Службено патување

/, Литература, Блесок бр. 29/Службено патување

Службено патување

– Македонија?! Каде се наоѓа Македонија? Во Азија можеби?
По природа сум искрен човек. Секогаш… добро не баш секогаш, ама најчесто, се трудам да ја кажувам вистината, што и не е баш некоја доблест. Голата вистина знае да боли, ама ако е облечена, па дури и малку дуздисана, светот станува посреќно место за живот. Но да дуздисаш девојка за по вода не оди. По опинци на свадба да ја пратиш, такуѓере. Китењето ѝ оди во прилог на убавината до одреден степен. Го пропуштиш ли мигот кога треба да запреш, плукни ѝ се на работата, како што знаеше да каже дедо ми. Значи, да заклучиме, до моментот е.
– Не, Македонија е во Јужна Америка. Зарем не знаевте?
– Не е можно?!
– Да.
– Не?!
– Да, да!
Кога на човек му е преку глава од сè, лагата како излез од безизлезноста доаѓа некако природно и како величина и кројка совршено му прилега на новиот сопственик. Но после третото и последно Не?! сфатив колку јалови се моите обиди да звучам убедливо.
– Добро, не. Во Европа е.
Мојот соговорник замолчи во недоумица, гледајќи ме втренчено небаре се обидуваше одговорот да го најде читајќи ми ги мислите. Како мал честопати се обидував да го сторам истото. Но штом ќе помислев дека сум близу до целта, снемував воздух. Морав да вдишам длабоко враќајќи се повторно во меѓупросторот на просечните човечки достигнувања. Значи колку сум обичен, заклучував. Читањето мисли беше првата област во која го побарав сопственото очудување. Смешно од денешна гледна точка. Но да се вратам на мојот соговорник. Молчеше, молчеше, и одеднаш, Добро сега Ви верувам. Но каде точно во Јужна Америка?
Тоа беше моментот кога после краткото и безопасно скршнување требаше да свртам на главниот пат, кој иако не нудеше авантури и доживувања, ми беше одлично познат, а целта му ја гледав и кога бев далеку од неа. По природа сум, всушност, искрен коркач кој ја претпочита сигурната здодевност на изгазената патека пред непредвидливата замрсеност на споредните премини. Арно ама не го сторив тоа. Зошто? Не знам. Продолжив во внатрешноста на непознатиот предел, чекорев како маѓепсан, без сили да се вратам во автомобилот кој остана паркиран на работ од светот во кој сè беше така нормално.
Всушност, се наоѓав во Париз. Бев на службено патување. Што точно работев? Не е ни важно. Работев на проект. Назад дома, од највидните личности во државата, па сè до питачите на улица, сите го истураа својот талент работејќи на проекти. Веројатно звучеше добро да се биде „дел од проект“. Како и да е, во Париз запознав многу луѓе, стари и млади, образовани и неуки, паметни и не баш толку паметни, блиски и далечни, сите љубезни, но не повеќе од потребно. Меѓу нив беше и овој мој пријател, географски врсканемач, кој го запознав во пијаната, летаргична атмосфера на еден париски локал. Беше некаде околу полноќ. После неколку испиени пива, изгубив секаква временска ориентација, а просторната допрва следеше. Седев навален на шанкот обидувајќи се да ја испијам до последната капка содржината на Париз, па да ја складирам во некое од бурињата на мојата мозочна визба. Утредента се враќав во Скопје. Во мигот кога Франсоа седна до мене бев во толкава мерка охрабрен од алкохолот, што францускиот ми зазвучи потечно од обично. Добро вечер, ме поздрави. Се надевам не Ви пречам.
– Не, не. Воопшто не. Напротив, сакам да поразгаварам со некого.
– Од каде сте? Течното не беше доволно течно, ме издаде ѓубрето веднаш штом зинав.
– Од Македонија.
– Македонија?! Каде се наоѓа Македонија? Во Азија можеби?
Не можев да му одолеам на искушението и се нурнав безглаво во светот на лагите. Така ја започнав приказната за една Македонија, која беше мало, мало островче близу до брегот на Аргентина. Интересирањето што го предизвикав кај мојот слушател само ме поттикна да продолжам низ лавиринтот кој го градев сам, по пат кревајќи ѕидови и од лево и од десно оставајќи издолжен екран небо. Сонцето ми влетуваше во кадар одвреме навреме да ме потсети дека сепак се вртам, но само во безизлезот на моите илузии. Кој ли беше овој Франсоа што ме натера да скршнам кога конечно му го бев фатил крајот на мојот хаотичен живот. Со секое негово зачудено Навистина? Навистина? тонев подлабоко и подлабоко во безвоздушниот вселенски простор, за сè да биде малку поинаку кога повторно ќе се вратам.
– А кој јазик го зборувате таму долу во вашата Македонија? Во гласот му видов злоба и јад, во очите по два одговори на секое прашање.
– Па, тоа е знаете еден шпански дијалект кој нашиот народ горд на својата посебност сака да го нарекува македонски.
– Аха. А колку жители имате?
– Само два милиони. Оваа бедна и гола вистина можеше да ме спаси, да ме исфрли грубо на брегот на она што некогаш беше дом. Левиот ѕид од лавиринтот се заниша, чудна сила ме поткрена, а звукот на автомобилите во ноќта ме потсети дека автопатот е сепак некаде близу. Не го познав знакот, сламката ја испуштив, и дури да трепнам, веќе беше шест часот наутро. Се завртев околу мене, но видов само празна и полумртва кафеана, која даваше знаци на живот благодарение на мене, црномурестиот бармен и Франсоа кој спиеше на шанкот. Заминав со авионот во осум.
Секоја чест на Париз, но дома си е дома. Сепак, уште додека авионот кружеше над скопскиот аеродром, што прилично се оддолжи поради некакви, не знам какви, причини, воодушевувањето ми спласна до степен на ситно задоволство кое, нели, знаеме, заедно со сите други го чини животот. Колку бев среќен? Па, замисли брцнуваш во џебот од палтото што не си го облекол одамна и наоѓаш мала сума заборавени пари. Ете толку отприлика. Дојде крајот на моето службено патување и веќе од следниот понеделник требаше да се престројам во лентата за тешки возила навикнати секој кој стигне безобѕирно да ги претекнува.
– Ќе ве молам Вашиот пасош, беше гласот на службеничката кој ме врати во реалноста.
– Да де, мојот пасош. Тој е. Има некаков проблем? Бев навикнат на вакви ситни проблемчиња кои ми ја разубавуваа монотоната секојдневица.
– Дали сте вие М.С.?
– Да.
– Но ова не е ваша фотографија.
– Како не е, дозволете. Практично ѝ го истргнав пасошот од раката да се соочам со очи кои дефинитивно не беа моите. Моите очи, како што се испостави подоцна беа залепени на пасошот на Б.К., кој како што се испостави уште малку подоцна, беше познат криминалец по кој трагаше полицијата. Како што веќе претпоставувате, мојата следна дестинација не беше удобноста пред малиот екран. Завршив в затвор. И сè ќе беше океј што не е океј, ако објаснувањето за она што ми се случи гласеше: недолжна жртва на криминални сплетки, или со други зборови, фино го наместија.
Македонија беше навистина мало, мало, островче близу до брегот на Аргентина. Во тоа ме увери географската карта во полициската станица, во канцеларијата на дебелиот началник. И што беше уште почудно, Јужна Америка не беше повеќе јужна. Го зафаќаше просторот на северната хемисфера и, верувајте ми, не беше полициски превид.
Изминативе две и следните пет години ги минав и ќе ги минувам во мојот нов скопски дом обидувајќи се одново да го најдам реперот во вселената за тоа што е горе а што долу. Но пред сè, ќе се обидам да најдам појдовна точка од хаосот повторно да изградам ред со подолга гаранција. На претходниот, веројатно, рокот му беше истекол.

Скопје, октомври 2000

АвторАлександра Илиевска
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 29|