Неостварливоста на љубовта

/, Литература, Блесок бр. 25/Неостварливоста на љубовта

Неостварливоста на љубовта

кај Црњански и кај Георгиевски

Романсиерското остварување на Црњански и на Георгиевски, и покрај тоа што во центарот на своето интересирање го поставува проблемот на прогонот, и романот Селидби и трилогијата Црно семе, Време на молчење и Рамна земја можат да се определат како дела целосно посветени на љубовта. Кога романот ја допира темата на љубовта, тој речиси никогаш не ја опишува како нешто блиско и лесно достапно, а често како морално недозволено. Второто име на таквата љубов е страст. Значи, во романите што се предмет на нашето интересирање не љубовта, туку страста е онаа доминанта што претставува покренувачки фактор во организираљњето на романите и нивниот идеен склоп. Зошто опсесивната насоченост на ликовите и во двата романа со желбата да се надвладее дадената неповолна состојба, предизвикана од прогонството преку упорноста во опстојувањето на родното тло и љубовта, поадекватно се именува со терминот страст. Според дефиницијата на Дени е Ружмо (Denis de Rougemont) страста претставува нешто трето што се вовлекува меѓу субјектот и објектот и се дефинира како пречка. Таа пречка најчесто е општествена (морална, обичајна или политичка) и на крајот се меша со самото општество. Заради потребите што ги наметнува раскажувањето, пречката може да биде претставена во облик на dramatis persona (на пример во авантуристичкиот роман пречката се манифестира како класичен непријател, или, според терминологијата на Проп „штетник“), како контекст – склоп од општествено-политички и социјални односи кои владеат во одредено време или средина (карактеристична постапка за класично-реалистичкиот роман на 19 век) или пак, таа пречка прераснува во темата љубов?страст, каков што е случајот со наведените ронмани. Поинаку кажано, во предметните романи постојат две централни теми: прогонството, која во дискурсот се исчитува како пречка и љубовта – како надминување, совладување на пречката.
Од друга страна, пречката се доживува како недостаток или одвоеност. Човековата желба да го надмине недостатокот и да ја обнови интеграцијата, во крајно неповолни услови, произведува насоченост кон имагинарното и сонот, така што склоноста кон иреалното има силна компензаторска функција, функција што се очитува во релацијата – замена за недостаток.
Така, кога зборуваме за темата љубов во рамките на трилогијата на Георгиевски и Селидби на Црњански, неминовно е таа да се доведе во релација со темата прогон, односно тие да се разгледуваат во заемно причинско-последични релации, при што љубовта се изразува како стремеж кон интеграција на човековото битие, сфатена најшироко. Темата љубов/страст е доведена во директен однос со темата прогон/бездомие, т.е. преку книжевносто моделирање на човекот како битие кое што е во постојабна потрага на изгубениот роден крај.
Значи, во потесна смисла, предмет на ова излагање ќе биде насоченоста кон сонот и имагинарното како компензирачки фактор на недостатокот во реалноста – неможноста за остварување на љубовта, при што темата љубов се расчленува на две компоненти: мотивот страст кон саканата и мотивот страст кон родниот крај. Во романите, еротската страст честопати поминува во опсесивно барање на татковината и обратно, што, всушност, ни дава за право да тврдиме дека тоа се варијанти на една иста тема, човековата вечна борба за интеграција, како лична така и општествена. Реализацијата на вака поставениот проблем во романите не е експлицитна туку скриена, со низа суптилни премини и допири коишто се откриваат дури по целосното восприемање на романот, Шри што доминантна е постапката на паралелизам.
Таа постапка пред сè се очитува преку третманот на родниот крај, кој и кај Георгиевски и кај Црњански има широко значење. Покрај тоа што се поврзува за историски реални места и класа луѓе којшто припаѓаат на една нација, просторот на родниот крај добива поливалентно семантичко значење, во кое мотивот страст кон саканата и страст кон татковината имаат привилегирано место. И романот на Црњански и романот на Георгиевски се градени врз историска основа. Судбината на српскиот народ по косовската битка, односно расселувањето, а особено нивната тешка и неизвесна положба во рамките на Хабзбуршката монархија за време на владеењето на Марија Тереза во средината на 18 век е граѓа од која е направен романот Селидби, како што и расселувањето на македонското население по поразот на Граѓанската војна во Грција во 1948 год. е граѓа за романите на георгиевски.Таа граѓа со историска подлога овозможува книжевно обликување на темата прогон, т.е. слика на народ, кој, прогонет од своето родно тло, има привремена и привидна татковина, обвиткана во магла и кал, секогаш покрај железнички станици и вода. Сите овие елементи во делото добиваат високо симболичко значење кое се поистоветува со несигурност, подвоеност и минливост. Како што на општ план доаѓа до израз таа колективна судбина, така и на поединечен план, секој позначаен лик живее во еден несигурен свет, свет на опасност и загрозеност. Колку повеќе немир и несигурност се чувствува на планот на реалноста, толку поупорно се трага по смислата, мирот и утехата во рамките на имагинарното. Од првиот план произлегува еден вредносен став, од вториот – друг, при што нивниот однос може да се дефинира како пропорционален. Првиот план, кој произлегува од раскажувањето на општите услови во кој се наоѓа ликот, произведува патриотски чувства, во вториот план, кој се потпира на сензибилноста и перцепцијата на ликот, доминира еротското чувство. Во такви услови, просторот на родниот крај не се доживува како реален туку како утописки. Ликот е принуден да сонува за еден друг, замислен, имагинарен свет, идеализиран во просторот на татковинатата. Тој друг свет е свет на мир и хармонија, свет на среќно остварена љубов. Трансформацијата на реалниот во утописки простор е овозможена со неговото симболичко означување, било како ознака на тој свет да се јави бескрајниот син круг со ѕвезда (кај Црњански) било аловото веленце (кај Георгиевски).
„Родниот крај кај Црњански – вели Новица Петковиќ, воопшто и родниот крај во Селидби посебно, е само проекција на утопискиот простор што човекот во туѓина го насетува, од туѓина му оди во пресрет… А бескрајниот син круг со ѕвезда, кој на двете споменати места (рамките на романот, забелешка Л.Г.Ј.) му се привидува на Вук Исаковиќ помеѓу јавето и сонот, го вознесува главниот јунак во насетувањето на еден друг, повисок свет…“1F
„Црвеното ќебенце добива антропоморфни својства, а неговата симболичност го поместува своето семантичко поле од огништето кон потребата за сон. Потребата за имагинарното и сонот се темели врз потребата за компензација на сето она што претставува условност на егзистенцијата и што отсуствува во реалниот живот“. – вели Мирољуб Стојановиќ.2F

#b
1. Новица Петковиќ: Два српска романа. Народна књига, Београд, стр. 310.
2. Мирољуб Стојановиќ: Деобе и сеобе Ташка Георгиевског, Просвета, Ниш 1995.

АвторЛорета Георгиевска Јаковлева
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 25|