Мирис на чај

/, Блесок бр. 29/Мирис на чај

Мирис на чај

Мирис на чај
Срца
На Едвард Коцбек

Избор и препев од словенечки: Лидија Димковска

Мојот пријател е егзистенцијалист. Собира кинески порцелан
и јапонски чајници. Кај него се пие најдобриот чај.
Прецизен до ситница. Можеби не личи на вистинска церемонија,
но испоседнати околу масата, во нашето пиење
има нешто речиси естетско. Ми се допаѓа призорот кога молчиме
и го вдишуваме мирисот на чај. Сите сме егзистенцијалисти.
Првин се смееме и дури потоа велиме: Добра шега.
И ние двајцата го читаме Шаламун. Еднаш цел распуст повторувавме:
Јона, риба ли си? Риба сум. Потем сите отидовме на Хвар.
Имам и еден друг пријател кој е будист. Застанати на работ
меѓу филозофијата и теологијата, викнавме: Уф, ама е остро!
Тука можеш да се пресечеш. Можеби ќе ги чита тибетските
тајни тантри и потем ќе можеме заедно да се смееме на Шуштарскиот Мост.
Еднаш се смеевме за празнината, колку е ужасно ладна
за нашите домови. Рече: Се изнаголтав мудрости.
Сега се послужувам само со лажичка. Нас сè може да нè заведе.
Од Наполи Бранко ми испрати света крава.
Требаше да биде веќе вратен, но тој е скитник.
Двајца мои пријатели се музичари. Едниот ми пишува од север,
иако има западно име. Лао Ци е легенда.
Другиот е басист, можеби некогаш ќе се сретне со Пицоцки.
Трагите на Tales of another се бели. Јарет разговара со ангелите.
Или духовите, како што милувате.
Кога разговараме за музиката,
никогаш не знаеме од каде доаѓа и каде исчезнува.
Сигурно не во нотите. За тоа сите размислуваме исто,
го знам тоа од искуство.
Еден мој пријател работи во печатница.
Се возиме со велосипеди. Понекогаш
не изустуваме ни збор. Можеби не знае дека сум чесен.
Дека се разголувам кога ми е жешко.
Од страв да не падне, му ја подарив
„Техника на искачување“. Книга од 1950 година.

Како би било да појдеме еднаш сите заедно на чај во Медводе,
да помуабетиме за она што ни е пишано.
Оти нешто тенко нè поврзува. Гром рече дека добро парче е како
гума за џвакање што се тегне и шири на сите страни
а не се кине. Изгледа и со нас е така.
Се луламе на ластикот и внимаваме да не претераме.
Кога е жешко чекаме да залади. Или дуваме
и нашиот ветер ги бранува рабовите на порцеланот.
Нешто тенко нè поврзува. Важно е да пукне,
а да не се распарчи.

АвторПримож Чучник
2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 29|