Можности

Можности

Можности
Тортури
Двата мајмуни на Бројгел
Трите најчудни зборови

превод од англиски: Македонка Божиновска

Повеќе сакам филмови.
Повеќе сакам мачки.
Повеќе ги сакам дабовите покрај Варта.
Повеќе го сакам Дикенс отколку Достоевски.
Повеќе сакам да ги сакам луѓето
отколку да го љубам човештвото.
Повеќе сакам да чувам игла и конец при рака, за секој случај.
Повеќе ја сакам зелената боја.
Повеќе сакам да не држам до тоа
дека умот треба да се обвини за сè.
Повеќе сакам исклучоци.
Повеќе сакам да си заминам рано.
Повеќе сакам со лекарите да зборувам за нешто друго.
Повеќе ги сакам старите фино обрабени илустрации.
Повеќе ја сакам апсурдноста на пишувањето песни
отколку апсурдноста на непишувањето песни.
Повеќе сакам, кога љубовта е во прашање, неодредени годишнини
што можат да се прославуваат секој ден.
Повеќе ги сакам моралистите
кои ништо не ми ветуваат.
Повеќе сакам лукава љубезност отколку претерана верба во љубезноста.
Повеќе ја сакам земјата во цивилка.
Повеќе ги сакам освоените земји од земјите-освојувачи.
Повеќе сакам да си бидам резервирана.
Повеќе го сакам пеколот на хаосот отколку пеколот на редот.
Повеќе ги сакам сказните на Грим отколку насловните страни на весниците.
Повеќе сакам лисје без цвеќе отколку цвеќе без лисје.
Повеќе сакам кучиња со нескинати опашки.
Повеќе сакам светли очи, оти моите се темни.
Повеќе сакам фиоки во бирото.
Повеќе сакам многу нешта што не ги спомнав овде
отколку многу нешта што исто така ги оставив некажани.
Повеќе сакам слободни нули
отколку оние подредени зад некој број.
Повеќе го сакам времето на инсектите од времето на ѕвездите.
Повеќе сакам да чукнам во дрво.
Повеќе сакам да не прашувам уште колку и кога.
Повеќе сакам да ја имам на ум можноста
постоењето да си има своја причина за постоење.

АвторВислава Шимборска
2018-08-21T17:21:47+00:00 август 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 27|