото…
#5 Сметам дека наброениве филмови (и многу други) успеваат да направат пробив од аналитичката кон синтетичката менталност, која не се задоволува со голото констатирање на состојбите, туку фаќа чекор со еволуцијата на човекот и со совршенството на добрината кон кое се стремиме (како на пример, Одисеја 2001 или Очи ширум затворени на Стенли Кјубрик).
#6 Депресивните филмови имаат пасивен принцип, а втората категорија филмови, кои ги уриваат бариерите, догмите, шаблоните и стравовите (од смртта) би ги нарекол дела со активен, дејствувачки принцип, кој е многу поинаков, посуптилен, подлабок и пољубовен од ангажираната соцреалистичка или (преовладувачката) холивудска уметност. Гледањето филмови носи идентификација со ликовите, а и инаку филмот е уметност со која консументите најмногу се идентификуваат, па така силно инспиративно се чини раскрвавениот Џејк Ла Мота (Роберт де Ниро) во Разбеснетиот бик кога вели во рингот: „Никогаш не ме кутна долу, Реј!“. Затоа што тоа е суштината на животот – на сите удари треба да се остане исправен – пасивните паѓаат, активните остануваат простум (и буквално, и со сфаќањата и со оптимизмот). Каква ли е волјата за живот и добродетелта на Андреј Рубљов и Амелија Пулен од истоимените филмови, како и волјата за живот и добродетелта на нивните автори, Андреј Тарковски и Жан Пјер Жене!?

Пијанистот на Полански

#7 „Смртта не е страшна сама по себе, страшен е стравот од смртта“, рекол филозофот Френсис Бекон. Во Пијанистот, речиси двоиполчасовниот најнов филм на режисерот Роман Полански, постојано се провлекува стравот од смртта. Пијанистот Владислав Шпилман живее со семејството во еврејското гето во Варшава. По некое чудо се спасува од екстернирањето во логорот на смртта, Треблинка, и потоа продолжува да се крие во окупираниот од нацистите, полски главен град. И освен последниот половина час кога со појавувањето на германскиот офицер (пијанист-аматер) дејството добива драмска напнатост, целиот филм се сведува на тоа – бегање од смртта, тежок и мачен живот, потресни сцени…
#8 Сето тоа е во ред, секој разумен човек сочувствува со страдањата на Евреите и со чии било болки и искушенија и длабоко е повреден од секаква несреќа. Но, кому би му било интересно да седне и два и пол часа да разговара за тоа како Евреите инвалиди биле фрлани од балконите во гетото, како нацистите се изживувале пукајќи и убивајќи луѓе од чист ќеф, какво користољубие на туѓ грб имало за време на војните (и инаку). Тоа се сè куп информации во нашата глава, кои веќе ги знаеме и ги складираме крај многуте други слични и исти информации.
#9 Пијанистот ги прикажува и луѓето коишто се членови на Движењето на отпорот и се жртвуваат во тие тешки времиња ставајќи го животот на коцка, а тука е и германскиот офицер којшто го спасува Шпилман. Во таа смисла, филмот и нуди нешто, не е промашување, а за занаетскиот и техничкиот дел не можам да најдам забелешка, напротив.
#10 Но, мене ми е проблематична идејата – кога одредени состојби и настани се прикажуваат на платното, ние ги примаме во вид на мисли и емоции, тогаш, а и подоцна, во текот на целиот живот. Тешкотијата и мачнотијата што се на платното произведуваат соодветни на тоа, емоции и мисли. Притоа, нашето настојување и нашиот напор можат да одат во правец на борба против злото – така го доживувам филмот Пијанист на Полански. Од друга страна, филмот Животот е убав на Роберто Бенињи, кој исто така ја третира „еврејската тема“ и концентрационите логори, има поинаков пристап. Таму главниот лик се жртвува за детето, му го спасува животот и жртвата е толкава што детето и не дознава во какви тешки околности (му) се одвива живеачката. Таткото #14 постојано го прелажува, прикажувајќи му ги монструозните настани во хумористичен вид – бесконечна е неговата љубов за детето. Овој филм, Животот е убав, го доживувам како прилог во борбата за доброто, која е нешто одлучувачки различно од борбата против злото. Не, што да не правам, туку што да правам! И Жртва, филм на Тарковски, мислам дека го има овој принцип, со жртвата од љубов се победува стравот од смртта.
#11 Со Пијанист Роман Полански ја освои „Златната палма“ во Кан, го доби оскарот за режија, а филмот доби уште две статуетки на Американската филмска академија, со што стана најнаградувано дело на полско-француско-еврејскиот автор. Интересно е што тоа се случува со филм за кој сметам дека е еден од неговите полоши, односно од помалку добрите во, инаку, извонредната филмографија.
#13 Претходното остварување на Полански, Деветтата порта, не помина славно кај критичарите (и на кино билетарниците, велат некои). Филмот има просто преубава фотографија на Дариус Конџи, а станува збор за еден трговец и препродавач на книги (игран од Џони Деп), кој се вплеткува во игрите за повикување на ѓаволот, но е и постојано следен од ангелот-чувар. Филмот ги прикажува развојот и менувањето на главниот лик – од цинична, егоцентрична, незаинтересирана индивидуа, тој станува пожртвуван, прогледува подлабоко и доаѓа до светлината, во завршниот кадар на филмот.
#12 На овој начин, Полански даде најдобар можен одговор на сите „отворени“ прашања од своите претходни филмови, но Деветтата порта не помина славно, за разлика од Пијанистот. Каков парадокс! Сепак, тоа само ги покажува вредносните критериуми на нашата цивилизација, кои треба да ги менуваме и подобруваме.

АвторВиктор Канзуров
2018-08-21T17:21:43+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 32|