Политиката и поетиката на Елен Сиксо

/, Литература, Блесок бр. 23/Политиката и поетиката на Елен Сиксо

Политиката и поетиката на Елен Сиксо

Она што ја прави реалноста фасцинантна е замислената катастрофа што се крие зад неа.
– Рејмонд Федерман, Критификација

Ако добро си ја завршиме работата, реалноста ќе ни се чини дури и понестабилна, покомплексна и понесредена отколку сега. Во таа смисла, можеби Фројд бил во право кога изјавил дека жените се непријатели на цивилизацијата.
– Џејн Флакс, Постмодернизам и родови односи

L’écriture féminine – Крај на патријархатот?

Сфаќањето за пишувањето како ослободување е основата на концептот на Елен Сиксо за l’écriture féminine. Целиот концепт има политички импликации, ако не и повеќе. Самата Сиксо1F е жигосана како радикална феминистка, како и другите француски писателки на нејзината ера (од седумдесеттите наваму), Моник Витиг (Monique Wittig), Лус Иригари (Luce Irigaray), Кетрин Клемент (Catherine Clément), Јулија Кристева (Julia Kristeva). Иако тие се сите силни индивидуалци што не секогаш ја споделуваат истата политика, поетика и теории, една работа што им е заедничка е дека сите јасно ја искажуваат потребата да му се стави крај на патријархатот еднаш и засекогаш. Не да се реформира, „да се ублажи“ или „да се намали“, или пак, да се замени со матријархат, ако матријархат значи патријархат во обратна насока, негова спротивност, во која улогите се заменуваат и ништо повеќе. Нивната идеја беше да се замисли и да се создаде (барем во пишувањето) свет со сосема различен вид економија, човечки односи, јазик. Нивниот животен проект е да се пронајде – како? Овде ќе ги интерпретирам делата на Сиксо со ова прашање на ум – како може да му ставиме крај на патријархатот?
Во делата на Сиксо со наоѓаме зборот фалоцентризам2F, а не патријархат. Фалоцентризам е многу поширок концепт што вклучува дискурси каков што е филозофијата. Критиката на фалоцентризмот не изостава ништо, велејќи дека ништо, дури ни филозофијата, не е „над“ општествените и историските услови во кои живееме, туку дека сè е или резултат или предуслов на овие услови. Светот на идеи се чини дека е и резултат и предуслов. Во “Sorties” како и во „Насмевката на Медузата“ (The Laugh of the Medusa), Сиксо го гледа системот на фалоцентризмот како „машина која ја одбива својата Вистина“, машина која функционира на овој начин: „Филозофското се констурира себеси започнувајќи со деградација на жената. Субординацијата на женскиот на машкиот род кој се чини дека е услов за функционирање на машината.“ (Sorties, 289) Сметам дека следното гледиште е исто така многу важно:
„Фалоцентризмот е. Историјата никогаш не произвела, не забележала ништо освен тоа. Што не значи дека оваа форма е неизбежна или природна. Фалоцентризмот е непријателот. Сечиј непријател. Мажите губат со него, различно, но исто толку многу колку и жените. И време е да се транформира. Да се измисли другата историја“. (Sorties, 291)
Врз основа на опозицијата машко/женско, фалоцентризмот произведува други хиерархиски бинарни опозиции за да го опфати секој аспект на битието во својот систем на доминација и субординација.3F Ова се бинарните опозиции што Сиксо ги наведува во „Sorties“ и друга слична листа што може да се најде во „Манифест на Киборзите“ (Manifesto for Cyborgs) на Дона Харавеј (Donna Haraway):

Сиксо:

Харавеј:
активност/пасивност јас/другиот
семе/сад ум/тело
култура/природа култура/природа
глава/срце цивилизирано/природно
логос/патос реалност/привид
форма/материја цело/дел
интелигенто/сетилно агент/ресурс
конвексно/конкавно точно/погрешно
сонце/месечина вистина/илузија
ден/ноќ целосно/делумно
Татко/Мајка Бог/човек
маж/жена машко/женско


Сите сме научени да размислуваме во овој дијалектички систем. Спротивностите се чинат „природни“. „Природно“, мажот е супериорен на жената, како што Таткото е супериорен на Мајката, умот на телото, културата на природата, и така натаму. Колективно или индивидуално, не се сеќаваме на ништо друго освен на историјата на доминација и субординација. Сите дискурси, вклучувајќи ја и литературата, ја носат пораката дека оваа историја е нашата судбина што секогаш била и секогаш ќе биде. „Истата нишка, или двојната плетенка нè води кога читаме, или зборуваме, преку литературата, филозофијата, критиката, вековите на претставување, или на размислување.“ (Sorties, 287) Самиот јазик е јазик на хиерархиски бинарни опозиции, сè додека неговите означувачи доаѓаат во парови, а често доаѓаат така. Па така, и нашите метафори, откривајќи една опресивна реалност. Според моето разбирање, Сиксо вели дека ние учиме да ја прифаќаме оваа „реалност“, и затоа можеме и да ја „одучиме“. За почеток, може да вложиме напор да го отфрлиме јазикот на опресијата, да ги кажеме приказните поинаку и реалноста ќе започне да се трансформира. Сиксо дефинитивно во вложила тој напор – нејзините експериментални есеи ја одбиваат жанровската класификација, го превртуваат фалоцентризмот и нудат ослободувачки идеи за жените и практиката на пишувањето. Овде ќе ги презентирам најважните точки.
Главната импликација на метафората на Сиксо за фалоцентризмот како машина4F како што јас ја гледам, е дека оние кои се субординирани во таа „машина“ на фалоцентризмот, како жените, се всушност и самите делови на машината, и тие ја придвижуваат, и само тие се во состојба да ја расипат, а не и оние кои се привилегирани, Расипувањето започнува кога стануваме свесни за начинот на кој сме подредени и искористени во симболичната и во општестевната хиерархија и кога делуваме против самите хиерархии. Според Сиксо, начинот да се делува е пишувањето, кое жените, во моментот кога Сиксо пишува, сè уште не го сториле како жени.
„Ќе зборувам за женското писмо: за тоа што да се прави со него. Жената мора да пишува самата: мора да пишува за жените и жените да ги доведе во писмото, од кое биле истерани исто толку насилно колку и од нивните тела – заради истите причини, со истиот закон, со истата фатална цел. Жената мора да се стави себеси во текстот – како и во светот и во историјата – со своето движење“. (Medusa, 243)
Во цитираните први редови на „Насмевката на Медуза“, може да ги прочитаме повеќето од централните идеи на Сиксо за l’écriture féminine, идеи што ги повторува и во „Доаѓање до писмо“ (Coming to Writing).
1) Жената мора да пишува самата – дури и ако тоа вклучува пишување за жените, не е доволно да се има животна приказна за жена како тема, најважната работа е постојано да се преизмислува себеси и оттаму да не се потчинува на стереотипи, никогаш да не се заборава дека јас е многубројно и крајно недефинирливо (Сиксо го гледа како „ансамбл“).
2) Пишувањето треба да биде (и е) блиско до телото, и до желбата, „И јас претекувам; моите желби измислуваат нови желби. Моето тело знае за неслушнатото – за песните.“ (Medusa, 246). Јас и телото се толку тесно поврзани, што телото не може да се редуцира на билошкото. Како и ние самите, нашите тела се историски, општествено и културно детерминирани (конструирани), и иако се чини дека постојано се опираме на таа детерминираност, конечната цел (сон?) е да се ослободиме и пак, да измислиме.
3) Сиксо ја гледа главната разлика меѓу традиционалната машка креативност и l’écriture féminine во „либидалната економија“. Самиот термин вклучува традиционално две сосема одделни нешта: либидото и економијата. Навистина, што значи концептот? Прво, неопходно е да се разбере либидото како повеќе од сексуален нагон, тоа е повеќе „жед за живот“. Економијата треба да се разбере како нешто повеќе од дистрибуција/размена на материјално богатство, таа е повеќе размена на моќ и задоволство. Либидалната економија може да се пресмета така вратката да е поголема од дарот, или да може да биде ориентирана кон процесот, да се радува во давањето, без да се размислува за крајниот резултат – вратката; без да се смета на вратката.
4) Новото женско писмо треба да се сфати како метафора за акција, бунт во поголемо ослободително движење, и затоа може да имаме l’écriture féminine во литературата, уметноста, академијата, политиката, економијата, итн.

#b
1. Hélène Cixous.
2. Сиксо често се осврнува на Лакан и Фројд, па оттаму и симболичниот „фалус“. Освен ова, критичарите (види: Торил Мој) забележуваат дека Сиксо многу му должи на Дерида, имено на неговата анализа на бинарното размислување карактеристично за логоценризмот (термин на Дерида), а и на неговиот концепт на differànce. Сиксо често измислува неологизми, а фалоцентризмот е еден од нив. Друг е глаголот што се преведува на англиски како „да се хиерархизира“, па и јас го користам во мојов текст.
3. Би сакала да додадам една работа на самиот почеток, многу очигледна а сепак многу замаглена. Во сегашноста, во феминистичката критика на системот, никогаш не треба да пропуштиме да се осврнеме на субординацијата на обоените луѓе од страна на белите (расизам), како и на постарата состојба на суборидинација на сиромашните на богатите, постојана субординација на хомосексуалнците на хетеросексуалците и чудната субординација и на младите и на постарите на луѓето на „најдобра возраст“. Не можете да решавата еден проблем а да оставите друг „за подоцна“. Во таа смисла, никој не е „невин“, ниту оние што го критикуваат системот, ниту оние што го поддржуваат. Сексизмот/машкиот шовинизам, расизмот/белата супериорност, класизмот/експлоатацијата на сирмашните, возраста/потценувањето на младите и хетеросексизмот сите заедно делуваат за да „ја одржат машината“. Ова идеално може да биде платформата за солидарноста меќу сите опресирани. Во практика, таа делува како сила на поделба.
4. Се разбира, ова е метафора која не е воопшто необична за човечката имагинација пред и по Сиксо.

АвторСнежана Жабиќ
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 23|