Пераст

На мојот закоп ќе има двесте пријатели,
а ти мораш да одржиш говор на мојот гроб.
Томас Бернхард

Познавајќи ги Освалд и Лео, не ни насетував дека смртта на едниот од нив толку ќе го трогне другиот. Ох, нашиот пријател се убил, а не го избрал самоубиството! – туфкајќи Освалд ритмично повторуваше во слушалката. Меѓутоа, содржината на овие зборови откриваше дека тој, сепак, истовремено внимава да не ја протолкува Леовата смрт како однапред пресметан (…) никаков спонтан чин на очајник. И покрај потресеноста од загубата на пријателот, Освалд не беше заборавил дека одамна се има определено себеси како, бездруго, единствениот човек чие самоубиство би било безинтересен избор. Секој друг (па, ете, и Лео) го прифаќа, нели, зашто не може да го издржи самооплакувањето во конкретни неволи. Со слични зборови овој мој колега од работа во градежното претпријатие го коментираше и мојот некогашен порив за суицид. Од друга страна, Лео, со кого ги делев станот и клупата, не ни дозна дека сум (бил) кандидат за самоубиец. На самиот почеток кога почнавме да се гледаме, секој мој обид да му го соопштам тоа се одбиваше од неговиот монолог. Во меѓувреме, се откажав; знаците дека Освалд ќе си го одземе животот прераснаа во сосем отворена закана дури по неговото враќање во Пераст; од нас единствено се уби Лео. Тоа и се очекуваше: за разлика од Освалда и мене, тој не се петелеше со самоубиствениот порив, туку го чуваше, за да може, неначнат и секогаш свеж, лесно да го искористи. Навреме да насетев дека Освалд ќе се петели, па макар и само со суицидалниот порив, немаше ни да се зближам со него. (Подоцна увидов дека во почетокот тој бил толку потиштен, само затоа што извршуваше пониска работа од мене; беше набавувач, трчкало, момче за сè). Кога, поради нескриената инфантилност на другите колеги – и обичајот на колешките наутро на сет глас да ја прераскажуваат авантурата на печење пиперки за зимница – спрема него манифестирав очајничка отвореност, тој во неа виде згоден простор за натрупување на досегањата на сопственото коцорење. Оваа особина кај другите му пречи на човек кој исто така е склон кон петелење; јас ја задушував таа своја склоност. Штом ќе стане вистински терорист, зажалувате дека спрема него не сте постапиле барем малку побезмилосно. Но, тогаш веќе е доцна: новиот однос е формиран и нужни се многу напори за да го измените повторно. Наспроти тоа, еве, Освалдовиот глас трепереше повеќе отколку што можеше да се претпостави, додека тврдеше дека Лео го убиле фамилијата и животот во Пераст. И јас дел од животот минав во Пераст, па познато ми е дека мнозина се убиваат за да не мора да живеат во Пераст. Кога се иселив од Пераст, на намерата за самоубиство, пак, ме тераа сеќавањата на мојот некогашен живот таму. За среќа, одамна заминав оттаму; Лео во Пераст се пресели пред две години, а Освалд се врати во Пераст поради сиромаштијата, и тоа само пред десетина месеци. Сè уште не му беа средени впечатоците во врска со тоа, поради што толку често тој го омаловажува овој град на безизлезноста и село без избор. Дека Пераст навистина не нуди никаков избор, јасно е штом ќе се спореди меѓусебната блискост на Освалд и Лео од поновата фаза на нивното дружење со почетниот молкомен договор на двајцата идни другари. Од нивното запознавање во Белград па до неизбежното сретнување во Пераст, всушност, меѓусебно се обраќаа само преку посредник, а тоа бев јас. На лошиот избор, истовремено и на никаквиот досег на радостите што ги влеваат најубавите детали на Пераст (чудесната боја на небото и на брановите во заливот; барокната црква, тесните, донекаде древни улици, и дворовите со ведри фигури на лавови на камените огради), како и на фактот дека оттаму треба да бегаш како мува без глава, упатува уште склоноста на привидно мирниот брег секогаш повеќе да ги задоволи возилата отколку шетачите. Така изгледа Пераст, особено, зиме: Има зимски дни кога на Приморјето ќе се сурне порој со грмежи, морето ќе се разбранува, а улиците и доковите ќе опустат. Околните места главно се населени со физички деградирани луѓе поради родосквернавењето на нивните предци, вековен обичај на затворените средини, па и на некои места околу Пераст. Секое поколение го докомплетира не само ова предание, туку и она според кое човек кој наминува во таквите места, набргу и самиот забележува дека неговата вилица почнува да се засводува, а очите му добиваат дивјачки израз. Како заштита од целосното обезличување, на перастанецот му преостанува бегство од целиот залив или, пак, вкопување во Пераст. Велам, нема избор во Пераст. Постојаните гости на главното – речиси и единствено – угостителско здание во ова стушено гратче, во својата тромавост и болна љубопитност, најдобро би се чувствувале кога над шанкот би бил закачен семафор со список на постапки како што се самоубиство, прељуба, одделни физиолошки дејства… (Не би било лошо, покрај него, да биде изложена и листа со актерите, па и листа која ќе открива кога е сторено односното дело.) Со тоа тие, без многу труд, привремено би ги ублажувале своите хронични копнежи по нови бизарни приказни, какви што се и два-три настани за коишто чув, приближно, пред девет месеци, за време на својот последен престој во Пераст, чекајќи го Лео со неговата сопруга крај шанкот. Освалд не ме прекоруваше само мене (иако беше известен, не дојде на закопот на својот најдобар пријател!) туку и некои јуноши кои му соопштиле на Леовиот татко дека допатувале од далеку само заради Леовиот закоп, па побарале да им бидат надоместени патните трошоци и дневниците (поскромните не барале дневници). Напомнувале дека нивниот пријател, така го нарекле Лео, како из-ра-зит ин-ди-ви-ду-алист (шеговито го изговарале овој збор), секако и самиот ќе се заложел тие да бидат обештетени за патните трошоци (во крајна линија, и за дневниците). Очигледно, Леовиот татко не знаел дека освен Освалд и мене Лео немаше никакви пријатели, па ги исплатил овие злобни, би рекол, перастанци, а можеби и рисанци (така би можеле да се пошегуваат навистина некои перастани и рисјани). Меѓутоа, за разлика од него, јас повеќе од половина година бев Леов цимер, а на таквиот мора да му биде јасно дека Лео воопшто и не можеше да има вистински пријатели, иако за воспоставување на пријателство немаше големи барања: само малку ќе му се приближеше на секој кој беше склон да го слуша. Запознавајќи го во втората, повторена година по српска книжевност, и самиот со задоволство ги слушав неговите искрени критики на наставната програма, од чија површност полудуваше. Само што се зближивме донекаде, премина на пламена критика на своите родители, фанатични малограѓани. Го иритираше прилично долгиот список на нивни маани: немоќта да го запомнат името на факултетот каде што студира, навиката да ги тресат своите цигари во неговиот пепелник, да разговараат со неговите пријатели, нему да му даваат совети според она што го наѕираат во својот видокруг: тие луѓе се стручњаци за декомодирање и тука ништо не може да се стори. По месец или два откако се префрлив од вонредните студии во сосем трет град на редовни студии во Белград, небрежно му предложив на Лео, ако веќе сака да ги напушти родителите, да го делиме станот и трошоците за домување (немав услови самостојно да изнајмам повеќе од една соба). Првите денови од нашиот заеднички живот ги помина во барање работа. Не доаѓаше предвид да препродава девизи, да шверцува бензин или цигари, свила од Кина, техничка стока од Чехија, или жени од Украина, кои во една патријархална средина полна со бегалци од подрачјата зафатени со војна, лесно наоѓаат муштерии желни за брзо чивтосување за релативно мали пари. Со други зборови, не доаѓаше предвид да се занимава со некоја доходовна работа, а со тоа и да успее во обидите сам да се издржува. Тоа сознание, како и белезите на влажниот таван и на излитениот топол под на нашата куќарка на периферијата, до лелек ја засилија јанѕата на неговиот центар за тага. Сè повеќе се жалеше, што ме чудеше (но само во почетокот). Неговата енергија многу брзо почна да ветрее: отсуствуваше од предавањата и, поради родителската решеност да му го платат засебниот стан под услов тој да се согласи да се лекува, одеше на психотерапија, наполно окаен: Непријателите ме издржуваат, згора на тоа почнаа и да ме колкаат, па тоа е неподносливо! Да ме колкаат, повторуваше и, во миговите на барем мала присебност, се смееше на веројатно погрешната лекарска дијагноза, а со тоа сетики и на погрешните лекови со кои го колкаат. Па, мојот единствен проблем е што ментално сум поздрав, особено од тие двајца авантуристи, потсмешливо ја ширеше полничката уста и ги откриваше блескавите заби кои, пак, беа наполно неоштетени. Спротивно на него, никогаш немав, ниту пак можам да имам, нешто против својата мајка: ретко одам кај неа во Пераст, таа и натаму ја помага мојата неспособност да заработам за храна, а за време на распустот по дополнителните предавања на обновената втора година студии, ми помогна да му ставам крај на животот како потстанар, иако за тоа е заслужен и Лео. Имено, можеби немаше да го поминам летниот распуст терајќи ја мајка ми да ја продаде големата семејна куќа во Бачка (потоа и за да купи станче), да можев да го издржам потстанарскиот живот со него. До пред еден-два месеца пред тоа – до пред крајот на предавањата на првата година студии, ми се чинеше дека ќе издржам: неговите дневни монолози сè уште беа подносливи, на моменти дури и заводливи. Наскоро излезе дека релативниот дневен мир во нашиот потстанарски дом на периферијата, претставува залог на лудилото на кое ќе присуствувам ноќе. Со терапијата лекови доволна за задоволување на петмина солидни душевни болни, дневната депресија тој ја претвори во кошмари, кои завршуваа со полуразбирливо и неподносливо ревење. Откако го добив станчето на подарок, побегнав од Лео; тој престана да оди на факултет, но продолжи да изнајмува соби, со парите од своите непријатели. Сепак, по две-три години, се потсмири; кај некој приватен психијатар запознал некоја неразумно штедра девојка, шест години постара од него. Копнеејќи по самостојност, по поблага клима, по помалку турканици и по поедноставни луѓе, таа едноставноста ја препознала во Лео (па и во жителите на Пераст), па двајцата решија да го напуштат нивниот роден (Бел)град и да се преселат во Пераст, во куќата на татко Ј, што тој ситен функционер ја изградил во родниот крај во текот на седумдесеттите години, со еден од оние кредити со кои наголемо е упропастувана државата. (Тоа вистински се одрази кога почна да снемува кредити: секоја од републиките-членки ја обвинуваше онаа другата дека претерано ги трошела, што, колку што се сеќавам, доведе и до војна и до распаѓање на земјата; ситните и крупните функционери на најголемата република, логично, потрошија најмногу кредити и беа најгласни во обвинувањата за сметка на другите.) Развојот на исти настани го предвидуваме на повеќе различни начини: ако се фалиме со исправната проценка, треба да се сетиме и на оние нашите погрешни, значи, и на големите проценки во врска со една иста работа. Меѓутоа, колку и да е така – па и прилично примитивно – да тврдиме дека нешто сме предвиделе, морам да кажам дека во врска со Леовото решение да си ја проба среќата со брачниот живот во Пераст, повеќепати ми се наметнуваше стравување дека тоа решение нема да има највесел исход. Така ми се чинеше, макар и само затоа што тој секогаш ја исмејуваше идејата за патување, особено исмејувајќи ги патниците за гратчињата крај топлите мориња, како и затоа што најнеподносливо поднебје гледаше токму во Медитеранот, во таа просторна апологија на нагонот, и на излежувањето за кое причината не е хедонизмот, туку безизлезноста. Пред девет или повеќе месеци, главно, во почетокот на март, истовремено за време на својот последен престој во Пераст, долго ја проследував Леовата шест години постара сопруга (тие двајцата, без никакво извинување, задоцнија половина час во локалната кафеана). Иако тогаш таа не изусти ниту збор – впрочем, како што не изустив ниту јас – доволно речитост криеше нервозното колебање, што се огледуваше во тиковите на нејзиното лице што ги придружуваа Леовите гласни премислувања што да прави еден толку згоден, бистар и чувствителен маж како него, а да не се упропасти. Донекаде можев да насетам дека набрзо, излудена од сексуална апстиненција, од неговите монолози, и од немарноста (шеташе во чевли без врвци и се чудеше кога ќе сфатеше дека ги загубил патем), таа ќе го избрка Лео од дома и посредно ќе го втурне во смрт, меѓутоа со уште поголема сигурност, за жал, сега би можел да предвидам дека и самата набрзо сосем ќе излуди. Тешко дека една жена со исушено тело, со нарушено сладострастје (мануелна работа во локална фабрика за текстил!) и со од поодамна начнато душевно здравје, може да ја издржи разорната спрега на грижата на совеста со лошата енергија, што таа ја црпеше од Леовите истапи од доселувањето во Пераст, како и од неговите осуди на Пераст. Ми се чини дека тие осуди беа малку поблаги од оние што ги искажуваше за сметка на Белград кога го делевме станот. Пред тоа, ете, Лео не можеше да го издржи соживотот со непријателите и со фанатичните малограѓани, не знаејќи дека токму тие ќе ги понесат трошоците за неговиот закоп (дури и измислените патни трошоци на некои од шегаџиите перастанци и можеби рисанци). Меѓутоа, ако не избегна да го закопаат непријателите, Лео, за утеха, не е закопан во Белград. На наткасната во куќата на жена си оставил барање до околиските власти да биде закопан во Пераст (… подобро дури и овде отколку во градот од којшто побегнав за време на животот… ). Од другата страна на линијата се слушаше детски плач: сигурно тоа цимолкаше вонбрачниот син на Освалдовата сестра. На Леовиот закоп ги читав имињата на детските гробови. Кога го рече тоа Освалд, детето вресна. Можеби Освалд го навредуваше внукот под влијание на зборувањето за Лео кој, кога се потсмеваше, најчесто тоа го правеше за сметка на некој од своите најблиски; другите, во принцип, ниту ги слушаше ниту ги гледаше. Тоа и не е толку важно: навистина, тој е мојот најдобар пријател, зашто не ми даваше совети. (Можеби вистина е дека првин умира подобриот човек.) Сега ми е јасно дека, посредно, и монолозите се еден вид совети. (Во некои работи подобар човек. Или, можеби, помалку близок човек:) Нема периз на јазикот. Вака, уште во Белград, Лео го опишуваше Освалд додека го клеветеше без страст и во кратки црти, низ презриво-жалосна насмевка и гримаса која накусо ги расипуваше класичните контури на неговото згодничко лице – позгодно и од неговото тело. Кога се пресели во Пераст, еднаш неделно Освалд ми праќаше писмо во тираден стил, во кое огорчено ги опишуваше своите прошетки со пријателот, проткаени со вудвосувањето на високиот Лео по чакалот барајќи си ги загубените чевли, и со неговите исцрпувачки монолози за општата бесполезност, за литературата и семејството, вклучувајќи го и словото за тестот, кој, откако забележал дека Лео го искористува, ја подбуцнувал ќерка си проти него. Тирадното писмо не бара одговор – а такви беа Освалдовите писма; токму како и Леовите, коишто, рака на срце, на моја адреса пристигнуваа многу поретко. Па, тие двајцата одвај се трпеа, ете, беа на работ на ексцес, и на кавга, која и двајцата ја избегнуваа. Особено Освалд, кој, истовремено, и повеќе ја разгледуваше можноста за кавга; за изведување такви заклучоци Лео немаше време, заради соодветната задлабоченост во своите проблеми. За разлика од Лео, овој повратник во непосакуваната семејна закрила во писмата се жалеше дека во мало место не е можно ни вистински да се скараш. Поради стравот од осаменост, во малите места луѓето бегаат од конфликти повеќе отколку во големите. Дали работите не се премногу бедни за да се исплаќа човек да остане во добри односи по секоја цена? Човек кој избегнува кавги еднакво бесмислено е активен како и оној кој се впушта во нив. Додека, од дваесет и некоја до дваесет и некоја, живеев во Пераст, се трудев да не размислувам за тоа, за да не полудам вистински; за да побегнам што повеќе од таквата помисла, морав да побегнам од Пераст. Тоа мое бегство, подоцна, преку своите писма од Пераст, Освалд речиси го обесмисли. Како и Лео, тој најмногу го обременуваше (нај)блискиот: единствените луѓе со кои Освалд сакаше да разговара бевме Лео и јас. Меѓутоа, Освалд сакаше да зборува со некој, а Лео: да му зборува некому. Рака на срце, преселувајќи се во Пераст, и упатувајќи се на роднините, Освалд мораше во рамките на натурената понуда да избере уште некој со кој колку-толку ќе општи. Ја избра мајка си, на која веднаш Ј објасни дека не смее дури ни да помисли оти тој ќе се врати на каква-годе работа, туку дека е расположен единствено да се излежува, да си читка, можеби малку и да шета. Во секоја пригода Ј префрлаше дека неговото несакано талкање по светот на лажно живите, е последица на нејзините полови пориви, што го ослободува од секоја одговорност. Ја опоменуваше дека ако таа не ја искористи паузата за појадок во фабриката за текстил за да дојде дома да му направи појадок, тој ќе го прецрта нејзиното име на веќе отпечатените покани за закоп, кој – веднаш Ј кажал – е неизбежна во овој или оној случај. Лео, пак, не се грижеше кој ќе му дојде на погребот; можеби и затоа, го испратиле само полунесвесната сопруга, мајка му, татко му, Освалд, работниците од погребалниот завод и грст перастанци (и рисанци)? Против спомнатиот гест на овие итроманци протестирал само Освалд, што сигурно изгледало комично, со оглед на атлетската граѓа на тамошните делии и Освалдовиот изглед на пропаднат, сè поисциглавен окалко. Жал ми е што не бев во уште подобри односи со Лео, заплака Освалд. Уште подобри? Или уште полоши, го смирив. Му реков и дека нема да му изразам сочувство на Леовиот татко, ниту во Пераст, ниту во Белград, но можеби ќе наминам во Рисан или во некое друго место во заливот, да се сретнам со него, Освалд, бидејќи тоа не успеав да го направам пред девет месеци, за време на својот последен престој во Пераст. Сакав да му помогнам да се почувствува употреблив; за тоа беше доволно да се ислуша некој негов излив и потоа да му се упати некој неутрален збор, додека Лео и зборовите на утеха, и на кудење, ако веќе ги слушнеше, ќе ги проследеше со иста безнадежна насмевка. Тогаш, се чини дека во нашата дружина Лео бил тој кој бил мизантроп, а Освалд – иако за него можеше побргу да се каже тоа, зашто лаеше во поширок лак – само исфрустриран од своето несреќно еднолично искуство. Згора на тоа, овој разочаран моралист и мој единствен преостанат пријател, не е толку избувлив сопственик на знаење: за разлика од Лео, понекогаш, дури, се сомневаше и во тоа што го застапува. Ми се чини дека, ако колку-толку се средеше, Освалд би се откажал од изборот на самоубиство, па и од самоубиство како спонтан чин на очајник. Тој чин, за несреќа, веројатно нема да го избегне, зашто тешко дека животот во Пераст ќе му дозволи да се среди некогаш. Гледам дека овде ми недостасува поддршка, како, на пример: си помислив, реков, намислив и сл. Не е ни важно: ми остана уште само да кажам дека и мене, како и на Освалд, ми е жал за Лео. Кога сè ќе се собере, беше сосем неподнослив, но заслужува да биде ожален. И тоа не толку поради суицидот како таков – кој, без оглед на тоа што мислеше Освалд, е работа на Леовиот избор, со самото тоа и негова работа – колку поради самиот начин на кој скончал. За жал, тој не го избрал тој начин, ако посебно ја земеме предвид омразата што ја имаше спрема фамилијата, својата и на жената, спрема Медитеранот, па и спрема морето воопшто. Излезе дека се удавил во леденото, немирно отворено море, каде што стигнал со чамецот на својот тест. Во исто време, тоа беше последното што го чув од Освалд.

Превод од српски: Здравко Ќорвезироски

Расказот е преземен од неодамна објавената збирка Бизарни раскази – современа српска проза, Магор, Скопје, 2002.

АвторИгор Мароевиќ
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 29|